Четврток

cetvrtok

Четврток беше единствениот ден од седмицата којшто таа не го сакаше. Во четврток се запозна со Теодоси, во четврток се роди нејзиниот син и во четврток, премногу доцна и премногу тажно ја загуби својата невиност. Беше месец април, студен, дождлив, небаре небото се беше разболело и им се одмаздуваше на луѓето поради тоа. Таа живееше во едно отмено преградие и таму, по улиците, немаше кучиња-скитници, пред вратите на куќите дискретно стоеја телохранители. Бети го познаваше мажот, кој дежураше пред нивната вила. Се викаше Бојан. Бојан беше верниот доберман на маж ѝ. Кога Бети ќе се доближеше до него, очите на телохранителот распламтено се ѕвереа кон чевлите.
Се омажи за Теодоси на дваесет и пет години. Тој беше постар од неа единаесет години. Таа се школуваше во Германија, беше навикната на точност и на дисциплина. Бети, нејасно, ќе се сетеше дека парите на татко ѝ доаѓаат од некој матен бизнис со бензин. Штедливо ги трошеше, многу штедливо, затоа што имаше гледано како луѓето умираат во сиромаштија затоа што ги немаа. Ако татко ѝ не ја тераше да се омажи, ако мајка ѝ постојано не ѝ велеше дека нивната огромна куќа е празна како амбар – колку неумесна споредба – Бети никогаш немаше да помисли на Теодоси. Нејзината одвратност кон него се роди уште во првиот миг, кога татко ѝ ја запозна со својот најбеспрекорен експерт. Откако се врати од Германија, започна внимателно да ги набљудува блиските соработници на татко ѝ. Теодоси беше најмолчаливиот и најнеугледниот од нив.
Неполни два часа откако се запознаа, таа му рече: „Ајде“, потоа го качи во колата, таа имаше мал „ситроен“ и го однесе во својата куќа во Симеоново. Го натера Теодоси да ја почека пред вратата од спалната соба, потоа се соблече и го викна. Потоа одново му рече: „Ајде“. Дотогаш таа немаше интимен однос со никого. Самата помисла на тоа ѝ беше одвратна. Пред да реши да го повика, се напи чаша „совињон блан“ и поврати. Беше четврток. Надвор имаше магла, небото ја имаше притиснато земјата како да сакаше да ја проголта.
Интимниот однос со Теодоси ѝ предизвика болка. Неговото тело испаруваше врело и непријатно. Бети немаше потреба да се преправа. Добро беше тоа што тој брзо сврши, без да ја заморува со објаснувања за тоа колку е убава. Нејзе ѝ се допаѓаше тоа што за сето време тој молчеше.
Нејзе ѝ се допадна и тоа што не ја погледна во очи. Едноставно го сврши она за што го имаше викнато. Таа го прескокна неговиот врел стомак, отиде во бањата и рече:
– Можеш да се облечеш.
– Дали сакате уште нешто, госпоѓице Адријанова? – неговиот глас потсетуваше на удар на камен во плоча од ламарина. Таа тешко го поднесуваше таквиот глас. Секогаш си ги претставуваше како крештење. – Сакате ли уште нешто?
– Сакам – одговори таа. – Сакам да се ожениш за мене.
Тоа беше цената што татко ѝ ја постави за да ја испрати одново во Германија. На тој начин, немаше да мора да остане со мајка си во миговите кога старата дама не беше со своите „млади пријатели“, мажите на кои им плаќаше за да ѝ прават друштво. Немаше да се судира по улиците со лошооблечените луѓе, ќе се тргнеше подалеку од контејнерите за ѓубре и питачите што ја запираа на секој агол. Мајка ѝ некаде прочитала дека сексот со млади мажи го запира стареењето и на секои два месеца носеше дома по еден нов телохранител. Сите го познаваа нејзиниот татко. Адријанови беа фамилија позната во Софија како Папата во Ватикан.
Денес, повторно беше четврток. Таа имаше син на една година и два месеца. Татко ѝ загина под нејасни околности во „Интерхотел“ во Хасково. Мајка ѝ престана да зема телохранители на секои два месеца. Бизнисот го презеде Теодоси.
Тој човек се покажа како мало, зелено мочуриште. Стегнат и беспрекорен, секој месец тој стоеше пред мајка ѝ, облечен во фино испеглан сив костум – на Бети не ѝ се допаѓаше сивата боја – тој ѝ даваше сноп банкноти во раката, изгледа чувствуваше злобно задоволство од понижувањето на нејзината мајка, ѝ ги подаваше банкнотите една по една и изјавуваше:
– Елеонора, не сакам повеќе да ме правите будала. Неговиот глас беше студен како петле на пиштол, иако не го поткреваше тонот. Неговите зборови беа рамни и мазни – еден одвратен автопат по кој мајка ѝ одеше кон вистинско безумие. На почетокот нејзината мајка му се дереше, разумно прашувајќи: „Кој си па ти, ѓубре едно богато, новопечено“, но во таквиот случај, Теодоси ги враќаше парите во џебот на сакото и излегуваше од собата. По вториот месец, Елеонора се научи да го држи јазикот за заби. Излезе дека мајка ѝ може да ги трпи неговите подигрувања. Таа беше цврста и витална, прифаќајќи ги понижувањата како неколку капки топол летен дожд. Изгледа ништо не можеше да ја уништи.
Мајка ѝ беше убава, синоока, со костенлива коса и со свеж тен, дарежлива кон оние што ги сакаше во тој миг и отровна кон поранешните сакани. Таа се појавуваше пред влезната врата на својата ќерка, возачот со почит ја отвораше пред неа вратата од „опелот“, а потоа мајка ѝ одеше до детското креветче каде што спиеше Теодоси помладиот, му оставаше некој мал подарок на малиот и започнуваше одново со познатата своја кантата:
– Ми требаат пари. Бети мрзливо се прашуваше дали мајка ѝ го прашала Теодоси, иако тоа воопшто и не ја интересираше. Тивката, рамномерна омраза кон него стана нешто највообичаено, секојдневно, како вазната со цвеќиња, како немиот телохранител Бојан. – Знаеш, мила моја, Теодоси беше едно кутро студентче по право кое немаше пари за јадење. Тогаш го зедов под рака и го запознав со татко ти. Сега жалам за тоа – кимна со главата мајка ѝ. – На интимен план е брилијантен, но ти не можеш да го видиш тоа. Бог – велеше таа и погледнуваше на таванот, небаре Бог во секој миг ќе се појави од зад лустерот – тебе те лишил од тоа сетило.
Теодоси доаѓаше во спалната соба на Бети, исто така, во четврток, заедно со информативната емисија на првата програма на телевизијата. Таа никогаш не се трудеше да се преправа дека ѝ е пријатно. Неговото тело беше уште поврело. Единствениот напредок во неговото однесување беше што започна по секоја четврточна сеанса да ѝ остава врзопче банкноти под нејзината перница.
– Понекогаш мислам дека повеќе ја сакаш твојата масерка отколку мене – дофрли еднаш Теодоси. Тоа беше вистина, но Бети не сметаше дека е нужно да потврдува банални нешта, што сами по себе се подразбираат.
– Зошто не се разведеме? – праша таа со рамнодушен глас.
– Ти си убава жена – спокојно возврати нејзиниот сопруг. – А и на син ми му треба мајка.
Нивната светла спална соба беше облепена со сивкави тапети кои Теодоси сам ги одбра, темносиви рамки на прозорците, сив тепих и неговите очи, малку испупчени, скриени под внимателно спуштените клепки беа исто така сиви. Една сива преса што го цедеше нејзиното трпение, нејзините нерви. Можеби тој повторно бараше задоволство во понижувањето, во физичкото страдање што ѝ го причинуваше секој четврток? Бети сметаше дека има разработено умешна заштита против мртвите канџи на Теодоси. Внимателно работеше со неговите пари. Имаше тајна сметка уште од времето кога татко ѝ беше сè уште жив, трошеше сосема малку. Се имаше научено секој четврток, пред да си оди Теодоси, да го моли:
– Ќе ми оставиш ли пари? – го убедуваше дека оди на часови по пијано, иако воопшто не се интересираше околу музика. Неразјаснетата смрт на татко ѝ и седмичното понижување на мајка ѝ ја потсетуваа дека парите се важни за преживување. Сакаше да оди во Германија, знаеше дека маж ѝ ќе се погрижи за Теодоси помладиот, па затоа барањето пари кај неа не предизвикуваше никаква грижа на совеста. Напротив, не толку парите, колку радоста дека се оттргнала од канџите на Теодоси ја исполнуваше со трепетливо задоволство. Врзопчето банкноти под нејзината перница беше силен доказ дека е поснаодлива од него.
– Погледни ме во очи – рече Теодоси тој четврток и таа го направи токму тоа. – Знам дека тебе парите не те интересираат, зошто тогаш постојано ми додеваш со тоа?
– Сакам да одам во Германија – спокојно одговори Бети. Не се ни обиде да го лаже, затоа што знаеше дека нема да успее во тоа. Неговите сиви очи проникливо се забиваа во нејзините и потонуваа дури до нејзиното грло. Освен тоа, Теодоси секогаш можеше да го изнајми најдобриот приватен детектив. Борбата со него беше бесмислена. Секој екстра кажан збор од Бети го одолговлекуваше неговиот престој во куќата, а тоа беше најнепријатното возможно сценарио за четврток навечер.
– Не се интересираш за ништо – продолжи нејзиниот сопруг кој небаре ѝ пливаше среде мозочните клетки. – Не си оригинална. Не си гостопримлива, ни пријатна. Твојот единствен квалитет е што си многу убава. Нема да одиш во Германија? Ќе си купиш куќа овде.
– Ќе ми дадеш ли пари за оваа куќа сега?
– Повторно пари. Повторно бараш пари.
– Куќата чини пари, Теодоси.
– Не се грижиш доволно добро за детето. Доаѓаш кај него само кога ќе ти спомнам за тоа по телефон.
– Да – тивко одговори Бети. Единствениот тон што Теодоси го прифаќаше како возможен во нивната комуникација беше заповедничкиот тон од негова и компромисот од нејзина страна.
– Нема да ти дадам пари за куќа – викна Теодоси. Во тој миг омразата на Бети кон него летна до небо, но таа знаеше дека викањето нема да ѝ го направи животот полесен. Затоа само погледна низ прозорецот. Надвор врнеше дожд, претерано пороен за април. Нејзиниот живот беше таков, непотребен студен дожд среде април. Едноставно немаше потреба да се бори против тоа.
– Тука ќе останеш – продолжи сивиот асфалт во гласот на нејзиниот сопруг. Но, Бети веќе не се плашеше од неговиот студ. Не се плашеше од ништо.
– Ќе доаѓаш на моите состаноци со партнерите. Треба да блескаш кога ќе те викнам. Знам дека не си многу паметна, но другите не го знаат тоа. Твојата убавина дава лажна слика дека имаш истенчен вкус, нешто што отсекогаш ти недостасувало. Може да те викнам во десет наутро, во десет навечер, на полноќ, ти треба да бидеш убава, многу убава. Тоа е твојата единствена задача. Твојата професија е да бидеш мојата убава сопруга.
– Да, Теодоси – сосема спокојно одговори Бети и си помолча. – Убавината чини пари. Јавање, фитнес, строга диета.
– Пак ми бараш пари.
– Да. Ми требаат.
– Ја замолив мајка ти да ти пренесе една порака. Бети не реагираше и Теодоси ја предупреди: – Не ми се допаѓа што молчиш кога сум пред тебе.
– Порака во врска со што?
– Во врска со тоа што минувам голем дел од слободното време со една дама во хотелот „Екскалибур“.
– Да, мама детално ми ја опиша убавината на твојата дама.
– Не си ли гневна поради тоа? – се заинтересира Теодоси, спуштајќи ги своите сиви очи длабоко во нејзините, решен да се нурне до појас во нив.
– Многу се разгневив – одврати Бети.
Нејзиниот маж внимателно го соблече своето сиво сако. Тоа не беше добар знак.
– Треба ли да излезам? – се јави Бети.
– Нели сакаш пари? – неговиот силен глас почна да лази по подот и ја гризна по градите. Теодоси ги соблече панталоните и внимателно со голема прецизност ги стави врз сакото. – Соблечи се!
Бети се наежи. Теодоси постариот беше трпелив човек. Со полузатворени очи, гледаше како таа ја соблекува облеката. Во четврток таа натрупуваше на себе премногу облека за да го одбие. Нејзините движења беа нагли, груби, како да кубеше пердуви од мртва птица, но Теодоси очигледно и од тоа се возбудуваше. Бети имаше чувство дека тој негов поглед ѝ продира во крвта и ѝ ги разурнува црвените крвни зрнца, иако знаеше дека ќе го преживее без особени последици. Таа можеше да преживее сè. Сивиот поглед на Теодоси ѝ ги оближа градите, се залепи за карлицата и потоа нејзиниот сопруг мрзливо се исправи на софата и тешкиот асфалт на неговиот глас проникна во секоја нејзина пора.
– Легни на подот ако сакаш – ѝ нареди тој.
Тоа никогаш не ја плашеше.

Антолог (2014)

Leave a Reply

Your email address will not be published.