Патување низ зборови

На 10 март во Младинскиот културен центар се одржа долгоочекуваната промоција на куќичка за птици-преселници – втората поетска книга на Ѓоко Здравески. Без промотивни говори. Саде поезија. Патување од реката до морето. Онака како што и доликува/треба да се промовира една поетска книга, бидејќи како што вели овој бушав поет: Поезијата не смее да зависи од ништо, таа мора самата себеси да си биде доволна.

Голем дел од оние што бевме присутни со оваа поетска книга веќе имавме патувано од реката до морето. Но бевме таму, затоа што сакаме тоа патување да ни се случува повторно, и повторно, и повторно… И секогаш ни е барем малку поразлично од претходниот пат. А секогаш со истата доза на емотивност: никогаш без морници по телото, без солза скриена во окото или без кнедла застаната во грлото – независно дали го читаме или го слушаме Бушавиот. Затоа, и на оваа промоција, во некои моменти како оној кога Ѓоко ни ја кажа својата заминување не знаевме што попрво да направиме: да ги совладаме морниците, да ја скриеме солзата, да ја голтнеме кнедлата или да аплаудираме… или да си ја дозволиме онаа минута тишина што ни беше потребна за да продолжиме со патувањето. Добро е што оваа промоција се случи дури сега. Најчесто, на промоциите, луѓето одат на непрочитано, нечуено, невидено… Ние на оваа промоција отидовме на прочитано и не затоа што со Џоле сме си играле во маало или затоа што со него сме јаделе стапчиња од фурната во Чаир и(ли) лиснато со маслинки откај Мајче, ниту затоа што со него сме учеле на Филолошки или затоа што сме настапувале на исто поетско читање – отидовме затоа што сме влезени во неговата куќичка за птици-преселници и ниту можеме, ниту сакаме да излеземе од неа.

Фотографија: Ана Ростокина

Фотографија: Ана Ростокина

Ама на промоцијата присуствуваа и луѓе што претходно само малку, попатно ѕирнале во куќичката и ги заинтересирало што има внатре. Патувајќи од реката до морето, и тие влегоа во куќичката. И иако таа е за птици-преселници, сега, ни тие не сакаат да се селат од неа, оти во неа, секогаш ѝ е топло на душата. Веќе многумина сме насобрани во куќичката – нѐ збира.

Ако минатиот понеделник, во периодот од 20.30 до 21.30 сте поминале покрај МКЦ и ви било чудно зошто надвор е толку чудно, еве зошто: таму внатре, гласен беше еден патувач што се чуди што го викаат песник. Гласен беше и кога молчеше, особено во миговите кога веќе нѐ одведе во морето. Ако, пак, сте поминале во периодот од 21.30 до 22.30 и ви било чудно зошто се насобрале толку повеќе луѓе од вообичаеното, еве ви ја причината: ни требаше мало соземање по патувањето од реката до морето. И не ни требаше за нешто друго, туку за да можеме пак да заминеме на тоа патување.

Ако сакате да дознаете како изгледаше тоа патување, еве можност… Преку фотографии, кратко видео и искажувања во кои се поместени импресиите на неколкумина од оние што во понеделникот патуваа со поезијата на Бушавиот.

[vsw id=”TS-zR5VwiDU” source=”youtube” width=”600″ height=”450″ autoplay=”no”]         

Немам многу доверба во синтагмата „настан на годината“, ама имам чувство дека промоцијата на „куќичка за птици-преселници“ од Ѓоко Здравески е културен, поетски, духовен настан што ќе се памети многу години. Барем меѓу луѓето што имаа среќа да бидат на 10 март во МКЦ. Тоа беше вечер на убави парадокси. Иако најголемиот дел од присутните ги знаевме песните на Ѓоко наизуст, ги слушавме со „отворени уши“, небаре ги слушаме по првпат. Иако настапија двајца (поет и гитарист), изговорените стихови и отсвирените рифови се проникнуваа и се претопуваа, небаре излегуваат од ист извор. Иако слушнавме врвна поезија и музика, можеа да се чујат и безброј облици на исполнета тишина. Иако настанот се одигруваше во ходник (а ходниците обично се места за џагор и лобирање), тоа беше вечер на една долга и спокојна поетско-музичка медитација. Иако на моменти имаше интимна атмосфера на камерна музика, излеговме и со чувство дека заедно сме го ислушале најновиот албум на некоја рок-група. Иако во промоцијата беа изоставени вообичаените долги учени беседи, уште еднаш се покажа и докажа дека е најдобро поезијата да говори самата за себе. Иако поетот накусо и вешто ни ја објасни разликата меѓу линеарното и цикличното време како подлога на устројството на книгата, токму изведбата на песните ги бришеше тие разлики. Иако пловевме и во „река“ и во „море“, неретко и лебдевме. Иако беше 10 март, по завршувањето на настанот имаше повеќе прегратки од масовните пречеци на Нова година. Додека се прегрнувавме, се сетив на стиховите од Бретон: „Поетската прегратка е како телесната. / Додека трае ни ја затскрива сета беда на светот“.

Владимир Мартиновски

Медитативно патување низ простори и времиња што постоеја овде и сега. Сноп светлина, а во него речта на песникот и мелодијата на гитарските рифови. Едноставно, топло како прегратка со мигови во кои тишината зборуваше и параше низ просторот, а зборовите останаа да тихуваат длабоко во секој од нас.

Даниела Стоилкова 

Промоцијата на Ѓоко Здравески – мелем на душа. Чисто патување низ зборови, бескрајно топла изведба, како гушкање со секој изустен стих, секоја отсвирена нота. Бездруго, поет што своите вертикали и хоризонтали ги зачувува како клопче време, скриено во „куќарката за птици-преселници“. За некој нов лет да го одмота и да раскаже нови нешта. Зрел, медитативен и искрен, Ѓоко, во вистинска смисла на зборот, пренесе чистина и лична Вистина. Уживање беше да се гледа и да се биде дел од таква беседа.

Ана Голејшка 

Минималистичката и едноставна поезија на Ѓоко е ненаметлива метафизика, која неповратно ве освојува со својата емотивност. Враќање на вистинската и колективна емоција во поезијата – тоа е нејзината новина, нејзиното ветување. Таму живеат сплотени урбаното на Бранко Миљковиќ, Киш, плачот на Јужна Америка, 80-тите, ЕКВ, она проклетство на бетонот, со тихувањето на модерниот човек. Но, Ѓоко е пред сѐ шамански говорник и човек.

Костадин Героски 

Настан на кој веќе неколку месеци чекаше поетската публика во Скопје. Ѓоко Здравески, драгоцена појава од поновите генерации на македонската поетска сцена. Поет-патувач, номад по чкртката во тефтерот на животот, патник низ времето што тече и времето што се пласти.

Васко Марковски 

Тој не е
вреваџија
чаламџија
чаталџија…

…а сепак, во понеделникот без грам помпа и претенциозност, успеа да нѐ пренесе на патување преку реката сѐ до морето каде што сѐ тоне во тишина. Да се пишува значи да се молчи, да се завива без врева – се сетив на овие зборови токму на промоцијата на Ѓоко, во чија „куќичка за птици-преселници“ може да се влезе само со раширени крилја. И со секое ново читање и слушање на неговите стихови ни се отвораат нови неба, нови простори… Ретки ни се ваквите поети. Да си ги чуваме.

Николина Андова 

P.S. Нам повторно ни се патува… И не ни се напушта куќичката за птици-преселници.

Leave a Reply

Your email address will not be published.