Таткото на Црвенокосата (За „Ќерката на математичарот“ од Венко Андоновски)

kerkata-na-matematicarotЈа читавте? Книгата навистина почнува од корицата. На корицата стои дека автори на книгата „Ќерката на математичарот“ се Ема Пил, Чарли Хит, Меглена и Алваро Муертес, а дека Венко Андоновски е само уредник на ракописот. Во долниот дел стои бројот пи впишан во петолиние. Кога ќе ја отворите книгата, ќе видите дека во неа, буквално, е вметната уште една помалечка книга, која има наслов „33,33 (Акорд Светлина)“, а за чии автори се сметаат истите оние од „Ќерката на математичарот“. На маргините од Големата книга, во оној дел каде што е вметната Малата книга, се испишани стилизирани интерпункциски знаци.

Вака некако изгледа првата средба со книгата. Искусниот читател, особено оној што ги читал претходните дела на Венко Андоновски, веднаш ќе претпостави дека Андоновски повторно си играл со сите возможни наратолошки постапки што му стојат на располагање, а, верувајте, кога еден професор по наратологија ќе реши во својот роман да „распали“ со својот наратолошки арсенал, ниеден жив читател не може да му го фати крајот. И на најупорниот читател ќе му бидат потребни неколку многу внимателни читања за да ги фати сите конци и да направи некаква, каква-таква, деконструкција на тој аспект на дискурсот. Затоа, јас нема премногу да се занимавам со деконструкција на тој аспект, туку само ќе речам дека тука има што ви душа сака, па повелете, особено ако сте студент по книжевност, расчитувајте. Јас, чисто за своја душа, бидејќи не можам за сѐ да проговорам, сакам да проговорам за она што мене ми го привлече вниманието во овој роман.

Уште пред да излезе романот се зборуваше дека Венко Андоновски пишува роман за Тоше Проески. „Аха! Оди на бестселер“, веднаш почнаа циниците. „Не, човекот навистина му се воодушевувал на Тоше, неговата смрт го трогнала. Просто, инспириран е за него да напише роман“, зборуваа оние што во сѐ гледаат љубов. Којзнае кој е во право. Не е ни важно, важно е дека вниманието на чаршијата беше привлечено, книгата уште неизлезена, а муабетот веќе врви.

И навистина, главниот лик во Малата книга се вика Тео, сѐ во неа наведува дека се работи за алузија на Тоше Проески. Малата книга е патетична (со значење: возвишена, исполнета со pathos) и мелодраматична. Роберт Алаѓозовски многу прецизно жанровски ја дефинира како хагиографија. Мелодраматична е пред сѐ поради бинарната опозиција: наспроти Тео, кој е носител на Светлината, постои и Темниот, кој му завидува и кој по секоја цена се обидува да му наштети (истата опозиција, се разбира, се јавува и во Големата книга во ликовите на Математичарот и на Алваро Муертес, бидејќи структурата на целиот роман е огледална), но мелодраматична е и поради својот мелодраматичен deus ex machinа крај.

Носечки лик, пак, во Големата книга е Ема Пил алијас Црвенокосата. Во книгата за Тео таа е Малечката, а овде е малечкиот детектив што смртно се вљубува во мистериозниот Алваро Муертес и прави фама околу таа своја судбинска љубов. Сите ликови во книгата работат за неа: и Меглена, и Чарли Хит, и татко ѝ, и сестра Евлантија. Сѐ се врти околу нејзината каприциозна природа. Таа пали и жари низ целиот роман. Лета со авиони, откопува гробови, упаѓа во туѓи станови. Триста чуда прави. Ја има насекаде, стигнува на сите места. Стигнува, дури, да биде и deus ex machinа во романот.

Но! Она што мене ми го привлече вниманието во овој роман е умешноста на Андоновски да го заведе читателот да се занимава со приказните што се ставени in praesentia (во прв план, изложени на светлото од ламбата), а in absentia (во сенка) да ја смести есенцијата на својот роман, приказната за Математичарот. Дури и во самиот наслов на романот може да се препознае таа игра со центарот и маргината, па така, во синтагмата „ќерката на математичарот“, ќерката (Црвенокосата/Ема Пил/Јована/Малечката) е носителот на синтагмата, таа е центарот, а нејзиниот татко, Математичарот, се наоѓа на маргината, т.е. во нејзината сенка, иако низ целиот роман, и во двете книги, се раскажува неговата приказна: приказната за бројот пи (3.14), приказната за потрагата по Бога, приказната за потрагата по бесмртноста. Математичарот може да се чита како нуклеусна метафора што произведува значење. Во богатото семантичко поле на тој лик влегува речиси целата филозофска заднина на романот, таму се крие неговата имплицитна порака. Токму затоа тој лик не е ставен на ачик, туку како некој зен-мудрец, како некој deus otiosus, дозволува другите да веруваат дека околу нив се врти светот.

Венко Андоновски е еден од ретките писатели што умеат да флертуваат со целата читателска публика. Тој знае како да ги придобие и читателите на љубовни романчиња, и студентите по книжевност што се палат на постмодернистички финти, и оние што бараат некаква длабока филозофска порака во книгите што ги читаат, па дури и оние најарогантните (а тука и јас кревам два прста), кои, секако, ќе му замерат за патетиката, за мелодраматичноста, за баналните дијалози помеѓу ликовите. Дури и тие, ако се внимателни, ќе забележат дека за нив оставил едно метатекстуално пусулче во есејот „Чуда“ од Чарли Хит. За оваа умешност му симнувам капа. Но…

p.s. Драг професоре, следниот роман нека биде прост и строг. Едноставен. Оти едноставноста е врвот на мајсторството, а Вие тоа, и тоа како, го знаете.

Leave a Reply

Your email address will not be published.