Секој роман е друг живот

И така јас го открив методот што го користам во сите мои подоцнежни романи. Накратко можам да го сведам на шест чекори

ahmet-ümit

Кога започнав да ги пишувам моите први раскази, пишував за моите лични искуства. Дури и тогаш кога не пишував директно за себе,  создавав различни карактери од луѓето кои сум ги сретнал и ги сместував во нивни сопствени приказни. И кога велам дека напишав лични стории, мислам на тоа дека сум пишувал за нешта кои одлучувале за судбината на мојата земја, затоа што мојот прв расказ го напишав во 1982 година кога Турција беше под силен воен режим. Бев еден од оние кои се приклучија на анти-фашистичкото движење на младите против воениот удар. Како и што можете да претпоставите кога започнав со пишување пишував стории за болките од диктаторството, длабоката тага и херојството на оние кои се бореа за правдата. Сметам дека тоа беше некој вид на изразување, начин да го прикажеме она што го живеевме затоа што сметавме дека секој требаше да слушне за тоа. И навистина беше и толку емоционално, субјективно и романтично. Мигот кога седнував на мојата машина за пишување, почнував да пишувам во оној правец откаде што дуваше ветерот. Тогаш напишав книга со кратки раскази, роман и  книга бајки за кои ми требаа околу четиринаесет години. Тоа беше долго ползење, некој вид на чираклук за време на кој научив да пишувам.

Мојот прв роман „Магла и ноќ“ беше издаден во 1996 година, но главниот карактер во романот не е револуционер. Наместо тоа, тој е таен агент испратен да ја заштити државата. Тоа е  сосема фиктивна приказна која се темели на контрадикторноста на човек кој е заглавен помеѓу сопствената совест и неговата професија. Од една страна е неговата света должност, а од друга страна е неговата сè поотуѓена човечност.

Пред да го започнам романот долго време поминав во читање, затоа што моето знаење за разузнавачките агенции беше мошне ограничено. Немав поим како се станува разузнавач, што прават разузнавачите или пак какви луѓе се тие. Затоа најпрво се посветив на сериозно читање и истражување со цел да го создадам главниот лик. Но тоа не беше доволно. Пишував детективски роман, па за тоа ми требаше софистициран и компактен заплет. Затоа пред да ја напишам првата реченица од романот ги испланирав поглавјата со прецизност на архитект. Подредив што токму ќе се случи во секое од поглавјата и како секој настан ќе биде поврзан со секој друг настан. Создадов практично непозната формула со бројки кои претставуваа луѓе и математички симболи за настаните.

Напосле дого време работев на јазикот на романот. Најпрво решив приказната да ја раскажам од перспективата на една личност. Сакав моите читатели да ги видат настаните низ неговите очи. Цел ми беше читателот да ги почувствува истите длабоки разочарувања и истите промени како и човекот што живееше според логиката на државата. Откако решив за сето ова, седнав на мојот компјутер – да, во ова време бев во чекор со технологијата и унапреден на користење на компјутер, и резултатот беше надежен; дури и ако не се продаваше добро, почна да се здобива со вниманието на критичарите. „Магла и ноќ“ стана познат како „првиот книжевен детективски роман“ напишан во Турција.

И така јас го открив методот што го користам во сите мои подоцнежни романи. Накратко можам да го сведам на шест чекори:

1)            Реши за што ќе пишуваш.
2)            Истражија таа тема.
3)            Напиши го заплетот на романот.
4)            Промени го во детективски заплет.
5)            Реши какви ќе бидат карактерите.
6)            Работи на јазикот на романот.

Решавање за што да се пишува: всушност овој избор може да биде направен на многу различни начини. Со  „Магла и ноќ“ сакав да започнам дебата за трагично деструктивните – но истотака и тешко забележувачките – ефекти од воениот удар и нивниот авторитаризам врз емоционалниот живот на луѓето. Не се работеше толку за судењето на воениот режим колку што беше обид да се  разбере на кој начини реагираат луѓето кога се под репресија. Во моите понатамошни статии имав можност поисцрпно да пишувам за тоа, но дозволете ми да ви напоменам додека сме на оваа тема: ако постои цел на литературата, тоа е да се обиде да го објасни, да го расветли и да се бори за човечкото чувство. Велам ,,да се обиде“ затоа што е невозможно јасно да се дефинира човечкото чувство. Тоа нема боја, мирис, тежина, вкус или изглед. Што може да биде потешко отколку објаснувањето на феномен кој нема материјална егзистенција?

Како и да е, да се вратиме на нашата тема, кога решавам да пишувам роман, јасно е на кои работи се концентрирам и кои работи имаат влијание врз мене. На пример, во мојот роман „Патасана“ пишував за последните денови на Империјата на  Хетите, кои владеле со Анадолија. Хетите ги одбрав делумно случајно, но делумно и од потреба. Заминав во Истанбул на студии, но роден сум во Газиантеп, во југо-источна Анадолија. Сè уште постојано одам во Газиантеп за да го посетам моето семејство и секогаш сум бил иснспириран колку многу култури биле вклучени во создавањето на Газиантеп. Тогаш, едно лето, се вратив таму и ја видов античката населба на брегот на прочуената река Еуфрат. Населбата беше прекриена со земја, но можеа да се замислат нејзините ѕидини и врвовите на зградите. Бев трогнат и размислував за луѓето што живееле тука. За нивните љубови, војни, херои, стравови…  Моите соседи од пред илјадници години. Кога гледав во нивниот град, скриен под пластовите на времето се прашував зошто не сум пишувал за овие луѓе. Зошто да не се обидам да ги раскажам приказните на овие луѓе? Но како? Не знаев ништо за овој град кој бил напуштен пред илјадници години.

Кога се вратив во Истанбул, веднаш отидов во Универзитетот и ги пронајдов сите историчари за оваа област и најпрво за тоа научив од нив. Да, тоа бил Каргамиш, втората престолнина на Хетската Империја. Била разурната од сурови војни и внатрешни судири. Најчуден беше фактот што за жал војувањето било постојано на оваа почва: иако одвреме-навреме постоел и по некој мирољубив владател, крвавите борби траеле без престан. Во Анадолија пред илјадници години се случила граѓанска војна која била толку слична со овие  нашите денешни. Курдските герилци започнаа вооружен бунт против владата. Секој ден од планините стигнуваа вести за сè повеќе загинати. Војувањето на Средниот Исток истотака беше постојано. Така дојдов до случаен заклучок дека би било интересно да се спојат оние што живееле во античкиот град со оние што овде живеат денес, затоа што човештвото сè уште не научило да живее без војна. Така темата на мојот роман стана очигледна: „насилството како несреќна човечка традиција“.

Сега имав тема, но како можев да пишувам незнаејќи ништо за Хетите? Секако, со читање, разговарање и патување. За Хетите читав како некаков студент за на крајот со часови да зборувам со историчари и да ја искусам археологијата на ископувањата. Ги посетив античките градови на Хетите, скоро не напуштајќи ги музеите. Немојте погрешно да ме сфатите – воопшто не се жалам. Учењето на сево ова беше неверојатно уживање. Почнав да живеам во една шарена изгубена цивилизација. Се чуствував љубопитен како дете што го осознава светот и тоа беше прекрасно искуство. По околу една година, веќе знаев доволно за да започнам со пишувањето на мојот роман.

Дејството на романот го смислив паралелно со сите овие истражувања. Додека читав наидов на некој дворски писар кој се викал Патасана. Ги знаев само неговото име и неговата професија – ништо повеќе од тоа – но дури и ова  за мене беше доволно за врз него да ја базирам мојата книга. Беше некој вид на трагедија: епска сага и приказна за немилосрдната одмазда која се темелеше на невозможна љубов. Но морав да ја објаснам од денешна перспектива. Инспириран од археолозите со кои што разговарав, започнав археолошко ископување на бреговите на длабоката, зелена река Еуфрат. Таму пронајдов некои таблички кои биле рачно испишани од Патасана, пред илјадници години. Тие таблички беа првата неофицијална светска историја. Тоа не беа пишувања на кралеви: тие беа вистините на од предавство погодената палата што беа илеани во глина. Така мојата мојата приказна стигна до скриени вистини на минатото.

На крајот стана и детективска фикција, мојот омилен дел од книгата. Секако требаше да има убиство, такво што ќе биде комлицирано и полно со тајни и ќе отвора врата за други убиства. Синџир на чудни настани кои ќе го поврзуваат минатото со сегашноста. Анадолија е вистинска ризница во тој поглед, полна со легенди и епски приказни. Прочитав дузина такви. Признавам дека тоа од мене бараше многу тешка работа, но на крајот стасав до фикција која ми се допаѓаше. Овие археолошки таблички нè носат до сцените на убиство, дозволувајќи ни да ги споредиме минатото и сегашноста.

Истотака смислив и кој ќе бидат другите ликови. Ми требаа дузина од карактери и ги напишав нивните особини, нивниот физички изглед, и една по една работите што им се допаѓаа и што не им се допаѓаа. Ги имав сите доблести и мани и направив моите карактери да доживеат спектар од херојство до страшливост затоа што сакав да покажам дека човечката емоција е целина со повеќе фасети. Секако додека пишував за нив започнав со вистински луѓе што ги имав сретнато и така тие на некој начин и беа вистински карактери. И тогаш доаѓаме до најважната книжевна компонента на секој роман – зборовите. Решив да пишувам од перспектива и на авторот и на Патасана. Така имав можност да пишувам на веродостоен начин за два различни временски период истовремено, а  помеѓу кои има разлика од три илјади години. Секако јазикот на Патасана од пред три илјади години  беше поепски и попоетичен, а нашиот јазик е пообичен.

Во следните романи продолжив да ја користам оваа метода. Мојата земја која беше дом на големите цивилизации како Хетите, Римјаните, Византијците и Отоманската Империја во текот на 200 илјадагодишната историја, продолжи да ме влече кон минатото. Сакам да пишувам книги за висок криминал исполнет со тензија и интриги. Ако ги погледнете во нивната суштина, всушност пишувањето историја и решавањето на убиства се неверојатно слични. И во двата случаи ја барате вистината: во првиот тоа е таа на изгубената цивилизација; а во вториот случај, кој е убиецот. Поради тоа и тие две работи се привлечни. Сметам дека тоа е и причината поради која филмските режисери секогаш биле заинтересирани за моите дела.

Според мои книги се снимени три телевизиски серии и два филма. Но ако треба да сум искрен, не можам да кажам дека воопшто уживам во пишувањето на филмски сценарија. Пишувањето сценарио е мошне ограничувачко. Кога пишуваш роман, си самиот и си слободен да напишеш што сакаш на која што сакаш тема. Но со филмската уметност е многу поинаку. Било да е серија или филм, секој од екипата, почнувајќи од продуцентот,  се обидува да го ограничи она што го правиш. Па и ако е прекрасно да ги видиш своите ликови на телевизија или во кино, како некој што вообичаено пишува сам, никако не ми одговара да си играм со она што го пишувам за продукциската екипа. Истото можам да го кажам и за театарот. Според една моја книга беа направени и мјузикал и претстава. И сосема не бев комфорен со тоа: она што го видов воопшто не беше она што си го замислував додека ја пишував книгата. Но можеби и не требаше да се мешам како автор. Немам ништо против ако она што го пишувам инспирира други на различни уметнички полиња. Убаво е да се види дека некој адаптирал твои дела во филмови или претстави или стрипови. Убаво е чувството да се помага при создавање дела во полиња надвор од литературата, но ништо не може да ми го замени чувството на радост што го имам кога пишувам самиот.

Како автор, не се ограничувам себеси на пишување само фикција. Одвреме-навреме пишувам статии за литература. Всушност, често пишувам за тоа како детективската литература е погрешно сфатена, погрешно третирана и како на неа се гледа со потценување како и во Турција така и насекаде. Има некаква одбранбена полемика за разбивање на предрасудите на луѓето. Ми се чини дека ми се допаѓа пишувањето на полемики, а и тие не се сосема неефективни. Поради ова се здобив со позицијата на „национален бранител на детективските романи“. Не сум несреќен поради ова, затоа што пред сè наместо делењето на романите на категории како „детективски“, „роматични“, „историски“, „филозофски“ и други, јас верувам дека постојат само два типа на литературен текст: добар и лош.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Децата од планината Напф
Главните ликови во овој документарец се децата од планината Напф, планина што...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *