Велосипеди

Додека одев на факултет, имав прекрасен велосипед, многу женствен (ако велосипедите воопшто може да бидат женствени), крв-црвен, со едни едвај забележливи црни декоративни ленти...

g-dur_tamara_jolevska_popov-311x480Додека одев на факултет, имав прекрасен велосипед, многу женствен (ако велосипедите воопшто може да бидат женствени), крв-црвен, со едни едвај забележливи црни декоративни ленти што висеа на рачките. Иако едвај забележливи, верувајте, таму беа. Подолго време, во почетокот на мојата втора студентска година, јас бев единствениот студент без кола или, пак, што не пешачи до кампусот, па моето страсно црвено пријателче на две тркала беше единственото на паркингот за велосипеди пред главната зграда. Ништо поинаков од албум-каверот на Џони Мичел, целата тежина од нејзината глава потпрена на нејзината лева рака, а десната, пак, безволно исправена нагоре во подлактицата, држи догорче од цигара.

Како и да е, помина цел семестар, па почнав да забележувам уште едно пријателче на две тркала што почна да се паркира на спротивната страна. Катран-црно и мазно беше. Заличуваше на маж во елегантен костум што некој го прелажал да си замине од коктелот каде што бил поканет и го фрлил токму во овој контекст, на мое огромно задоволство. По некоја недела почнав да го паркирам мојот велосипед веднаш до црниот, дури и малку навален кон него, врз кој на некој многу убав и прекумерно заштитнички начин се издигнуваше неговата величествена црнина. Оваа слика имаше некоја пријатна геометрија, а јас пак само сакав минувачите да помислат дека сопствениците на велосипедите се пар, некаде подалеку, настрана од паркингот пред главната зграда на факултетот. Секое утро потпрени еден на друг, а секое попладне си одев прва, остануваше сам. Во летните денови и не беше толку страшно, но дојде ноември, а со него и кратките сончеви часови во денот. Сѐ повеќе ми паѓаше жал кога го оставав сам на паркингот и си одев дома. Неколкупати се вртев да проверам дали е во ред, да не му е страв, да не паднал случајно, затоа што целата тежина на мојот велосипед ја имаше потпрено, а во темната ноќ, тој најпрвин само рефлектираше светлина под уличната светилка вперена директно во паркингот, а по некој метар неговата величествена црнина веќе не се ни гледаше, се спои со ноќта, а дали на лошо или добро, тоа само тој си знае.

Зимава зеде замав како никогаш досега, траеше еден век, а денот толку многу се смали што веќе беше бесполезно да се разденува кога трае само час-два. А луѓето, пак, со нетрпение ги очекуваа тие пар часови сонце за да си ги завршат сите обврски, да се видат со сите оние со кои треба да се видат, небаре самракот и ноќта ги спречуваа во сето тоа. Чувствувајќи го целиот свет како да хибернира околу мене, јас си ја продолжив својата приказна со Black Dog, така го нареков затоа што почна да ме потсетува на инспирацијата на Роберт Плант за истоимената песна: голем црн лабрадор-скитник, со крвавоцрвени очи што светат во темница.

Но не беше отсекогаш така. Откако „се запознавме“ тој доста се имаше сменето. Паметам, првиот ден кога се појави си помислив: никогаш не сум знаела колку убава знае да биде црната боја, грациозна, исполирана, свети кога ќе ја допре сонцето, а сега, по некој месец поминат откако „се дружиме“, изгледа малку нечисто, изгребана е бојата на неколку места, се гледа ’рѓосаната подлога по неа, а на седиштето веќе има толку прашина, што му е сменет ликот, сега е бело. Тоа ми пречеше, не го познавав како ваков, неугледен. Изгледаше како да не е возен неколку дена, дури како да е заборавен од светот тука, сам. А јас, без разлика на сето ова, секое утро продолжив да се паркирам тука, до него потпрена, а секое попладне да си одам и да го оставам сам, најверојатно да преноќи и да ме чека наредното утро.

Меѓутоа, со секое наредно утро изгледаше веќе и како да не ме чекал со нетрпение цела ноќ, како што правеше порано. Се зави во некоја друга боја, никој повеќе не се грижеше за него. Гумите се имаа издишано толку многу што не се гледаше ни дека ги има. Заличуваше на некоја сива канта што само зафаќа место на паркингот за велосипеди. А како што надоаѓаше пролет, сѐ повеќе и повеќе стрчеше од расцветаната околина на факултетската зграда, дури ја нагрдуваше. Сончевите часови во денот се напластуваа, небаре тераше инает сонцето: е не ви заоѓам, така да си знаете, а за жал неговото сивило сѐ повеќе и повеќе се гледаше, сега веќе сите го забележуваа.

Тажно е што никој, освен мене, не му обрна внимание кога беше црн, нов, исполиран, убав; сега, кога се запусти, сите се интересираат. Ама веројатно такви сме ние, клета семка, сеирџии до несвест. Сакаме да ја гледаме несреќата на другиот за да добие повеќе на тежина нашата „среќа“, па се тапкаме сами по рамо и си велиме: добар си, добар си… ееее, види го оној, ништо не ти е во споредба со него!

Не помина уште една недела, туку ете ти една жена изнаоблечена во црно, истото она црно што го имаше тој лани, го отклучува катанецот на велосипедот во осум наутро и се обидува да го турка по патеката кон улицата. Но тој не оди, цивка, квичи, запнува, од него летаат метални федери, завртки, навртки… Таа се обиде уште неколку пати, напред-назад, напред-назад и кога веќе го привлече вниманието на сите што се најдоа на паркингот во тој момент, реши да го крене и со него тргна кон излезот.

Беше сега или никогаш. Потрчав по неа, нежно ја потапкав по рамото, се извинив, меѓутоа морав да ја прашам чиј е тој велосипед. Таа застана, ја спушти крнтијата со голема мака, си ја поднамести малку блузата и зеде огромен здив како да ќе почне да ја пее Grace од Џеф Бакли и на првиот збор го испушти речиси целиот воздух. Зборуваше како да ја носи најголемата тежина на светот, а кога ја дослушав нејзината приказна, заклучив и дека навистина си носи една цела планина со себе. Тоа бил велосипедот на нејзиниот син, исто така студент на мојот факултет, само на друга насока. Пред неколку месеци починал, а никому не му текнало да му го земе велосипедот од паркингот пред факултетот. Само таа знаела колку тој го сакал својот велосипед и не ќе била мирна сѐ додека не го прибере, како единствен споменик на убавиот но краток живот на нејзиното дете. Лаконски ја заврши својата приказна, се заврти и си замина со велосипедот на рамо. Ниту ме праша која сум, ниту пак дали сум го познавала дечкото, а поради тоа мене и ми олесна. Сите приказни и нагаѓања во мојата глава за тоа кој и што е сопственикот како да се намалија, но не се расчистија. Сѐ уште имав еден куп прашања, ама одговорите си заминаа заедно со велосипедот, во неповрат. Каква полза ќе имаше од тие одговори сега? Апсолутно никаква. Веќе не бев ни сигурна дали сакам да дознаам какви било информации. Одлучив дека е подобро да си продолжам по патот со онаа приказна што јас самата си ја измислив и никогаш не му ја кажав никому.

two-bikes-at-night-john-rizzuto

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Луѓето наши паметни и вицкасти
Избор од афоризми и хумористични изреки, поговорки или мисли од познати и...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *