Книжен молец

Koter_2

РАСПЕАНИОТ БИШОН

Моето куче пее арии, но само за мене.
Малеровите Песни за смртта на децата ги знае
нецелосно. Во рајот,
реквиемот на Фауре, го интерпретира
со силен назален напор.
Не успева да ги достигне сите ноти
на Пурселовата Жалба,
Но ви се молам, тој сепак е само куче.

Почна да пее
кога почнав да го игнорирам.
Ниту едниот од нас не можеше да го поднесе присуството на другиот.

Кога ги тресе своите бишонски локни,
кучешките здивови нијансирани со горчливи ферментации
ги напаѓаат горните перцептори на моите ноздри.
Со моч ги парфимира сите ќошиња од мојата дневна соба
со острина што дополнително ја влошува
(без бришење) амонијакот од течноста
за чистење подови.
Не можам да го поднесам оти смрди.
Не може да ме поднесе оти сум непопустлив
на неговите нажалени, светкави очиња.

Редовно секој од нас мора да се повлече
во својот таен живот на сопствената осаменост.
Јас, слушајќи ја својата музика,
тој излегувајќи надвор да ги душка
газовите на другите кучиња
или да моли за внимание од деца на минување.
Откако ги игнорирав неговите цимолења да го пуштам надвор
научи да пее. Таа прва ноќ
не можев да не обратам внимание
на неговата оригинална интерпретација
на Ползи, ползи, кроце ползи од Рафаел Куртвиј.
Го пуштив. Душкаше газови.

Следната ноќ го игорирав неговиот Куртвиј
па испеа нешто од Дирфле.
Еднаш се обидов да организирам вечеринка,
на која сакав да го придружувам со виолончело,
дневната соба ми беше премногу елегантна за пијанофорте,
но со куќа полна гости
тој не можеше да се повлече во осама,
па со тоа немаше ни потреба да пее.
Не знае дека знам
дека го пее Руфус Вејнрајт
кога мисли дека не сум во близина.
Смрдливо копиле.

 

КНИЖЕН МОЛЕЦ

По цел еден животен век минат во читање и работење со книги
само еднаш еден книжен молец ми се има засукано
пред очи, малечок и мекичок и скуден,
изгледајќи како неговиот јаболко-гризечки братучед,
но толку различен, толку сам; осамениот
јадач на зборови, на две точки, на празнини.
Неговиот пат до потрошувачка го одведе
во сите различни насоки,
преку евтина осумдесетграмска хартија
заточена со совршен повез.

Секунди поминаа и со нив и поривот да го убијам,
да го згмечам, да ја истиснам таа зелена лигава утроба
надвор од платнената обвивка, како од толку
многу гасеници за време на ученички погроми.
Ох, ох, сите тие познати флеки, дамки од црева
на прстите што не донесоа каење
само необјасниво задоволство.

Отидов кај дилерот на остатоци
купив дванаесет копии од истото,
застарено советско политичко предавање,
сто и дваесет грама свила,
со опшиени, рачно извезени златни наслови
врз зеленото платно на нивните ‘рбети,
ги ставив сите заедно со молецот
и до половина изедените мемораи на Кондолиза Рајс
во цврстата, стаклена кутија за изложување.

 

ЦИКЛУС БОДЕГА

2: Омаж за Дишан

Немајќи доволно испиено ништо денес,
стојам пред писоарот, моч густа и темна се процедува од мене.
Минати се златните тушеви од младоста кога млаз
ќе се засводеше високо во воздухот со сета сила на воден топ.
Минати се деновите на ученичките натпревари во мочање;
Покрај мене стои дух завидлив на каква било моч, воопшто.
Духот е нов дух: овој бар е стар само десет години.
Но веќе доволно стар за да можам да ги намирисам
неговата одмината смисла за мода, неговата змиулеста тенка кожена вратоврска,
неговите како балон широки панталони, сите пропустливи, како перде.

Зачекорувам низ него на пат кон мијалникот,
надевајќи се дека ќе имам некое поубаво место за опседнување,
нешто подостоинствено за завидување
кога засекогаш ќе престанам со мочање.

 

ГРАДИНАТА

6: Приспивна

Насоне
облаците се безобѕирни кон дрвјата:
се спуштаат тивко
над распупените гранчиња
мe згрнуваат, мe повиваат
во својата волнена влага.
Силните ветришта нѐ водат
каде што тие сакаат да течеме,
дувајќи нѐ
над океаните во месечев сјај
и над градовите што трепкаат
со милион мачешки очи.

 

РАЃАЊЕ МУЗИКА

Убавата долгокоса девојка, моја познајничка
но сѐ уште не и љубовница,  плаче на моето рамо
се грчи од гнев и каење пред неправедноста на судбината.
Покрај нас, висока блескава кула од која

таа штотуку слезе, многу побавно
од сребрената флејта што случајно ја испуштила
од височина, флејтата која, со секое зголемување
на брзината добиваше грам по грам на тежина

сѐ додека не го погоди анонимниот недолжен минувач
и му го проби черепот закачувајќи се во неговиот не повеќе
стареечки душник.  Неговата последна мелодија беше дел од Парcеловиот
погребен марш изгргорен во изворите на крвта во allegro.

Додека таа цимолеше јас се радував, бев сигурен во себе,
а скромното метално кавалче во мојот лев внатрешен џеб
моето метално кавалче свиркаше, кое никогаш не се имаше издигнато над
стрмниот покрив на една трикатна градска куќа.

 

СЕГА КОГА СЕ СВРТЕ ДА МЕ ПОГЛЕДНЕШ

Земи ја оваа страница со себе.
Обележи ја.
Или ако си премногу скржава или сиромашна
за да ја купиш целата книга, искини ја.
Чекаше таа сето ова време
да биде твоја,
за ти да ја забележиш
и конечно ја виде.
Не е ни важно дали ја заслужуваш.
Една страница не може да има контрола врз својата судбина.
Па што ако не сакаш да ја врамиш
откако ќе ја помирисаш
или ќе ја погалиш по површината?
Па што ако никогаш повторно не посакаш да ја читаш?
Земи ја. Употреби ја за потпирка. Свиткај ја во авионче.
Извиткај ја во облик на потскокнувачка болва.
Испуши ја. Избриши си ја нечистотијата од рацете
или кивни во неа.  Беше создадена за ти да ја употребиш
веднаш штом ја забележиш.  Љубена или нељубена.
Нељубена. Искористена.

 

НИКОЈ НЕ ЗНАЕ

Повеќе луѓе шетаат по површината на земјата сега
од сите закопани во неа,
тие кои се прав во воздухот или сол во морето;
има повеќе луѓе од леб,

повеќе луѓе од ориз,
толку многу луѓе
што нема доволно
минати животи во оптек.

Пред безброј неименувани видови да исчезнат,
имав три незначајни претходни животи,
и за разлика од повеќето Кинези имам многу браќа и сестри,
не само сега, но и во претходните и новите инкарнации.

Еден шарлатан од Швајцарија тврди
дека човек може да стекне претходен живот
на половина пат од сегашниот.
Му плаќате цело богатство, се молите

во извесен кон Орион ориентиран храм
и ги стекнувате душите на неодамна починатите.
Некои луѓе се доволно богати и глупави
да го сторат тоа повеќепати.

Луѓето почнале и во тестамент да ги оставаат своите претходни животи
на своите љубовници и внуци.
Во руралните предели на Јапонија
каде што деведесетгодишниците се чести

колку и зрнцата соја, убиствата се зголемија деветкратно.
Убијци се урбаните тинејџери
со повеќе религија одошто душа.
Сепак, никој не знае за што всушност еден претходен живот служи.

 

КУЧЕШКО СОЖАЛУВАЊЕ

Свежо искосената трева е лесна
и премногу слатка за еден кучешки нос,
нема длабочина, нема резонанција,

па додека послушно седиме во ред
според желбите на нашиот господар
го душкаме воздухот барајќи сув измет од јазовец

да нѐ врати назад во миризливиот живот
краткиот летен дожд,
и случајно наидуваме (надвор од линијата на дрвјата

на работ на ова поле,
под превезот на излитените лисја)
на мртвa лајачка што се распаѓа

бавно во летната топлина,
спојувајќи атом по гнил атом
со воздухот и останатите тамошни мириси

Примамлива реа од возбудена кучка
веројатно е премногу да очекуваме
но пикантноста на гозбите што ни ги дава господарот

не може да се скрие со потта
на неговите дланки или да се маскира со сувиот мошус
од неговиот џеб крај препоните, па ние седиме
на место, нашата нетрпеливост е настојчива,
нашите утроби се немирни
како и нашите отпуштени јазици.

Кучето до мене остро
го крева носот горе и в лево
и да, сега и јас чувствувам

ластовичкин измет во аголна траекторија
насочена кон земјата, брзо, брзо,
но побавно отколку што неговите миризливи молекули

ми стигнаа до ноздрите.
Ништо ново не мириса кај мојот господар
освен еднa суптилна мирудија што ја испушта

станува сѐ посилна секој ден, можам да го намирисам
нејзиното црно цутење додека сe шири низ неговите гради.
Секогаш кога го лижам сега, го правам тоа сѐ понежно.
Патрик Котер е роден во Корк, Ирска, 1963 година, каде што и денес живее и работи како директор на Манстер литературниот центар. Неговите песни се објавени во бројни литературни списанија, антологии и мали поетски книги. Неговите песни се преведени на кинески, естонски, италијански, норвешки, шпански, шведски, турски и хрватски јазик. Автор е на две збирки поезија: Збунета кожа (2008) и Раѓање музика (2009). Добитник е на Китс-Шели наградата за поезија за 2013г.
Неодамна, издавачката куќа ПНВ Публикации од Скопје, издаде избор песни од Патрик Котер под насловот „Никој не знае“ во препев на Јулијана Величковска.

Leave a Reply

Your email address will not be published.