Мал вовед во еротологијата на Томас Ман

„Јас стојам помеѓу два света, во ниту еден не сум како дома и затоа не ми е лесно“ – од новелата „Тонио Крегер“

 Tomas-Man-1939

Љубовта е присутна во речиси сите наративи на германскиот нобеловец Томас Ман. Неговите романи се мрежа на ликови од интимни субуниверзуми, кои со интерпретациски „канџи“ ја бранат својата наративна егзистенција.

Во еротолошкиот дијапазон на Ман, љубовта е алегорија на секое постоење, па затоа околу ликовите и нивните микро-приказни се испреплетени алузии и асоцијации. Љубовта во наративниот полигон на Ман е еросна и еротска философија, а не еднолиниско доживување. Многу студии се напишани околу тоа како Ман успеал толку впечатливо инитмниот живот да го транспонира, т.е. проектира во напластени наративни идентитети.

Во студијата „Еротските фантазии кај Томас Ман“, авторката Метхилд Курциус зборува за „творечкиот принцип на поетска утопија“, алудирајќи притоа на трансферот од емипириското во естетското. Таа ги анализира различните типови љубов што може да се сретнат во опусот на Томас Ман, а се во колизија со општеството, како своевиден механизам за продукција на нормирани релации. „Кршењето на тие правила, со цел да се оствари општествено неприфатливата љубов, е сфатено како поетска утопија“. Во трите дела од нејзината студија таа ги проследува типовите љубов кај Ман, вклучувајќи ги и инцестуозноста преку „панеротичарот“ Феликс Крул и андрогиноста, пред сè во расказот „Заменети глави“.

Првата научна студија за љубовта како тема во творечкиот опус на Томас Ман се јавува релативно доцна. Ја направил Густав Штрибел, а е наречена „Љубовта и полот во делото на Томас Ман“. Во неа се изложуваат и дискретни оценки за Мановата сексуалност. Значаен придонес во расветлувањето на Мановата „наративна политика“ ќе одиграат дневничките записи, кои не случајно се отворени дури давесет години по неговата смрт. Како што наведува една од ретките проследувачи на книжевното дело на Ман во Македонија, проф. Ранка Гречва, во Германија сè до 1969 година, хомосексуалноста се смета за казнива и била жигосана како настраност и општествено стигматизирана. Критичарите во осумдесеттите и деведесеттите години не ја оспоруваат Мановата бисексуална природа.

До педесеттите години на дваесеттиот век, хомосексуалноста на Ман била само делумно тематизирана во новелата од 1912 година, „Смрт во Венеција“, смета проучувачот Карл Вернер Бем. Најмногу за еротското и за својата интима Ман изнесува во есејот „Набљудувањата на еден аполитичар“, составен од пет дела: „Сексуалност и сетилност“, „Нарцизам“, „Хомоеротика“, „Еротика на уметникот и еротика на уметноста“, „Наместо поглед: завршен екскурс за Доктор Фаустус“, во кои ги канализира релациите помеѓу еротиката и поетиката. Во првиот дел, доминира Мановиот став за одбојност кон чистата телесност и стремежот за нејзино воздигнување во сферата на уметничкото. Во вториот дел, преку нарцизмот, Ман зборува за својата интровертност. Нарцизмот е прикажан како еротска диспозиција. Во основата на тој нарцизам е идејата за желбата за слава и успех, како и компезативната идеологија на потиснатата хомосексуалност. Третиот дел го обележува синтагмата „хомоеротика“, која ги инкорпорира еротиката и естетиката, за во четвртиот дел да го покаже трансферот меѓу еротиката на уметникот претворена во еротска уметност. Последниот дел од есејот веќе презентираните начела ги екстраполира  врз романот „Доктор Фаустус“.

Според биографските податоци, интересот на Ман во љубовниот живот бил насочен кон личности и од двата пола: Најпрво кон едно момче, Арнолд Хојзер (син на куќни пријатели); кон соучениците Вирли Темпе и Армин Мантерс во родниот Либек, кон минхенскиот пријател, виолинстот и сликар, Паул Еренберг, со кого ќе одржува интимни контакти до периодот пред да се земе со Катја Прингсхајм и ќе изјави дека е неговата најголема љубов, кон Англичанката Мери Смит, со која се запознава 1901 година во Фиернца, за на крајот, околу 1950 година, придружувајќи ја сопругата на една операција во Цирих, кога ќе се вљуби во еден хотелски келнер, Францл.

Дали Ман прави мимикрија на своите чувства и ги транспонира во наративните идентитети на ликовите?

Кога се говори за хомоеротиката во неговите дела, се мисли на: љубовта на Хано Буденброк кон грофот кај Мелн, во романот „Буденброкови“, љубовта на Тонио Крегер кон Ханс Хансен во новелата „Тонио Крегер“, љубовта на Ханс Касторп кон Пшибислав Хипе во романот „Волшебниот рид“, или на небулозната инцестуозна привлечност на полубратучедот на Касторп, Јоахим Цимзен; љубовта на Адријан Леверкин кон Рудолф Швертфегер во романот „Доктор Фаустус“,  љубовта на Густав Ашенбах кон полското момче Таѓо во новелата „Смрт во Венеција“, љубовта на Шридаман кон Нанда во новелата „Заменети глави“…

Крал Вернер Бем, посочува дека и кога се работи за хетеросексуална врска, таа во опусот на Ман е само маскирана хомоеротска врска.

Интересно е да се подвлече дека Ман истапува отворено против грубото манифестирање на хомосексуалноста, дефинирајќи го како повреда на јавниот морал. „Така, во дневникт од 23. 02. 1921 година тој запишал дека романот „Болна љубов“, од авторот Ханс Јегер (кој важел за хомосексуалец) не сакал да го прочита докрај, бидејќи станува збор за „одвратен, непријатен документ“. Романот „Волшебниот рид“ е критика на т.н. „amor carnalis“ (плотна љубов). Во тој контекст, во „Доктор Фаустус“, Ман ќе напише:  „Желбата за туѓо тело, значи превладување на отпорите што постојат и што почиваат на туѓости што постојат помеѓу јас и ти, помеѓу сопственото и туѓото“.

Текстот е дел од поголем проект што се однесува на различни аспекти од книжевниот опус на Томас Ман.

Библиографија:

Ман, Томас. Волшебниот рид, 1. 1987. Наша книга:Скопје

Ман, Томас. Волшебниот рид, 2. 1987. Наша книга:Скопје

Man, Tomas. 1980. Eseji 1. Matica Srpska:Novi Sad

Man, Tomas. 1980. Eseji 2. Matica Srpska:Novi Sad

Man, Tomas. 1989. Doktor Faustus 1. Nolit:Beograd

Ман, Томас. 2006. Тонио Крегер. Табернакул:Скопје

Man, Tomas. 1980. Dnevnici. Matica Srpska:Beograd

Lukač, Đerđ. 1958. Tomas Man. Kultura:Beograd

Грчева, Ранка. 2001. Љубовта како наративна политика. Блаже Конески:Скопје

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.