Како правилно се пишуваат датумите во македонскиот јазик?

chalk-talk-calendar

Под влијание на странските конструкции, но и под влијание на рутинското пишување, во практиката многу често се греши кога станува збор за датумите. Поради тоа, решивме да обрнеме внимание на тоа како правилно, правописно точно, се пишуваат датумите во македонскиот јазик.

Пред сè, важно е да се знае дека во македонскиот јазик, за разлика од голем број други јазици, најпрвин се пишува денот, па месецот, па на крајот годината. Врз основа на ова, се изделуваат неколку правилни формати на пишување на датумите:

 

16 јануари 2015 година

Во ваквите случаи често се греши кога имињата на месеците се пишуваат со голема почетна буква, најчесто под влијание на англискиот јазик. Во македонскиот јазик, како што сме потенцирале и претходно, имињата на месеците се пишуваат со мала почетна буква, освен ако не влегуваат во името на некој празник. Значи, правилно е: 16 јануари 2015 година.

Неправилно: 16 Јануари 2015 година

Освен тоа, неправилно е кога на броевите им се додаваат наставки со кои се укажува дека станува збор за редни броеви. Додавањето на овие наставки е сосема непотребно затоа што е логично дека се редни напишаните броеви од самото тоа што се работи за датуми.

Неправилно: 16-ти јануари 2015-та година

Ваквите наставки може да се додадат само во некои случаи, кога отсуствуваат зборот година или името на месецот, најчесто затоа што се подразбираат од контекстот. На пример:

Закажавме состанок за 16-ти овој месец.

Ќе се видиме во 2015-та.

Ваквите примери се карактеристични за уметничколитературните и за новинарските текстови, но во административните и во научните текстови препорачливо е да не отсуствуваат името на месецот  (или бројот што го означува) и зборот година. Од друга страна, пак, во наведените случаи, подобро би било редните броеви да бидат напишани со цели зборови:

Закажавме состанок за шеснаесетти овој месец.

Ќе се видиме во две илјади и петнаесеттата.

 

16.1.2015 год.

Во практиката, повторно под влијание на другите јазици, се среќаваат повеќе принципи на одделување на елементите на датумот: со коса црта, со тире и сл. Сепак, во македонскиот јазик редните броеви се означуваат со точки, па оттаму правилно е како што е покажано погоре: 16.1.2015 година. Исклучок е само бројот што ја означува годината, по кој никогаш не се пишува точка.

Неправилно: 16/01/2015 година

Неправилно: 16 – 01 – 2015 година

Неправилно: 16.01.2015. година

Од горенаведениот пример може да се забележи дека, кога се датумите означени со едноцифрени броеви, пред цифрата не се пишува нула.

Неправилно: 16.01.2015 година

 

16.I 2015 год.

Римските броеви се дозволени при пишувањето на датумите, но само за означување на месеците. Во ваквите случаи, по римскиот број не се пишува точка: 16. I 2015 година.

Неправилно: 16.I.2015 година

 

За крај, ќе споменеме и дека во документите и во другите административни текстови, заради економичност на просторот и на времето, наместо целиот збор година, може да се употребуваат и двете скратеници: г. и год. Ова, секако, не е препорачливо во уметничката литература, каде што е повообичаена употребата на цели зборови.

Leave a Reply

Your email address will not be published.