Јагне за касапење

Ballerina-steel-sculpture-modern-art

Собата беше топла и чиста, пердињата навлечени, двете столни ламби вклучени – нејзината и таа покрај празната фотелја отпсротива. На масата зад неа две високи чаши, сода-вода, виски. Свежи коцки мраз во металната кошничка. Мери Малоуни го чекаше сопругот да се врати од работа.
Често погледнуваше кон часовникот, но без нервоза, туку само за да се задоволи со помислата дека со секоја измината минута наближува времето кога тој треба да се врати. Атмосферата околу неа и околу сè што правеше беше некако мека и ведра. Темето на главата, додека беше свиткана над плетивото, ѝ беше чудесно спокојно. Нејзината кожа (беше во шестиот месец од бременоста) имаше некаква проѕирност, усните ѝ беа меки, а очите, со нивниот нов, благ поглед, изгледаа поголеми, потемни од претходно.
Кога часовникот означи десет минути до пет, таа почна да наслушнува и, неколку минути подоцна, точно како и секогаш, ги слушна гумите надвор на патеката од чакал, затворањето на автомобилската врата, чекорите покрај прозорецот, вртењето на клучот во бравата. Таа го остави плетивото, стана и отиде да го бакне во мигот кога тој влезе.
„Здраво, душо“, рече таа.
„Здраво“, одговори тој.
Му го зема палтото и го закачи во плакарот. Потоа прејде низ собата и подготви пијалаци – за него појак, за себеси послаб. Набрзо потоа, повторно се најде во својата фотелја со плетивото в раце, а тој во другата отспротива, држејќи ја високата чаша со двете дланки и нишкајќи ја, така што коцките мраз одѕвонуваа од ѕидот на чашата.
За неа ова беше најсреќниот дел од денот. Знаеше дека тој не сака многу да зборува, сè додека не го испие првиот пијалак и, што се однесува до неа, се задоволуваше со тоа спокојно да си седи, уживајќи во неговото друштво, по изминатите долги осаменички часови во куќата. Таа сакаше да се насладува во присуството на овој човек и да го чувствува (речиси како што сончач го чувствува сонцето) тој топол мажествен сјај, кој допираше од него кога беа сами. Таа го сакаше поради опуштениот начин на кој седна во фотелјата, поради начинот на кој влезе од вратата или поради тоа како спокојно премина низ собата со крупни чекори. Го сакаше и интензивниот, отсутен поглед во неговите очи, кога тие почиваа врз неа, чудниот облик на устата, а особено начинот на кој остануваше спокоен поради неговиот умор, мирно седејќи, сè додека вискито не го подопушти.
„Уморен си, душо?“
„Да“, рече тој. „Уморен сум“. И, додека зборуваше, направи една необична работа. Ја подигна чашата и ја испи наискап, иако беше полна до половина, најмалку до половина. Таа, всушност, не го гледаше, но знаеше што направи и ги слушна коцките мраз како паѓаат на дното на празната чаша, кога тој ја спушти раката. Тој за миг подзапре, навалувајќи се во фотелјата, но потоа стана и мирно отиде да си земе уште еден пијалак.
„Јас ќе ти донесам“, викна таа, скокајќи.
„Седи“, рече тој.
Кога се врати, таа забележа дека сипал големо количество виски со боја на темен килибар.
„Душо, да ти ги донесам ли влечките?“
„Не“.
Го набљудуваше во мигот кога тој почна да го потпивнува темножолтиот пијалак и можеше да ги забележи малите густи вителчиња во течноста, зашто беше премногу јака.
„Мислам дека не е во ред“, рече таа, „што кога ќе дојде полицаец на години како твоите, продолжуваат да го ангажираат по цел ден“.
Тој не одговори, така што таа повторно ја наведна главата и продолжи да плете, но секогаш кога тој ќе го доближеше пијалакот до устата, ги слушаше коцките мраз како се одбиваат од ѕидот на чашата.
„Душо“, рече таа. „Би сакал ли да ти донесам малку сиренце? Не подготвив вечера, бидејќи е четврток“.
„Не“, рече тој.
„Ако си премногу уморен да јадеш надвор“, продолжи таа, „сè уште не е многу доцна. Во замрзнувачот има доста месо и други работи, така што може да ти ги послужам овде, дури и да не се помрднеш од фотелјата“.
Нејзините очи очекуваа одговор од него, насмевка, мало одобрување, но тој не даде никаков знак.
„Како и да е“, продолжи таа, „за почеток ќе ти донесам сирење и крекери“.
„Не сакам“, рече тој.
Таа тромо се придвижи во фотелјата. Крупните очи сè уште го набљудуваат неговото лице. „Но, ти мора да вечераш. Лесно ќе ја подготвам овде. Би сакала да го направам тоа. Би можеле да вечераме јагнешки котлети. Или свинско. Сè што ќе посакаш. Сè има во замрзнувачот“.
„Батали“, рече тој.
„Но, душо, ти мора да јадеш! Како и да е, јас ќе подготвам вечера, а потоа ти можеш да јадеш или да не јадеш, како што ти е волја“.
Стана и го остави плетивото на масичето покрај ламбата.
„Седни“, рече тој. „Седни на кратко“.
Сè дотогаш не ја беше обземал страв.
„Ајде“, рече тој. „Седни“.
Таа бавно се спушти во фотелјата, набљудувајќи го со тие големи и збунети очи. Тој го беше довршил вториот пијалак и зјапаше надолу во чашата, муртејќи се.
„Слушај“, рече тој. „Имам да ти кажам нешто“.
„А што е тоа, душо? Што се случува?“
Тој целосно се вкочани, а главата сè уште му беше наведната, така што светлината од ламбата паѓаше врз горниот дел од неговото лице, оставајќи му ги брадата и устата во сенка. Таа забележа дека еден ситен мускул му поигрува во аголот на левото око.
„Се плашам дека ова ќе биде малку шокантно за тебе“, рече тој. „Но, извесно време размислував за тоа и решив дека единствен излез е да ти кажам веднаш. Се надевам дека нема да бидеш престрога кон мене“.
И ѝ кажа. Не траеше предолго – најмногу четири или пет минути – а за целото тоа време, таа мирно седеше, гледајќи го со еден вид замелушувачки ужас, додека тој со секој збор сè повеќе и повеќе се оддалечуваше од неа.
„Ете, тоа е тоа“, додаде тој. „Знам дека не е најсоодветниот миг да ти го кажам ова, но едноставно немаше друг начин. Се разбира, ќе ти давам пари и ќе гледам да си згрижена и понатаму. И нема да има потреба од премногу врева. Се надевам дека нема. Не би било добро за мојата работа“.
Нејзиниот прв нагон беше да не поверува во ништо од ова, да отфрли сè. Ѝ се чинеше дека тој воопшто не ни прозборел, дека таа си ја замислила целата оваа работа. Ако си продолжи со нејзината работа и се однесува како ништо да не слушнала, можеби подоцна, кога ќе се разбуди, ќе открие дека ништо од ова не се случило.
„Ќе одам да направам вечера“, успеа да прошепоти, и овој пат тој не ја спречи.
Додека одеше низ собата, не можеше да си ги почувствува стапалата. Не можеше да почувствува ништо, освен гадење и желба за повраќање. Сè се одвиваше автоматски сега – симнувањето по скалите до визбата, палењето на светилката, замрзнувачот, раката во замрзнувачот која го дофаќа првиот предмет што го напипала. Го подигна и го погледна. Беше завиткан во хартија. Ја отстрани хартијата и повторно го погледна. Јагнешки бут.
Добро, значи ќе имаат јагнешко за вечера. Таа се качи горе, држејќи го тенкиот дел на коската со двете раце. Кога влезе во дневната соба, го виде како стои свртен накај прозорецот и застана.
„Жити господ“, рече тој, кога ја слушна, воопшто не вртејќи се. „Не прави вечера за мене. Излегувам“.
Во тој миг, Мери Малоуни едноставно дојде зад него, без никакво двоумење замавна со замрзнатиот јагнешки бут високо во воздухот и најсилно што можеше го спушти надолу врз задниот дел од неговата глава. Беше исто како да го удрила со метална палка.
Таа отстапи еден чекор наназад, чекајќи. Необично беше тоа што тој стоеше таму уште најмалку четири или пет секунди, бавно тетеравејќи се. Потоа се струполи врз килимот.
Силовитиот пад, вревата и превртувањето на масичката ја оттргнаа од шокот. Постепено се освестуваше, чувствувајќи студенило и изненадување. Стоеше уште некое време и гледаше во телото, сè уште држејќи го смешното парче месо со двете раце.
Во ред, си рече. Значи, го убив.
Неверојатно како сега одеднаш умот ѝ работеше јасно. Почна да мисли многу брзо. Како сопруга на полицаец, многу добро знаеше каква би била казната за ова. Во ред. Тоа не ѝ менуваше ништо. Всушност, би било и еден вид олеснување. Но, од друга страна, што со детето? Кои се законите за убијци со сè уште неродени деца? Дали ги убиваат и двајцата – и мајката и детето? Или чекаат до десеттиот месец? Што прават во такви ситуации?
Мери Малоуни не знаеше. И сигурно не беше подготвена да ризикува.
Го однесе месото во кујната, го стави во тава, ја вклучи рерната на висока температура и го стави месото внатре. Потоа, си ги изми рацете и отрча горе во спалната соба. Седна пред огледалото, допирајќи си ги усните и лицето. Проба да се насмевне. Изгледаше чудно. Повторно проба.
„Здраво, Сем“, изговори весело.
И гласот ѝ звучеше чудно.
„Сакам малку компири, Сем. Да, мислам дека ќе ми треба и малку грашок“.
Ова веќе звучеше подобро. И насмевката и гласот беа многу подобри. Вежбаше уште неколкупати. Потоа, се спушти надолу по скалите, го зеде капутот и излезе од задната врата низ дворот, право на улицата. Сè уште не беше шест часот, а светилките на пилјарата светеа.
„Здраво, Сем“, рече ведро, насмевнувајќи му се на човекот зад пултот.
„О, добра вечер, г-ѓо Малоуни. Како сте?“
„Сакам малку компири, Сем. Да, мислам дека ќе ми треба и малку грашок“.
Човекот се сврте и посегна по грашокот на полицата зад него.
„Патрик реши дека е уморен и дека не сака да вечера надвор вечерва“, му рече таа. „Обично излегуваме во четвртоците, знаете, а сега ме начека без грам зеленчук во куќата“.
„А што велите за месо, г-ѓо Малоуни?“
„Не, имам месо, благодарам. Имам убав јагнешки бут во замрзнувачот“.
„Ах“.
„Обично не сакам да готвам замрзната храна, Сем, но овој пат ќе ризикувам. Како Ви звучи тоа?“
„Искрено“, рече пилјарот, „не верувам дека има некаква разлика. Сакате ли од компириве Ајдахо?“
„Ох, да. Добро би било. Два од нив“.
„Нешто друго?“ Пилјарот ја наведна главата на едната страна, гледајќи ја љубезно. „А потоа? Со што ќе го послужите потоа?“
„Хмм, што би ми предложиле, Сем?“
Човекот фрли поглед низ продавницата. „Што велите за едно убаво, големо парче чискејк? Знам дека го сака тоа“.
„Одлично“, рече таа. „Го обожава тоа“.
А кога сè беше спакувано и платено, ја намести најведрата насмевка што ја имаше и рече, „Ви благодарам, Сем. Добра ноќ“.
„Добра ноќ, г-ѓо Малоуни. Ви благодарам“.
А сега, си рече додека иташе накај дома, ќе се врати дома кај сопругот, бидејќи ја чекаше на вечера. И мора да ја зготви вечерата добро, најдобро што може, зашто кутриот е уморен. А кога ќе влезе дома, ако наиде на нешто необично, трагично и страшно, се разбира дека ќе биде во шок, избезумена од тага и ужас. Но да не заборавиме, таа не очекуваше да најде ништо. Таа само си се враќаше дома со зеленчукот. Г-ѓа Патрик Малоуни се враќа дома со зеленчукот, во четврток вечер, за да му зготви вечера на сопругот.
Ете така, си рече. Направи си сè како што треба и како што е нормално. Прави си ги работите апсолутно нормално и нема да има потреба од глумење.
Па така, кога влезе во кујната од задната врата, си потпевнуваше некоја песничка и си се смешкаше.
„Патрик!“, викна таа. „Како си, душо?“
Го спушти пакетот на масата и отиде во дневната соба. А кога го виде како лежи на подот со свиткани нозе и со едната рака свиткана под телото, навистина ѝ дојде како шок. Љубовта и копнежот што ги чувствуваше за него претходно, сега повторно се разбрануваа во неа, па отрча до него, клекнувајќи, и почна силно да плаче. Воопшто немаше потреба од глумење.
Неколку минути подоцна, стана и отиде до телефонот. Го знаеше бројот на полициската станица, а кога се јави машки глас од другата страна на жицата, таа извика, „Брзо! Дојдете брзо! Патрик е мртов!“
„Кој е таму?“
„Г-ѓа Малоуни. Г-ѓа Патрик Малоуни“.
„Патрик Малоуни е мртов?“
„Мислам да“, липаше таа. „Лежи на подот и мислам дека е мртов“.
„Веднаш ќе дојдеме“, рече човекот.
Колата дојде брзо, а кога таа ја отвори главната врата, двајца полицајци влегоа внатре. Ги знаеше и двајцата – ги знаеше речиси сите луѓе од полициската станица. Се струполи во рацете на Џек Нунан, хистерично плачејќи. Тој внимателно ја седна на една фотелја и му се придружи на О’Мали, кој клечеше покрај телото.
„Мртов ли е?“, извика таа.
„Се плашам дека е. Што се случи?“
Таа накратко им ја раскажа приказната за тоа како отишла во пилјарата и како го нашла на подот, кога се вратила дома. Додека таа зборуваше, плачеше и зборуваше, Нунан откри мала дамка од засирена крв на главата на мртвиот. Му ја покажа на О’Мали, кој веднаш стана и отрча до телефонот.
Набрзо, и други луѓе почнаа да влегуваат во куќата. Прво докторот, потоа двајца инспектори, од кои едниот го знаеше и по име. Подоцна дојде и полицискиот фотограф и направи фотографии, а потоа и човекот задолжен за отпечатоци. Сите шепотеа и мрмореа околу телото, а инспекторите ја распрашуваа милион прашања. Но, цело време се однесуваа со неа многу внимателно. Таа повторно ја раскажа својата приказна, овојпат од почетокот – како Патрик се вратил дома, а таа плетела, и како бил уморен, толку уморен што не сакал да излезат на вечера. Рече како го ставила месото во рерна (и сега е таму, се готви), како отрчала до пилјарот по зеленчук и како се вратила и го нашла легнат на подот.
„Кој пилјар?“, праша еден од инспекторите.
Таа му кажа, а тој се сврте и му шепна нешто на другиот инспектор, кој веднаш излезе надвор на улицата.
Инспекторот се врати за петнаесетина минути со лист полн со белешки, па потоа следеше уште шепкање, од кое таа успеа да разбере неколу реченички, „… се однесувала најнормално… доста весело… сакала да му зготви убава вечера… грашок… чискејк… не е можно дека таа…“
По извесно време, докторот и фотографот си заминаа, а други двајца влегоа и го изнесоа телото на носилка. Потоа си замина и човекот за отпечатоците. Двајцата инспектори останаа, а исто и двајцата полицајци. Тие беа неверојатно внимателни со неа, а Џек Нунан ја праша дали сака да оди на некое друго место, можеби кај сестра ѝ, или кај жена му, која ќе се погрижи за неа за таа вечер.
Не, рече таа. Во моментов не би можела да се помрдне ни еден метар. Дали ќе им пречи ако остане таму, додека не ѝ стане подобро? Не се чувствуваше добро, навистина не се чувствуваше добро.
Тогаш, зарем не е подобро да си легне? Прашуваше Џек Нунан.
Не, рече таа. Повеќе сака да остане таму каде што е сега, во оваа фотелја. Можеби ќе стане малку подоцна, кога ќе се почувствува подобро.
Така ја оставија таму, додека тие ја пребаруваа куќата. Одвреме-навреме, еден од инспекторите ќе ѝ поставеше по некое прашање. Некогаш Џек Нунан ќе ѝ прозбореше внимателно, додека поминуваше покрај неа. Нејзиниот сопруг, ѝ кажа тој, бил убиен со удар во задниот дел на главата, со некаков тежок, тап предмет, веројатно со големо парче метал. Сега тие го бараат оружјето. Можеби убиецот го зел со себе, но можеби и го фрлил или го скрил во некоја од просториите.
„Отсекогаш било така“, рече тој. „Најди го оружјето и го имаш убиецот“.
Подоцна, дојде еден од инспекторите и седна до неа. Дали таа знае, праша тој, за некој предмет во куќата што би можел да се употреби како оружје? Дали ќе ѝ пречи да разгледа низ куќата, за да види дали недостасува нешто – голем француски клуч, на пример, или тешка, метална вазна.
Тие никогаш немале метална вазна, рече таа.
„Голем француски клуч?“
Не мисли дека имаат голем француски клуч, но можеби има меѓу работите во гаражата.
Истрагата продолжи. Таа знаеше дека има и други полицајци во градината околу целата куќа. Можеше да ги слушне нивните чекори на чакалот надвор, а некогаш низ отворот на пердињата гледаше како светка блицот. Стануваше доцна, речиси девет, како што можеше да забележи на часовникот на каминот. Четворицата мажи кои ги пребаруваа собите стануваа сè поуморни, раздразливи за ситници.
„Џек“, рече таа, кога наредникот Нунан помина покрај неа. „Ќе сакате ли да ми дадете пијалак?“
„Се разбира дека ќе Ви дадам. Сакате виски?“
„Да, Ве молам. Едно кратко виски. Можеби ќе ми биде подобро од него“.
Тој ѝ ја подаде чашата.
„Зошто не си земете и Вие малку“, рече таа. „Мора да сте многу уморен. Ве молам земете си. Бевте многу добар со мене“.
„Хм“, рече тој. „Не е баш дозволено, но можеби ќе си земам една капка, за да ме држи“.
Како што влегуваа во куќата, еден по еден ги убеди да си земат малку виски. Стоеја несмасно наоколу со вискито в раце, чувствувајќи непријатност во нејзино присуство и обидувајќи се да ја утешат. Наредникот Нунан отиде во кујната, но потоа брзо излезе и рече, „Г-ѓо Малоуни, знаете дека рерната сè уште е вклучена и дека месото е внатре, нели?“
„Ох, боже!“, извика     таа. „Навистина!“
„Ќе биде добро да го исклучам, нели?“
„Ќе го направите ли тоа, Џек? Ви благодарам многу“.
Кога наредникот се врати по вторпат, таа го погледна со своите крупни, темни и уплакани очи. „Џек Нунан“, рече таа.
„Да?“
„Ќе ми направите ли мала услуга – Вие и сите останати?“
„Ќе се обидеме, г-ѓо Малоуни“.
„Добро“, рече таа. „Сите што сте овде сте му добри пријатели на милиот Патрик и помагате да се фати неговиот убиец. Мора многу да огладневте до сега, бидејќи одамна помина времето за вечера, а знам дека Патрик не би ми простил, бог нека му ја благослови душата, ако дозволам да останете во куќава без да ви понудам гостопримство. Зошто не го изедете јагнето што е во рерната? Сега ќе биде готово“.
„Ни во најлуди соништа“, рече наредникот Нунан.
„Ве молам“, молеше таа. „Ве молам изедете го. Јас не би можела да допрам ништо, особено не нешто што било овде, додека и тој бил овде. Но, за вас сосема е во ред. Ќе ми биде чест, ако го изедете. Потоа можете да ѝ се вратите на работата“.
Полицајците се двоумеа некое време, но беше јасно дека се гладни, па на крајот ги убеди да отидат во кујната и да си се послужат. Жената остана таму каде што беше, слушајќи низ отворената врата, додека зборуваа меѓу себе со леплив и придушен тон, зашто устите им беа полни со месо.
„Сакаш уште, Чарли?“
„Не. Поарно да не го дојадуваме“.
„Таа сака да го дојадеме. Така рече. Само ѝ правиме услуга“.
„Добро, дај ми уште малку“.
„Мора да била голема палката со којашто го удриле Патрик“, рече еден од нив. „Докторот рече дека черепот му бил здробен на парчиња, како да е удрен со голем чекан.“
„Затоа би требало да го најдеме лесно“.
„Токму тоа и ти велам“.
„Кој и да го направил ова, сигурно нема да шета наоколу со нешто такво“.
Еден од нив ждригна.
„Искрено, мислам дека е овде негде по собиве“.
„Веројатно ни е пред нос. Што мислиш, Џек?“
Мери Малоуни почна да се кикоти во другата соба.

Превод: Ема Андоновска

Leave a Reply

Your email address will not be published.