Баксузи, смешно до солзи

dimitri

Кога влеговме во кафулето, атмосферата беше мизерна и препознатлива. Можеш да се обложиш во живот дека веќе цела вечер, на шанкот, правеле муабет за незадоволни жени, разводи, за алиментација. Такви разговори тука беа секојдневие, како на друго место кога зборуваат за времето. Двајца мажи, без жар, играа билјард, на една маса, четворица старци внимателно си ги гледаа картите кои ги држеа во своите растреперени дланки, проценувајќи ја својата среќа, а останатите присутни, со трпеливост пиеја за да го достигнат нивото на коешто среќата и несреќата се мешаат.

„Што пијат сите – од мене“.

Тоа беа зборовите со кои татко ми секогаш влегуваше во кафуле. Џуџињата ја запишаа нарачката и ѝ ја предадоа на мајка си, која во тој момент, како добредојде, му дозволи на Потрел да ѝ го штипне газот. Ја видов Силви како сомнително го гледа допирањето од вујко си и забележав како конечно, барем малкуцка, ѝ се зацрвенија образите. Таа пиеше лимонада-лајт. „Шугар фри“, кажа. Мене тогаш веќе почнаа да ме подготвуваат да станам маж како сите други покрај шанкот, затоа татко ми ми даде мазут, така ја викавме смесата од пиво и кока-кола. За да пијам само пиво, сметаше дека сум уште премлад, но момче на моја возраст, кое пие само сок, не може а да не разочара.

„Момци, гледам дека донесовте убаво девојченце, но ако дознае полицијата колку години има, нема да биде убаво за вас“.

Тоа беше Андре, кој ја гледаше Силви со необичен поглед.

„Фамилија е, Андре. Оваа убавица е нашата Силви“.

„Силви? Таа да не е ќерката на Рози?“

„Да, да, таа е“.

„Да му се сневиди, што убаво дете!“ рече Андре и стана од столот за да ѝ подаде рака на Силви, што го изведе мошне џентлменски. Ѝ ја бакна дланката и фраерски ѝ се насмевна, откривајќи ги своите црни, испокршени заби, па потоа се обрати кон мене, велејќи ми: „Димитриче, дете, сочувствувам со тебе; верувам дека е многу тешко да не ја допреш братучетка ти“. Здивот му корнеше, но тоа воопшто не ме изненади и веќе бев подготвен за миризбата на гнилост што излегуваше од неговата уста. Сите се смееја и почувствував дека, иако шегата воопшто не беше толку смешна, сепак се очекува одговор од мене. Но, јас молчев и си го испив мазутот.

Kniga-(1)„Не секирај се, дете, во наше време сите си ги пипавме братучетките“. А, кога јас продолжив да молчам, додаде: „Во право си што молчиш“. И со тоа се затвори темата, продолжувајќи со следна пијачка. Логично, следната тема на разговор беше тетка Рози. Сите лево-десно веќе слушнаа дека ја виделе во Ретвердехем, а сега, уште откако ние седевме со ќерка ѝ, веќе не можеше, а да не биде вистина. Не престанаа да нѐ прашуваат како и зошто, но не им дадовме одговор. Заинтересирано ги слушавме разните претпоставки, секоја позабегана од претходната, и сѐ појасно ни стануваше дека самиот факт што тетка Рози се вратила, повторно ги оживеа старите, веќе закопани емоции. Зашто од нас не добија јасен одговор во врска со целата ситуација, се навртија на Силви, за која Андре, секоја втора минута, изјавуваше дека е убаво девојче, на пат е да стане вистинска убавица, и луѓето во нејзиното лице ги бараа цртите кои ги наследила од мајка си. Мене ме зачуди тоа што на братучетка ми не ѝ беше непријатен интересот од овие груби мажи. Напротив, изгледаше како да чувствува природна симпатија кон нив и се смееше на сите коментари на сѐ попијаниот Андре, кој беше почнал да пие и да чести со толку брзо темпо, што само татко ми и моите чичковци можеа да го следат.

„Ќе ти покажам како јас сум принуден да серам деновиве“, ѝ рече Андре на Силви и ја подигна својата развлечена кошула, покажувајќи ѝ го влакнестиот стомак, покриен со белези и тртки. Ракот му ги оштети цревата и, за да се олесни, сега имаше ќесе за серење, со кое, пред некое време, зачудено се разбуди на операционата маса. Веќе не требаше да оди в клозет, сѐ течеше директно во ќесето што висеше на неговиот пивски стомак. „Види“, ни рече. И ние гледавме. Гледавме како гомното тече во ќесето. Постепено, како лајното да стоеше во некаква цевка, врз која, сега, некој си ја стави ногата. Влажно, течно гомно, со пена. Како да набљудуваше научен експеримент од прв ред, братучетка ми заинтересирано ја гледаше кафеавата течност во ќесето на Андре. Што друго да прави, чинот се изведуваше специјално за неа. Сите знаеја дека на Андре му се приближуваше крајот и ние ја ценевме леснотијата со која ја чекаше и ја прифаќаше смртта, со плукање во нејзиното лице. Ќе умреше во стил, нема да престане да се забавува, сѐ додека не го издише последниот здив.

„Ете“, рече, „готово, заврши серењето. Уште да пуштам вода“. И веднаш испи едно пиво на екс. „Не знаете колку заштедувам месечно на тоалетна хартија“. Ваквиот црн хумор ѝ се допадна на Силви и го наградуваше со ред бели заби какви што тука никогаш не беа виделе.

„Дајте, на сите, уште по едно“.

Leave a Reply

Your email address will not be published.