Издаваштвото како книжевен жанр

Izdavastvoto

Би сакал да ви зборувам за нешто што обично се зема како здраво за готово, но потоа се покажува како воопшто неразбирливо: уметноста на објавување книги. И најпрвин накратко би се задржал на самиот поим издаваштво, бидејќи ми се чини дека е обвиен со значајна количина недоумици. Кога ќе прашате некого: „Што е тоа издавачка куќа?“, вообичаениот (и разумен) одговор би бил: „Тоа е секундарна индустриска гранка каде што се заработуваат пари со објавување книги“. А што би требало да биде добрата издавачка куќа? Добрата издавачка куќа би била – ако ми се дозволи тавтологија – онаа за која се претпоставува дека објавува само добри книги. Значи, да дадеме површна дефиниција, книги со кои издавачот се стреми да се гордее наместо да се срами од нив. Од оваа гледна точка, таквата издавачка куќа тешко дека би можела да се покаже како посебно корисна во економска смисла. Објавувањето добри книги никогаш не направило некого стравотно богат. Или, барем не во мера споредлива со она што може да се случи кога на пазарот ќе исфрлите минерална вода, сметач или пластична кеса. Како што се чини, едно издавачко претпријатие може да оствари значителна заработка само ако добрите книги се преплават со многу други работи од различен квалитет. А кога сте преплавени, лесно може да ви се случи да се удавите – и така целосно да исчезнете.

Би било добро да потсетиме оти издаваштвото во бројни случаи докажало дека е брз и сигурен начин да се потроши богат имот. Дури би можело да се додаде дека, покрај рулетот и кокетите, основањето издавачка куќа – за младиот човек од благородничкиот род – отсекогаш било еден од најуспешните начини да ја списка својата судбина. Ако е така, човек се прашува како воопшто улогата на издавачот со векови привлекувала толку многу луѓе – и како и понатаму се смета за привлечна, па дури и загадочна, дури и денес. На пример, не е тешко да се забележи дека ретко која професија толку ја посакуваат некои економски моќници кои често ја стекнуваат буквално по висока цена. Кога таквите личности би можеле да истакнат дека објавуваат замрзнат зеленчук, наместо да го произведуваат, тие би биле задоволни од тоа. Па така, можеме да заклучиме оти издаваштвото, освен тоа што е стопанска гранка, отсекогаш било прашање и на престиж, зашто претставува еден вид спој од работење и уметност. Уметност во секоја смисла, и извесно опасна уметност, бидејќи, кога се занимавате со неа, парите се суштествениот елемент. Од оваа гледна точка, лесно можеме да утврдиме дека малку нешта се промениле од времето на Гутенберг.

Па сепак, ако бегло прејдеме над петте века издаваштво, обидувајќи се да го сметаме самото издаваштво како уметност, веднаш ќе видиме како испливуваат парадокси од секој вид. Првиот би можел да биде овој: на основа на кои критериуми може да се суди за величината на некој издавач? За тоа не постојат библиографии. Можеме да прочитаме многу учени и подробни студии за дејноста на некои издавачи, но многу ретко се наидува на суд за нивната величина како што вообичаено се случува кога станува збор за книжевниците и сликарите. Првата, и можеби најубедлива, нè води до почетокот на издаваштвото. Со печатењето се случил феномен кој подоцна ќе се повтори со раѓањето на фотографијата. Изгледа дека во овие изуми сме биле упатени од учителите кои непосредно ја достигнале недостижната врвност.

Ако сакате да сфатите што може да биде голема издавачка куќа, доволно е да фрлите поглед на книгите што ги печател Алдо Мануцио (1449-1515). Тој бил првиот кој замислува една издавачка куќа од аспект на формата. Овде зборот „форма“ треба да се сфаќа на битно различен начин. На прво место, формата е пресудна во изборот и редоследот на насловите што се објавуваат. Но формата се однесува и на текстовите кои ги следат книгите, како и начинот на кој книгата се претставува како предмет. Затоа вклучува и корици, графика, нумерирање, слог, хартија. Самиот Алдо обично, во облик на писмо или епистолар, пишувал кратки воведни текстови кои не само што претставуваат предвесник на сите модерни воведи, предговори и поговори, ами и на сите клапни, презентациски текстови за книжарниците и денешните реклами. Првпат било назначено дека сите книги објавени од некој издавач можеле да се гледаат како алки од еден единствен ланец, или сегменти од една каиш-книга, или фрагменти формирани од сите книги што ги објавил тој издавач. Очигледно ова е цел на еден издавач, најсмела и најамбициозна, и како таква останала непроменета петстотини години. Ако ви се чини дека станува збор за тешко изводлив потфат, ќе биде доволно само да ве потсетам дека и книжевноста ја губи секоја магија доколку не го крие невозможното во своите длабочини.

Izdavastvo Ќе ви спомнам и за еден издавач од дваесеттиот век. Се викал Курт Волф. Бил германски младич, отмен, богат, но не премногу. Сакал да објавува нови писатели од висока книжевна вредност. Па, основал за нив едиција книги – сосем необични, од вертикален формат – која ја нарекол Der Jügste Tag (Судниот ден), назив кој денес изгледа сосем соодветен за едиција книги што излегувала во Германија главно за време на Првата светска војна. Ако се погледнат овие книги со црна боја, витки и строги, со залепени етикети преку нив како на школски тетратки, можеби ќе си помислите: „Вака би требало да се претстави една книга на Кафка“. И навистина, многу негови раскази биле објавени во оваа едиција. Меѓу нив е и „Преобразба“, со убава сина етикета и црна рамка. Во тоа време Кафка бил млад писател, недоволно познат и крајно ненаметлив. Меѓутоа, Кафка не бил единствениот млад писател што Волф го објавувал. Во 1917 г. во еден алманах што го насловил Vom Jüngsten Tag, Курт Волф објавил текстови на неколку млади автори. Меѓу нив биле и Франц Блај, Алберт Еренштајн, Георг Хајм, Франц Кафка, Георг Тракл, Роберт Валзер, Карл Штернхајм, Елзе Ласкер-Шулер…

На ова место мојата теза би требало јасно да се укаже. Алдо Мануцио и Курт Волф не правеле ништо битно различно, со временска дистанца од четиристотини години. Тие ја практикувале истата уметност на издаваштвото – иако оваа уметност може да помине незабележана во очите на мнозинството, вклучувајќи ги и самите издавачи. А оваа уметност може да се процени во обата случаи со исти критериуми, меѓу кои првиот и последниот е формата: способноста повеќе книги да се обликуваат како да се поглавја од една единствена книга. И сето тоа водејќи сметка – страсно и опсесивно – за изгледот на секое издание, за начинот на кој се претставува. И конечно – што не е помалку значајно – за тоа како таа книга може да им се продаде на што е можно поголем број читатели.

Пред четирисетина години Клод Леви-Строс предложи една од основните дејности на човечкиот вид – т.е. елаборацијата на митовите – да се гледа како посебен облик на бриколаж. Најпосле, митовите се составени од веќе готови елементи, од кои многу произлегуваат од други митови. На ова место скромно предлагам и уметноста на издаваштвото да се земе како еден вид бриколаж. Обидете се да замислите една издавачка куќа како единствен текст обликуван не само од вкупниот збир на сите книги што се објавени во таа куќа, туку и од сите други нејзини составни елементи, како што се кориците, клапните, рекламите, количините испечатени и продадени примероци, и разните изданија во кои е презентиран текстот. Замислете ја издавачката куќа на овој начин и ќе потонете во многу посебен пејзаж, во нешто што не би можеле да го сметате за книжевно дело само по себе, кое му припаѓа на некој специфичен жанр.

Ако ги набљудуваме издавачките куќи од овој агол, појасно ќе ни се укаже една од најзагадочните точки на нашиот занает: зошто еден издавач одбива одредена книга? Затоа што сфаќа дека доколку ја објави, тоа би било како да воведува погрешен лик во роман, фигура која ризикува да ја наруши рамнотежата на целината, па дури и да ја расипе. Другата точка се однесува кон парите и примероците: ако ја следиме оваа линија, ќе бидеме принудени да земеме предвид дека капацитетот на читаноста (или барем, на продаваноста) на одредени книги е суштински елемент за квалитетот на една издавачка куќа. Пазарот – или врската со она непознатото, мрачно суштество кое се нарекува „публика“ – е првиот суд за издавачот, огнено крштевање кое може да согори значителен број пари. Оттука би можеле да го дефинираме издаваштвото како хибриден, мултимедијален жанр. Несомнено е хибриден. Што се однесува до мешањето со останатите медиуми, сега веќе ни е јасно дека станува збор за очигледен факт. И покрај тоа, издаваштвото како игра останува фундаментално; истата стара игра што ја практикувал и Алдо Мануцио. […] А додека трае оваа игра, сигурен сум дека секогаш ќе постои некој што ќе биде спремен страсно да ја игра.

Извадоци од оригиналниот текст што италијанскиот издавач Роберто Каласо го прочита во 2001 година во Москва, каде што се одржуваше изложбата посветена на издавачката куќа Аделфи (Adelphi).

Избор и превод: Ѓорѓи Крстевски

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.