Архангел и Македонската филхармонија: продлабочување во значењата

Арената именувана по нашиот втор претседател со трагична судбина беше обземена во прегратките на скопската магла и густиот смог што го произведуваат нашите човечки и нечовечки потреби. Надвор, студ и некаква сомнителна слана што лизга меѓу прстите. Атмосфера, како од неизведена песна од некоја стара тетратка на Ристо Вртев. Со оглед на тоа што зборот магла во музиката на Архангел се појавува речиси исто толку како и зборот љубов, таа вечер потоната во магла беше перфектна подлога за настап на неговата креација – Архангел, во концерт со Македонската филхармонија.

arhangel

Мошне пријатна беше глетката од стотици возбудени лица – репрезентативни за културата на културното македонско творештво, кои нестрпливо цупкаа во место чекајќи на редарите да ги отворат портите. Не ми беше воопшто мило што уште од самиот почеток организацијата дозволи да потфрли на ваков, за нас посебен, настан. Наместо да се туткаат во инка што одзема од позитивната енергија, луѓето би требало да бидат спроведени на уреден и достоинствен начин, за што постои оперативна теорија. Нејсе. Разликата во атмосферата од студената плоштина надвор до утробата на нашата најдобра арена им го развигори духот на луѓето.

Внатре посведочив прекрасна глетка. Три-четири илјади души собрани на едно место за едно нешто што ги соединува сите. (На Илинден не се собираат толку луѓе за една кауза.) И постари и помлади генерации, сите опфатени од магијата на едно музичко светилиште што вечно ќе ги осветлува благословените со љубов, ум и слух: Архангел на Ристо Вртев, кој без да врбува ги дари своите поетски разговори со самиот себе на армијата верни обожаватели. Сепак, тоа што се одвиваше за време на концертот не дозволи да се одрази моќта на Архангелот што се рее во неговите мисли и во духот на музиката на овој култен бенд.

Една конвенционална мудрост што ја применувам во животот е да не поставувам очекувања за да не си дадам право да се разочарам. Со ваков став му пријдов на концертот за да можам по него да суштествувам со мирна совест, неразранета од некои можни неостварени очекувања. Опасноста од тоа во поглед на овој концерт е што откако се познавам себеси, ја идолизирам музиката на Архангел и се соблазнувам со волшебните мелодии што ги пренесуваат мислите на Ристо Вртев. Сепак, се дрзнав да замислам што би можело да се случи од квантен спој на Архангел и збир на одлични музичари, како, на пример, Џијан Емин на пијано и Ѓорѓи Шарески на гитара.

Не успеав да се прелажам до крај дека успешно ќе ги избегнам мислите што ги предвидуваат желбите. Потајно се надевав на синергија помеѓу Филхармонијата и Вртев – нешто како акустично потенцирање на поезијата во кое специфичноста на еден инструмент ќе ја повее емоцијата на секое жарливо зборче од устата на поетот. Концертот беше насловен како „Архангел и Филхармонија“ но тоа што го доби публиката беше многу Архангел и само малку филхармонија. Веќе зборуваат моите желби и не можам да сокријам како мислам дека требаше двете музички молекули да ги разменуваат енергиите.

Некои од песните можеа да добијат сосема различен амбиент вдахнат од нежните дувачки инструменти. На оние места во музиката каде што тапаните не се во полн тропот можеше да дојде до израз перкусионистот во задните редови. Замисли го моментот каде што гитарското соло доаѓа во заден план и служи да го придружи шарањето на саксофонот. Доволно е само да се замисли колку можеше да биде поинаку-поинаку, ново и за нас невидено. Но што е тука е и, сепак, не беше сѐ толку потполно залудно. Не може да се каже дека Филхармонијата блескаше, но на моменти остави свое убаво обележје на концертот како на пример, завршните крешенда на две или три песни, кои на еден начин беа новитет, но се повторија во ист стил исто толку пати.

Не можам да претпоставам, а сега веќе и не е важно, кој го конципирал настанот. Важно е тоа што актерите во овој чин биле во незнаење како да му ги одврзат крилјата на Архангелот – на безвремениот дух во музиката на култниот состав. Наместо да дозволат тие да се распнат и да полетаат до најдалечните метафизички димензии на звукот и енергијата, актерите во овој чин ги ограничија, ги напикаа фреквенциите во звучници недостојни за спектакл во зародиш. Тоа се покажа уште на самиот почеток со Милион долари каде што сѐ уште незагреаниот Вртев и господин Емин на пијано нѐ почестија со прекрасна изведба, но за жал претолчена во многу остри тонови низ звучниот систем. Сето ова ми заличи на уште едно од лицата на македонската трагикомедија во безброј чинови.

2

Исто како што во далечните деведесетти газдата на тогашната дискотека Силекс имаше набавено музички систем што беше пред своето време и чинеше баснословна сума пари, и го постави на место што не трпи повеќе од одброен број луѓе, така организаторите на овој настан повикаа легендарен македонски музички состав заедно со националната Филхармонија, а нѐ оставија да бедствуваме пред супстандардно озвучување. Бас-гитарата доминираше над контрабасот (чинам беа два). Ретко кога доаѓаа до израз виолините. Пијаното беше придушено речиси целото време. Никако не можеше да се слушне целокупната полифонија на музичките инструменти, што поради лошото озвучување што поради неумешноста на организаторот правилно да ги распореди фреквенциите преку електронските уреди. Не треба човек да биде експерт за оваа тематика –  впрочем, малку треба да размисли критички за да биде јасно дека од технички аспект концертот беше програмиран како концерт на група, а не како концерт на група и филхармонија. Звукот на бендот делуваше разорно наспроти акустиката и затоа ова може да се квалификува повеќе како концерт на Архангел отколку како концерт на Архангел и Филхармонијата. Публиката треба да дозволи уште шанса за некој иден ваков спектакл.

Многу често кога ни се укажуваат одлични околности за благопријатно изобилство, за угодно уживање и насладување со слатка победа за сите нас, доаѓа до израз петпаричноста на некои луѓе што не разбрале што значи човек да даде сѐ од себе во име на другите. Каде да ја најдеме утехата за овој концерт? Јас не се разочарав затоа што не си дадов право да се разочарам, па така можам да зборувам непристрасно. Видов и слушнав нешто од Архангел. Почувствував убава енергија помеѓу публиката. Се радував кога луѓето во еден здив пееја заедно со Ристо Вртев. Бината имаше одлична заднина – убаво осветлување и видеосодржини што се менуваа и претопуваа во склад со значењето на песните. Парадокс е што организаторот навистина се потрудил околу ова, а потфрлил во озвучувањето. Но не е парадокс и тоа што организаторот не можел да испреговара претставувањето на спонзорите да биде за нијанса помалку продорно во целокупниот амбиент. Можам да се помирам со тоа што македонското пиво – долгогодишен монопол, штрчеше со неговата бела и зелена боја на страничните паноа, но не можам да се помирам што на неколкупати овој видеосегмент ги замени видеопроекциите зад бината. Не можам. Гледаш во музичарите и во волшебните снопови светлина, гледаш планета што лета низ универзумот и одненадеж, без задолжително предупредување, бело-зелено врбување што сака да те потсети да преплатиш една чаша пиво.

Реков на почетокот дека публиката беше репрезентативна за културата итн., итн. Ги повлекувам тие зборови, со добра причина. На крајот на концертот се расеа целата атмосфера. Музиката заврши порано од очекуваното. Не знам, можеби ова беше планирано за да се предизвика задолжителен бис каде што ќе се отсвират песните што изостанаа, но публиката не заслужи бис. Иако Филхармонијата остана на своите места, публиката не собра сила да ги повика Архангел да се вратат на бината. Некои од луѓето извикуваа како од шега. Некои се мајтапеа. Тие што ги повикуваа Архангел на бис како да не беа доволно сигурни во себе. Сето ова е одраз на срамот или стравот односно несигурноста во себе, и е заемно поврзано со тоа што младите во Македонија никогаш не покажале борбен дух против неправдите, или, пак, за подобра иднина. Ми беше неверојатно и што се слушаа свирежи. Ова, пак, е одраз на оној подбив што постои меѓу нас, подбив пред кој ништо не е достојно ниту, пак, свето. Некои луѓе како да не научиле ништо од Архангел – паднаа многу ниско. Жалам за вистинските обожаватели. Ете како заврши не толку славниот концерт. Но да потенцирам едно нешто. Постои Архангел како група, како поим… и постои концерт на Архангел со Македонската филхармонија како настан. Тоа се две различни нешта што треба посебно да се вреднуваат.

Концертот го квалификувам како концерт на Архангел и Филхармонијата, а не како на Ристо Вртев и Филхармонијата, иако многу луѓе се противеа на најавата за настанот со изговорот дека од првобитниот бенд остана само Вртев и тој немал право да го узурпира името на бендот. Очигледно некои луѓе не мислат дека Вртев е синоним за Архангел, иако токму тој е авторот на речиси сите текстови, како и на музиката. Можеме да аргументираме околку креативниот процес – како се создава една песна или мелодија или, пак, како се создава цел еден албум, дали за тоа е одговорен еден човек или, пак, учествуваат со идеи и сугестии и другите членови на составот, вклучувајќи и надворешни фактори, но тоа нема да го замени статусот на Вртев како фронтмен и како креативна машина на Архангел. Замислете што ќе се случи ако го замените Ристо Вртев и викнете друг човек да ги пее неговите песни. Се извинувам, но тоа е незамисливо. Од друга страна, сосема е замисливо некој друг да ги изведува мелодиите и ова го кажувам со сета почит кон честоспоменуваниот Гино и останатите членови на првобитниот Архангел, кои заедно го создадоа ова вредно музичко наследство. Сепак, нештата се менуваат и треба да се менуваат, а ние треба да му дозволиме на времето да тече и да не потклекнуваме пред презирот и зависта од некои недоумици во минатото. Можеби помеѓу основните членови на групата има лоши чувства поради некое недоразбирање, но за тоа постои празникот Прочка. Ова не е единствената причина зошто според мене Ристо Вртев е исто што и групата Архангел.

Генезата на Архангел, од далечната 1989, преку нивните четири студиски албуми па сѐ до денес е раскажување за времето, просторот и чувствата под ова наше небо, да не речам, железно. И покрај раздорот на Југославија по пат на војна во Македонија своевремено се задржа мирот и спокојството од тоа минато време. Малите и секојдневни радости – обичните нешта ѝ даваат подлога на темата љубов, која толку силно преовладува во првите зборови на Архангел. Вртев тлее во чувства што сака да ги осознае, а со тоа да се осознае и самиот себе – на некои песни преку негирање на љубовта, како во Превез, а во други (Молк) со покорување пред музата што го освоила: кога си крај мене, стварноста и не ми е потребна.

Но, во Архангел 1 истовремено се јавува и дихотомија што ѝ опонира на љубовта – тоа е новото време и новите предизвици за еден народ што половина век дотогаш постоел во наивното несознание на мирот. Како си, кој е тој немир? Опиши го ако можеш!

Песната Ладно оружје е првото огледало на новото време што демне од заседа. Дали тогаш во Македонија за првпат почнуваат да продираат пипците на една друга, сосема поинаква цивилизација, сосема туѓа, но и привлечна со нејзините неонски реклами, мазни коли, новокомпонирана голотија и перверзија? Оваа тема декларативно го одбива тоа, се противи, како да насетува дека промената ќе биде разорна: Што е модерно, сѐ е скроено. Боже, овде гледам само робови! Колку силно значење имаат овие зборови до ден-денешен кога светот, не само ние, се обидува одново да се замисли, да се пронајде помеѓу модерното и традиционалното, помеѓу технологијата и брзиот живот и мирот и спокојството. Во ова одвивање на универзумот не секој се снаоѓа умешно. Постојат робови на времето – робови на модерното и робови на традиционалното. Дихотомијата (дуализмот) во Архангел 1 продолжува да се одигрува – за тоа доволно е само да ги погледнеме насловите на песните. Во Гордост Вртев посакува звук на челик, звук на омраза; како да не може да се огледа себеси во луѓето со кои се разминува и тоа го доведува до тешки, пакосни мисли што сакаат да му се одмаздат на човештвото за сите негови гревови. За да можам мирно да заспијам засекогаш, вели тој.

arhangel3

Една од највпечатливите појави на дамнешното време опишано во првиот албум беа луѓето со стаклени очи што се претвораа во Исус за еден ден. Во тоа време дрогата ги граба младите кревки души, а Архангелот што е под Бога и над сите нас го гледа тоа и се темнее во жалост. Многу е интересно што дихотомијата во албумот има опиплив пресек – некои од песните ги истражуваат апстракциите на животот во кој човек не може да најде топло засолниште за душата – тоа се песните Луна и Брчки. Некои претставуваат потрага по љубовта помеѓу магливите пространства на животот. Во некои од песните – Молк и Два во еден Вртев го артикулира човековиот капацитет да тлее во топлината, што може да ја понуди спротивниот пол кога двете страни ќе се изборат да мируваат помеѓу хаосот, но и тука има нешто недоречено, нешто што го оттргнува човек од безусловното прифаќање на таквата веројатност каде што животот на еден човек е потполно предаден на карнална љубов: страв од твојот нож, најди ме во себе – јас не сум ти, ти не си јас, тоа не е никој од нас.

Првенецот има завршница што гледано од Небесна машина наназад ги усогласува сите нејаснотии, сите сомнежи за тоа што денес значи Архангел. По заблудите што ги причинува времето во песната Брчки следува песна што го носи насловот на албумот и насловот на групата. Архангел е духовна тема што ги сумира најснотиите на животот што со нас ги споделува Ристо Вртев. Празнината во Архангелот ги надвладува моштите на човештвото и тој сака да си оди некаде, да си оди во некој дом каде што нема потреба од логика, бидејќи колку и да е возвишен Архангелот е секогаш во тебе, секогаш во мене. На патот кон тој дом со Ахангелот во себе Вртев најверојатно осознава дека тоа место или не постои или е, просто, сѐ уште недостижно. Вртев се предава пред присуството, велејќи: Ти не си логичен, Архангеле.

Две години подоцна групата го издава вториот албум. Очигледно е значењето на тоа што албумот нема посебен наслов, туку е просто насловен Архангел 2 – како продолжение на процес што бил започнат и што тежнее да се надополни за да постигне некаква космичка цел. Албумот е издаден во 1993, година во која сѐ уште тлее војната. Мирот како да бил истиснат од просторот, небото е железно, а човекот се претвора во сениште. Војната – девојката која нема милост ниту за еден свој љубовник, го заведува во своите интриги човештвото. Колку е длабока, бесконечна оваа тема како што е раскажана според зборовите на Вртев. Знаеш колку се длабоки и бесконечни траумите на војната кога при секое слушање ти се наежува кожата, а низ ‘рбетот ти прелазуваат морници од илузиите на идолите и на насмеаните крвници во чии прегратки заспиваме сите. Војна е одраз на војната што се одвиваше во нашето соседство додека ние немо и ужаснато гледавме како луѓето како споулавени се пресметуваа со тажните недоразбирања.

Длабоки траги и уште поголема потреба за љубов – тоа е суштината на Архангел 2, каде што ги доживуваме лицата на љубовта што Вртев бестрашно ги осознава и несебично ги споделува со светот: мислев ја љубам, а јас ја гризам-гризам до смрт, до самото дно. Овие зборови ќе те стрештат – ќе ги сокршат грамадите на непопустливоста на стегнатото срце за да може да продре оној чудесен свет што се крие зад милионите долари што секој потајно ги посакува. Во Милион долари може да се огледа човекот што се плаши да сака, што без љубов ќе остане осамен и уморен. Во овие песни има длабоки мудрости, но тие не ни се на дофат на раката. Треба да се случи нешто во нас – дали да се распаднеме во солзите на скршеното его, кое ќе се огледа во копнеењата што имаат многу лица? та да можеме одново да ја преслушаме музиката и да се преслушаме себеси? Многу од стиховите на Архангел претставуваат коани-загатки што немаат логичен одговор, а, сепак, водат некаква вистина што се чувствува, а не се декларира со зборови како општа вистина. Тоа е воедно и дихотомијата, односно дуализмот помеѓу двата света што се јавува во Архангел 2 – љубовта и мразот се борат за превласт врз разумот и не попуштаат до самиот крај. Всушност, невозможно е да се пресече дали во овој албум можеме да најдеме конечен исход – нешто како помирување или поразување пред чувствата и пред светот. Во Драги мој се наѕира епизода на страшна недоумица што го турка човекот до гневен копнеж за одмазда, усвитен од жезлото на љубомората до точка од каде што духот нема да може да се врати.

Се прашувам дали Вртев свесно зборува за луѓето што се губат во светот и посакуваат да отидат некаде далеку или, пак, јас погрешно толкувам. Не постои точен одговор, но тоа не нѐ спречува да се посомневаме во темата Човек без име и презиме, каде што некој сака да пребегне преку океан од солзи, прогонуван од свет кој нема минато, свет кој нема иднина. И во следниот албум наидуваме на траги од – така да го наречам тоа – печалбарска тема во која Вртев го презира новиот свет. Можеби темата во Архангел 2 е претходник на тоа размислување, како предизвик на недоразбирањето на еден еволутивен номадски порив, кој е длабоко вкоренет во секој човек, што можеби ни удира во свеста дека треба да се отиде некаде подалеку од дома за да се осознае значењето на домот, а ние тоа го гледаме низ призма на одбивност кон домот што нѐ израснал.

 4

По цели пет години пауза пристигнува третиот албум на Архангел, Heart Core, албумот што подоцна ми го откри целото нивно творештво. Морам да признаам дека најпрво ме плени темата Über Makedonishe и спотот со исечоци од филмот Збогум на 20 век. Во тоа време немаше дете што можеше да одолее на бунтовниот хардрок. Кога ја купив касетата, постојано ја премотував лентата до добропознатиот шум помеѓу две песни, незаинтересиран за остатокот сѐ додека не ја слушнав Владимир. По првото слушање на оваа тема почнав отпочеток да го осознавам Архангел.

За разлика од претходните два албума Heart Core има нов звук и поинаква атмосфера во песните. Нова вера, нова библија е уште еднаш, крик за новото време и воопшто не треба да се продира во зборовите за да се почувствува политичката димензија која за прв (и последен) пат декларативно ќе биде прикажана од Вртев. Станува збор за (пот)свест наметната од времето и просторот што од народот изнуди копнеење по некои минати времиња. Под срп и чекан јас сум роден е како мантра со која Вртев сака да го заштити својот дух од некаков демон што во неговите очи е во налет да врбува кон нешто невистинито и кобно. Уште еднаш се наѕира порекнување на домот од страна на „некои“ што со еден долар изневеруваат, а со друг забораваат, но тоа е само еден детаљ во општиот светоглед на Вртев, кој во овој албум открива поинаква зрелост и во поимањето на светот и во поимањето на љубовта. Таа зрелост, всушност, е сигурност – самодоверба во сопствените мисли и дела што во овој албум делуваат како да се изречени од метафизички гласник што открил некое идно време и повторно се вратил назад.

Владимир е песна што те држи на штрек сѐ до последното крешендо на гитарата по што набојот, кој е сотворен од револт, од разочарување, од покајување, од копнеж за пресврт, од страст за промена… се вивнува во една точка и имплодира во конечен мир. Генијот самоубиец се стреми да полета некаде. Не знаеме како оваа комета ги осознава можните димензии, не знаеме дали ова  е конечниот исчекор од домот во кој е населен Архангелот што го запознавме во Архангел 1, но сега знаеме за сигурно дека неколку години подоцна кометата ќе го најде својот дом.

Прекрасна е логичката прогресија на темите во овој албум. По Владимир следува свод од звуци низ кој поминува слухот, а со тоа и умот, а можеби и душата, за да се порамнат фреквенциите од мноштвото идеи и зборови на албумот што се толку надмоќни врз разумот.

Љубовните теми, Heart Core и Радост се луцидни и директни, знаат точно што чувствуваат и што сакаат да кажат. Првата љубовна тема е предупредување против осаменоста што произлегува од индиферентноста на едната страна кон љубовта што веќе била воспоставена и докажана, но се појавиле некакви сомнежи или каприци. Вртев нѐ предупредува дека живееме во години на љубов или смрт. Залудно е да цитирам повеќе од оваа тема. Ова е полна зрелост во осознавањето на духовната љубов што сака да се изрази преку сетилата на телото. Втората љубовна тема со еден збор може да се нарече екстаза, која доспева до најрадосните, најбезгрижните мисли што човек може да ги има кон другата половина во својот универзум. Вртев, односно светот, односно сите ние, во оваа песна одново се вљубуваме и тоа го чувствуваме, волшебно, ами како поинаку? Сепак, во двете песни поназад уште еднаш провираме во патешествието на човекот што тежнее да љуби помеѓу хаосот што некогаш знае да го зафрли во страшна, молскавична бура. Треперам од возбуда, сиот треперам од страст. Дали си моја љубов или сум полн со омраза?   

arhangel3Архангел не е нешто што се слуша за инстантно да ви го разведри денот. Архангел бара да биде разбран, бара да биде почувствуван. Првиот пат кога ќе ти се разиграат сетилата, ја подотворуваат портата кон некои нови длабочини. Толку длабоко продираат зборовите на Архангел. Искуството ја надминува димензијата во која се соживуваме со музиката и станува искуство во кое се соживуваме со музиката и се сочувствуваме со чувствата. Албумите на Архангел се највпечатливата македонска приказна што некогаш била раскажана. Убавината и големината во сето тоа е што оваа приказна нема јасен почеток, средина и крај, туку има делчиња во кои зборовите се енигматични, а наградата за нивното толкување е космичка самодоверба што човек може да си ја подари на самиот себе.

Кога излезе Небесна машина, критиката не беше благо наклонета кон ова издание. Луѓето имаа очекувања и си дадоа право да се „разочараат“. Не знам зошто е силен впечатокот во мене за тоа дека верните слушатели на Архангел многу повеќе им дарат слух на другите албуми на сметка на Небесна машина. Дали е до промената во звукот, како што има промена во Heart Core по Архангел 1 и Архангел 2? Дали е до „електрониката“ или до инструменталните атмосфери помеѓу песните? Сеедно. Небесна машина е албум што е на поинаков начин енигматичен од останатите.

Нафрланите пластови од енигми, мисли, чувства и претпоставки, уште на почетокот стануваат точка нула. Преполниот ум што се однел во испреплетен заборав се наоѓа одеднаш во заден план, но од таму ита нанапред, горе, долу и насекаде. Некојаси заумна сила. Од тој миг сѐ се враќа од почеток. Срце чекан в гради толчи, не му верувам. Враќам сѐ од почеток и одново проверувам! Во заборавот остануваат чеканот и српот и пиштолот и војната и омразата. Железното небо може да биде небо од води и сводови. Сепак, Вртев не нурка во илузорни длабочини од каде што не би можел самиот да излезе. Имено, едната половина на светиот дуалитет не може ѝ избегне на љубовта, додека другата половина не може да ѝ избегне на челуста на некојси жеден лилјак. Додека смртта не нѐ ослободи, можеби ни преостанува да чекориме по невидливата линија што се наоѓа помеѓу двата света што илустративно се пресликани во симболот јин и јанг, што го растргаат суштинското јадрото на Архангел 1 и Архангел 2, на Heart Core и на Небесна машина. Постои Вина невина, сепак постои. Таа е на крајот на Небесната машина. А Архангел може да биде тоа што е едно, тоа што може да биде и 1000 светла и милион долари и бесмртност и копнеж за младост и љубов за старост. Нека остане на тоа.

Во меѓувреме, ни преостанува да не бидеме толку сурови со заклучоците во поглед на концертот, кои се продолжуваат како заклучоци за самиот бенд. Секој човек заслужува да ја одржи достоинствената скромност што ја стекнал на мирољубив и ненасилен начин. И старата слава некогаш била слава. А тој што има почит секогаш ќе се најде во прилика каде што ќе може да ја оддаде на витешки начин.

Leave a Reply

Your email address will not be published.