Речник на имагинарните места

„Речник на имагинарните места“ е книга која излезе во Торонто, во 1980 година. Замислена е како географски речник, со поими наредени по азбучен ред, опремена со карти и гравури кои можат да се видат во старите енциклопедии. Оваа книга, објавена во Канада, која е плод на соработката меѓу еден Аргентинец и еден Италијанец, ги содржи сите предуслови достојно да ни претстави една непостоечка географија.

dictionary-1

АБАТОН – град кој го менува своето место. Иако не е недостапен, никој никогаш не стигнал до него, а патниците кои се упатиле во Абатон можеле и со години да лутаат без воопшто да го здогледаат. Меѓутоа, некои други патници го виделе како се издигнува над хоризонтот, посебно при самрак. Додека кај некои таа глетка предизвикувала голема радост, кај други таа нанесувала ужасна тага без никаква одредена причина. Никој никогаш не ја опишал внатрешноста на Абатон, но велат дека ѕидините и кулите му се светлосини, или бели, или, според некои други патници, огнено црвени. Сер Томас Булфинч, кој ги видел контурите на Абатон кога патувал низ Шкотска од Глазгов до Трун, ги опишал неговите ѕидини како „жолтеникави“ и споменал далечна музика, слична на музика од цимбал, која допирала од другата страна на неговите порти, но тоа се чини неверојатно.

[Сер Томас Булфинч, Моето срце е во ридовите, Единбург, 1892]

 

АУЕНТАЛ – селце на една река близу градот Шерау во Германија. Ова селце е познато по тоа што било дом на извесен Марио Вузо, свирач на оргула и учител, кој имал обичај да пишува книги, користејќи наслови од други автори. Овој обичај, и здравото презирање на анахронизмите, довеле до тоа да верува оти сите книги се плагијати на неговите. Единствена друга книга во негова сопственост бил каталогот од лајпцишкиот саем на книгата кој тој го сметал за голем извор на инспирација. Не е познато дали делата на господинот Вузо биле објавувани.

[Жан Пол, Животот на задоволниот учител Марио Вузо во Ауентал, Берлин, 1793]

 

БЕССОНИОТ ГРАД – се наоѓа во северна Нигерија. Неговите жители имаат навика никогаш да не спијат, и затоа немаат претстава што е тоа сон.

Овој град е посебно опасно место за странците. Доколку на некој патник му се случи да ги прескокне локалните ноќни навики и да заспие – како што тоа веројатно го прави ноќе – домородците, верувајќи дека умрел, ќе почнат да копаат огромен гроб, а потоа ќе го погребат, приредувајќи голема церемонија.

[А.Џ.Н. Тримиерн, Куќа на празноверија и обичаи, Лондон, 1913]

 

БЕЗИМЕНИОТ ЗАМОК – осамено се издигнува во една француска покраина. На неговиот главен влез посетителите ќе го видат следниов натпис: „Јас не припаѓам никому, и припаѓам секому. Пред да влезеш, ти веќе си бил овде, и ќе бидеш уште откако ќе излезеш.“ во замокот посетителите ќе наидат на една мешана група луѓе кои говорат и вистини и лаги, и кои непрекинато седат или чекорат наоколу во бескрај.

Велат, една група авантуристи го зазела замоков и покрај предупредувањето што е напишано на влезната порта, и со помош на злите слуги е подготвена да го убие секој што ќе ги оспори нивните сопственички права.

[Дени Дидро, Jacques le fataliste et son maitre, Париз, 1796]

dictionary-2

ВРАТА ВО ЅИДОТ – влез во градината која го менува местото, во која сè е убаво, и каде што секој се чувствува исклучително ведро.

Низ оваа врата, која може да се најде на различни места низ целиот свет, една долга и широка патека со мермерни жардињери за цветни леи од обете страни води до високи, русокоси девојки со мек, пријатен и милозвучен глас. Таа и многу други убави луѓе ќе ги забавуваат сите посетители. Животинскиот свет во оваа градина е чудесен: дамчести тигри, мајмуни капуцини и папагали има во изобилие. Во градината стои пространа палата полна со свежина, со многу преубави фонтани и прекрасни сенчести колонади.

Патниците кои ќе ја пронајдат вратата на ова градина обично се соочени со изборот да одат на некој важен состанок или да влезат во ова царство на уживањето. Меѓутоа, мора да им се даде до знаење дека по одреден број посети оваа градина на блаженствата може да ги чини и животот.

[Х.Џ. Велс, „Врата во ѕидот“, во: „Земја на слепите“, Лондон, 1911]

 

ГЕОМЕТРИСКИОТ ОСТРОВ – еден од неколкуте високи острови близу Огнената земја. Сув, неплоден остров со огромни, четвртести, тивки градови. Мештаните го поминуваат своето време цртајќи фигури во песокот.

[Abbè Pierre Francois Guyot Desfontaines, Le Nouveau Gulliver, ou Voyage De Jean Gulliver, Fils Du Capitaine Gulliver. Traduit d’un Manuscript Anglois. Par Monsieur L.D.F, Париз, 1730]

 

ГРАДОТ НА ДОБЛЕСНИТЕ ЖЕНИ – познат како CITE DES DAMES или ГРАДОТ НА ДАМИТЕ. Малку работи се знаат за овој познат град, меѓу кои и тоа дека во него живеат само жени кои поради својата природа се сметаат за поважни и повредни за споменување од мажите. Тој е изграден од огромни камени блокови, а на секој од нив е врежано името на една славна жена. Посетителот тука ќе може да го најде името на Серамида, на Амазонија, на Зенобија, на Артемида, на Бернис, на Клелија и на Фредерогида, иако нивните дела веќе не се паметат. Се раскажува дека доколку сака да ја отвори портата на овој град, патничката ќе мора да си направи клуч од „разумност, штедливост и успех“. Никакви други упатства не се дадени кога станува збор за посета на Градот на Доблесните Жени.

[Кристин де Пизан, La Cite de Dames, Париз, 1405]

dictionary-3

ГРАДОТ НА МАЈМУНИТЕ – се наоѓа на брегот на Индискиот океан, каде што пространите куќи гледаат кон морето. Своето име им го должи на бројните мајмуни кои живеат во негова околина. Секоја ноќ тие мајмуни го напаѓаат овој град, пустошејќи го и убивајќи го секое човечко суштество на кое ќе наидат. За да го избегнат колежот, неговите жители се искрадуваат во самракот низ задниот излез до брегот на морето и ја поминуваат ноќта на мали чамци, каде што се надвор од досегот на мајмуните. Меѓутоа, истите овие мајмуни му овозможуваат благосостојба на градот, бидејќи дење, кога се повлекуваат во планините, жителите тргнуваат по нив, со кошници полни камења со кои ги маваат. За да се одбранат, мајмуните им враќаат со кокосови ореви кои жителите на градот ги собираат и подоцна ги продаваат во многу градови вдолж брегот, заработувајќи огромни износи.

[Анонимен автор, Приказни од 1001 ноќ, XIV-XVI н.е.]

 

ГРАДОТ НА МОРСКОТО ДЕТЕ – изграден е на еден пловечки остров, некаде во северниот Атлантик, последен пат виден на 55° северна ширина и 35° западна должина. Посетителите имаат големи тешкотии да стигнат до овој град, бидејќи тој исчезнува штом некој брод се покаже на хоризонтот. Целиот град има само еден жител – дванаесетгодишната ќерка на некојси Чарлс Ливенс де Стинворд, кој исчезнал на отворено море. Таа девојка живее на ова осамено место, извршувајќи си ги своите секојдневни задачи на вообичаениот начин. Се верува дека постојат голем број такви пловечки градови кои се подигнати од децата за кои се смета дека се удавиле, а нивните тела никогаш не се пронајдени.

[Жил Сипервејл, L’Enfant de la haute mer, Париз, 1931]

 

ДАЛАНДОВОТО СЕЛО – во Норвешка, познато е како единственото пристаниште за кое се знае дека во него впловил проколнатиот брод на Летечкиот Холанѓанин, скитачкиот Евреин на океаните.

Бидејќи се обидел да го помине ’Ртот на добрата надеж во силно невреме, Холанѓанинот, капетанот на овој брод, се заколнал дека ќе ја оствари својата цел, макар морал да плови засекогаш. Поради тоа тој е осуден да плови до Судниот ден, а дозволено му е да застане само еднаш во седум години за да може да ја најде жената што ќе го сака до смртта. Таа дама била извесна Сента, ќерка на еден норвешки поморски капетан, и таа ја докажала својата преданост така што се фрлила во морето.

[Рихард Вагнер, Der Fliegende Hollander, прва изведба, Дрезден, 1843]

 

ДИГИТОПОЛИС или ГРАДОТ НА БРОЕВИТЕ – град со кој владее Матемагионичарот, на север од Кралството на мудроста. Главен производ на Дигитополис се броевите кои се вадат од рудник, а потоа се полираат и се извезуваат низ светот. Броевите што случајно ќе се скршат се користат како дропки. Иако од овој рудник се вадат и огромни количини скапоцени камења, тие немаат никаква вредност во Дигитополис. Вредни за споменување се скалилата за кои велат дека водат во Земјата на бескрајот, каде што се чува најголемото и најмалото, највисокото и најниското, и најзначајното и најбезначајното од сето она што постои. Бескрајот е сиромашна земја, и нејзините жители никогаш не можат да сврзат крај со крај.

Патувањето низ Дигитополис се одвива на различни начини: со бришење на сè и почнување отпочеток, со движење преку најкраткото растојание меѓу две точки, со повлекување линија меѓу нив и одење по неа, или со размножување на себеси во повеќе примероци за да се биде на повеќе места во исто време. На посетителите им се препорачува да не јадат во Дигитополис. Нивниот познат „паприкаш на одземањето“ го прави човека погладен како што повеќе го јаде. Луѓето тука седнуваат со полн стомак и јадат сè додека не огладнат, и сметаат дека тоа е најлогичниот и најекономичниот начин на исхрана.

[Нортон Џастер, Фантомска наплатна станица, Лондон, 1962]

 

ЕГИПЛОЗИС или СВЕТА ПАЛАТА – палата на остров во езерото, илјада милји западно од Калгонор во Атватабар. Таа се состои од група храмови изрежани од еден ист блок зелен мермер. Главното здание е грчки театар со купола од разнобојно стакло, на сто триесет стапки над најнискиот ред седишта. Египлозис е изграден над Пеколната палата, група храмови издлабени во карпи, посветени на окултното обожавање на Харикара, каде што предметите и живите суштества можат да се создадат со посредство на духовните моќи. До Египлозис се стигнува низ лавиринт од вајарски обликувана вегетација.

[Вилијам Р. Бредшо, Божицата Атватабара; историја на откритијата на внатрешниот свет и освојувањето на Атватабара, Њујорк, 1892]

 

Продолжува…

 

Избор и превод: Ѓорѓи Крстевски

Извор:  Градац, списание за книжевност, уметност и култура, број 131-132-133, 1998 година

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Новите генерации писатели и Вирџинија Вулф
Нејзината фикција е населена со ликови чие чувство за себе е неизвесно,...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *