Удвојувањето кај индиректниот предмет

За колебањата во однос на удвојувањето кај индиректниот објект.

Сè почесто во последно време во печатените медиуми и на интернет се среќаваат примери каде што се избегнува удвојувањето на индиректниот предмет, односно се изоставува кратката заменска форма. Поконкретно, станува збор за примери како следниот: Студентскиот претседател се обрати на студентите. Ваквите примери може да ги окарактеризираме како отстапувања од нормата.

Според Синтаксата на македонскиот стандарден јазик од Лилјана Минова-Ѓуркова, индиректниот предмет се удвојува поредовно од директниот, и тоа во следните случаи:

а). кога е претставен со именска група определена со членските морфеми: В. ќе му поднесе детален извештај на генералниот секретар;

б). кога е претставен со именска група определена со показна заменка: Тоа му било соопштено на овој новинар;

в). кога е претставен со сопствено име: Музиката му ја довери на Ерик Клептон;

г). кога е претставен со долгите форми на личните заменки: Ако ти дадам тебе, мене не ќе ми стасаат;

д). кога е претставен со роднински имиња со кратки личнозаменски форми: Ве молам дајте ѝ го букетов на жена ми[1].

Освен кога е претставен со определени именски групи, индиректниот предмет се удвојува и кога е претставен со неопределени именски групи, на пример со еден и воопшто со броевите (Му пристапив на едно навистина привлечно момче) или со некој (Ова му го соопштил на некој свој пријател). Во овие случаи има и колебање, па може да одат и без удвојување, но удвојувањето е повообичаено.

Кога се употребени во функција на индиректен предмет, се удвојуваат и прашалните и релативните заменки (Кому му е нужно сето тоа?; Марко, кому не му беше ништо кажано, дојде случајно), како и општите и одречните заменски зборови (Секому му повторувам; Никому лошо не му мислам).

Удвојувањето на индиректниот објект е вообичаено и кај именските групи што се употребени генерично: Јас постапувам како што му прилега на ученик кога одговара.

Врз основа на горенаведеното, јасно е дека кај првиот пример треба да има удвојување на предметот и тој треба да гласи: Студентскиот претседател им се обрати на студентите.

Ги очекуваме вашите јазични препораки на: mak.katce@gmail.com.

 

Литература:

Минова-Ѓуркова Л. 2000: Синтакса на македонскиот стандарден јазик. Скопје: „Магор“.



[1] Примерите се цитирани од споменатата Синтакса на македонскиот стандарден јазик од Минова-Ѓуркова.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Реалноста на Борхесовата фантастика, нереалноста на Кортасаровиот реализам
За расказите на Борхес и романот „Плочка“ на Кортасар...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *