Кој вели дека Балканот е мртов?

Кон двата најнови македонски филмови: Соба со пијано и Балканот не е мртов

soba_so_pijano_plakat-339x480Годинава гледав два македонски филма: Соба со пијано и Балканот не е мртов. За почеток најмалку што можам да кажам е дека ги избендисав и двата филма. Нема друга причина зошто со дарежна доза ентузијазам, попатно, низ муабет, ги прашував пријателите дали биле во кино да ги гледаат овие филмови. Најчестиот одговор беше не. Разбирам. Некој нема време, некој нема желба, некој нема навика… што и безмалку ги исцрпува поттиците зошто или како да се седне пред домашното платно.

Не бев изреволтиран од негативниот одговор, туку тоа од изразот на лицето на овие луѓе –  гримаса во знак на одбивност, како некој да му присилува на соговорникот лажица со рицинус. „Што е со изразот?“, ги прашувам, а тие не можат да артикулираат достоен одговор зошто прават „фаца“ кога ќе им се спомне македонски филм.

Луѓето имаат рефлексивни механизми што им служат за заштита од мисли или факти што можат да го измрдаат човек од сопствената зона на лежерност. Никој не сака да му се провре смог под стакленото ѕвоно, за кое се трудат да биде исполнето со што повеќе вештачки гас за смеење.

Оние што со отворено срце ги примаат немилите аспекти на светот, што се обидуваат да ги протолкуваат за да ги разберат силите што ги движат општествата и да се разберат самите себе како составна единка од целото – тие се малкумина. Мислам оти мнозинството самоволно се оградува од темите што ги сочинуваат немилите лица и опачини на светот.

Мислам дека токму овде можеме да ги пронајдеме причините зошто домашната публика не гледа домашни филмови. Во луѓето е вкоренет впечатокот дека македонскиот филм е тежок, пропатен, бесмислен, непотребно насилен… Во домашното производство вистина царува суров автохтон реализам, но и разуздана фантазија, што од реалноста создава нереалност. Македонските сценаристи и режисери, секој на свој начин и според авансите на сопствените граници, безброј пати покажале како се извитоперува логиката преку која го апстрахираме животот во Македонија. Чест за исклучоците што успеале да кажат сѐ што им лежи на душа и притоа дозволиле да бидат сфатени.

pijano

Од втората независност до денес македонскиот филм ни ги има напикано длабоко под кожата корените од каде што расте резервата што ги осудува филмските сали на празнина. Но, да цитирам една реплика што прошиша неколку пати во Балканот не е мртов: „Нешто се случува! Не знам што, но нешто се случува!“

Можеби малку е чудно што ги ставам во исто котле двата филма чии продуцентски тајфи дозволија да се одигра епската македонска неспособност и неумешност за меѓусебна комуникација, разбирање и соработка. Но, нешто се случува! И Пијано и Балканот, според моите скромни кинематографски сита и решета, ми влеаја нови надежи за македонскиот филм. На крајот и на двата филма си помислив, некој нешто ќе научи од ова. И добронамерно се наситив на тоа што некои „фелисти“ во белиот свет ќе останат со подотворени челусти откако ќе им бидат прикажани овие два филма. Се наситив и од тоа дека домашниот филмски стандард е кренат на многу повисок кат, кој отсега па натаму ќе можат да го искачат само вистински проникливи ликови што се способни да ги дефинираат поимите бујна мечта и интелигенција по поинаков терк.

Соба со пијано ги сплеткува во иста приказна човековите страсти, кои се есенција на секојдневниот човеков дух. Но тука постои и проѕирен суптекст. Кога нешто ќе се опише како проѕирно обично се алудира на провидноста на нечии каприци, но во Соба со пијано проѕирноста се однесува на нешто што ни е пред очи, а низ него гледаме како низ воздух. Сведочиме во овој филм за каприците за кои копнее суетата, сведочиме за безизлезноста од лавиринтите што самите ги ѕидаме, а кои не можат да постојат без лагата – сеништето што нив ги создава. Лагата, односно малите лажги – оние што непотребно му пакостат на природното оддиплување на универзумот што се состои во еден човек или во заедничкиот свет што го делат двајца, тоа е проѕирниот ѕид во кој ова наше општество (и впрочем секаде низ светот – но нас нѐ интересира нашето, нели) ќеифски си ја удира главата. Во Соба со пијано сите лажат, и тоа, лажат вешто и динамично, а лагата се простира низ различни димензии: некој се лаже самиот себе, некој лаже некој друг, некои се лажат колективно. И секој ѝ верува на лагата. Особено ме радува што мајсторите на ова дело биле при свест како треба да го дозираат рафалот шлаканици што ни се потребни нам како општество за да си ја чукнеме глвавата, а притоа и да се изнагледаме добар филм со одлично музичко исполнување.

Од технички аспект, ликовите и улогите потполно се во такт со задачата што треба да ја исполнат. Сепак, во авантурата ќе закачите по некој трн. Согласувам дека треба да се прескокне суптилноста на секојдневниот човек за да се издраматизира суштината на реалноста, но Соба со пијано, за жал, го пренагласува архетипот на парот луди-млади љубовници, двата македонски карактери во кој филмот провира. Го пренагласува архетипот така што вербалниот и телесниот говор дречат непотребно. Па се прашувам, дали сме ние до толку апстрактен народ, што претставуваме особена тешкотија за еден драматург или режисер да го долови секојдневниот пресек на личноста што ќе се најде во секојдневен сплет на околности? Или, пак, во игра е некој фетиш да ја преувеличуваме димензијата на секојдневното за да се почувствуваме дека сме пречекориле во несекојдневното? Во кој било случај, мајсторот Изи остава солидно дело и на тоа велам, браво и само напред. Умствените состојби што секојдневно се транспонираат во нашето просторно јаве овозможуваат неограничен опус на дијалози и табиети и керефеклаци. Има такви што се премногу својствени за нас, а кои нема потреба да бидат извештачени до бескрај, па да не можеме да се препознаеме самите себе на филмското платно. Што се однесува до македонскиот филм, најдобро можеме да учиме за себе од самите нас. Со Соба со пијано Насоката е јасно обележана, а останатото, што се однесува до филмот, преостанува на фантазијата на идните филмаџии.

balkanotБалканот е поинаков ѕвер од Пијано. Филмот раскажува не за една, туку за две забранети љубови. Едната бидува поштедена од интригите на љубовта што ги покреваат воздишките кај главните ликови, додека другата забранета љубов се распрснува во трагикомични обиди на љубовникот да изгради мост до неговата цел. Поривот на вљубениот Осман е апсолутен, непремостлив, а љубовта не само што е забранета, туку е и неостварлива. Во светот постоеле многу љубови што не биле забранети, а сепак секогаш имало нешто што ќе ги урниса мостовите што биле градени за да ги спојат љубовниците. На тој начин љубовта е осудена на нестварност. Во Балканот сите мостови ќе бидат урнисани, љубовта од забранета ќе прерасне во неостварлива за на крајот да може да трансцендира.

Во нивната проникливост типична за импровизатор што прави чудо од безмалку ич, мајсторите на овој филм ги прекршиле границите во неколку наврати. На пример, најочигледната бариера ја поставуваат логистичките и финансиските мерила. За да може едно вакво сценарио да биде оживеано во непогрешлив свет што би ја одразил неговата вистинитост, со сите салтанати од видот на затворени улици, строго автентични кадри и жив свет од локални и временски табиети, за да може да се негува професионална енергија кај актерската и техничката посада… потребни се „доста“ пари. И страната посветена на Балканот на Википедија вели дека филмот требало да се снима уште во 2004, но поради безброј технички и административни проблеми, неговото снимање започнува шест години подоцна! Така ми се чини или можеби потајно посакувам, дека некој ги соочил упорните проблеми така што просто ги заобиколил на патот кон целта, и од лукавоста и трпението, но и од желбата да се заврши работата, е сотворено второто филмско достигнување годинава што ги предизвикува вкоренатите конвенции на нашето вообичаено.

balkanotNe-e-mrtov

И покрај вечното прашање поврзано со оперативниот буџет на домашниот филм, Балканот успева да создаде „исфилмувана“ Битола како град од едно минато време. Недостатокот на финансии како да не го притаиле креативниот полет на филмскиот екипаж. Помеѓу сцените со секојдневна врвулица од луѓе, Битола ја пронаоѓаме во свет од црни и бели платна со кои глумата има активна интеракција. Анѓа се доживува како свилена муза низ платната. Дамјан го дава животот во име на неговото мачизмо, во сплетот на платната. Осман се крие зад нив кога љубовната агонија го поткусурува. Несекојдневното макетирање на просторот, испревртеното раскажување, проникливиот хумор и подбивот со љубовта му даваат поинакво лице на стариот Балкан.

Балканот не е оној Балкан што веќе трета деценија ни се забива (или можеби ни го забиваат?) како електрода во колективниот мозок. Балканот не е мртов е еден сосема различен Балкан, што барем мене многу повеќе ми личи на нешто што е далеку поавтентично и повистинито за нас, а што не е опседнато со квазибалкански сеништа. Темите што сме си ги наметнале како ендемско-балкански, како инаетот и одбивноста кон „другиот“, Балканот ги реартикулира преку притаена комичност што плови преку смртно сериозните теми како што може едно кајче да плови по мирен езерски свод.

Овде, каде што вечно се штеди, народот несомнено е штедар со добри идеи. А сепак, сепак, одводот е компромитиран од талогот од рециклирани идеи и чудни некои конвенции што го ограничуваат полетот на јавниот израз. Новиот македонски филм (што надежно го посакувам) може да ги оствари на филмско платно сјајните димензии на нашето секојдневје и несекојдневје. Споделувам оптимизам дека ќе имаме уште остварувања што добро ќе се вклопат во ова возбудливо време, кое ни наложува да го создаваме и ресоздаваме лицето на нашето општество. Не се работи за идентитетот, туку за ИД-ентитетот на поединецот што свесно или несвесно учествува во процесите на трансформација. Малите лажги од Соба со пијано и убавото лице на Балканот од Балканот не е мртов се огледала во чиј одраз би требало да го бараме новиот ден.

 

Напишано од
More from РЕПЕР
Визуелна прошетка раскажана преку фотографии
Краткиот арт филм И фабриките имаат душа, режиран од Јане Алтипармаков и...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *