Болвјите пазари во европските метрополи

За болвјите пазари во убавата литература, уметноста, филмот, музиката...

1. Болвји пазари – историја

За болвјите пазари нема многу официјални документи, студии, ниту пак книги. Сепак, во убавата литература, уметноста, филмот, па и во музиката, болвјите пазари често се тематизирани и опишувани. Единственоста на атмосферата на овие улични пазари на стари предмети, можноста да се најдат вредни предмети за ниски цени, авантурата што ги очекува купувачите или шетачите меѓу предмети од различни времиња и простори со непозната намена или потекло, можноста да се допре, да се разговара, можноста за ценкање… сето ова од болвјите пазари создавало и создава незаобиколни и инспиративни градски места.

Наједноставно, болвјиот пазар може да се дефинира како пазар на отворено каде што се продаваат производи на старо за пониска цена (Oxford Advanced Learner’s dictionary, 511). Секако, денес болвјите пазари се прават и во затворени објекти, а производите може да достигаат и повисоки цени. Старинарниците, продавниците за облека на старо, тезгите или продавниците за стари книги може да бидат дел од еден поголем болвји пазар или пак да си постојат посебно, во различни делови од градот, но во секој случај се сродни со феноменот на болвјиот пазар.

22

1.1. Првиот болвји пазар

Потеклото на терминот болвји пазар практично е невозможно да се одреди. Тоа е мистерија што никогаш не е решена, бидејќи овој проблем никогаш не бил сериозно истражуван. Најприфатено е објаснувањето дека терминот е буквален превод на marché aux puces, локација во Париз на која во 1860-тите никнал пазар на собирачите и на препродавачите на стари предмети. Ова традиционално најобјавувано објаснување потекнува од статијата на Албер Лафарж (Albert LaFarge) „Што е болвји пазар?“, објавена во есенското издание на списанието „Денешниот болвји пазар“ (Today’s Flea Market) од 1998 година.

„Постои општа согласност дека терминот болвји пазар е буквален превод на францускиот marché aux puces, париски пазар на отворено, именуван по оние здодевни мали паразити од редот Siphonaptera (или: бескрилни цицачи на крв) што го напаѓаат тапацирот на стариот мебел изнесен за продажба“ [1].

Мarché aux puces се создал непосредно од надворешната страна на северната порта на париските ѕидини, „Порт де Клињенкур“ (Porte de Clignancourt). Во времето на императорот Наполеон III, императорскиот архитект Осман направил план за широки прави булевари обрабени со редови куќи во центарот на Париз, „низ кои армиските дивизии ќе можат попомпезно да маршираат“, но и градот ќе се ослободи од запуштените и нечисти населби, со што ќе се подобрат условите за живот. Новите пространи и прави улици мора да ги заменат тесните и нездрави улици и сиромашните и нечисти квартови.  Реализацијата на овој проект, подоцна наречен и „османизација“ (Benevolo 2004, 218), присилила многу препродавачи на стока на старо да се преселат од своите стари живеалишта. На овие трговци, потоа, им било дозволено да продолжат да ја продаваат својата стока, но надвор од градските ѕидини на Париз, веднаш од нивната надворешна страна, кај „Порт де Клињенкур“. Првите тезги биле поставени околу 1860 година. Ова место, каде што се собрале овие прогонети продавачи, набргу било наречено Marché aux Puces. Набргу продавачите се населиле и покрај другите градски порти, „Монреј“ (Montreuil), „Ванв“ (Vancves) и „Кремлан Бисетр“ (Kremlin Bicêtre), надвор од градските ѕидини, каде што исто така се создале болвји пазари, од кои некои функционираат и денес. Поволност од преселбата на овие места била и ослободеноста од градските такси.

Со текот на времето, овие места привлекувале многу купувачи, а властите од околните населени места се обидувале да воспостават ред и чистота. Регулирањето на болвјиот пазар во Сен-Уан (Saint Ouen), населбата покрај „Порт де Клињенкур“, во 1885 година, при кое се одредило точното место наменето за пазарот и се определила сумата што ќе се плаќа како надомест за тезгите на пазарот, всушност претставува официјален почеток на болвјите пазари.

55

1.2. „Старо купуем“, chiffonniers, rag-and-bone man

Историјата на болвјите пазари е неразделна од историјата на препродавачите на стари предмети [to се сместиле во сенката на ѕидините на Париз. Познати како chiffonniers (анг. Ragmen – собирачи на стари материјали), biffins (анг. rag-and-bone men – собирачи на стари материјали и коски) или – попоетично — pêcheurs de lune (анг. moonlight fishermen – рибари на месечина), тие го шетале градот ноќе, барајќи стари предмети фрлени во ѓубре [to потоа би ги продавале на локалните пазари. Еквивалент од нашите улици би биле „старо купуем“, нашите градски собирачи на отпад.

Низ градските улици се движеле со коњска кола, која со текот на времето се заменува во различни градови со различни превозни средства. Имаат посебен повик со кој го најавуваат своето присуство за да може домаќините да ги изнесат старите предмети. Собраните предмети ги продаваат во фабриките за рециклирање или ги препродаваат на локалните пазари. Важна функција имаат во пренесувањето поголеми предмети во времето кога превозните средства не биле честа појава по градските улици.

Професијата го достигнува својот врв во 19 век, кога индустријата станала гладна за суровини. Со текот на времето, биле носени закони што ја регулирале работата на собирачите, со цел да се овозможи заштита од зарази и слично.

Во 19 век постоела сликата за собирачот-филозоф. Уметниците-романтичари (поети, писатели и сликари) се занимавале со фигурата на собирачот и го гледале како филозоф, кој, со тоа што е слободен и што живее од ден за ден, им се чинел необременет со материјални концепти. Тој ја знае човековата природа бидејќи ги шета улиците на градот со набљудувачко око.

„Целиот свет поминал низ неговата вреќа! Законите на Империјата итаат да се придружат на декретите на Републиката во оваа привремена јама; сите епски поеми од Волтер наваму поминале низ неа; сите весници од последниве триесет години потонале во тој амбис без дно, кој продолжува да го вари она што може постојано да се обновува. Вреќата на собирачите е голем пат низ кој поминува сето ѓубре на прозата, поезијата, филозофијата, фантазијата. Поради тоа, собирачите се единствените фигури што заслужуваат своја посебна историја. Собирачите се над фабрикантите; собирачот е судија, судија што ѝ суди на човековата слава неповратно. Тој истовремено е и судија, инструмент и извршител“ [2].

Собирачите се интересираат и за материјалната вредност на предметите, но некогаш и за нивната естетска вредност. Денес многу уметници од целиот свет се интересираат за стари предмети: по собирачот-филозоф, толку сакан во 19 век, сега сме во ерата на собирачот-уметник.

77

***

Преку примери на болвји пазари од Париз, од Лондон и од Берлин, во минатото и денес, ќе разгледам неколку главни карактеристики на болвјите пазари. Најпрвин, инспиративноста на купот чудни предмети што потекнуваат од различни времиња и простори ги направила болвјите пазари битни точки на мапата на надреалистите, но и денес оваа карактеристика инспирира многу градски шетачи во потрага по „чудниот предмет“. Потоа, за економскиот аспект: болвјите пазари како начин на имигрантите да заработат или како алтернатива на работата во фабрика и, секако, како можност за независен бизнис на младите припадници на супкултурите. И третата главна карактеристика: болвјиот пазар замислен како метафора за светот без граници, место на кое се среќаваат најразлични луѓе од целиот свет, кое дава сугестивна слика за транснационалните простори во европските метрополи.

2. Потрагата по чудниот предмет

Надреалистичката потрага по чудниот предмет ги прави надреалистите, како и другите трагачи по специфични предмети до денес, редовни посетители на болвјите пазари – особено на првиот во Сен-Уан, „Порт де Клињанкур“ – и на градските старинарници. Градските шетачи (flâneur), трагачи по чудни средби, случајности, предмети, имаат можност на овие хаотични места да ги бараат врските и односите меѓу испреплетените времиња и простори.

Шетачите (flâneur) низ градовите на модерната се движат низ толпата, го набљудуваат минливото и непостојаното, сведочат за единствените споеви и за случајните средби (Edensor 2002, 305). За надреалистите, секоја прошетка е потрага по таинственото и по чудесното, секоја прошетка е „иницијациско патување, мистична потрага по Граал“, а Париз со своите таинствени патокази, кои „водат кон неверојатна средба – со чудесниот предмет или со чудесната жена“ (Урошевиќ 2005в, 287) им овозможува совршена сценографија за таа потрага.

“Jeux de reflets sur le marché des Puces“ © Jules Aarons / Galerie Agathe Gaillard


44Во денешниот современ град, и покрај регулацијата и среденоста, болвјите пазари се места каде што непредвидливоста е сè уште присутна. Денес, првиот болвји пазар во Сен-Уан, на пример, има сосема регулирана површина, поделена на повеќе пазари, со повеќе од 2000 продавници и 70 000 посетители секоја недела. Но присуството на безбројни и најрзалични предмети, луѓе и активности придонесува атмосферата да биде многу различна од онаа на средената градска улица. На тезгите и во старинарниците во склоп на пазарот еднододруго се наредени: стар мебел, уметнички дела, облека, чевли, порцелан, накит, африкански и ориентални уметнички дела, фотографии. Во контекст на разновидноста на предметите што може да се најдат на париските болвји пазари и во старинарниците, Влада Урошевиќ во своите текстови за Париз наведува листа на најневозможни нешта: „униформи на непостојни војски со излитени ширити и фустани со пожолтени тантели, разгледници од Првата светска војна и бронзени Дијани во лов од дваесеттите години на овој век, рококо-часовници што свират менуети на полноќ и игли за капели со божемни дијаманти, ордени за заборавени заслуги и ладала од црна свила на кои се насликани кориди, прашливи фотелји преслечени со гоблени, шапки украсени со ноеви пердуви (Урошевиќ 2005а, 220)… лулиња со глава на Гарибалди, во облик на птичји канџи и козји нозе, стари дела на Жил Верн во црвена подврска (205)… „и безбројните други што ги оставам на вашата желба за откритија, растурени по сите улици на Париз“ (206), ваќа го завршува тој своето набројување.

Ed Alcock за The New York Times

Самиот начин на кој пристигнуваат до болвјите пазари и до старинарниците сите тие предмети е „невозможна бркотница од патишта“ (Урошевиќ 2005в, 295). Предметите поминуваат низ рацете на експерти, препродавачи, собирачи на стари предмети, љубопитни колекционери… Денес, покрај предметите од далечни цивилизации и времиња, на пазарите се појавуваат и евтини имитации на облека и на уметнички дела, како и сувенири.

Надреалистите биле фасцинирани од таа хаотичност на времињата и од предметите поставени еден до друг. Ги купувале овие чудни предмети, кои заземале видно место во нивните работни простории и домови. Кабинетот на Бретон, на пример, Урошевиќ го споредува со збирките необични предмети, кои во 17 и во 18 век се нарекувале „кабинет на куриозитети“ (Урошевиќ 2005в, 290):

„Застаклени кутии со необични инсекти. Пресеци на полускапоцени камења – на опали и на ахати. Колекција на шишиња во облик на женски тела. Копја, боздугани, штитови. Маски обложени со крзно, со школки, со рогови, со заби на див вепар, со седеф. Магична кристална кугла. Предмети, понекогаш неразбирливи по своето потекло, обликувани од ’објективниот случај‘, купувани на Болвјото пазариште“ (Урошевиќ 2005б, 258).

Болвјите пазари во овој аспект се слични на музеите според тоа како предметите од различни времиња и простори се натрупуваат еден покрај друг. Но на пазарите за старини постои неповторливата можност да се допрат предметите, да се распрашува за нивното потекло, а се наредени случајно, без стриктни систематизации, како што е тоа во музеј. Купувањето на старо носи со себе, како што вели Урошевиќ, „предизвикувачка нотка на авантура“, а според него, „нечистиот сјај на безбројните допири можеби и им ја дава таа привлечност на сите тие книги и ве тера и вас да ги допрете“ (Урошевиќ 2005а, 219). 

3. Стилот на половното


66Улицата „Брик Лејн“ (Brick Lane) во источен Лондон е средиштето на делот од градот каде што живее најголемата заедница на имигрантите од Бангладеш во Англија. Претходно била средиште на еврејската заедница во Лондон. Неделниот пазар што се случува на оваа улица датира од времето кога тука живееле лондонските Евреи. Денес овој дел од градот е жива уметничка, модна и студентска зона, со многу изложби и модни ревии во текот на годината и со еден од најинтересните и најпосетените пазари во Лондон. Пазарот на „Брик Лејн“ „во недела наутро привлекува и млади и стари, и црни и бели, купувачи од средната и од работничката класа, како и туристи и љубопитни набљудувачи“ (McRobbie 2008, 377). Туристите ги зацртуваат пазарите како „Брик Лејн“ во своите планови за места на посета, бидејќи, како што вели Анџела Мекроби во својата статија „Облеката на старо и улогата на болвјите пазари“, туристите ги сметаат пазарите како „одраз на старото и нерасипаното, ’натопени со историја’ и, како такви, посебно специфични за дадениот град или област“ (McRobbie 2008, 378).

Catherine Moye за The Telegraph

Преку овој пример го разгледувам вториот, економскиот, аспект на болвјите пазари. Обично во местата со големо имигрантско население, кое се обидува во новата и најчесто непријателска средина да заработи за живот секогаш никнува „локална услужна дејност во облик на пазар“ (McRobbie 2008, 378). Од друга страна, овој начин на вработување и на работа е алтернатива за монотоната работа во фабриките. На пример, како резултат на намалените можности во светот на реалниот труд во седумдесеттите и во осумдесеттите години на 20 век, се разви жива економија на уличните пазари. Трета карактеристика во овој контекст би биле сивата и црната економија. На овие пазари неизбежен дел е илегално набавената стока, која доаѓа по добро разработени патишта и се продава по „нестварно ниски цени“.

3.1. Повоените супкултури и болвјите пазари

Во контекст на економските аспекти што се одраз на оваа културолошка појава се вбројуваат и супкултурите од втората половина на 20 век, кои се изразуваат преку „стилот на половното“ (McRobbie 2008, 377), кој е резултат на консумеризмот својствен за современото општество: создавањето вишок стока, трупањето предмети чиј рок на траење не истекува кога ќе ги фрлат нивните први сопственици. Овие предмети, кои завршуваат на улица и на отпад по сезонските чистења или по истекувањето на модниот рок, продолжуваат во нов циклус на потрошувачка на болвјите пазари. Сепак, како што вели Мекроби, постојат „моделите на вкусот“, кои ги обликуваат желбите на купувачите на предмети и на облека на старо.  Болвјиот пазар практично е многу селективен во поглед на она што се нуди и што се купува. „Во тој контекст функционира една уште попрефинета економија на вкусот. На секој спасен и реновиран предмет доаѓаат повеќе од илјада кои се препуштени на заборавот. Би можело, всушност, да се каже дека на дело е еден едвај прикриен културен елитизам“ (377) Примерите што се следат во потрагата по „нови“ идеи на старо често се старите филмови, старите уметнички фотографии, „големите“ романи, документарните снимки и текстови.

Болвјите пазари се од големо значење за повоените супкултури како хипи и панк, кои ги вратија овие пазари, како и продавниците на старо (second-hand), на градските мапи. Сакајќи да го заобиколат светот на конфекциската облека од синтетички материјали, масовно произведена во фабриките, хипиците биле во потрага по чисти природни и автентични ткаенини, па така пазарите и продавниците на старо се вклопиле одлично во нивната потрага. Таа облека што можело таму да се најде „потсетувала на времето кога сè уште владееле старите занаетски вредности, кога човекот бил во контакт со својот производ од почетокот до крајот“ на производството (McRobbie 2008, 379).

Од своја страна, хипи-културата создала голема мрежа независни хипи-бизниси, кои опфаќале независни продуцентски куќи, продажба на книги, продавници на старо каде што се собирале сите потребни парчиња облека најдени на различни болвји пазари и распродажби, дури и мали уметнички галерии, независни кина и слично.

И панкот, како супкултура што следувала потоа, во духот на етиката „направи сам“ и на антикапиталистичкиот став, ја продолжила традицијата на независни мали бизниси, најчесто во областа на модата и на музиката.

Anthony Webb за Time Out London

88

Во обезбедувањето облека за идните панкери, студенти по уметност и други маргиналци најмногу учествувале дипломирани уметници и студенти по применета уметност од ниската средна класа „кои ја отфрлаат можноста да се вработат како креатори во фирмите како што се British Home Stores и Marks and Spencer“ (McRobbie 2008, 382). Од една страна поради етиката од тоа време, синтетизирана во концептот „направи сам“, овие млади луѓе самите пронаоѓале облека, ја поправале според модните кодови на панк-супкултурата и потоа ја продавале на тезгите на пазарите. Од друга страна, на тој начин ја избегнувале работата во големите текстилни фирми за масовно производство и си создавале простор за независна уметничка презентација и за продавање на овие новокреирани облеки. На тој начин, сè одело во прилог на императивот на панк-супкултурата – да се биде автентичен.

4. На мапата на имигрантите

Болвјите пазари во Берлин се нераскинливо поврзани со имигрантите. Како што може да се види и од романот „Музеј на безусловно предавање“ на Дубравка Угрешиќ, тие се незаобиколни места на мапата на бегалците од југословенските земји, за кои таа пишува во романот, сместувајќи го дејството непосредно по почетокот на крвавиот распад на Југославија и тематизирајќи ликови на бегалци од Босна и од Србија, но и егзиланти и политички азиланти што се во контраст со новите националистички режими. Берлинските болвји пазари се местата каде што се среќаваат овие имигранти, каде што ги наоѓаат предметите што ги потсетуваат на дома, но и каде што заработуваат за живот.

Како резултат на имигрантскиот бран на Турци во 1960-тите и 1970-тите години во тогашниот Западен Берлин (особено во општините Кројцберг, Нојкелн и Вединг), во Берлин денес живее најголемата турска заедница надвор од Турција. Во 1990-тите во Берлин се доселуваат и многу имигранти од земјите на поранешниот Советски Сојуз, кои се по потекло Германци, а за време на војните на Балканот и на распадот на Југославија, во Берлин (и особено во овие општини) се доселува и доста балканско население (претежно бегалци од Босна, Срби и помалку Хрвати, но и егзиланти, политички азиланти што се во конфликт со новите националистички режими во Србија и во Хрватска). Најголемиот број од имигрантите од Турција, од Средниот Исток и од поранешна Југославија живеат во населбите во западниот дел на Берлин, додека поголемиот дел од виетнамската, од руската и од полската имиграција е сместен во источниот дел на градот.

Kreuzberg, Berlin, 1 Mai 2009, View Fotocommunity

Кројцберг (Kreuzberg, колоквијално познат и како X-Berg), е кварт што е познат по големата имигрантска заедница што живее таму. Со оглед на евтините станови во овој дел од градот, почнувајќи од 1960-тите, се вселиле голем број студенти, уметници и имигранти. Ова, а и фактот дека за време на постоењето на Берлинскиот ѕид овој кварт бил заграден од три страни со ѕидот, направиле местото да биде познато по алтернативниот начин на живот, кој бил многу присутен. Кројцберг е дом и на панк-движењето во 1970-тите, па овој дел во градот, почнувајќи од 1987 година, е јадро на жестоките протести што се одржуваат по повод Денот на трудот.

4.1. Транскултурен метрополски простор

На болвјите пазари се спојуваат луѓе што инаку не би се споиле: „на болвјите пазари во Берлин тргуваат Истокот и Западот, Северот и Југот. Пакистанци, Турци, Полјаци, Цигани, поранешни Југословени, Германци, Руси, Виетнамци, Курди, Украинци“. Тука се спојуваат предмети што се неспојливи, речиси несфатливи, „сувенири на исчезнатото секојдневие“, „може да се купат предмети што никому не му требаат, туѓи семејни албуми, часовници што не работат и скршени вазни за цвеќиња“ (Ugrešić 2002, 231).

Болвјиот пазар на Фербелинер Плац, Francesca La Vigna

Од оваа шареноликост на болвјите пазари, шаренило од луѓе и од предмети, би можело да се извлече темата за транскултуралноста, која се гледа на болвјите пазари (не само) во Берлин. Овие места, во мало, ја покажуваат реалноста на европските метрополи „сè повеќе (да) се обликуваат според влијанието на транснационалните движења и глобалните текови“ (Aksoy 2008, 120) со оглед на големите напливи на имигранти од сите делови на светот. Па, така, големите градови, со своето големо имигрантско население и со многуте туристи, би можело да се гледаат како „мрежи од хетерогени елементи и активности“ (129). И покрај тоа што сликата за мешавината на културите во денешните европски метрополи е добропозната и прифатена, имигрантите сè уште се гледаат, во најдобриот случај, како граѓани од втор ред. Воспоставувањето ред и стравот дека присуството на имигрантите го прави делот од градот каде што се населени небезбеден овозможуваат и натамошна гетоизација и дискриминација на имигрантите, кои имаат ограничен пристап до јавниот простор. Постои и цврста поделба на високата европска култура и маргинализираната имигрантска етно-социокултура (Kivan, Kosnick 2008, 146). Болвјите пазари, во овој контекст, стануваат едно од ретките места каде што имигрантите можат да заработат за живот. А од друга страна, тие се и едно од ретките места каде што се остварува средбата меѓу различните имигрантски групи и националните граѓани. Во овој контекст, болвјите пазари можат да се доживеат како метафора за светот без граници (Ugrešić 2010). 

11

5. Болвјото пазариште како хетеротопија

„Тука сè е толку старо, што вие, со вашата современа облека, почнувате да се чувствувате на крајот како натрапник. Но, за миг ќе ви се стори дека дури и вашето лице, фатено во големите самрачни огледала врамени во барокна рамка, добива некоја нездрава патина на впалена пудра и на влажна мувла. Тешко се решавате да допрете некои од тие предмети; кога би погледнале низ една од тие долги бродски дулбии, би здогледале еден некогашен Париз, наконтен и искитен, по малку смешен и по малку тажен пред времето што заминува. Зашто тука сè е свртено кон времето што изминало.

Сè освен Циганките што се меткаат наоколу и натрапливо и здодевно се нудат да ви ја гледаат од дланка иднината“ (Урошевиќ 2005а, 221).

Преку овој цитат на Урошевиќ, може болвјиот пазар да се поврзе со концептот на хетеротопија (не-место, друго место, место-остров, место во кое владеат различни правила) на Мишел Фуко, кој би можел да се примени за атмосферата на овие места. Првиот болвји пазар, тој во Сен-Уан, на пример, е создаден како резултат на спонтаното собирање на избрканите собирачи на старо од градските улици. Тие се собрале непосредно до надворешната страна на „Порт де Клињанкур“ (северната порта на градските ѕидини на Париз), на простор што тогаш бил ливада, каде што не важеле градските закони и не требало да се плаќаат такси. Тука, со текот на времето, никнал вистински пазар на материјалите собрани  од улиците и од домаќинствата на Париз, како и предмети штои по непознати патишта успеале да дојдат до тие тезги. И покрај тоа што од крајот на 19 век, па до денес, пазарот е регулиран со економски санитарни закони, поделен е на неколку пазари, со уредни тезги, продавници и слично, збирот на луѓето (најчесто имигранти, од етничките малцинства или туристи), предметите (кои потекнуваат од други времиња и простори), активностите, начините на функционирање (хаотичноста, непосредноста во комуникацијата, изложеноста на сетилни сензации) – го прават болвјиот пазар различен простор од уредените и стерилни градски улици или трговски центри.

Посебната анархична атмосфера, туркањето на посетителите, натрупаните предмети од минати времиња, „речиси несфатливи“ (Breton 2009, 54), мирисот, џагорот… оставаат впечаток дека само еден круг низ пазарот би можел да биде авантура. Секогаш постои можноста за чудни средби на различните времиња и простори и нивно поврзување во најразлични односи. Посетата на пазарот претставува друго доживување. Ова друго доживување се гледа и во другите две карактеристики, кои ги разгледав преку примерите на Лондон и Берлин: изборот да не се учествува во корпоративниот економски систем и средбата на луѓе од различни делови на светот со своите културни карактеристики и навики.

Присуството на сите тие различни луѓе, кои инаку не би се сретнале, хаотичноста, различните активности и сетилни сензации, во овие простори создаваат различни односи и врски. Овие врски, надвор од нив, во фино уредените и стерилни градски улици преполни со забрзани возила и пешаци, не би биле возможни – со ова концептот на болвјиот пазар се доближува до поимот хетеротопија.

БИБЛИОГРАФИЈА

Бретон, Андре. 2009. Надја. Скопје, Магор.

Угрешиќ, Дубравка. 2002. Музеј на безусловно предавање. Скопје, Сигма прес.

Угрешиќ, Дубравка. 2010. Болвјиот пазар. Интернет магазин Окно, 1-ви март. http://www.okno.mk/node/4648

Урошевиќ, Влада. 2005а. Врз планот на Париз. Мапи со дамки од овошје. Скопје, Магор. (193-227)

Урошевиќ, Влада. 2005б. Едно попладне во кабинетот на Бретон. Мапи со дамки од овошје. Скопје, Магор. (254-260)

Урошевиќ, Влада. 2005в. Париз, одново. Мапи со дамки од овошје. Скопје, Магор. (277-305)

Фуко, Мишел. 2007. За другите простори (1967), хетеротопии. Аспекти на другоста зборник по културологија (прир. Иван Џепароски). Скопје, Евро-Балкан Пресс и Менора.

*

Aksoj, Asu. 2008. London i projekat urbanog kosmopolitizma. Transkulturna Evropa (prir. U. H. Majnhof i A. Triandafilidu). Beograd, Clio.

Benevolo, Leonardo. 2004. Grad u istoriji Evrope. Beograd, Clio.

Edenzor, Tim. 2002. Kultura indijske ulice. Prizori ulice (prir. Nikolas Fajf). Beograd, Clio.

Kivan, Nađa i Kosnik, Kira. 2008. „Belaštvo“ kulturne politike u Parizu i Berlinu. Transkulturna Evropa (prir. U. H. Majnhof i A. Triandafilidu). Beograd, Clio.

Mekreobi, Anđela. 2008. Polovna odeća i uloga buvlje pijace. Studije kulture (prir. Jelena Đorđević). Beograd, Službeni Glasnik.

Oxford Advanced Learner’s dictionary of Current English. 2000. Edited by Sally Wehmeier, Michael Ashby. Oxford University Press.

 


[1] Цитирано според текстот за потеклото на терминот достапен на: http://www.helium.com/items/676847-origin-of-the-term-flea-market

[2] Извадок од “Un hiver à Paris“ од Jules Janin, 1843, достапно на:

http://www.mheu.org/en/ragpickers/philosopher.aspx

 

 

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Антон Чехов: Пост пост модернист пред своето време
Она што мене ми е особено интересно за овие приказни е дека...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *