За поезијата – поетски вдахновено, умно и учено

(Кон „Зоон поетикон“ – аспекти на современата македонска поезија од Владимир Мартиновски, Скопје, Кликер книги, 2013)

(Кон Зоон поетикон – аспекти на современата македонска поезија од Владимир Мартиновски, Скопје, Кликер книги, 2013)

vladimir-naslovna

Ракописот на Владимир Мартиновски Зоон поетикон претставува вредно збогатување на македонската критика и херменевтика на поетското творештво. Толкувањето стихови во последно време станува сè поретка и токму затоа и поскапоцена дејност, од едноставна причина што поезијата, колку и да се раѓа во непоетско време, жилаво опстојува низ вековите и, се чини, не се откажува од својата иднина.

Поезијата е специфичен знак на распознавање на македонската култура, та токму затоа стручните, експертски, вдахновени, култивирани и естетски валидни коментари од Владимир Мартиновски по повод значајни процеси и пројави во македонската поезија можат да се сметаат како ретко богатство, што не само што заслужува да се претстави пред македонската читателска публика туку и да се препорача како неопходна критичко-толкувачка алатка при контактот со современата македонска поетска реч.

zoonТриесетте есеи поместени во овој ракопис зафаќаат широк спектар поетски објави од различен вид: колективните поетски преокупации на младите македонски поети, необичната популарност на хаику-поезијата во Македонија, интермедијалноста како поетска доминанта, но исто така и специфичните поетски светови на Блаже Конески, Ацо Шопов, Славко Јаневски, Цане Андреевски, Радован Павловски, Влада Урошевиќ, Богомил Ѓузел, Михаил Ренџов, Катица Ќулавкова, Ристо Лазаров, Тодор Чаловски, Никола Маџиров, Лидија Димковска и многу други поети.

Текстовите се организирани во дванаесет тематски целини што опфаќаат исто толку специфични аспекти на толкување на поезијата. Таа се разгатнува од аспект на нејзината поврзаност со митот и ритуалот, како и во контекст на присуството на материјалната имагинација во неа. Патувањето, егзилот и сонот се истакнати како специфични јадра околу кои ротира еден солиден поетски фонд, а проблематиката на интермедијалноста е загатната во две целини што се однесуваат на односот на поезијата кон сликарството и кон звукот.

Со посебно внимание се третираат поемата и хаику-песната како специфични поетски жанровски категории, а мошне креативно, истовремено уметнички и научно, се согледуваат творечките паралели меѓу одделни поети, како и епохалното значење на Кочо Рацин за македонската поезија.

Напишани со истенчено чувство за поетската уметност (авторот на овие есеи и самиот е поет), со богата упатеност и висок степен на познавање на проблематиката и со изразен истражувачки нерв, сите текстови поместени во овој ракопис претставуваат вреден прилог кон македонската книжевна критика и воедно интересно четиво за пошироката читателска публика.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Одломки од книгата „Кога ни гореше под нозете“
Одломки од книгата КОГА НИ ГОРЕШЕ ПОД НОЗЕТЕ од Катица Ќулавкова.
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *