Аматеризмот како неискоренлива матрица (или кога чкртаниците добиваат изложбен простор)

1Едно време ја прегледував македонската периодика за култура од педесеттите, шеесеттите, седумдесеттите и од осумдесеттите години на дваесеттиот век. Текст по текст. Тоа го работев цела година. Списанијата, стокмени по сите социјалистички тертипи, изобилуваа со текстови за аматеризмот. Фестивали за филмски аматеризам, аматерски театарски претстави, натпревари за радиоаматери, аматерски натпревари во пеење… Секој трет текст беше посветен на аматеризмот. Се славел, се величал и се обоготворувал со години и со децении. Убаво, систематски, херојски, да живее аматеризмот! Аматери, обединете се! Манифестациите за славење на аматеризмот, како главна матрица на културното и општетсвеното живеење, биле толку чести и толку гласни што ги слушаме дури и денес. Преферирањето на аматерскиот над професионалниот принцип веќе одамна се инфилтрирало (оти било силно индоктринирано) во нашето колективно несвесно. Тоа нè довело и до многу сериозно дереџе, наместо инфузија, на човек во вената да му стават средство за дезинфекција. Но јас ќе се свртам кон дереџето во културата. Терминот „аматер“ не носи секогаш негативно значење; се однесува на човек што не се занимава со одредена дејност професионално, туку „во слободно време“, „од љубов“. Терминот, исто така, означува и личност што не е формално образовно квалификувана за дејноста што ја врши; самоук човек или автодидакт. Историјата познава аматери-генијалци, луѓе што ги промениле историјата и историјата на уметноста со своите креации. Но сведоци сме дека во нашава културна средина се случуваат настани на кои зборот „аматеризам“ може да го залепиме како етикета што носи негативни значења. Самопрогласени сликари ги влечкаат своите чкртаници низ градовите низ Македонија и ги бомбардираат медиумите и социјалните мрежи со информации за нив. Да се вратам кон аматеризмот во поранешна Југославија. Си велам, ете, го славеле аматеризмот, правеле разноразни манифестации на аматерски филмови, слики и претстави и никогаш не се претставиле како професионалци! Си стојат насловите на изложбите како аматерски, најчесно и најискрено! Денешнава ситуација е многу полоша, оти принципот е задржан, но не е јавно деклариран, па ни се случуваат милион пати најавени изложби на дела (дела???) низ земјата. Свесни сме дека постмодерната ги релативизира сите мерила и критериуми за она што е уметност. Но едно мерило, субјективното естетско доживување, нема никогаш да нè излаже. Уметноста во најмала рака ќе те допре; големата уметност ќе те падне на колена, ќе те распарчи и повторно ќе ти го соедини битието во катарса, носејќи ти ново сознание за светот. Не треба за тоа многу теорија и филозофија (не се занимаваат сите со тоа, но сите повеќе или помалку се приматели на уметнички пораки или, кажано по ново, консументи). Е, сега, како да ги консумираме чкртаниците и мачканиците што се изложуваат низ земјата, а за кои не признаваат дека се аматерски? Може пред нив дискретно да се насмееме како пред детски цртеж од некое блокче, ама ги немаат искреноста и душата на детски цртеж! Може да замижиме и да не коментираме ништо. Се прашувам дали „авторите“ на „делата“ навистина веруваат дека масата консумира сè што ќе ѝ се понуди? Масата најчесто е некритична, но некои „дела“ се навистина „несварливи“! Зарем на ѕидовите во изложбените простори не може да се изложат уметнички дела, та мора да ги гледаме мачканиците и чкртаниците од некоја пуста неостварена детска желба да се биде сликар? Зарем молкум ќе го поддржиме аматеризмот и нема да им дадеме шанса на уметниците што создаваат вредности, додека караванот си врви низ целата земја?

Зарем ќе се правиме наудрени дека гледаме црн квадрат на бела основа кога ги нема ни квадратот ни основата?

 

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.