Обични приказни (За „Ге-дур“ на Тамара Јолевска-Попов)

Литературата создава светови. Тоа ѝ е работа. И секогаш две работи се битни: какви светови создава и како ги создава тие светови.

g-dur_tamara_jolevska_popov-311x480Литературата создава светови. Тоа ѝ е работа. И секогаш две работи се битни: какви светови создава и како ги создава тие светови. Во овој текст ќе пишувам за световите во книгата раскази „Ге-дур“ на Тамара Јолевска-Попов. Сосема накратко. И само затоа што имам нешто да кажам.

Книгата ја прочитав во автобус на релацијата Белград-Ниш. Ја купив кога се вратив дома за празниците, и знаев дека ќе ја прочитам во автобус. Кратка е, има само шеесетина страници. А, во автобусот нема бегање. Нема отворање нови прозорчиња на Интернет. Нема малку читај, па малку помуабети на Фејзбук, па малку прошетај по дома, па малку ѕирни во некоја друга книга што си ја зачитал два дена порано. Во автобусот имаш избор – или ќе читаш или нема да читаш.

„Ге-дур“ веднаш ми фати око. Уште кај првиот расказ сфатив дека нема да ја оставам недочитана. Ми се бендиса леснотијата со која Тамара ја раскажала таа прва приказна за една пијана ноќ во некое мало место во Британија. Се израдував што читам книга од човек што знае да раскажува. Многу е важно тој што ја раскажува приказната да владее со неа. Да владее со јазикот што го користи. Затоа што јазикот ни е даден да го раскажеме светот што постои во нас. Важно е тој свет да го пресликаме онака како што го носиме во себе, за да не биде работата „сакам кажам, не знам речам“. Се израдував што читам книга од писмен автор, оти во последниве години, откако научив како вистински да читам книги, сфатив дека многумина има меѓу нашите писатели што не се баш писмени. Кога велам писмен, не мислам на онаа елементарна писменост на ниво на правопис. Тие работи може да ги среди и лекторот. Мислам, пред сѐ, на синтаксичката писменост. Мислам на умеењето да се состави реченица, за почеток. А потоа таа реченица да се поврзе со следната. И сето тоа да води кон една целина што ќе има смисла. Муабетов можеби звучи банално, ама, за жал, голем дел од нашите современици не знаат ни толку. Многу често, дури и да имаат приказна, не го владеат јазикот. Не знаат да си играат со него. Не се мајстори. Не знаат да раскажат. Таквите ни виц нема да знаат да ти кажат. По тоа ќе ги препознаете. Тамара ја бидува да раскаже. Даросана е за таа работа.

А приказните се обични. Секојдневни. За обични луѓе. Раскажани едноставно. Без мудрувања. Без лажна поза. Тамара со никого не флертува во раскажувањето. Има девојката приказна за раскажување – ја раскажува. Не се оптоварува со својот стил на пишување, нема метатекстуални муабети. Има само клот-приказни. Споделување светови. И световите што ги создава функционираат. Не е лесно да создадете фиктивен свет што ќе држи вода. Не е лесно да напишете приказна што ќе го натера читателот да ја прочита и следната. Приказна што ќе го држи читателот буден. Мене овие раскази ме држеа буден три часа. Ги читав натенане и со уживање. На оние што ептен ми се бендисаа, како тој за црниот велосипед или тој за момчето што си играло самоубиец, им се навраќав по два-три пати. Но имаше и такви што ги прочитав само еднаш.

Книгата раскази „Ге-дур“ е далеку од тоа да биде книжевно ремек-дело, ама заслужува да биде забележано како нешто тазе објавено на нашата книжевна сцена.

p.s. Решив да пишувам вакви кратки текстови за книгите што се објавуваат кај нас. Веќе некое време чувствувам потреба за тоа, но чувствувам и одговорност. Последниве десет години со книжевноста си легнувам и со неа се будам. Тоа ми е занаетот, за тоа учев школо. Редно е да ја оправдам тапијата што фаќа прашина во едно ќоше од мојата детска соба.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Некои спомени болат како да се случиле вчера
Роман за една болна вистина што боли што е токму вистина и...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *