Готика и постмодерна готика

Breathe_by_Gothic_Art

   „Но, готската уметност е возвишена … таа предизвикува
целото битие да се прошири во бескрајноста;
земјата и воздухот, природата и уметноста,
сите протекуваат во вечноста и единствениот
разумен впечаток што останува е дека “јас сум ништо!”
Семјуел Тејлор Колриџ


1. ГОТИКА И ПОСТМОДЕРНА ГОТИКА

Готиката во литературата станува популарна кон крајот на 18 век. Придавката  „готско“ е поврзана со три значења:
⦁    Средновековно, поврзано со архитектурата на 12-14-ти век;
⦁    Неправилно, варварско, во споредба со класицизмот;
⦁    Диво, натприродно, мистериозно.
Станува популарна во 18 век поради влијанијата што се случуваат во општеството, пред се индустриската револуција и промените кои таа ги носи со себе, односно уништувањето на човечкото битие при што човекот станува роб на сили кои не може да ги контролира. Почнува да се возвишува и слави ужасот, да се отфрлаат сите ограничувања и да се истражуваат забранетите области. Сцената во која се случуваат дејствијата најчесто се древни изолирани замоци и мистериозни опатии со сокриени тајни премини, подземни визби, тајни соби…
Големо внимание му се посветува на изразувањето на ужасот окарактеризиран преку нејасноста и несигурноста и ужасот
предизвикан од злото и злосторството. Темнината се појавува како неопходна  состојка за мистериозната и мрачна атмосфера, проследена со појавата на натприродни ликови како вампири, чудовишта и духови.

Првите автори кои  пишуваат  готски дела се Хорас Волпол  (Замокот Отранто – 1764) [1],  Ен Редклиф (Мистериите на Удолфо – 1794) [2],  Метју Луис (Монахот – 1796) [3], Мери Шели (Франкенштајн 1818) [4] .
Во 18 век станува популарна во сите слоеви на општеството преку делата на: Шарлот Бронте, Едгар Алан По, Р.Л. Стивенсон и Брем Стокер (Charlotte Bronte, E. A. Poe, R. L. Stevenson, Bram Stoker). Денес се сфаќа  како продукт на едно општество кое станува свесно за општествената нееднаквост и за зачетокот на денешните хорор романи, филмови и ТВ серии.
Иако се сметаше дека терминот готски е застарен и му припаѓа на некое друго време, во последните дваесеттина година доживува вистинска експанзија во масовната култура. Како резултат на новите општествени промени и брзото темпо на менување на начинот на живот преку „силиконската долина“ и несопирливиот развојот на технолигијата и напливот на технолошки алатки во животот на обичниот човек, преку глобализацијата и појавата на глобалниот тероризам, во постмодернизмот се отвара една нова епоха која се нарекува постмодерна готика. Марија Бевил во своето дело Gothic-postmodernism Voicing the Terrors of Postmodernity [5] вели: „ Карактеризирањето на појавата на готскиот -постмодернизам како нов и посебен литературен жанр вклучува: замаглување на границите кои постојат меѓу реалното и измисленото, што резултира во раскажувачката самосвест и интеракцијата помеѓу натприродното и метафикциското; загриженост со возвишени ефекти на терор и непретставени аспекти на реалноста и субјективитетот; специфични готски тематски средства на прогонување, на двојност, на дуалистичката филозофија на доброто и злото; на атмосфера на мистерија и неизвесност и контра-наративна функција“.

Gothicwallz--gothic-wallpaper-165

Денес „готскo” е многу повеќе од она што претставуваше во осумнаесеттиот век, проширувајќи се  во сите аспекти на популарната култура, кино, мода, музика, особено кај помладата популација нагласувајќи ја готската естетика која Марија Антониа Лима во нејзината студија Парадоксот на ужасот: Темната страна на готската естетика (Marija Antonia Lima – The Paradox of Horror: The Dark Side of Gothic Aesthetics) за постмодерната готика вели:
„Еден од најинтересните аспекти на готиката е нејзината постојана епистемолошка и морална двосмисленост, што резултира од нејзиното внимание кон спротивната природа на сложената реалност, каде што ништо не е она што се чини“.
Секоја голема социолошка промена во воспоставениот начин на живење и функционирање на едно општество и меѓусебните односи на индивидуите во истите носи и културолошка промена. Во последните две децении човештвото се соочи со огромни глобални „тектонски потреси“ во економијата, социологијата, технологијата. Со паѓањето на социјализмот во многу од бившите социјалистички држави се појавија нови предизвици со кои луѓето се соочија, нов систем на уредување, несигурност, национализам, антагонизам, срушен систем на постоечки вредности, транзиција но и најголемиот ужас од сите војни, судири, оружени конфликти. Ужасот почнува да стапува на сцена. На 9ти септември 2001 фантомот на вооружените конфликти кулминира со појавата на еден од најголемите ужаси во историјата на човештвото што се повеќе и повеќе се заканува – глобалниот тероризам.
Новиот век сите го очекуваа и најавуваа како век на голема пресвртница и напредок. Тој со себе донесе глобална економска криза како нус појава на нарушениот „поларитет“ и напредокот – технолошката револуција. Брзиот развој на технологијата, компјутеризацијата, во целост го промени животот на обичниот човек наметнувајќи нови социолошки и културолошки промени.
Во цел овој амбиент пред човештвото се исправи уште еден страв и уште еден предизвик – глобалното затоплување и свеста дека може самите да ја уништиме сопствената планета и животот во неа. Во еден ваков амбиент не случајно се појавува постмодерната готика како тренд во популарната култура.

 

 1.1    ПОСТМОДЕРНА ГОТСКА ЛИТЕРАТУРА

Во литературата започнуваат да се појавуваат голем број на дела кои како тема го обработуваат ужасот, стравот, мистеријата, натприродното.
Се појавува цела палета на популарна литература која во својата тематика користи готски елементи. „Експлозијата на, или “смрт” на, фантастиката и нејзината реинкарнација во форма на готското – постмодернистичко дело, се   се навраќа на бавење со обичните луѓе во вонредни ситуации и со ова се фокусира на ставањето на битен акцент врз природата на индивидуалното и концептот за себе и идентитетот“ со што продолжува Марија Бевил [6] „веројатно, под влијанието на постмодернистичката филозофија, станува централна оска на готскиот-постмодернизам“. Една од најразработуваните теми во готскиот постмодернизам е бесмртноста. Таа се јавува во повеќе форми, дали е тоа вампиризмот, појавата на пранормалното (духови, сеништа..) па се до скок во времето и просторот или воспоставување на еден паралелен свет. Како пример за едно вакво дело е и книгата која е прогласена од многу издавачки куќи како книга на милениумот: седумте книги на Ј.К. Роулинг за Хари Потер [6]. Од самиот почеток се префрламе во еден друг паралелен имагинарен свет, свет без технологија, свет во кој насилството постои но е осудено. Го следиме созревањето на една личност и неговото соочување со злото, соочување со смртта и бесмртноста.

91Влезот во паралелниот свет е преку таен волшебен премин. Главниот злосторник во делото е човек кој израснал како сирак и е опседнат со смртта, односно бесмртноста. Во Готизацијата на серијалот за Хари Потер, Антонио Сана вели:

„Хари Потер романите се карактеризираат со неколку готски елементи и теми.   текстовите се исполнети со теми на злото, темнината, уништување и убиство, отсликувајќи многу темен свет во кој од страна сме воведени преку убиства на Лили и Џејмс Потер и обид за одземање на животот на Хари од Лорд Волдеморт. Според Дебора Ј. Тауб , постојат ” бројни и ужасни случаи на насилство “. Како што веќе наведов смртта е една од доминантните теми на приказната, која ” се движи од чудо , невиност, и комедија кон страв , искуство, и трагедија “( Behr ). Ова е исто така нагласено и од страна на Ана Hiebert  Alton , која тврди дека „романите на Роулинг вклучуваат во нарацијата серија на различни жанрови како што се училишна и детективска приказна, pulp fiction , мистерија и готски приказни“. Поточно, приказната за Хари постојано претставува слики  на прогонување (Хари има кошмари во врска со Мрачниот Господар и болна телепатска врска со него), уништување ( рушевини предизвикани од нападите на приврзаниците на Волдеморт – јадачите на смртта ) и смрт (на неколку ликови)“ [7].

Други теми кои се често присутни во готски текстови кои ја карактеризираат сагата од седум романи се: опсесивното враќање на „моментот на кршење“ (меморија на Хари на смртта на неговите родители), несакани просветлувања (присилни средби на младиот протагонист со Волдеморт ), инвазијата на човечкото тело од непријателски или натприродни лица ( Мрачниот Господар физички и ментално го поседнува Хари – сугестија на сексуална злоупотреба на дете) и мотивот на погрешно протолкуван идентитет ( многу ликови како што се Северус Снејп и Сириус Блек се сметаат за негативци кога всушност се невини или обратно).
Третманот на овие теми се гледа и во дијалозите помеѓу ликовите и објасненијата за смртта [8]„од непознатото се плашиме кога ќе помислиме на смртта и темнината, ништо повеќе“ ; алузија кон компјутерите и виртуелниот свет: [9] „никогаш не му верувај на нешто што може само да размислува ако не можеш да видиш каде си го чува мозокот“; апатичноста и пронаоѓањето себеси: [10] „Индиферентноста и запоставањето честопати прават повеќе штета од отвореното неодобрување“, [11] Вакви времиња, мрачни времиња, им прават чудни работи на луѓето. Можат да ги распарчат“; губењето на „човечкото“: [12] „Ти си тој што е слаб. Никогаш нема да ја осознаеш љубовта и пријателството. И жал ми е за тебе“, темнината: [13] „сите ние имаме и темнина и светлина во нас, битно е со кој дел ќе одлучиме да дејствуваме, тоа е она што сме“ и [14] „Среќа може да се најде и во најтемниот час, само ако се сетиш да го вклучиш светлото “

Во 21 век можеби и еден од жанровите кој е најпродуктивен во масовната култура е токму постмодерната готика со бројни дела како што се: „Тајните на јужниот вампир“ од Шарлин Харис (2001), подоцна адаптирана во тв серија (True Blood); „Самрак“ од Стефани Мејер (2005), Банкет за проколнатите, Невестата на Франкенштајн, Досие Дракула, Заборавената градина, Историчарот, Малиот пријател, Изгубени, Значењето на ноќта, Сенката на ветрот… Бројката на издадени дела од овој жанр е импозантна и во пораст што е индикатор дека постмодерната готика е се поприсутна во популарната литература.

 

1.1    ПОСТМОДЕРНАТА ГОТИКА ВО ФИЛМОТ И ТВ СЕРИИТЕ

frankenstein

Филмот и ТВ сериите веќе долго време играат огромно значење во масовната култура. Постмодерната готика со леснотија го презема приматот во доминацијата на севкупната продукција. Магијата на сликите што се движат во последниов период е несомнено опседната од магијата на необјаснетото, возвишеното  рушејќи ги границите на реалното и рационалното. Напредокот на технологијата допринесува таа магија во целост да ги доловува сите апстрактни ефекти на фикцијата и имагинацијата со сета нивна величественост.  „Духови, вампири, телепатска комуникација, трансформации на телото, и необјаснетиот изглед и исчезнување се сите ирационалени феномени “, кои рутински се наоѓаат во готската фантастика и кои техничките својства на филмските и телевизиски медиуми можат да ги направат реални. Иконографскиот квалитет на визуелните  знаци на филмот и телевизијата, како и дводимензионалната слика овозможува верно презентирање на три димензионалните објекти, дава печат на автентичноста на она што се гледа на екранот, додека електронските технологии на снимање, ги симулираат и звуците на генерално реален начин. “ [15] (Џонатан Бигнел)

Во филмската продукција се појавија филмски дела и тв серии кои доживеаја огромна популарност и беа широко прифатени во популарната култура. Дела како: Вистинска Крв, Дневникот на Вампирот, Дракула, Натприродно, Кралицата на натприродното, Тајниот круг, Интервју со вампирот, Жената во црно, Франкенштајн, Шептачот на духови, Прстенот [16]
Готските елементи на ужасот, стравот, натприродното, непознатото, смртта и бесмртноста, скоковите во времето и просторот нагласени со моќта на денешната технологија се покажаа како добитна комбинација во масовната култура на 21 век особено во прикажувањето на поинакви паралелни светови како и во можноста на портретирање и прикажување на нови демонски суштества. Како да се претстави едно ново суштество на ужасот кое е невидливо а има способност да донесе студ, да ја смука радоста, кое лебди, нема очи и усни- вистински предизвик за новата технологија во претставувањето на постодерната готика.
Успешно решение на Ворнер Брос еден  од најефектните делови во филмот Хари  Потер и затвореникот од Азкабан кое проследено со соодветна музика предизвикува чувство на страв, исчекување, неизвесност, морничавост.
Колку постмодерната готика е денес битна во масовната култура зборува и акцијата на Британската филмска индустрија BFI „Темната страна на филмот“ [17] , за прославата на готскиот филм и телевизија во Обединетото Кралство со настапи во живо, проекции и слични активности од Август 2013 до Јануари 2014 за претставувањето на монструзното, мрачните уметности, опседнувањето со над 150 наслови и 1000 проекции

Хедер Стјуарт [18] , креативниот директор на Британската филмска индустрија по овој повод изјавува: „Со готиката на BFI, Велика Британија ќе биде исполнета со страв поткрепен со страст. Готиката никогаш не била повеќе потентна или популарна, како одраз на турбулентните времиња во кои живееме, на нашите најдлабоки стравови и скриени страсти“.

 

1.1    ПОСТМОДЕРНА ГОТСКА АРХИТЕКТУРА, УМЕТНОСТ, МУЗИКА

BEg7qORCYAAKKfn

Кетрин Спунер [19] сугерира дека “готика е променлива и може да ги исполни културните и критичките потребите на времето “(2006, 156 ), потецирајќи дека готиката е денес привлечна затоа што одговара на „современата страст кон спектаклот и сензацијата“ (2006, 156 ).  Денес готиката како стил на живеење е се поприсутна во масовната култура. Освен во литературата и медиумите се среќава и во новите градби, домови и уметнички дела.
Готиката како архитектонски стил има седум карактеристики кои денес се повеќе се среќаваат во модерните градби: голем, висок дизајн, кој се проширува нагоре со висина и величественост, летечките носачи, зашилените лакови, сводестите тавани, светла и широка внатрешност, „гарголите“ [20] на готската уметност, нагласеност на декоративноста и орнаментиката.
278563598_35bb9fbc67Во постмодерната готска архитектура вакви зданија има повеќе но неколку  се издвојуваат и според нивната грандиозност како и според различната улога во општеството што зборува за сеопфатноста и прилагодливоста на постмодерната готика:
Марина Сити е мешовит станбен / комерцијален комплекс кој зафаќа цел градски блок во Чикаго, новата парламентарна зграда во Лондон и секако грандиозната националната катедрала во Вашингтон чие градење траело 83 години а е довршена во 1990 година. Овие зданија се најдобар показател како постмодерната готика не е како израз застапена само во масовна култура туку е дел и од светската елитна култура.
Во 2001 година (ревидиран во 2003 ), кураторот на Лилит Галеријата од Чикаго Чарлс Александер Мофат [21] , го издава нео-готскиот уметнички манифест објаснувајќи го ова движење: „Готската културата е повеќе од само еден куп на облека и темна уметност. “ понатака продолжува „се започна како дел од панк движењето, бунт против состојбата на статус кво, против владата и “квадратите” . Тоа беше бунт против религијата , против идеите на другите луѓе за тоа што е ” нормално “.
Кога панкот се втурна во нихилизам, готиката отиде во посебна насока и стана похедонистичка , посексуално и религиски ориентирана.
Контекстуално, готиката и она што значи да се биде „готик“ се промени во текот на годините, многу луѓе само потсвесно сфаќаат дека она што тие го прават е чин на побуна.
Ние сме бунтовници. Ние сме општествени бунтовници, чудаци, едно општество во општество, под- култура која е игнорирана до одреден степен , но сепак постои, е просперитетна и станува се повеќе популарна од било кога“.
Мерилин Менсон, Викторија Ван Дајк, Каролин Фолкенрот, Стефани Лин Еванс, Џудит Вератчниг, Елиза Батори, Флориа Сигисмонди и Џеф Лоу [22] се дел од уметниците кои творат дела дефинирани како постмодерна готика. Некои од нивните попознати уметнички дела се: Ева (2001),
Фантазија или реалност (2007) на Викторија Ван Дајк, Едноставна глетка за воспалени очи (2004), Конфронтација на вината (2004) на Каролин Фолкенрот, Искушение (2000), Lady Night (2002) и Молитва за Спасение (2000) на Стефани Лин Еванс [23], која за својата Уметност вели: „Мојата работа е генерално темна  по природата и е претставена како личен одраз на себеси, како јас се чувствувам за другите, и мојата перцепција на светот околу мене.”
Влијанието на постмодетната готика во музиката се гледа преку музиката на рок бендовите, музиката во „готските“ кафе барови но и во филмската и тв индустрија. Кога зборуваме за готска музика прва асоцијација се бендовите како The Cure, Evanescence, The Sisters of Mercy, Bauhaus, Portishead или песните: A Forest на The Cure, The Corrosion на The Sisters of Mercy, Bela Lugosi’s Dead на Bauhaus. Ендрју Фердеј за готската музика вели: “Готската музика, во сите нејзини различни форми, може да се опише на многу начини.

brunettes blondes band kamelot metal music musican gothic metal silverthorn_wallpaperswa.com_90

Таа обично се опишува, со карактеристичен недостаток на имагинација, како морбидно опседната со смртта, како да се биде ‘темен’, ‘мрачен” или “депресивен – описи кои покажуваат комплетно недоразбирање на жанрот. Готската музика, за оние кои се подготвени да ја слушаат наместо само слушање физички звуци кои се пренесуваат, е полна со страст и величественост, убавина, мистицизам и мистерија, терор, насилство, болка, љубов, имагинација, еротиката, хорор, еуфорија, вистина, зло, живот, лудило и ирационално. Готската музика има тенденција да се опише, од страна на оние кои ја разбираат погрешно, само во однос на нејзината темна страна. Таа е ретко опишана во однос на нејзината позитивна страна, но таа треба да биде опишана во однос на рамнотежа помеѓу двете мракот и светлото, позитивното и негативното. На својот врв, таа може да биде толку моќна што го надминува овој опис” [24] . Постојат повеќе правци на готска музика: неокласичен дарквејв, етеричен дарквејв, гот-поп, индустриски гот, готскиот рок, готскиот фолк, готски метал, нео-викторијански гот, стимпанк, дарк амбиент гот…
Но што е со филмската музика. Таа е еден од жанровите во постмодерната готика која е исто во подем и која секојдневно се твори за потребите на филмската и ТВ индустрија. Изабела Ван Елферен, професор по музика на универзитетот Кингстон во Лондон вели: „Готската музика се протега надвор од рамките на ноќните  гот клубови, и музиката од страна на “децата на ноќта во Дракула Брам Стокер е готска, како и растечките лајтмотиви најавувајќи го  немртвиот грофот во вампирскиот филм и морничавите беспилотни трутови во готските телевизиски серии, како Твин Пикс“. Можеби и најубавиот заклучок за оваа музика го дава токму Ван Елферен велејќи: „Дали изразувајќи спектрални суштества на почетокот на филмот, најавувајќи виртуелни насилствата во видео игрите, или интензивирање на ноќните готски ритуали, готската музика не е само мрак: таа ги претставува звуците на таинственото [25] .

 

1.4    ПОСТМОДЕРНА ГОТСКА МОДА И МЕБЕЛ

Ниедна современа културолошка анализа не е целосна ако не се вклучат и двата можеби најкомерцијализирани сегменти во популарната култура: мебел и мода. Готскиот мебел се одликува со масивност, цврстина и богати темни бои [26] . Како и готската архитектура и мебелот е испонет со орнаменти. Специфично дизајнирани карактеристики кои се појавуваат кај готскиот мебел се гарголите, летечките потпорници четворолисните и тролисните форми. Истакнатите арки, плетениците, тешките ткаенини, и масивните дрва се некои други карактеристики на овој тип на мебел. Во современиот готски мебел покрај овие примеси се чувствува и лијанието на постмодернизмот. Постмодерната готика е се присутна во модата и во  дизјнерските кругови. Црниот фустан е неминовен дел од секој женски гардеробер. Облеката инспирирана од готиката отсекогаш била омилена меѓу младите тинејџери кои бараат да ги изразат своите расположенија и личност, и на овој карактеристичен стил може да се гледа како извор на инспирација за многу дизајнери и креатори.
Готскиот стил опфаќа различни елементи кои доаѓаат заедно за да се создаде темно чувство. Се користат елементи како што се темни бои, силна и нападна шминка за да се доловат длабоко емоционални експресии.

284712007663476818_QggjPt4T_c

Од сето горенаведено може да се извлече заклучок дека многумина готиката ја сметаа за дамнешно минато. Многу предзнаци на нејзино повторно враќање во осумдесеттите и раните деведести години од минатиот век беа игнорирани како израз на ексцентризам, фантазија, собир на чудаци, социјални одметници. Но почетокот на 21 век и сите турбуленции кои ги донесе со себе, сите пресврти и реални глобални закани отворија простор за еволуирање на готиката, нео-готиката или постмодерната готика. Се повеќе млади луѓе се чувствуваат како загубена генерација, се повеќе се бараат нови изрази на човековото, на индивидуалното, на смислата за животот, на она на што најмалку му се придава значење а кое го двои човекот од останатите битија, човековиот дух, човековата душа, човековиот живот, човековата среќа, или со еден збор возвишеното, величественото – самиот човек. Затоа и манифестот на нео готската уметност завршува со зборовите „Во теорија ние дури и може да станеме толку популарни што на крајот ќе завршиме како доминантни во општеството, во кое готиката, всушност, ќе стане социјална норма“.

FASHION156-ALEXANDER-MCQUEEN

„И ако тој ден некогаш треба да дојде, нашата индивидуалност ќе мора да се развива со неа, но барем до тогаш ќе имаме драстично променет свет до точка дека станавме нешто повеќе од собир на чудаци за луѓето во метрото. Ние ќе станеме нова социјална група која не може да се игнорира веќе како ни нашата етика и морал, кои се многу длабоко филозофски и имаат вгнездено вистина во нив, ќе станеме нов камен-темелник околу кој постојано ќе се развива општеството.
„Гот“ е за бунтувањето против општествените норми, и пркосејќи им на старомодните сфаќања за сексуалноста и репресивната влада и религија“ [27] .

____________________________________________________
[1] Horace Walpole (The Castle of Otranto -1764);
[2] Аnn Radcliffe  (The Mysteries of Udolpho -1794);
[3]Matthew Lewis (The Monk-1796);
[4] Mary Shelley (Frankenstein-1818)
[5] Maria Beville: Gothic-postmodernism Voicing the Terrors of Postmodernity-2009
[6] Ј.К. Роулинг – Хари Потер и Даровите на смртта
[7] Antonio Sanna- The Gothicization of the Harry Potter Series http://www.kinema.uwaterloo.ca/article.php?id=488&feature
[8] „It is the unknown we fear when we look upon the death and darkness, nothing more“ (Albus Dumledore) – J.K. Роулинг, Хари Потер и даровите на смртта
[9] “ Never trust anything that can think for itself if you can’t see where it keeps it’s brain?” — (Molly Weasley) J.K. Rowling, Хари Потер и одајата на тајните
[10]Indifference and neglect often do much more damage than outright dislike“.(Albus Dumledore),  J.K. Роулинг, Хари Потер и огнениот пехар
[11]Times like these, dark times, they do funny things to people. They can tear them apart“. — Arthur Weasley, Harry Potter & The Half-Blood Prince
[12]You’re the one who is weak. You will never know love or friendship. And I feel sorry for you“-(Хари Потер) J.K. Роулинг, Хари Потер и редот на фениксот
[13]We’ve all got both light and dark inside us. What matters is the part we choose to act on. That’s who we really are“— Sirius Black J.K. Роулинг, Хари Потер и редот на фениксот
[14] “Happiness can be found even in the darkest of times, when one only remembers to turn on the light.” (Dumbledore)  J.K. Роулинг, Хари Потер и затвореникот од Аскабан.
[15] Jonathan Bignell: A Taste of the Gothic: Film and Television Versions of Dracula
[16] True Blood; The Vampire Diaries, Dracula, Supernatural, The Queen of the damned, The Secret Circle, Interview with the Vampire, The Woman in Black, Frankenstein, Ghost Whisperer,   The Ring…
[17] http://www.bfi.org.uk/news-opinion/news-bfi/announcements/bfi-unveils-gothic-dark-heart-film
[18] Heather Stewart, Creative Director, BFI – http://www.bfi.org.uk/news-opinion/news-bfi/announcements/bfi-unveils-gothic-dark-heart-film
[19] Catherine Spooner – Contemporary Gothic
[20] The Gargoyles – мистериозно суштество (во готската архитектура како орнамент е завршеток на сливникот)
[21] Charles Alexander Moffat –The Neo-Gothic Art Manifesto, 2001, Revised 2003. http://www.arthistoryarchive.com/arthistory/gothic/The-Neo-Gothic-Art-Manifesto.html__
[22] Marilyn Manson, Victoria Van Dyke, Caroline Folkenroth, Stefanie Lynn Evans, Judith Weratschnig, Eliza Bathory, Floria Sigismondi, and Jeff Lowe.
[23] Stefanie Lynn Evans: http://www.lilithgallery.com/gallery/stefanielynn_evans.html
[24] http://www.whatisgoth.com/pages/Goth-Music.html
[25] Isabella van Elferen, Gothic Music: The Sounds of the Uncanny (2012)
[26] http://www.wisegeek.com/what-are-characteristics-of-gothic-furniture.htm
[27] Charles Alexander Moffat –The Neo-Gothic Art Manifesto, 2001, Revised 2003.

 

КОРИСТЕНА ЛИТЕРАТУРА

Beville,Maria, Gothic-postmodernism Voicing the Terrors of Postmodernity, 2009
Lima, Marija Antonia, The Paradox of Horror: The Dark Side of Gothic Aesthetics
Sanna, Antonio,The Gothicization of the Harry Potter Series
http://www.kinema.uwaterloo.ca/article.php?id=488&feature
Rowling, J.K., Harry Potter and the Deathly Hallows (2007)
Rowling, J.K., Harry Potter and the Chamber of Secrets
Rowling, J.K., Harry Potter and the Goblet of Fire
Rowling, J.K., Harry Potter and The Half-Blood Prince
Rowling, J.K., Harry Potter and the Order of Phoenix
Rowling, J.K., Harry Potter and the Prisoner of Azkaban
Bignell, Jonathan: A Taste of the Gothic: Film and Television Versions of Dracula
Moffat, Charles AlexanderThe Neo-Gothic Art Manifesto, 2001, Revised 2003.
http://www.arthistoryarchive.com/arthistory/gothic/The-Neo-Gothic-Art-Manifesto.html
http://www.lilithgallery.com/gallery/stefanielynn_evans.html
http://www.whatisgoth.com/pages/Goth-Music.html
Elferen van, Isabella, Gothic Music:The Sounds of the Uncanny (2012)
http://www.bfi.org.uk/news-opinion/news-bfi/announcements/bfi-unveils-gothic-dark-heart-film
Spooner, Catherine – Contemporary Gothic, 2006
http://www.wisegeek.com/what-are-characteristics-of-gothic-furniture.htm

Leave a Reply

Your email address will not be published.