Од стихозбирката „Астрални проекции“

naumche-239x300НЕКОЈ ТАЕН ЗДИВ

Некој  таен здив неотстапно ме следи
Некој таен здив нејасни пораки што ми носи
Недофатливи веди
– соништа далечни и бледи

Некој таен здив што се открива
така како што се насетува песна
Што се открива само тогаш кога сака тој

Од кој ли во мене потон се накрева сега
Кој ли е тоа дел од мојот сон и од моето јаве
Како да се премостат времињата што нѐ делат
Како да се преминат браните
што нѐ изместиле преку толку страни

Некој таен здив а знаен
Некој здив само еден што бил
Ми останал којзнае каде
и во некои други ери
– со нас а без нас –
себеси се бара
Мене ли ме гони –
мене ли ме вика сега

Жален –
предолго ќе молчи а бескрајно ќе вика
Во времиња и во простори ќе пека без ред
Милениуми треба да чека
неговата гневна пена – неговиот вик
да се врати во првиот лик

ПОПУСТО ШТО НА СЕНКАТА МОЖЕ
И ДА Ѝ СЕ ЗБОРУВА

Како неразбудена болест си
во мене што молчи – и како мора
на некоја тајна крстосница во времето
– што ме чека

Ти што ме исполнуваш како страст
и што ми доаѓаш како зрак што боли
Од исконски молк ме довикуваш ли сега
– Од исконски молк
и од некоја ледна страна на сонот
ме викаш и ме будиш

Се приближуваме
и во исто време
– ти од тебе јас од мене –
бегаме пак
Зашто само два замрени здива –
зашто само две изгубени нишки
– од прагревот –
сме биле

Се приближуваме сѐ додека – молкум –
моето отсуство го демнеш
Сѐ додека од себе да излезам – чекаш

Неиздржливо е и в бескрај е растегнато
твоето чекање – твојот молк

СПУШТАЊЕ ВО ВРЕМЕТО

Кон далечно соѕвездие – непогрешливо –
штом ќе започне да плови твојот астрален брод –
толку несвесно
и толку длабоко – уште во предвечерје – си тонеш
Тогаш сѐ така тивко и тивко ќе можеш да сетиш
колку моќно височината влече
Посебно тогаш
кога кон некои прапочетни гревови
како на кланица си ја водиме душата сами

Како по правило
Како по правило –
ние модерните варијанти на Дон Кихот –
повеќе отколку самите себеси –
секогаш ја следиме не својата вистинска сенка –
а својата грешна слика
Секогаш ја следиме
Секогаш ја следиме –
но никогаш не сме ѝ верни

Аstralni proekcii II korica.jpgВО ДЛАБОКА ЗЕМЈА

Во длабока земја ничкум лежам
Така само не му го гледам лицето
на малиот и беден свет

Во длабока земја ничкум лежам
Во длабока земја лежам и сонам
а некои ѕвезди од прапочетокот на светот –
некои сѐ уште неистрошени ѕвезди
невидливо искрат и овде

Во длабока земја ничкум лежам
Така само како да можам
не само да насетам некој подземен ветер
туку и – низ некој несвесно очекуван етер –
бескрајно да се реам
Зашто и само така ќе можам да сетам
двата напоредни света
како си подаваат и си менуваат лета
а космосот со космос –
како меѓусебно си зрачат

Во длабока земја ничкум лежам
Ничкум лежам –
зашто биле лажни страните на светот –
зашто немало ни големи ни мали светови
и зашто – конечно
– и со нас и без нас –
сѐ ќе биде во сѐ

ПРЕД ПРЕОБРАЖЕНИЕ

Зад длабоката и зад темната –
зад камената река – како зад сонот скриена слика –
низ времето што тече
моите веслачи го одвеле коработ веќе

Што да одговорам
Пред далечното –
пред блиското –
пред светлото око
– што да одговорам
Што да речам за тој изминат пат –
за тој недорек
конечната сметка од мене кога ќе се бара
Во себе самиот кога ќе треба
таа недокажувачка лика – таа реч –
да ја глодам
Што да измолкнам
Што да откинам – тогаш – од болката чиста

Од болката кинам
најлесно божем од неа се кине
Најлесно се кине
тогаш кога ни за кинење нема
Не ќе ѝ биде ли товар
уште и оваа леснотија или овој нов пат
кон светлосната болскот

На тој зрак душата
сега што ќе треба да му се врати пак
За него – сега – како да откинам ред

АСТРАЛНА ПРОЕКЦИЈА
(Промислување место вежбата
што веќе требаше да ви ја препорачам)

Неисчистени
– неослободени од земните мори –
кон хоризонтот на сенките плутаме
бескрајно – и жално
та не си го знаеме ни правецот ни целта на патот
Не го знаеме ниту од кармата наша (по)следниот дел

Во некое друго време и во некој друг свет
ќе мораме да се родиме пак
Ќе се повторуваме од почеток до крај –
колку за да ја истресеме од себе прашината
на лажниот ден

Не се родил уште тој
во прегратката со сенката своја
губитник што не бил
– ни тој што за жртва да биде
не му била тајната цел
Место него –
доаѓа некој што не го заумил животот
без почеток и без крај
– некој со подземна река што ќе заплива в сон
и некој зад очите на смртта што гледа

Leave a Reply

Your email address will not be published.