Writing is fifty years behind painting

душко-родев

Не сме сигурни дали е точно тврдењето дека во денешно време не е така честа појава да се открие добар и интересен роман (фикција), што ќе го задржи вниманието на читателот и ќе ги предизвика неговата имагинација и љубопитност (па и интелигенција). Интересен (и би рекле точен) е цитатот на англискиот есеист и уметнички и литературен критичар Walter Pater, кој гласи: “All art constantly aspires towards the condition of music.” Или кажано поразговорно, тоест, послободно преведено или парафразирано, може да се каже дека секоја уметност има тенденција да биде музика (или да ја достигне состојбата на музиката) или, едноставно, да е музика. Ако се водиме од цитатот на Brion Gysin, за состојбата на литературата во неговото време, тогаш би рекле дека литературата (како уметничка дејност на човекот), на некој начин, заостанува позади сликарството, околу 50 години: “Writing is fifty years behind painting.” Но, можно е денес состојбата на човештвото, од цивилизациско-уметнички аспект, да е променета и токму книжевно-уметничката литература и сликарството, од одредени аспекти, да стануваат поинтересни и попотребни за конзумирање, отколку, да речеме, музиката (која, иако би рекле дека е кралица на уметностите, наводно, денес е во своевидна криза). Погледнато од тој аспект, би можело да се каже дека во ова, денешно време, потешко е да се најде за слушање некој интересен музички албум (што е издаден во тековната година), што ќе го задржи вниманието на слушателот, особено кога ќе се земе предвид огромната продукција на секаков вид на музика денес, отколку роман кој би бил интересен за читање (особено од аспект на чистината на јазикот/дискурсот/текот на мислата на/со кој е напишан тој роман). Особено кога имаме предвид дека и не е баш така лесно да се напише интересна и предизвикувачка фиктивна литература, која ќе може да предизвика своевиден трансцендентален ефект и реакција кај читателот, да го пренесе, барем на одредено, кратко време, во некој свој свет и во некој свој универзум и да му пренесе некое корисно искуство или знаење, кое на читателот потоа ќе му значи и ќе му помогне поправилно да се постави во својата комуникација со другите луѓе, во однос на себеси и во истражувањето на своето сопствено јас и позицирањето на своето правилно место во светот и во Универзумот, роман кој ќе ја поттикне неговата имагинација, интелигенција, итн.

Јазикот, од друга страна (што, во текстуална, напишана форма, е основното изразно средство на книжевно-уметничката литература; или, со други зборови, би можеле да кажеме, мислите и емоциите претставени преку одреден тип на јазик), е променлива материја и би можеле да кажеме дека, како што од едното од основните филозофски прашања, а тоа е односот на мислењето спрема битието, заклучуваме дека различните начини на мислење можат да имаат и имаат различни видови на влијание врз битието на човекот (и врз самото негово тело), исто така е вистинито и тоа дека различните начини на јазично изразување (писмено-текстуално, усно или кога си зборуваме самите во себе), имаат различни влијанија врз битието, тоест, врз човекот, тоест, врз самата телесна појава и состојба на човекот, или наједноставно кажано, врз самото негово тело… Па, така би можеле дури таа појава на односот на јазикот спрема битието да ја поставиме и како антрополошко прашање, што може да биде интересно за проучување, бидејќи е битно за состојбата и за начините на егзистирање на луѓето или на цивилизацијата, во согласност со јазикот што го употребуваат, во различни периоди на постоењето на културата и на човештвото, воопшто…

Јазикот, секако, може да има и има различни форми и начини на кои може да биде изразен и користен (еден ист човек може да има повеќе различни начини на јазично изразување, што е најчесто случај; на пример, различните начини на кои луѓето зборуваат или го употребуваат јазикот во различни ситуации, во работна атмосфера, дома, во поофицијални ситуации, на медиумите, итн.) и тоа, секако, има непосредна и директна врска со различните типови на говор што луѓето можат да ги имаат, со апстрактниот начин на размислување што сакаат да го постигнат и развијат (и границите до кои може да се развие апстрактното размислување), со тенденцијата нештата да се интелектуализираат и да се теоретизираат (користејќи, честопати, не толку неопходен број на “стручни” зборови, тоест, латинизми и грцизми), итн.

Тоа што го привлекува нашето внимание кон оваа книга, романот Цветот на дивата роза на Душко Родев, е чистината на јазикот, чистиот тек на мислата или чистата и прочистена (може да се каже и апстрахирана и прецизна) форма на јазикот во книгата, што се надоврзува на повеќе други романи од македонската литература, за кои се исто така карактеристични чистината и свежината на јазикот, како и магичниот тек на мислата во текот на романот (како што е тоа случај, на пример, со литературата на Владо Малески, Иван Точко, Васе Манчев, итн.). Може да се каже дека таа појава, на што почистата употреба на јазикот (или, со други зборови, вештото балансирање помеѓу простите зборови (повеќе карактеристични за народното творештво) и сложените зборови, латинизми и грцизми), до некаде е веќе се поретка денес, особено во одредени општествени кругови и помеѓу луѓето од некои професии каде што се забележува тенденцијата за не толку потребното интелектуализирање и усложнување на обичните и едноставни појави или теми на разговор… Вербалниот јазик постојано и брзо се менува. Можеби неговата основна форма или основата не се менуваат, тоест се константни, но финесите и деталите што го карактеризираат или одреден тип на зборови што се карактеристични за некое време, можат многу брзо да станат нетипични и не толку чести за употреба многу бргу, за краток временски период (на пример, 100-тина години подоцна од некој одреден период), така што, за временски период од еден век веќе се менува и е променета и структурата на јазикот или на јазичната комуникација помеѓу луѓето, што е во согласност со промената на духот на времето, воопшто; или, поинаку кажано, одреден начин и стил на употребување на јазикот е карактеристичен за некој дух на времето, во одреден период на цивилизацијата или на постоењето на човештвото, тоест, има одреден начин на употреба на јазикот што може да биде својствен за одредена група на луѓе, која е општествено-социјално различна или по некои свои карактеристики одделена од другиот дел од општеството или од државата, градот, итн.; како што е, на пример, посебната употреба на јазикот што била карактеристична за нацистите, во времето кога фашизмот успеа да се наметне со својот тероризам и да надвладее како општоприфатен начин на однесување, кај одреден дел од човековата популација и цивилизација…

Кога го имаме сето ова предвид, може да се концентрираме на конкретниот роман што не интересира, Цветот на дивата роза на Душко Родев, за кој е карактеристична, секако, употребата на македонскиот јазик на самиот почеток на 21-от век, барем според тоа кога е издаден романот (Сигмапрес; 2005), бидејќи не знаеме точно во кој период е напишан, но може да се каже дека тоа, во овој случај, не претставува клучен момент за типот на анализа и своевидниот преглед/презентација што имаме намера и сакаме да ги направиме, претставувајќи го овој роман… Уште на самиот почеток на романот, имаме слика на човек кој, возејќи го својот автомобил, се приближува до југословенско-грчката граница (значи, дејството на романот е лоцирано во времето на постоењето на Југославија или претставува одредена слика или сведоштво за македонската културолошка атмосфера од тоа време), гледајќи ги интензивните бои на природата околу себе, посматрајќи ги модрите планини, “тукуречи маѓепсани, од кои изнурнуваа неодредените контури на провиснатите ридје”, замислувајќи дека до него во колата седи неговата жена, дека го слуша нејзиниот глас и дека разговараат, како порано, нешто што од самиот почеток на романот ја пласира носталгичарската, меланхолична и по малку таговна атмосфера, што продолжува да се развива и понатаму, одржувајќи одредена, многу блага доза на напнатост и неизвесност за тоа што ќе следува понатаму, но и давајќи извесни предзнаци, моменти или координати, според кои би можело да се претпостави во која насока или на кој начин ќе се одвиваат следните случувања, во текот на основната приказна, фабула или содржина на романот… Уште на почетокот на романот (буквално, на првата страница), се среќаваме со една дигресија од основниот тек на раскажувањето (која трае до третата страница и која е напишана во загради), а тоа е дел од романот каде што авторот се занимава со анализирање, споредување и толкување на некои постари, архаични (ако сакате и класични) зборови што не се толку карактеристични за ова време (или за времето кое е опфатено во романот, сеедно), зборови како врагоштински, глобина, клобурчење, итн.; а, според просторот кој е отстапен во романот, за анализа на тие зборови, од попрактичен граматичко-лингвистички (семиотички/значенски) аспект, анализа на нивните значења и ефектот што го предизвикуваат врз тие што ги слушаат, можеме да заклучиме дека на писателот му е битна јазичната (зборовна и звучна) страна на неговиот роман и тоа сака да им го посочи и на читателите, како алтернатива како би можеле да го употребуваат јазикот (не само во напишаната книжевност, туку и во секојдневниот говор)… Или едноставно да не заборавиме дека постои поголем речник на зборови во нашиот јазик, кои не се типични за нашето време, но со кои, доколку ги откриеме, можеме барем да си играме, изговарајќи ги самите во себеси, формирајќи различни конструкции на реченици и изрази со нив и тестирајќи каков ефект и какво влијание тие ќе имаат врз нашето битие, нашиот карактер, нашиот тек на мислење и начините на размислување и изразување, концептите кои би можеле да ги развиеме, итн.

душко родев-1

Уште на самиот почеток на романот, во првиот параграф, има една кратка реченица која, според контекстот во кој се наоѓа и во кој е напишана, звучи сосема магично, тоест, може да има две значења, во зависност од аголот од кој ќе биде прочитана или поедноставно кажано, во зависност од зборот во реченицата кој ќе биде акцентиран… Тоа е реченицата: “Нешто промрморе, кон совозачкото седиште.” Тоа е напишано и се случува во ситуација кога главниот лик се наоѓа во својата кола и се вози, мислејќи или замислувајќи дека до него седи неговата жена, која ја гледа, ја слуша додека таа зборува и со која се обидува да воспостави контакт и да разговара со неа… Доколку акцентот во таа реченица е на зборот нешто (тоа е погрешниот контекст), тогаш би требало да замислиме дека нешто промрморело во насока на совозачкото седиште. Вистинскиот контекст е тоа дека главниот лик во романот нешто промрморел, накај совозачкото седиште, мислејќи дека на тој начин и се обраќа на својата жена, која ја замислува дека седи до него, додека тој ја вози колата… Притоа, местото и моментот кога е напишана оваа реченица се толку прецизни и точни, што автоматски читателот, доколку внимателно ги следи текот и содржината на текстот и на мислата, ќе се најде збунет од двосмисленоста или двозначноста на таа кратка реченица… Подоцна, секако, лесно се разбира за што станува збор… Но, би рекле, дека овој принцип (или концепт) на употреба на јазикот, зборовите и на речениците (што пред малку го опишавме) е карактеристичен за целиот роман… Не премногу често, но од време на време, во романот има такви делови, кратки параграфи или изрази и реченици, преку кои авторот има за цел да потцрта нешто, да подвлече некое значење, да асоцира на нешто, да го насочи вниманието кон нешто, да освести или да објасни, на подиректен начин, некаква атмосфера или состојба на нештата, начин на изразување и на комуницирање, што е карактеристичен за нешто што може да се нарече ацуте интеллигенце, односно, таков тип на интелигенција (или тек на мислите и на јазикот), кога подолго време се објаснува нешто, за во заклучокот, кој најчесто е многу краток, остро да се даде прецизна поента (што може или не мора да му се допадне на соговорникот)… За целиот овој роман се карактеристични подолгите и развлечени илустрации на одредени атмосфери (кои се протегаат на повеќе страници), што најчесто се случуваат во главата и во битието на главниот лик и се однесуваат на неговата проценка и евалуирање на сопствениот живот, а повремено има и по некои пократки делови или забелешки (што ги нарековме ацуте интеллигенце), преку кои се дава извесен заклучок, констатирање или дури може да се каже и воопштување/теоретизирање на одреден момент, на одредена состојба или на некое подолго размислување на главниот лик… Притоа, општата атмосфера во романот е некако непретенциозна, како сите заклучоци и размислувања што ги има главниот лик да ги соопштува само на себе, пред себе и за себе и ако на тоа го додадеме и прилично непасионираниот начин на кој се одвива текот на мислата во романот, би можело да се каже дека сето тоа, споено заедно, звучи и личи на нешто што може да се нарече пропустлив или дисперзивен концепт на игнорантноста, што делува како концепт со кој е напишан целиот роман, како целата приказна, заклучоците и идеите да се, пред се, само наведени и запишани, регистрирани на хартија (на изразито информативен начин), прилично ненадмено и некако неамбициозно, како главниот лик да е помирен со нештата за кои се жали, кои му сметаат и кои сака да ги промени, помирен со ограниченоста и со поразот како составни делови на одредени аспекти од неговиот живот (или од животот, воопшто)…

Концептуалниот начин на размислување и воопшто на дејствување е карактеристичен за магичниот начин на размислување или за магијата и за окултизмот, воопшто… Така функционира магичниот начин на размислување, базиран е на одредени концепти, кои можат да бидат од најразличен карактер и природа и кои магионичарот може да ги измислува, креира и развива, во зависност и согласност од потребите и целите што сака да ги постигне (во случајот на книжевноста, целта е да се напише проза или поезија, а тие, како што е добро познато, имаат непосредна и најдиректна врска со магијата)… Конечно, целиот овој роман звучи како некој вид на саундтрак, филмска музика која се слуша од далечната позадина и која мора да биде до таа мера апстрахирана, за не кажувајќи и именувајќи ги директно појавите и настаните, сепак да опише и да претстави што навистина се случува, под површината на нештата, кои се всушност директно спомнати, претставени и за кои во романот, всушност, станува збор… Или поедноставно кажано, за да има поочигледна и појасна логика, кога нешто, некоја појава ќе се апстрахира, на површината доаѓаат до израз оние нешта кои, од одредени причини, во згуснатата реалност се скриени подлабоко под површината, корумпирани, неморални, неетички, затемнети, настрани, неправедни, итн. Во таков тон е напишан целиот овој роман, не со цел да претставува некаков шок, бидејќи сите ја знаат реалноста што не опкружува, туку, од морална позиција, да зборува и да коментира за нештата што за главниот лик (а сигурно и за повеќемина други) имаат значење и се корисни и битни…

 

“Сега, сеќавајќи се на сето тоа, – но истовремено и на она што се случуваше подоцна, кога практично остана изложен на бришан простор, сред кој не можеше да направи ништо, ни да се брани, дури ни да побегне, зашто благодарноста го парализираше и го обврзуваше, и не само благодарноста: туку тој акт на ослободување од упаничената послушност што го препозна кај Страживилов, тоа враќање на личниот мир, тоа осознавање дека може да се биде голем и на овие простори во кои понижувањето е природна работа и дури основен услов да се преживее, осознавање кое, сепак, беше временски ограничено, и имаше свој крај кој можеше да се насети и во моментите на бунтот на личноста – сега, сеќавајќи се на сето тоа, Григор чувствуваше дека, за жал, и неговите радости и восхитувања имаат вкус на пораз.”

 

Главниот лик или карактер во овој роман, оној карактер што го запознаваме најмногу и што е најдетално и најобемно претставен, Григор, е уредник за странска литература во новоформираната издавачка единица на големиот графички комбинат (претходно, професор по историја во гимназија и водител на радио-емисии од областа на историјата), пасионирано посветен на литературата и истовремено потиштен и разочаран, бидејќи не наоѓа можност за целосно да ги реализира своите добро замислени планови во врска со издавањето книги…

 

“Луѓето просто не се свесни, особено не на овие простори, во кои сиот човечки устрем се сведува на присуство на конференции и држање политички говори, колку во перфектното владеење со еден занает има посветеност, колку творештво, па дури и колку вознес. За време на кусиот престој во Италија, ги разгледуваше – всушност, ги проучуваше, – најпознатите едиции, не само во поглед на изборот и содржината на објавените книги, туку ја гледаше и нивната опрема. Беше воодушевен од занаетчиската совршеност и беспрекорност на секое издание, што тој го проучуваше со задлабочен интерес на специјалист иако беше само ентузијаст. … Го разгледуваше слогот, величината и обликот на буквите, разнообразни но строго функционални, доволно впечатливи за да се чита текстот природно, без напор којшто би го деконцентрирал читачот, потоа го гледаше чистиот и јасен отпечаток на намерно немазната, навидум груба, а специјално произведена хартија што содржеше одвај видлива жолта нијанса, којашто уште повеќе го истакнуваше визуелниот ефект за кој читателот и не беше свесен; потоа, и особено, повезот, толку солидно и естетски изведен, што се чинеше како книгата да не е правена по делови, туку да е создадена како целина. Или кориците, едноставни, но со бои избрани со префинето чувство за складност, што се заедно оставаше впечаток на мало уметничко ремек-дело, создадено за убавина и за уживање во него. А пак луксузните изданија, укоричени со некаква фина, прекрасна кожа, мека и трајна, креирана од врвни занаетчии-уметници, или деталите на кориците, шарите на ‘рбетот, и, повторно, специјалната хартија, со додатоци на свила! Григора го фаќаше уплав од тоа како, во неговиот графички комбинат, некој приучен, а политички подобен шеф, за пет минути, меѓу две чашки ракија, ќе наредеше со какви материјали треба нешто да се печати.”

 

“Убавата книга беше празник за душата! Во своите сеќавања, Григор пребираше по странските книги, видени во миг, и запаметени за цел живот! Такви беа и изданијата на Францускиот Клуб на книгата, чудесни уметнички творби, создавани од пасионирани љубители на убавата книга, за љубителите на таквата книга! На Григор му се чинеше дека, во сите тие случаи, веќе не беа важни парите: важна беше мисијата, посветеноста на книгата!”

 

Интересно е како, во еден момент, неговиот пријател и соработник Страживилов, кој му е надреден и кој инаку е претставен како повлечен и повеќе пасивен карактер и е во далечен втор план, се истакнува во преден план, како уште еден главен лик, можеби не така посветен на остварувањето на идеалите (што за него се сведуваат на амбиции да биде шеф на што поголем број луѓе) како Григор, ама сепак прилично интелигентен и битен за општата атмосфера што романот ја доловува и ја претставува и за расположението и состојбите во кои се наоѓа Григор и можностите за нивно реализирање или нереализирање…

 

“Колку што себеси се принудува да се сообрази на сето околу него, толку се крева револтот во него, револт против таа сеопшта и доминантна глупост и самопонижување, против таа одвратна психологија на кроткост и понизност, против таа готовност илјадапати дневно, со невина насмевка, да се изневеруваш себеси, да ја веднеш главата пред тој терор на потпросечноста, потпросечност доминантна и самоуверена, вивната до статусот на елита, но која во светот предизвикува подбив и вџашеност, и убеденост во помалата вредност, заправо во невредноста на сите тие општества и на сите луѓе што се нашле овде и што гнијат на овие простори.”

 

“Пресечен од малу заматениот, и отсутен негов поглед, управен во празно, а многу повеќе од тоа дека тој се направи дека не го чул, одбегнувајќи да одговори негативно иако со своето однесување го правеше токму тоа, Григор сфати, по кој знае кој пат, дека, во пресудните моменти на однесувањето, Страживилов не беше тој од нивните разговори, во кои, впрочем, само Григор, со некој плам на понесеност ги изнесуваше своите неортодоксни гледишта, туку беше, за Григорова жал и разочарување, мошне практичен човек, морално недоследен како и сите луѓе што сакаат да извлечат некоја корист, па според тоа подготвен на секакви предавства без грижа на совеста, а пред се заинтересиран само за сопствената сигурност, благосостојба и кариера, кои овојпат, на негов ужас, беа доведени во прашање.”

 

Дисперзивниот концепт на игнорантноста (на пропустливоста или на селективноста; а може да се каже и на некомпромитираноста), всушност, можеме да го замислиме или сфатиме како апстрахиран саундтрак, кој се користи за да се разоткријат негативностите и недостатоците во општеството и во општествените појави или во комуникацијата помеѓу луѓето (да речеме, од психолошки аспект); значи, да се откријат негативностите (или настраностите, неправдите, неморалот, лажниот морал, корумпираноста, лажливоста, итн., како што беше спомнато и претходно) кои некој, од разни причини, сака или има за цел да ги сокрие и да се претстави како лажно оптимистички/морален карактер или играч во општеството. Притоа, овој концепт може да се применува, не само во уметноста, туку и во секојдневната комуникација помеѓу луѓето, па и помеѓу пријателите, не со цел на нив непотребно да им се истакнуваат мааните и ситните недостатоци (кои сите ги имаат), туку за што поуспешно да се лоцираат евентуалните (свесни или несвесни) обиди на соговорниците за манипулирање (на пример, на енергетски план) и за што подобра заштита од таквите ситуации. Тоа е начин за негативните појави и елементи во општеството, за негативниот поларитет, кој е неизбежно, повеќе или помалку присутен, да се зборува на подостоинствен и на повнимателен начин. Кога нештата ќе се апстрахираат, вистината попрецизно, појасно и побистро доаѓа до израз и излегува на површината.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.