Носталгија

20130314-skopje

Сè што сакаме или ни недостига, сè што било убаво а веќе не е, тоа ли е носталгија? Јас мислам дека мирисот на мајка ми што го користела кога бев мала е носталгија или мирисот на печени пиперки кога се прави ајвар, ме потсеќаат на дедо ми, тоа е носталгија или улицата што веќе не се вика како што се викаше, што ги нема истите малечки продавнички со натписи за попуст рачно напишани и бои кои денес би ги нарекле старовремски. Носталгија е кога се сеќавам каков беше паркингот пред нашата зграда кога се вселивме, а каков е сега, или кога ќе пројдам покрај моето основно училиште, носталгија е кога ќе чујам училишно ѕвонче. Ама да не беше тоа, немаше да биде ни сега ова, а понекогаш толку многу сакаме да се врати тоа, тоа убавото и забораваме на се што било неубаво и на се што не растажило.

Мојот град е носталгичен. Мојот град е некој друг, во мојот град има нови луѓе, мојот град е дом на многу на кои порано не бил. Во мојот град порано научив да возам точак, научив да возам ролери. Во мојот град се шетав во градскиот парк и јадев шеќерна волна. Во мојот град одевме во ГТЦ на шопинг со мајка ми, татко ми и брат ми, а потоа јадевме панцероти од Жито Лукс. Во мојот град имаше сендвичара од времето на мојата баба Чичко Стоилко. Во мојот град имаше Луна Парк и таму јадевме пирошки и се возевме на сударот. Во мојот град имаше еден музеј чиј саат беше застанат кога бил земјотресот во 1963, а во склопот на музејот имаше и креативен центар, таму ме носеше дедо ми. Во мојот град имаше неколку кина како Фросина, малечка сала, таму го гледав Мр Бин, а во летното кино го гледав Малиот Стујард. Кај фонтаната во паркот се возев на количките, ја возев розевата Барби и во Лептокарија се возев на колички, јадевме пуканки. Во мојот град имаше и Мек Доналдс, мајка ми ни купуваше оброк со играчка хепи мил и ги имав сите можни играчки од Лајон Кинг и Убавицата и Ѕверот и Дигимон и многу други. Брат ми собираше колички бураго и екшнмени. Гледавме Бушава азбука, од таму научивме многу, мајка ми ја сакаше Биљарката а сите се плашевме од Јовица со запците, таму научив дека буквата А е како Авијатичар, а буквата Т како тврдо. Имавме и компјутер. Црно бел, со Дос оперативен систем. Го игравме Принцот од Персија, и нинџа. Пресреќни бевме. Имавме и нинтендо, Супер Марио и сите други игри. Мајка ми ни купуваше, а некогаш и ние сами музички цедиња од продавницата АББА во Бисер. Ги имавме сите летни хитови, сите евровизиски изданија, сите македонски хитови, го имавме и Тупак и Еминем со ам сори мама, а и Џенифер Лопез и Бритни. Ерзана беше Ноќна Кралица, а на Магија им требаше магија, Нови дечки правеа Забава до бесвест, а ТНТ сонуваа во боја, ПС пеаа за Илузија и Дарио беше хит, а и Куку Леле со Кучка неверна ама и Искра Трпчева и Адријана Јаневска-пишувам ти треба пишува те сакам оу ај лав ју со. Многу сакав да одам на пазар, на Зелено пазарче ме носеше и мајка ми, а и дедо ми после работа и на Буњаковец, од сите тезги пробував маслинки, бев многу среќна. Во мојот град го имаше и кафичот кај Драмски театар со воденицата таму ме носеше дедо ми, таму си играв. Со брат ми го гледавме и плачевме на цртанот Чудесна шума, а кај дома гледавме во недела Салон Хармони, а другите денови Умни глави и Туфи и двојче. Во мојот град игравме жмурка, и граница и камај камај. Со девојчињата скокавме јаже и ластик. Понекогаш и ние собиравме џамлии, ама затоа бевме експерти за детска пошта и миризливи ливчиња и салветки со сите можни ликови од цртаните, имаше и мазни и прозирни ама најголем хит беа оние со Касандра и Ранду. Сите девојчиња носевме светкави траки на главата исто како Касандра, ама кога излезе Дивиот ангел сите сакавме да бидеме како Наталија Ореиро и ја пеевме Кам дојо долор и во школскиот двор кога големиот одмор траеше 1саат сите ова го игравме. Но косите почнаа да се фарбаат со колор шампон во црвено за сите кои мислеа дека се Марица а шмизлите сакаа да носат кошули со машна за да бидат како Миа Колучи, а машките обавезно беа офарбани со плаво како Мануел, е да тоа беше манијата по Млади Бунтовници. Излегоа и Тату тоа беше хит. Во мојот град постоеше диското Вулкан и Елемент и Кабрио и иако уште бевме основно одевме таму, некој за прв пат ќе се смуваше и возбудено ќе раскажуваше, а некој ќе фатеше дечко или девојка, рекорд на врска две недели. Во мојот град постоеше и Фреш, имаше хот дог долг еден метар и бумбургери со помфрит за 50денари и во центар обавезно се чекавме кај Фреш или на Рекорд. Во мојот град со такси за 50ден можеше да се стигне скоро до сегде. Имавме и телефони нокои 3310 или некој сименс или алкател и си титкавме. Ако ти титнам значи те мислам ако ми вратиш пресреќна ќе бидам и така цела вечер, а недај боже некој да те фатеше многу ќе се наљутевме, зошто сите бевме на кредит и ни остануваа по 8денари колку за титка. Па потоа дојдоа телефоните во боја и си пракавме сликички преки блутут и гледавме смешни снимања како Џогер или Нискоградба Битола. Во мојот град имаше и интернет кафеа, најпознато беше Ентернет во парк, кај што се седеше на мирц и се преправавме дека имаме 17години и имаше разни никови, а најпознатото прашање беше асл плс. Во ентернет имаше и соби за гледање филмови и таму најчесто одеа парови. Постоеше и Инсомнија во Лептокарија, а нашето маалско беше Геч, мирцаш за без пари скоро и беше и собиралиште во Аеродром. Во мојот град обавезно се пиеше бамбус-црвено вино трилитарка и некоја си Бонго кола на клупи во некоја градинка или школо иако надвор е минус 150 степени. Устата потоа ти стануваше црвена а мислевме дека дома нема да не приметат. Додека пиевме некој ќе пуштеше некоја песна од мобилен или нешто српско од типот Тања Савич зашто ме у образ љубиш или Славица Цукерич или некои трансче од Тиесто, и три четири песни се вртат цела вечер. Понекогаш ќе пројдеше полиција со батерии и не бркаа од школите. Тогаш ни беа првите пијанства, се ти е преинтересно, нозете ти се сечат и јазикот ти се плетка, се смееш или некогаш плачеш или изиграваш дека си во бедови, ама битно се натпреваруваш кој повеќе ќе испие. Во мојот град имаше диско Ла Фабрик што се наоѓаше доле во МНТ и таму одеа сите деца од иста генерација, кој со кого се знае, се поздравува, обавезно хит беше Врчак, Поп Перо или Пред да заспијам или црна Гучи ташна пуна кеш и на овие песни се палеа сите. Во мојот град постоеше и друго диско што се викаше Левел и тоа беше на два ката. Во вцњата некој повраќа некој се мие, низ диско некој се мува некој се кара, некој со некого ќе се забутка, што се курчиш или што ме глеаш така и ќе насанеше некоја тепачка па после тоа сите се притресуваа. Во мојот град постоеше и кафаната Опатија во паркот, таму одевме сите деца ама во кафана цело друштво од 30души наредени на една долга маса како за на свадба, а таму имаше обавезно некоја плава певаљка и кога многу ќе се начукавме од шприцер, Смедеревка со Пелистерка кисела вода, можно беше и да станеме да се фатиме на оро. Тогаш секој со секој се поштуваше и сите беа другари. Имаше и една кафана што веќе беше биртија Лаки, карши кафичите АМГ и Бенетон, кај што стално одевме и најчесто пиевме сечен конњак или камикази. Во таа биртија имаше две маси и вц што се затвараше со шибер ама битно беше преефтино и обавезно седеа некои постари пропалитети што ја удираа келнерката за газ, таму славевме Стара Нова Година. Имаше и еден кафич Позитив што беше кај Католичка и се одеше надоле и собираше 30души затоа и таму одевме.

Во мојот град имаше живот, мојот град беше моето Скопје, моето родно место, моите пријателства и мојата љубов, моето детство и моите радости, моите први искуства. Мојот град беше Скопје, а сега веќе е нешто што не го препознавам. Ете ова за мене е најголемата носталгија, моето детство, мојот град.

 

11.10.2013 Скопје

Leave a Reply

Your email address will not be published.