Најпрекрасниот плоштад на светот

Најпрекрасниот роман на шпански јазик после Граѓанската војна.

Габриел Гарсија Маркес 

Мерсе Родореда е писателка која насекаде ја фалам.

Алберто Риос

 Кон романот На плоштадот Дијамант од Мерсе Родореда.

plosthadМерсе Родореда е добитничка на наградата Јоан Крекселс за романот „Алома“ во 1937 година, наградата Виктор Катала за книгата „Дваесет и два куси приказни“, во 1957 година, наградата на градот Барселона за збирката приказни „Патувања и цвеќиња“ во 1980 година, и на почесната награда на кататонските книжевници (Premii d’Honor de les Lletres Catalanes), највисоко признание од областа на културата во Каталонија.

Родореда е авторка на збирки поезија, театарски дела и раскази, но особено се истакнува со своите романи, „Дали сум чесна жена?“ (1932), „Она од што не може да се избега“ (1934), „Еден ден во животот на човекот“ (1934), „Злосторство“ (1936), „ На плоштадот Дијамант “ (1962), „Улицата на камелиите“ (1966), „Градина покрај морето“ (1967) и „Скршено огледало“ (1974) меѓу другите.

Делото „На плоштадот Дијамант“ се смета како еден од најзначајните каталоснки романи во поствоениот период. Воедно историски и психолошки роман, го опишува секојдневието на обичните луѓе. Дејствието на романот се одвива во населбата Грација, во Барселона, и ја раскажува приказната на Наталија, жена како многу други на кои граѓанската војна им ги уништува и животот и сета надеж. Таа прифаќа сé што животот и сопругот ѝ го наметнуваат. Дури го прифаќа и тоа да ѝ го сменат името во Гулабица. Но сето тоа завршува со завршувањето на граѓанската војна. Наталија ќе се побуни против сето она што смета дека е неправедно. И на крајот на романот ќе престане да биде Гулабица за да се претвори во госпоѓа Наталија.

Како и во другите нејзини романи, и во „На плоштадот Дијамант “, авторката игра со симболите. Гулабите што Наталија ги чува дома ѝ служат на Родореда како симболичен елемент за да ја прикаже еволуцијата во нејзиниот живот. Како што таа постепено ги губи илузиите така и гулабите од нејзиниот гулабарник постепено заминуваат или умираат. Кога ќе се ослободи од гулабите, Наталија, всушност се ослободува и од дел од своето минато.

Според овој роман е снимен и игран филм во 1982 година.

Leave a Reply

Your email address will not be published.