Дивата страна на Чикаго

1 slika

На дофат на дамарите на Чикаго, Соединетите Американски Држави, во музејскиот кампус, главна позиција има еден од најголемите природонаучни музеи во светот т.н. Филд музеј, основан 1893, а поради донацијата од милион долари од страна на бизнисменот Маршал Филд, музејот го носи неговото име. Основниот концепт е оформен преку широка гама на изложбени, научни, истражувачки, образовни и спектакуларни капацитети. Двата милиона посетители годишно имаат ретка прилика да видат исклучителни примероци на растителен и животински диверзитет, минерали, скапоцени камења, метеори, фосили, антрополошки и културни артефакти од целиот свет. Заштитно „лице“ на музејот е најцелосниот и најдобросочуваниот фосил на ти-рекс (односно тираносаурус) во светот кој го носи името Сју и е изложен во музејскиот хол. Дел од турите преку кои ќе останете воодушевени на пребогатите и уредно претставени колекции  се: Цицачите на Африка и на Азија, Салата на скапоцени камења, Подземната авантура, Во антички Египет, Планета на еволуцијата, Древни Америки, а тука се и ДНК-истражувачкиот центар и лабораторијата за препарација на животни, во кои, од зад стаклото можете да ги видите истражувачите кои ги вршат своите дневни активности. Мене, како на Македонец, особен впечаток ми остави сводот на музејот направен во орнамент кој потсетува на сонцето од Кутлеш. Но како што бива обично, во стварност е поинтересно отколку на муабет. Евентуално фотографиите може да говорат нешто повеќе од зборовите.

 Ж.К.

Leave a Reply

Your email address will not be published.