Сакаме светли мисли, светли дела, светли души

Интервју со Милиана Ленак (Буден Театар)
miliana
Јана Коцевска, Милиана Ленак и Моира Ленак/ фотографија на Иван Блажев

Милиана, минатиот викенд во Скопје втора година по ред се одржа меѓународниот фестивал за куклен театар „Фенер“ во организација на „Буден театар“. Од каде поривот да се организира еден ваков настан?

Јас имам деветгодишна ќерка и целото нешто започна заради неа. Детството е многу важен период, во кој мислам дека се трупа духовно богатство од кое  подоцна во  текот на целиот живот можеме да црпиме. За жал, за децата што живеат во Македонија изборот е повеќе од ограничен. Едноставно, нема интригантна задвижувачка и инспиративна културна понуда наменета за најмладите. Не сакав нејзиното детство да помине без во него да се врежат доживувања од незаборавни куклени претстави. Заради неа јас правам куклен театар и заради неа го започнав „Фенер“. Се разбира, мислејќи на неа, мислам и на сите други деца во Македонија. „Фенер“ го создадов за нив.

Меѓународниот фестивал за куклен театар „Фенер“  / Фотографија на Иван Блажев
Затворање на „Фенер“, летачки фенери над Скопје/ фотографија на Иван Блажев

Фестивалот го отвори претставата „Палечка Малечка“ на „Буден театар“, која е правена според Андерсеновата сказна за Палечка. Ти си и режисер и автор на текстот и еден од актерите и дизајнер на куклите, практично целата претстава е твое авторско дело. Зошто баш Палечка ти беше инспирација? Како ја читаш ти оваа Андерсенова сказна?

За мене е тоа многу лична приказна и ми беше забавно дека нешто толку лично наоѓа форма да биде искомуницирано со децата. Јас сум од луѓето што сметаат дека со децата треба да се комуницира отворено, лажењето и залажувањето на децата го сметам за голем грев. Затоа мислам дека е во ред на децата, наместо да им се сервираат сказни со среќен крај за принцезата и принцот што живееја среќно засекогаш, да не им се премолчи и тоа дека постојат многу лажни принцови. И дека, веројатно, пред да го сретнат вистинскиот, ќе им се случат некоја жаба, крт или бумбар по патот.

Инаку, претставата не е само моја, ја создадов заедно со четворица прекрасни музичари, кои свират и пеат во живо во текот на претставата: Петар Христов, Огнен Димовски, Џулиета Узелац и Ненад Тонкин. Огнен Димовски е бит-боксер и со него стигнавме до интересното решение тој да ги озвучува сите ликови во претставата (освен Палечка и Принцот) со реални звуци, така што тие ликови останаа без зборови, комуницираат како животни. Единствено ни беше проблем кртот, зашто сфативме дека никој не знае како звучи крт, но на крајот решивме да го најдеме звукот што ја отсликува неговата апатична емотивна состојба.

Меѓународниот фестивал за куклен театар „Фенер“  / Фотографија на Иван Блажев
Маски се сушат по една од работилниците на „Фенер“/ фотографија на Иван Блажев

 

Претставата беше интерактивна, во самата претстава беше вметната и една работилница во која децата правеа самовили и виленици. Како ја замислуваш совршената претстава за деца? Кој е ефектот што треба да се постигне?

Не знам како ја замислувам совршената претстава за деца, затоа што замислувам многу совршени претстави за деца и сите тие се различни една од друга. Но ако треба да генерализирам, еве неколку нешта што би требало да се случат во процесот на правење на една добра детска претстава:

  • Да ни е забавно додека ја правиме. Да ѝ пријдеме како на голема непозната зона што треба да ја откриеме и да ја создадеме, а не како на нешто лесно што се прави според веќе проверена рецептура, како што често прават некои што работат театар за деца. 
  • Да го дадеме најдоброто од себе во секој сегмент од претставата. Да се обидеме и куклите и музиката и сценографијата и секој збор и секое движење да се најдоброто што во тој миг можеме да го замислиме, бидејќи претставата ќе ја гледа не кој било, туку неговото височество – детето. 
  • Да ѝ пријдеме на претставата како на игра во која треба да смислиме што повеќе изненадувања за соиграчот што ќе го запознаеме дури на изведбата – детето. 
  • Да бидеме искрени, да немаме табуа во однос на темите, но каква и да е темата, да се обидеме да ја најдеме формата што е приспособена на возраста на детето за таа тема да може да биде искомуницирана со него. 
  • Да ја правиме претставата со мнооогу љубов и со мнооогу радост и целта да ни е во текот на претставата да го израдуваме детето најмногу што се може.

 

Каде е нашиот куклен театар во однос на светскиот? Успеваме ли да ги следиме промените во светот на куклениот театар?

Ние немаме куклен театар. Во Театарот за деца и младинци одвреме-навреме прават куклени претстави, но тоа никогаш не биле оригинални претстави, секогаш биле претстави изведени во Бугарија пред десетина години и потоа, откако таму им поминал рокот за играње, репродуцирани кај нас. Освен ова, јас правам куклени претстави што се оригинални и сосем во чекор со светските трендови, но бидејќи немам финансиска поддршка, тоа го правам ретко и не може да направи особено влијание. „Тезгите“ со кукли, кои некои групи ги прават за да ги играат по градинки, воопшто не ги сметам за куклени претстави, тие се под секое ниво и не вреди да се коментираат. Неколку години во Битола функционира театарот „Бабец“ и тој исто така има фестивал, и навистина од срце го поддржувам и се надевам дека работи квалитетно, но сѐ уште не сум имала можност да видам некоја негова претстава.

Сумирано, куклениот театар во Македонија допрва треба да започне да се создава, да се едуцираат кадри што ги владеат техниките на работа со кукли, да се вложува во продукција на претстави, и дури потоа ќе може да се запрашаме каде сме во однос на светот. 

Меѓународниот фестивал за куклен театар „Фенер“  / Фотографија на Дарко Христов
Палечка Малечка/ фотографија на Дарко Христов

Годинава на фестивалот имаше гости од Бугарија и од Унгарија, лани гостуваше и театар од Данска. Какви ти се плановите за догодина? Дали ќе се шири фестивалот? Дали можеби ќе трае подолго?

За догодина веќе е сосем испланирана програмата, но дали ќе се реализира не зависи од моите желби, ниту од професионализмот на тимот на „Буден театар“, зависи единствено од тоа дали конечно ќе се зголеми свеста за потребата од овој фестивал, а со тоа и финансиската поддршка што ќе ја добиеме. 

Годинашното затворање на фестивалот беше магично, од еден од мостовите на реката Вардар беа пуштени летачки фенери. Децата останаа подзинати, а, богами, и ние, големите деца, не ја криевме радоста. Која е пораката што „Фенер“ сака да ја испрати?

Со летачките фенери конкретно не испраќавме порака, само сакавме да создадеме магичен момент што ќе се вреже во душичките на децата. Инаку, пораката на „Фенер“, генерално, па оттаму и името, е поврзана со светлината, која е наша водилка и цел. Сакаме светли мисли, светли дела, светли души. Сакаме нежната и мека светлина на „Фенер“ да го промени нашето сиво секојдневие. 

И, за крај, како е во Прага? Таму си при крај со студиите по филмска режија, дали подготвуваш нешто и на тој план?

Да, студирам филмска режија кај мојот драг и почитуван професор Иво Трајков. Не сум баш при крај, на средина сум, и сега-засега сум само студентка. Учам, затоа што на мое големо изненадување открив дека филмот е нешто сосем различно од театарот, сосем се други законите што владеат таму. Јас сум почетник во филмот и тоа ми е забавно.

Разговорот го водеше: Ѓоко Здравески

Меѓународниот фестивал за куклен театар „Фенер“  / Фотографија на Дарко Христов
Палечка Малечка лета на ластовичката/ фотографија на Дарко Христов
Напишано од
More from РЕПЕР
Dulce et utile (Ем корисно ем убаво) – Кога науката станува забава.
Прототипови на соларни автомобили, првата и единствена подморница во историјата запленета на...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *