Романче на годината

jadica resized

(За „Јадица“ од Владимир Плавевски)

Полека, не фаќајте се веднаш за насловот, и тоа ќе кажам, зошто „романче“. Веројатно никогаш немаше да го прочитам романот „Јадица“ од Владимир Плавевски да не ја добиеше наградата „Роман на годината“ од „Утрински весник“. Дури и ако, по некоја случајност, го прочитав, немаше да седнам да напишам текст за него. Но оваа книга доби престижна книжевна награда, доделена од сериозна жири-комисија, во сериозна конкуренција, така што ред е да се отвори муабет.

„Јадица“ е класичен роман-акција, со многу наративни јадра, со многу активна приказна, но со слабо изградени ликови. Ликовите трпат токму поради приказната, која, речиси без застанување, ита кон својот крај. Главната приказна, раскажана од ликот Најден Петковиќ (подоцна Најден Дреноски), дете пораснато во дом за деца без родители, е сместена помеѓу Пролог и Епилог. Прологот и Епилогот претставуваат службени белешки од информативни разговори со инспектори на УДБ. Тоа се, всушност, псевдоцитати чија функција е да ја зацврстат фиктивната приказна на Најден во историографската стварност на која реферира, а тоа е Македонија непосредно пред и по Втората светска војна. Ова постапка, која е една од карактеристиките на историографската метафикција, е најдобриот потег што Плавевски го прави во структурата на романот. Тоа што се наоѓа внатре во оваа рамка е приказна раскажана во едноставен реалистички дискурс. Приказна лесна за читање, но истовремено површна. Но, којзнае, можеби таква и треба да биде, со оглед на тоа дека е раскажана од Најден, лик што е необразован и што животот го поминува лепејќи некролози по бандери.

Реалистичкиот (фактографски) дискурс го нагласува и жири-комисијата што му ја доделува наградата, наведувајќи дека е тоа тренд во светската книжевност денес, но дали е тоа пресудно еден роман да биде прогласен за роман на годината? Јас мислам дека причините за доделувањето на оваа награда се вонкнижевни. Плавевски во „Јадица“ отвора општествени прашања што се актуализираа кај нас последниве неколку години. Тој ги отвора егејското прашање, прашањето за информбирото и за Голи Оток, но со вклучувањето на службените белешки од УДБ, можеби суптилно, го чепка и прашањето за лустрацијата. Дали се ова вистинските причини поради кои „Јадица“ е прогласен за роман на годината? Затоа што, ако мериме со книжевнички аршин, овој роман е далеку од „Очи со боја на чевли“ на Петар Андоновски и од „Ненасловена месечева соната“ на Давор Стојановски, кои бараат сериозни имплицитни читатели. За едниот роман веќе пишував, а за другиот ќе пишувам во следниот број на „Репер“. Другите два романа што влегоа во најтесниот избор за „Роман на годината“ („Ќерката на математичарот“ од Венко Андоновски и „Фотосинтеза“ од Игор Анѓелков) сѐ уште ги немам прочитано, така што за нивниот квалитет сѐ уште не можам да коментирам.

Да се разбереме, „Јадица“ е добар роман. Интересен е за читање. Јазикот е убав, го доловува хронотопот во кој е сместена приказната, а приказната влече, те тера да продолжиш да ја читаш. Ама добар е за на плажа, а не за да биде прогласен за роман на годината. Тоа не е роман во кој подвлекувате места што ве оставиле без зборови. Тоа не е роман што ќе ве натера да подзастанете да го затворите и за миг да се подзамислите. Тоа не е роман што ќе го препрочитате двапати со надеж дека вториот пат ќе ви се отвори цел еден нов свет. Тоа не е роман што бара спроти себе начитан и строг читател.

Токму затоа она „романче“ во насловот. Како „филмче“: ти се бендисало, ама можело и без него да се помине.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.