Маленкоста

                                           – автопоетички есеј за една објавена книга –

54.Geografija na malenkostaВо 2009 година, во издание на издавачката куќа „Антолог“ од Скопје излезе мојата прва книга насловена „Географија на маленкоста“. Збирка куси прози, поделена во два главни циклуса: Слова и Слики. Куси прози преку кои, така да се рече, се истражува маленкоста во јазикот, но и маленкоста во она што значи надворешно опкружување. Интерпункциските знаци точка и запирка, зборовите што имаат споредна улога пред важните зборови, како партикулите, сето тоа се актуализира во првиот циклус, Слова. Во вториот, пак, маленкоста е актуализирана преку пронаоѓањето на она што е мало, незабележливо, речиси невидливо, во надворешните глетки.

    Мора да се каже, секое зборување или пишување на авторот за она што самиот го создал – барем од моја перспектива – изгледа по малку натегнато и неприродно. Андриќ на едно место, ми се чини, со својот познат, лапидарен и истовремено длабоко искуствен и мудар стил, вели дека авторот нема што да зборува или да пишува за своето дело. Ете ги професорите по литература! Што би правеле тие? И не само тој, туку и рускиот учен, познатиот Михаил Бахтин, во својата студија „Авторот и јунакот во естетска активност“, потенцира дека авторот во процесот на создавањето на своето дело се наоѓа во состојба што тој ја означува како естетско проживување. Авторот е целосно нурнат во творечкиот процес, заробен од јазикот. Кога, пак, истиот тој автор, откако веќе го создал своето дело, сега веќе од една временска дистанца, ќе се обиде да зборува за своето дело, тогаш тој – вели приближно Бахтин – ги проширил своите надлежности како автор, односно тој веќе не се наоѓа во онаа состојба на естетско проживување, ами е во состојба на обичен реципиент. И имаат право, се чини, и обајцата. Сепак, малкумина се оние автори што барем еднаш, во интервју или во каква-годе друга форма, не прозбореле за она што го создале. Тука е парадоксот, а истовремено влезот во – необјаснивото!

    Она необјасниво што го следи секое вистинско творештво, затоа што колку авторот систематски и рационално да го подготвувал своето дело, секогаш постои оној момент на изненаденост и тој момент е необично благословен и благороден. И самите куси прози, без некаков зададен концепт од почеток, настануваа така, може да се рече интуитивно, во кратки проблесоци на инспирација, не барајќи објаснување зошто, всушност, настануваат. За дури отпосле, при повторното прегледување и препрочитување на напишаниот материјал, да се забележи дека сите тие, на овој или на оној начин, имаат средиште кон кое гравитираат – маленкоста. Феноменот на маленкоста. Тоа се тие всушност необјасниви и, отаде рационалното, моменти што ги познава секој творец и тука, за тоа, не може да се каже ништо повеќе.

    aco gogovКога, пак, авторот малку пошироко ќе погледне околу себе, барајќи некакво рационално објаснување за своите творечки преокупации, ќе види нешто, барем во своето најблиско опкружување, во јазичната средина на која ѝ припаѓа. Во македонскиот стандарден јазик постои именката во женски род „маленкост“, но не постои придавката „маленко“, а токму таа придавка, со акцент на вториот слог од крајот на зборот, е необично присутна во струмичкиот говор, често употребувана во плеонастички изрази од типот: „маленко детенце“, „маленка куќичка“ итн. И не само таа, ами во истиот тој говор особено е продуктивно членувањето на личните имиња, на пример: „Митето“, „Гоцето“ итн. Членување што, покрај нијансата на интимност, содржи во себе и едно, така да се рече, доживување на лицето за кое се зборува како нешто мало, незаштитено и, се разбира, блиско. Вистина, многу се случаите во локалниот говор кога во прв план се појавува токму таа „јазична маленкост“, тоа чувствување и доживување на светот околу себе како нешто – мало! Во сеќавање ми доаѓа една анегдота поврзана со струмичанецот, веќе покојниот писател Кочо Урдин, еден од spiritus movens-ите на културниот живот во Струмица во минатиот век. По моето излагање по повод педесетгодишниот јубилеј на Народниот театар „Антон Панов“ од Струмица – излагање во кое зборував за односот на театарската критика кон педесетгодишната театарска продукција на струмичкиот театар – Урдин ми пријде во фоајето и ми прозборе:  „Ти струмичанче ли си?“

    Еден од оние толку вообичаени деминутиви во секојдневното општење на луѓето во градот во кој сум се родил и живеам. И погрешно би било кога таквата јазична практика би се сфатила како нешто што е ексклузивно наше, но и нешто – би додале злонамерните – што зборува за покорноста, за негордоста, за маленкоста на македонскиот човек. Затоа што, ете, и Федерико Гарсија Лорка во едно од своите предавања вели дека цела Гранада е во деминутиви, полн е со нив народниот јазик, па и сè што создале тамошните уметници – не само литератите – е во минијатура. И тој не го третира тоа како негативно обележје на културата на шпанскиот народ, ами му придава позитивна конотација.

    Во една поопшта смисла, авторот не може да избега од маленкоста. За тоа зборува уште Хегел во својата „Естетика“, каде што вели дека за творецот сè може да биде важно за уметничка обработка – малиот прст на раката, копчето што виси на палтото. Маленкоста е повик за преиспитување на мерилата за тоа што е големо, а што е мало, подметнување на чудесно огледало во кое – исто како во „Сината птица“ на Морис Метерлинк – лебот и водата зборуваат и, заедно со другите маленкости и дребности на светот, бараат да бидат видени и препознаени оти, иако се насушна сушност, честопати не се забележуваат пред другите, „поголеми“ нешта.

    На крајот на краиштата, авторот, соочен со политичките, со медиумските и со финансиските центри на моќ – воопшто и нема некој голем избор: мора да кружи по периферијата како анонимна творечка енергија и од таа перспектива да се обиде да им даде на малите нешта естетски облик.

Leave a Reply

Your email address will not be published.