Меѓу интимниот женски свет и деконструкцијата на општествената реалност

кон романот ГОДИШНИ ВРЕМИЊА од Јулијана Величковска

јулијана-величковска

кон романот ГОДИШНИ ВРЕМИЊА од Јулијана Величковска

Јулијана Величковска ù е добро позната на македонската културна и книжевна јавност преку нејзината поезија, а сега в раце го имаме нејзиниот прозен првенец, романот Годишни времиња.

Романот Годишни времиња е првенствено и пред сè женски роман, со женски сензибилитет, женски наратор и женска нарација. Може да се рече дека Величковска, со својата нарација, постмодерно фрагментарна и расцепкана, незаокружена во целовита приказна, манифестира недоверба кон ’машкиот тип на раскажување’ и фалогоцентричните техники на конструирање на заплетот, свртувајќи се кон женското пишување кое ги намножува разликите во постојана размена со подрачјето на Другиот (Другите/Другоста). Женското искуство на нараторката во овој роман диктира поинакво структурно и наративно устројство, поврзано со повеќекратни почетоци и повторувања, аналепси што имаат поинаква, женска логика, отворања кон нови раскажувања, мултипликации на значењата и создавање на еден истовремено и синхронизиран и дисторзиран, паралелен женски универзум. Да престанам со големи теоретизации. Романот на Величковска е некаква чудна и чудесна комбинација на меко, топло, женско раскажување (со призвуци на детство, на бабина прегратка, на фолклор и фолклорна фантастика) и остро проникнување во апсурдите и контрадикциите на современиот, глобален свет. Првиот модел на раскажување е поврзан со спомените од детството и сеќавањето на првобитната полнотија и првобитното единство на постоењето што со тек на време се претвориле во празнина што боли. Ова раскажување се врти околу два женски лика – ликот на мајката и ликот на бабата, клучни фигури на конституирањето на женскиот субјективитет на нараторката. Полно со љубов, копнеж и болка, со неизмерен емотивен полнеж и липтеж, му дава на романот своевиден оригинален печат од крв и месо (што би рекле феминистките, пишување од утробата). Другиот наративен модел е спротивен на бабино-мајчинскиот: нараторката во овие наративни пасажи има остар јазик; таа е брутално искрена, неверојатно иронична, на моменти цинична и во секој момент го деконструира ’сега и овде’. Тука нема општествени, идеолошки, политички и сексуапни табуа, тука до коска се разголуваат крвавите рани на современиот свет, апсурдите на постоењето на современиот човек, парадоксалноста на симулакрумите и симулациите, бескрајно умножените фрустрации и комплекси создадени од неугодното во културата. Авторката, вешто втакувајќи експлицитни и имплицитни интертекстови, преку вториот модел на раскажување, нема милост кон ’сега и овде’, исто како што и современите, глобални пералници на мозокот немаат милост кон современиот човек. Сепак, овој модел не надвладува. Го балансира првиот модел, нежниот, мек, љубовен бабино-мајчински поглед на свет, што секогаш е насочен кон полнотијата, а не кон празнината. Двете перспективи циклично се сменуваат, како што се сменуваат годишните времиња.

Ритамот на сменување на двете наративни перспективи е можеби прерано прекинат со крајот на романот, затоа што можеби читателот удобно се сместил во својата фотелја, препуштајќи се на вистинско наративното задоволство.

Романот Годишни времиња внесува нов вкус на македонската прозна сцена, како пикантен десерт за книжевните гурмани. Десертот потсетува на вкусните бабини јадења и по малку подлутува.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
За „Изреченото нè прогонува“ од Никола Маџиров
Поезијата, како начин за наоѓање нови превозни средства меѓу реалноста..
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *