Утешенија

katica-naslovnaКатица (Ката) Ќулавкова е родена на 11 декември, 1951 година во Велес, Република Македонија. Таа е поет, теоретичар на литературата и есеист. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје. На истиот факултет магистрирала, а докторирала на Филолошкиот факултет во Загреб, Хрватска, во 1986 -та година. Денеска, таа работи како редовен професор на катедрата по Општа и компаративна книжевност, на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Досега била вклучувана во повеќе научно-истражувачки проекти, била учесник на повеќе интернационални поетски фестивали, симпозиуми и истражувачки проекти (Париз, Истанбул, Москва, Харвард, Неапол, Солун, Лахти, Родос, Загреб, Струга, Лисабон, Мерсеј…). Нејзините песни се преведувани на повеќе јазици и објавувани во избори на современата македонска поезија.
Таа е член на Македонската Академија на Науките и Уметностите, на Македонскиот ПЕН Центар, на Друштвото на писателите на Македонија, на Друштвото на Компаратисти на Македонија. Претседател на Комитетот за Превод и Јазични Права на Интернационалниот ПЕН. Главен уредник на интернационалното електронско издаваштво за поезија, фикција и есеистика, Diversity/Diversite/Diversitas/Raznolikost.

„Љубовта почнува дома, најпрвин дома“
Homage за Мајка Тереза Блажената
Гонџа Агнес Никола Бојаџиу

1.

Се роди во земјата на
Големата Мајка.
Фигурина.

2.

Дел свој остави
крај Аксиј, Агнес.
Се скрши – да се споиш.

3.

Љубовта почнува дома,
Ако ја нема,
бараш нов дом.

4.

Срцето патува
од Скопје – Калкута.
Пат на милоста.

5.

Небото и земјата
се Едно. Ги тешиш
отфрлените.

6.

Кога надежта е
Излишна, време е
за утеха. Крај.

7.

Немаа дом за
живеачка. Имаа
за умирачка.

8.

Ти го избра Патот
А Господ – Тебе.
Пребиравте. Со стил.

9.

Насмеј се на нашата
алчност – да бидеме
сè што не сме!

10.

Ако се радуваме
еден на друг –
дали ќе нè биде?

11.

Вели – не нè изумил.
Прашам ли што памти –
Само плаче.

12.

Богатите – сè поретки.
Гладните сè побројни.
За грев.

13.
Се враќаш кај срцето.
Дребна трошка
за голема Памет.

14.
Ако ти кажам – ни фалиш,
ќе ја пополниш ли
празнината?

15.

Ние спориме
на кого личиш, а
Ти растеш, Блажена!

16.

Долгоденица.
Летен Вртолун.
Иста светлост за сите!

17.

На толку стравови,
ти треба ли и стравот
од глад, Боже?

18.

Јагне, јадро на цветот.
Многу имиња –
сал едно Дело.

19.

Да нема одмазда.
Да има Век –
на сите чеда – чеда.

20.

Велиме – цело е
кога има сè.
Но никогаш нема.

21.

Претураш живот
од шупливо во празно.
Полно во полно.

22.

Обожавање,
па мисија. Роб –
на работ од животот.

23.

Ако немаш дом –
ќе го создадеш.
Од љубов. Кај и да е.

Leave a Reply

Your email address will not be published.