Поезија за најмладите

По повод Светскиот ден на поезијата, објавуваме поезија за најмладите

poezija_za_deca

Пролет  

Пролет, пролет,
дојде веќе,
ни донесе
китки цвеќе,
сончев блесок
како злато,
распеани
птици јато,
по дождот како
мост што стои,
бујна трева
в ширно поле,
развигорец,
весел, волен…
Пролет, пролет,
дојде веќе,
ни донесе
китки цвеќе.

Душко Аврамов

Мајски цвет 

Крај поточе мирис лее
еден мајски свет,
а прчеличка брмчи, пее:
– Дај ми малку мед!

Цветот личен ѕвони, ѕвони,
радосен е тој:
Збери, збери, за дечиња
ти од сокот мој!

Таква љубов каде има,
кој на овој свет?
Меѓу мала вредна пчела
и мајскиот цвет.

Видое Подгорец

Пчели 

Над липов цвет пчели мали
леткаат во дружен лет,
да соберат, да направат
за децата сладок мед.

Та да крепнат сили гради
како утро в мајски ден,
да пораснат деца млади
мажи здрави како дрен.

Гого Ивановски

Верверичка 

Не сум дете, не сум птица,
јас се викам верверица.
По гранчиња се качувам,
на лованџии порачувам.

Кој ловџија дојде ваму,
да ме бара ваму – таму,
јас ќе бегам кај ќе видам,
ама близу не ќе бидам.

 Ванчо Николески

Со оваа песна 

Со оваа песна сегде се патува,
во неа лавот со ѕвезда се ракува!

Срната крај поток планински што спие
раскажува како ветрецот се мие.

Од најголем камен изутрина прво
излегува птица, израснува дрво!

Тревките го молат месечко да слезе,
со него во сонот детето да влезе.

Од небото шеќер со раце се зема,
куќите се движат, тагата ја нема.

Во реките млеко место вода тече,
на сончеви дланки и лебот се пече…

Со оваа песна сегде се патува,
сегде се стигнува, сегде се свратува!

Стојан Тарапуза

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Црно-белото јагне и белиот црнец
Ретко е авторот чиј дебитантски роман шармира со новини и со искреност...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *