За слободата се работи…

Рецензија за претставата „За домот се работи“ по текст на Горјан Милошевски и режија на Мартин Кочовски (роден битолчанец)

Најавената мошне богата и амбициозна програма за 2014, годината во која Народниот театар од Битола ќе ја одбележи седмата деценија на своето постоење и делување – со претставата ЗА ДОМОТ СЕ РАБОТИ, по текст на Горјан Милошевски и режија на Мартин Кочовски (роден битолчанец) и со нејзината премиерна (пра)изведба на 1 февруари (минатата сабота), го означи и официјално почетокот на споменатото чествување.
Проверениот и познат, секогаш надвор од секоја класификација и вреднување/врамување, секогаш истражувачки – до провокација, режисерски дискурс на Мартин Кочовски и овој пат се втурнува во потрагата по толкувањата и простирањата на границите на слободата и неслободата – како нејзин антипод.

za domot se raboti

Отворената и разбиена драматуршка структура на текстот под индикативен наслов ЗА ДОМОТ СЕ РАБОТИ на младиот и надежен драматург Горјан Милошевски, кој во неколкуте слики (епизоди) што се лоцирани, отпочнувајќи од современото милје (наше), до препознатливите историско-политички или дури виртуелно/ларпурлартистички актуализации (и персонификации) низ просторот и времето, му дава можност и особено пригодност на режисерот М. Кочовски, да ги отвори прашањата на слободата како нужност на човековото (и не само негово) постоење и демократијата како нужен општествен (и не само општествен) феномен и нејзиното функционирање/практикување. Резонанцијата повратно одекнува и ги предизвикува сетилата, секако засилена и со безброј не само наши (дом-ашни), туку и актуелни случувања во општествата наоколу и подалеку – со предзнак на демократичност, било тоа да се во Европа (Унијата) и светот.
Секако дека од спојот на младиот драматург (на Театра – Скопје) Милошевски и веќе афирмираниот режисер  и носител на повеќе меѓународни признанија од балканските простори и Европа – Мартин Кочовски, мораше и се очекуваше силно артикулирана и актуелна сценска приказна, која судејќи по познатите и потврдените не само естетски декларации но и реализации на Кочовски, во најголем обем извориштето го има во политичкиот театар (доминантно на Б. Брехт).
Но, исто така, очигледно е дека режисерот Кочовски, се чини, одамна ја има акцептирано за своја идеја водилка познатата објава за театарот на Ф. Г. Лорка – дека театарот што не го одразува/следи животот на својот народ или е мртов или тоа наскоро ќе биде. Па така, во еден сценски концепт од 6 епизоди, отпочнувајќи од „појавата на видовите“ (следејќи го Дарвиновото начело) тој и низ својата сценска контемплација ќе го демистифицира анималното кај и во човекот „како најсовршен вид“ – и тоа со силни напати и не многу (и за секој од „господата убаво акомодиран во седиштето на затопленото гледалиште“) да ја испровоцира реакцијата и отпорот кон неправдата, кон злото – правејќи го тоа најчесто имагитивно, но и незавиткано, што ќе рече – директно, во секој случај, умно и учено, со силина на голем познавач на уметноста на театарот и ползувач на проверените и историски потврдени театарски креативни вредности и естетски начела.

za domot se raboti3

Во широкиот распон и опфат, отпочнувајќи од македонските/балканските до европските, па до неодминливите глобални состојби – некогаш и денес ДОМОТ, и загрозата на голата човечка егзистенција во разни времиња и простори, се чини за нужно да ја допре и Библијата, со илустративната (и завршна) епизода за спасот со Ноевата арка/лаѓа. Но и арката не нуди спас за сите, за „милионите маченици“ и мноштвото „на трудот црн народ“. И повторно, за жал на младешкиот револуционерен пламенен романтизам (на момчињата од Млада Босна – меѓу кои е подоцнежниот класик на европската литература, нобеловецот Иво Андриќ) изложен на некоја „Црна рака“ (скапоцена Зора или сл.) – јавни или тајни друштва, кои ги држат в раце инструментите (ножици – за кроење; жици – за повлекување на марионетите) за на крајот сѐ да заврши со бестијална деструкција и разголување до уништување на човечката душа, тело и, што е најстрашно – со неповратно губење на духот на опстојувањето и постоењето на првичната и правичната идеја на рамноправноста, демократичноста, слобода за секого и мир насекаде под небесниот сончев свод (наспроти стравотиите на империјалните пресметки по примерот на Хирошима итн. – сликата на озрачените).
Во изнесување на ваквите идеи Кочовски стреми кон лапидарност и осиромашеност на сценските изразни компоненти. Со сценографија со само десетина железни скалила, кои стремат кон небесните висини (и кои се одлична алатка за дејство/акција низ кои како во надреалистички ораториум се пласираат тирадите за правдата, демократијата и слободата како универзални вредности и категории), потоа и наспроти тоа – подземното (андерграунд) ниво како друг ракурс на гледање (со појавувањето од оркестратата на залутаните македонски револуционери, атентаторите од Солун, 1903 – каде ако не во срцето и на сцената на културна Европа – во Виенската опера) и на крај, со многу натуралистички – голи актерски тела, во исконска акција за опстојување, барање слобода, љубов, кои ја надополнуваат ликовната компонента (палета) и го илустрираат, заедно со музиката (и ритмичкиот татнеж што го продуцираат актерите со или без помагала) го создава вкупниот впечаток, кој на моменти паѓа во дисхармонија поради покривањето на сценскиот говор на некои од актерите (во длабочината на сцената).
Сѐ на сѐ, беше одиграна претстава што го репрезентира не само авторскиот и актерскиот потенцијал на битолската сцена во моментов, туку и го подвлекува објавеното, дека годинава за 70-годишнината од постоењето на НТБ, на битолската сцена ќе бидат застапени познатите и помалку познатите креативни театарски потенцијали од Битола. Па така, покрај вкупниот коавторски состав како логистика на режисерот Мартин Кочовски (кој по 5 години повторно добро одработи на сцената во Битола), во актерскиот дел исклучиво од млади актери (деветмина на број) својата актерска валоризација со успех ја остварија и: Иван Јерчиќ, Илина Чоревска, Огнен Дранговски, Борче Ѓаковски и особено новиот лик –Катерина Аневска.

Напишано од
More from РЕПЕР
Погрешен избор
Извонреден стрип од американската цртачка и илустраторка која твори под псевдонимот Notofagus,...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *