Оглед на културните хибриди во романот „Подвижни гробови“

bozin pavlovskiСлучувањата во романот се сместени во три временско-просторни зони. Првата е Битола во текот на 60-те години од минатиот век, потоа периодот пред Првата светска војна во Ресен и Преспа, за на крај да заврши со колаж од настани сместени на релација Мелбурн–Скопје–Битола–Преспа кон крајот на 90-те години на минатиот век. Романот го следи раѓањето и развојот на една идеја. Идејата за независна Македонија, првин како автономна покраина во рамките на Отоманската Империја,  за преку Република во рамките на Југославија,  на крај да стигне до независна и самостојна држава.

Прво што паѓа во очи е подвојувањето што се појавува уште во насловот „Подвижни гробови“, бидејќи гробовите првенствено се познати по својата неподвижност и стабилност. Овој наслов нè наведува да помислиме дека се работи за дислоцирање на посмртните останки од разноразни причини. Книгата обилува со податоци за светците што ги заштитуваат Преспа и Ресен, а се со преместени гробови. Исто така и Павел Шатев (како и главниот јунак, Енвер Петровци) ја дочекал судбината да му се преместува гробот.

Уште една техничка забелешка, која мора да ја наведеме, е дека книгата е започната во Скопје, а завршена во Мелбурн, што ќе рече, влијае ли општеството/опкружувањето  врз гледиштето на писателот на една иста тема?

Посветата  открива една од носечките теми на романот, а тоа е фактот дека нацијата се губи не кога ќе се изгуби територијата, ами кога ќе се изгуби јазикот. За што, всушност, станува збор? Носечката приказна е за Енвер Петровци, муслиман кој зборува македонски, културен хибрид, Торбеш чиј гроб е селен трипати на три различни места. Гробот на Енвер не го сакале ниту муслиманите ниту христијаните. Во овој контекст, уште на првите страници јасно е испишана паролата на која јунаците од романот ќе се обидат да ѝ се спротивстават, но безуспешно, а тоа е дека не се седи на два стола, т.е. две религии:

… мошне вешто ги предупредуваа верниците на исламот, кои во Битола се проретчија, да не седат на два стола (Павловски, 1998:11).

Во обид на расветлување на општествено-религиската врска во раниот 20 век, битно е да напоменеме дека: „Сите главни современи религиозни групи на Балканот настануваат во епохата на средниот век, што значи дека тие се традиционално насочени и ги имаат карактеристиките на она општество кога настанале. А тоа се: затвореност, привлекување на луѓето кон едно јадро, постојан манифестен или латентен конфликт, надворешни притисоци преку разни социјални сили“ (Мојсиева-Гушева, 2004: 154-169).  Што би се рекло, или си со нас или си против нас. Границите се непремостливи. Почитувањето е обострано, но секој се држи до своето.

Тука би било идеално место да дадеме и една дефиниција за културата. „Културата е комплексно тело од норми, симболи, мотиви и слики што навлегуваат во единката, ги вообличуваат нагонските импулси, ги насочуваат чувствата. Тоа проникнување се остварува по пат на психички процеси, проекции, поистоветувања и поврзување на симболите и сликите што се јавуваат во фолклорот и обичаите, како и во егзистенцијата на митолошките и стварните личности (Мојсиева-Гушева, 2008: 45-55). И веднаш прашањето, зошто условно речено, дефиницијата за формата на религијата на Балканот и дефиницијата за култура ги поставуваме едно до друго? Бидејќи долго време нивната практична вредност на овие простори била синонимна. Тоа го потврдува и следното сведоштво:

„Во селата и малите места во регионот луѓето од различните националности и вероисповеди и по војната сè уште негуваат култура на заемно посетување и честитање, пред сè за време на религиозните слави, кои на пример помеѓу протестантите и католиците во Германија се сосема непознати. Дури и обичајот на размена на ученици, коj по Втората светска војна требаше да ги зближи Германците и Французите, во Босна има многу подолга традиција: родителите уште во 19 век ги давале своите деца на една година во семејство од друга националност, за да се запознаат со нивните обичаи и начинот на размислување“ (Мапес-Нидек, 2010: 02). Тогаш, зошто  различните групи што толку долго се познавале меѓусебно и се почитувале (па дури и децата си ги доверувале), кога ќе дојдело до поголеми општествени земјотреси, се држеле до условно речено своите? Во својата книга „Медитеранска мисла“, Касано дава одговор дека: „Границата е света затоа што го чува односот меѓу идентитетот и разликата, затоа што гради – идентификува една заедница токму преку нејзиното сопоставување на другите, на сите други. Секоја заедница, дури и најмирољубивата, ако е вистинска заедница, таа е и вистинско непријателство. Ништо не ја обединува толку силно заедницата колку оплакувањето на паднатите сонародници, ниту една болка не ѝ е поблиска од онаа нанесена од непријателот. Нас нè обединуваат познатите маченици и непознатите борци“. Токму во оваа насока, кога арамиската чета на Јусуф-беј ги пљачкосува христијанските села, селаните бараат прибежиште во црквата, вчерашните непријатели денес се сплотуваат, бидејќи имаат нов непријател, надвор од колективот.

Но, на што точно мислиме кога ќе го поставиме прашањето за идентитет? „Се мисли на две важни прашања кога се поставува прашањето за идентитетот: на кој идентитет се мисли и кои се неговите карактеристики? Идентитетот секогаш одново се утврдува, се создава и се открива. Склон е кон промени и динамизам. Тој добива вистинска смисла дури како променлив. Не станува збор дека само тој се менува. Се менува општеството, неговата култура, па и самите носители на идентитетот“ (Георгиева-Јаковлева, 2008: 119). Но, теоријата не се согласува со честата практика еден исти човек во двете најрепрезентативни религии во Македонија (муслиманската и христијанската) да биде познат под две различни имиња. „Ако името го одредува идентитетот, што е неспорно, тогаш две различни имиња даваат и два различни идентитети. Оттука, замената на името е и замена на идентитетот“ (Георгиева-Јаковлева, 2008: 48).

**

„Не постоеше шанса да се изместува народната митологија во која, покрај верите, замешале прсти идеологиите и пропагандите. Сè уште можеше да се раскопува по историјата за да се издвојат хероите од предавниците, но дека еден муслиман се обидувал да ја спаси и одржи целокупноста на Македонија, тогаш верно не се прифаќаше ни како факт ни како бујна фантазија“ (Павловски, 1998: 12). Дури на едно место во романот, елоквентно е поставен и проблемот и решението во една реченица:

Кај се чуло и видело Торбеш херој да стане?

Подривање на оформениот идентитет на лик-јунак и донесување на површина еден внатрешен немир, етичка драма. Торбеш? Што е тој? Малцинство. Вид во изумирање? Заштитен вид? Според дефиницијата на Луис Вирет, малцинство е:  „група луѓе што, поради нивните физички или културни карактеристики, се издвоени од другите во општеството во коешто живеат и се подложени на поинаков или нееднаков третман и кои затоа се сметаат себеси за цел на колективна дискриминација“.

51255„Големите колективни идентитети што бараат признавање се проследени со претстави за однесувањето на едно типично лице од тој вид: не значи дека има само еден начин на кој треба да се однесуваат хомосексуалците или црнците, туку дека постојат хомосексуални или црнечки начини на однесување“ (Тејлор, 2004: 147). Едноставно, во колективната меморија, Торбешите не биле перцепирани како херои. Самата употреба на зборот херој во позитивна конотација со зборот Торбеш, предизвикувала потсмев. Во времето кога живеел Енвер, најчесто прогресивните форми на отпор во Македонија се организирале како ајдути. „Ајдутството како појава, има свои норми, кодекси и начин на однесување. Тоа е последица на општествените прилики, но со јасни правила на игра. Притоа се диференцираат два вида ајдутство: ајдутство поради пљачка и ајдутство заради заштита на етичките норми“ (Георгиева-Јаковлева, 2000: 41). Но, дури и таму, сите имале јасно заземени страни. Дури и таму, ликовите се црно-бели. Христијаните се однесуваат како христијани. Муслиманите се потопуваат во општата дефиниција за однесувањето на муслиманите. „Вековната маргинализација на македонскиот народ во историски контекст го поттикнува процесот на нагласена митологизација и хероизација на македонскиот јунак во литературен контекст. Историската индиферентност, потчинетост и маргинализација ѝ доделува на литературната фикција на надоместокот на загубата, па сликата на ликот на Македонецот се идеализира. На туѓинецот (Турчин, Србин, Грк) му се припишуваат негативни својства, кои подразбираат: суровост, нечесност, бруталност, поврзани со ставот искажан во народот како: сила бога не моли“ (Георгиева-Јаковлева, 2008: 72). Токму затоа, војводата Славејко е опеан, глорифициран и уважен, а Енвер не се споменува на листата на заслужни за развивање на македонската национална свест и борбата за слобода. Дури и двојното силување што ѝ се случува на младата Ангелина оди во прилог (метафорично, секако) на оваа теза. Ангелина Бабина е силувана од Јусуф-беј (муслиман) и Ламе Татар (христијанин). Ангелина Бабина има нечиста крв, бидејќи мајка ѝ била силувана од некој разбојник што поминувал низ селото и поради тоа се плашела дека нема да ја есапат ниту христијаните ниту муслиманите. Торбешите немаат нечиста крв, но имаат нечисто, недокрај објаснето минато. Се сметаат за предавници на својата вера. Народот се прашува: „ако вчера нè изневерија предците на Енвер, што ни гарантира дека тој нема да го направи истото денес?“ Како секундарна подлошка во романот се протнува нишка дека потчинетоста на жената кон мажот е општопозната и општоприфатена работа. Се подразбира нејзината првична употребна вредност како средство за размножување.

***

Сите ликови имаат проблем со својата матична културна припадност. Сите ликови се дислоцирани од својата базична група или територија. Шелева нуди „типологизација на негативните (девијантни) модалитети на домовноста:

  1. Заминуваат во странство и го заменуваат јазикот и нацијата доброволно.
  2. Исто така, загуба на домот се случува и по основа на етничко чистење, војна или немири. Тогаш, ликовите се насилно принудени да го дислоцираат домашното огниште.
  3. Неприпадност или невдоменост, премолчена експатријација“ (Шелева, 1995: 36).

Кораб плови кон морето, јас се викам Илија vs. Кораб плови кон морето, јас се викам Сабрија. Изворно, песната е дело на таткото на сопругата на Енвер Петровци, а во различни делови од историјата песната била забранувана, важела за симбол на разни револуционерни движења и се пеела на тајни собири. Музиката како сојузник на револуцијата. Песната ја пеат кога внукот на Енвер, Ерол, заминува за Австралија заедно со својата бремена сопруга, христијанка.

„Бездруго постои место на планетава каде што се живее без религиозни предрасуди“, си размислува на глас Ерол, а Нијази Лимани го убедува дека во развиените држави религијата си е приватна работа. Но, дека не е сè толку розово ќе почувствува на своја кожа Ерол кога ќе отпатува за Австралија. Никој и никаде на планетава Земја не е поштеден од плаќањето данок за своето потекло, национално и религиско.

„Не е тајна дека во основа, секоја држава има потреба од фиксирани патеки, од добро утврдени насоки со кои го декомпонира, рекомпонира или трансформира движењето на своите субјекти. Некои од нив имаат критичка свест и знаат да ѝ се спротивстават на идејата за локализирање во однапред програмирани социолошки и(ли) политички рамки на мислење и однесување. Тоа спротивставување подразбира извесен престап, а престапот иницира бегство или, во краен случај, прогонство. Гертруде Штајн сметаше дека е добро да се имаат корени, сè додека можат да се понесат со себе“ (Марковска-Бановиќ, 2007: 33). Но, што кога корените тежат? Што кога мора да се откаже човек од вчера за да го доживее утре?

Ерол ја сменил националноста во Турчин бидејќи „многу полесно е да убиеш некого, отколку да го одржиш во живот“ (Хемон, 2008: 337). Ерол не успеал како културен хибрид, потклекнал на опкружувањето, кое барало традиционално дефинирана припадност. Основал и ново семејство, оженет е за Турчинка и има пет деца. Сега веќе не е Ерол Петровци туку е Ерол Отоман. И сето тоа како последица на стереотипна забрана на брачни односи меѓу етничките и расните групи под влијание на социјално изведените верувања. Не издржал со својата сопруга-христијанка. Нивната ќерка, години подоцна, ја доживува истата судбина. Бракот на Емили се растура поради нејзиното муслиманско потекло.

****

Борбата на Енвер Петровци не е завршена. Верзии на Јусуф-беј има секаде околу нас. Борбата можеби не се води ајдутски во горите и планините, Македонија за сигурно има држава и независност, малцинствата се признаени и уважени, но сепак, прашањата за културните хибриди не се докрај одговорени. Торбешите се сенки на општествената сцена. Исто, актуелно е  и прашањето за националната свест. Согласни ли сме сите за една дефиниција или секој си ја тера водата на својата воденица?

На крај, да повториме само едно прашање од романот  „Подвижни гробови“ на Павловски:

Каде е лекот за болеста на оваа земја? (Павловски, 1998:133)

Leave a Reply

Your email address will not be published.