Лемур

andra-rotaru

Андра Ротару (1980) е ново име во романската поезија, кое веќе гради успешна меѓународна кариера. Живее во Букурешт. Работи како новинар во културата и уредник е во неколку книжевни списанија. Основала и менаџирала неколку еснафски здруженија: Агенција за книги, Здружение за книжевни авторски права, била директор на Федерацијата на издавачи и книжари. Организира поетски читања и иновативни поетски настани по уметничките галерии, клубовите и пабовите низ Романија. За својата дебитантска книга поезија „Во постела под белите чаршави“, 2005 година добила неколку еминентни книжевни награди, „Михаил Еминеску“, „Тудор Аргези“, наградите на писателите од Сибиу и Букурешт. Списанието „Магазин 22“ ја прогласува за еден од најдобрите современи романски поети. Третата книга поезија Лемур, од 2012 година била прогласена за најпродавана поетска книга на саемот во Букурешт и наградена за најдобра поетска книга. Нејзините песни се преведени на француски, шпански, англиски, арапски, германски, еврејски, чешки итн. Учествувала на повеќе фестивали, книжевни резиденции и била официјален гостин на неколку значајни книжевни саеми.

Во Македонија Ротару годинава беше прва  гостинка на книжевна резиденција „Апсолутно модерен“, којашто ја организира издавачката куќа „Готен“ под покровителство на мрежата за превод „Традуки“.

 

Лемур

се мачка со путер, составот продира во брчките на месото;
трае сè дури надразнетите пори
се отворат уште повеќе,
сè дури од нивната срж не избие ново, дрчно месо,
сè дури трупот не се соедини
со органите.

се гледаме очи в очи –
крвната краста нè поврзува
сè до зглобовите на рацете,
за неколку мига на неизвесност
усните стремат во таа насока.

не постоиш, ти реков денес;
мислам дека си отелотворување
на моите психички состојби; не смеј се,
утре се разделуваме,
те сакам, знаеш понекогаш.

***

немаше во мене доволно простор таблетката
за да не заштрака;  ја земав секое утро,
неколку мига посматрајќи се во огледалото:
си го опфаќав вратот со дланките
и гледав како се движат тие 75 mg
низ душникот; на дното од грлото купчето
личеше на ритче ископано среде поле.
по неколку минути немаше повеќе
облик на релјеф. во тој временски интервал
гркланот не тежеше повеќе од 75 mg.
приближно 10%  од тежината на еден полумајмун.
со парче животно голтнато
секое утро, сето тоа можеше да помине
мошне добро:
максимални нивоа на беснило. би знаел дека беше во право:
наликува на оргијастично-анксиозен синдром.
неизбежните падови би биле надоместени
со други неколку mg.

 

Нов

суров си,
во убава  куќа, после долго време.
одвај заврши полнењето на празните предмети
со полни,
одвај се оддалечија старите агли.
во потполна чистота е нивниот тивок смев,
ôдот на прсти.
на секој мој чекор ги креваат главите.
ми се испружуваат врз градите кога срцето се исправа
божем старец в пустина.
таму стоиме заедно
кога пладневното сонце најсилно блеска.
со своите топли рилки бараат согласност да ми го променат воздухот.

им дувам во ноздрите, а во нив ветриња.
тука завршуваат бескорисните протегања.

во убава куќа низ која немам време
да талкам. ни време да чекам за да ја положам раката
врз вашето теме,
да го почувствувам вашиот мек кожув.
имам време само да поминам, да ги затворам новите врати,
да ги испрскам старите исушени агли
со згмечени овошки во дланките, небаре гладот
што избива од кревките тела
не постои повеќе

 

Ден  1

ме изненади в постела, со раширена ношница,
со колената во уста.

 

Ден  2

Ништо

 

Се нарекува лемур особено во есенските дни.

Го прашувам што значи, а одговорот е едноставен:
сè што има врска со фрлањето бонбона
в дланка. повторно го прашувам и ми вели:
денес сретнав ѕвер без сили.
ја извадив бонбоната од устата
и му ја ставив под рилката, в шепа:
лемур. и? што стори? сè уште не му беа израснале влакната.
врз глуждовите на нозете имаше дрвени јазли.
и? ми вдиша в лице.
со рилката ја измазни бонбоната, не му беше по волја.
кога одново ја ставив в уста
поинаку ја почувствував врз непцата.
вкусот наликуваше на нејзиниот мирис, таа продолжи да диши
ширејќи топол здив околу муцката.

мене ме препознава по белото  торзо.
седнува врз зелената трева кон која ја насочувам.
има големи, сини очи. сè уште не е лемур.
оди насекаде, можеме да тргнеме кон шумата
на чиј крај има бездна.
рече: ти одбери. избрав по игра на случајот,
без да знам дека ќе стане лемур.
тргнав удолу. ме следеше со насмевка,
во црн кожув, кој речиси ја прекриваше цела.
потрчав, свиреж. извикав. ништо не се гледа.
звукот се изгуби во градината со јаболкници.
во градината со костени.
во градината со куќи што секој миг ќе паднат.
склопчени како џуџиња. на мала височинка.
го вдишуваме топлиот здив што излегува низ ноздрите.
лемурот се потпира врз предните шепи сè повеќе,
свртен кон мене, ми ја повторува постапката.

ова бело торзо меѓу нас.
ова торзо сака да го почувствува.
десно од нас купче расипани јаболка,
лево од нас  купче зрели јаболка.

ноќе му е страв од телото. ми вели дека во мракот
може да го види само тоа што е бело.
дека моите очи би му одговарале. кога се оддалечува
од рацете ја трие црната прашина.
ги става врз клепките.
сините очи брзаат кон моите сини очи:
никогаш повеќе нема да се видиме.

 

Враќање

не си го замислував така враќањето:

под стапалата зрнца талог,
тркалајќи се при секое движење.

како што се чувствуваат туѓинците кога ги сонува некој,
напнување на рацете што стегаат, нови миризби.
ноќеска го усовршив гестот,
сосема, до крај:

зедов без да ми се даде, чував кришум
сè до состојбата на бдение.

корените останаа длабоко забиени, во истиот грунт

никаква разлика
помеѓу виткањето на колената и коленичењето.

никаква разлика:
посакувани гестови и тежина на корените

 

Препев од романски: Лидија Димковска

Leave a Reply

Your email address will not be published.