Жив песок

диме_данов_1

Диме Данов е роден на 15 април, 1996 г. во Неготино. Основното и средното образование ги завршил во својот роден град.
Поезијата на Данов е сурово реална, чии мотиви се протегаат од гадење кон општеството до нежно опевање на љубовта. Во своите стихови тој создава мрачна атмосфера, која може да се спореди со морничавоста на По, додека ги задржува своите ставови инспирирани од американските бит -поети.
Диме Данов учествувал на неколку поетски читања, од кои, како позначајно може да се издвои Првиот поетски слем во Струмица.
Повеќе од поезијата на Данов може да се најде на неговиот блог http://klosharskimisli.wordpress.com.

 

ЖИВ ПЕСОК

Секс.
Дрога.
Рок ‘ен Рол.
Ебење.
Игла.
Ритам.
Дај загреј ме…
Војна.
Геноцид.
Канибализам.
Холокауст.

Холокауст на нашите страсти…

Урни ми ги спомениците.
Мочај ми на гроб.
Дави ме додека свршувам!

Осквернави ми ја кожата,
како ѕидовите на тунелот,
таму кај што го гледаш татко ти,
во оделото на дедо ти,
бидејќи немавте пари за ново.

„Нов прстен само купивме…
Некако побитен беше.
Стариот го продал
за ќеса заборав.

Иста боја кисели солзи ронам.“

-Велиш

„Исти ко тој ден,
кога ја копав својата дупка.
И не пуштив сандак во неа
туку жив песок ја наполнив,
и застанав стројно,
очајот да ме притиска удолу.
И не се противам..
Пошо велат,
ако се бориш,
побрзо тониш.

И затоа тонам.
Бавно,
болно,
и сигурно.“

 

HI, HOW ARE YOU?

 

Додека моето тело спие
се спуштам по скалила,
минувам катови.
На секој кат се проектира различен филм.
Секој пат е премиера
и само глумците дошле.
Се до подрумот се спуштам.
Овде ги фрламе скинатите ленти,
сценаријата валкани
со дамки од кафе,
костимите кои од страв и срам
не ги носиме.
Не е секогаш пријатно овде,
затоа и доаѓам,
на слатка болка
полиена со вино,
кое го пијам
со лица стари.
Тие,
овде не ги носат
старите рани.
Тие, лица стари
надвор од мојот подрум
се изгубени во маглата.
Но, го нашле патот,
копајќи
по класифицирани тајни.
Го нашле патот до мојот подрум,
да ми кажат само
Здраво.
Како си?

 

EGO AUTEM NON SUM DIGNUS

Ти
шеќерна волна,
млеко и житарки.
Јас
лажен пророк
и валкан светец
Ти
недопрена роса,
магла и ветер.
Јас
груб во чекор
и треперливи раце.
Ти
леш без зборови,
потрошена младост.
Јас
анорексичен гулаб
со крила скршени.

 

БОЛНИ ПТИЦИ

Шепоти ветрот септемвриски
за мигови од старо,
за плачот еврејски,
и горчливите јаболки
кои ги криевме под пазуви.

Го памтам утринското кафе.
Го памтам мирисот на сулфур.
Ги памтам утринските егзекуции.
Го памтам мирисот на смрт.

Ни отекоа очите
катран роневме наместо солзи
смртта ја дишевме
како да беше здивот љубовнички

Очите ни гледаа црно-бело
и често црвено,
кое се слеваше по подот
како кафе од напукнат филџан.

Стоевме со апатија
додека смртта ги косеше
нашите браќа и сестри,
како плевел да биле,
плевел во житно поле.

И тие што останавме
умревме.
Го искорнаа плевелот од нас,
ја искорнаа забранетата љубов,
нечистата крв.

И се’ уште,
како утрински аларм
ги слушам чизмите на смртта,
и нејзиниот марш.
Sieg Heil!!

 

ПЛЕМЕ ДИВИ СВИЊИ

Слушнавте ли за Томе?
Како човек со мирна рака
и милион нијанси на четка,
човек со купица насликани платна
почина без почести…

Слушнавте ли за Томе?
како, на мировен протест
ради некој со авторитет,
добил ќотек…

Слушнавте ли за Томе?
Кога беше исмејуван од вас,
и ближни и далечни,
кога зборуваше за слободата
што ја немаме…

Слушнавте ли за Томе?
Како сите се согласуваа
со неговите критики
кон костимосаните гомна.
А кога дојде нож до коска
сите симнавте поглед
и во единство мрморевте
„Што можеме ние?“

А никој од вас сигурно
не се сеќава на Вудсток!
Оној момент кога
секој беше човек…

А сите се сеќаваме
кога е време за гласање.
Не ги гледаме решетките
но тие се пред нас,
во очите!
во умовите!

Не,
никој друг не ни ги постави,
никаква вонземска раса.
Тоа бевме ние!

Ние и само ние!
Јас!
Ти!
Комшијата!

Политичарите продаваат магла
а цајканите знаат да бидат верни кучиња
и ти го знаеш ова
и тоа многу добро.

А кога иде чичо грујо у маало
сите се собираат околу него
да го чујат тој голем човек
додека зборува со речник
на осмо-одделенка
но со интонација доволно впечатлива
да го опфати твоето мало главче,
да те натера да помислиш
дека овој човек овде
овој човек од месо и коски
е нешто повеќе од тебе!

Под тој костим лежи
твој брат!
Твоја сестра!
Под таа цајканска униформа
лежи човек обичен!
Кој како тебе
си купува леб насабајле…

За секоја болка нанесена,
секое прегладнато дете,
секое болно куче,
секој долг што не гуши,
сме криви самите!

Секој од вас овде
ја држи вината.
Но сепак
и покрај сите ланци
кои не стегаат
можеме да сонуваме!

Ако доволно голем број од нас
сонуваат непрекидно
можеме се промениме.

Познавав еден човек
кој ја имаше способноста
да дише без сметка во банка
и без да гласа.
Не заборавај дека во тебе лежи вината.
Не заборавај дека никогаш
не е предоцна
да сонуваш.

Leave a Reply

Your email address will not be published.