Привлечно патување со наративните женски возови

Лилјана Пандева: Возовите на Луцерн. Скопје: ПНВ Публикации, 2012

vozovite na licernПо прочитувањето на романот Возовите на Луцерн на читателот му станува сосема очигледно дека Лилјана Пандева веќе полека, но сигурно се профилира во писателско име кое навистина има што да &  понуди на новата македонска проза. Таа, уште со својата прва прозна објава Од агендата на Калина Калин, ненаметливо се претстави пред нашата културна публика како вешт и опитен раскажувач, а таквата вештина и опитност беа прилично брзо препознаени и од страна на неколку странски средини што резултираше и со квалитетни преводи на нејзините дела на неколку европски јазици. Сепак, се чини дека прозното дело на Пандева останува засега (неоправдано и малку на маргините) неоткриено од македонската критичарска мисла. Нашиов текст ќе се обиде, во извесна мерка и согласно своите зацртани координати, да го подразбуди интересот за согледување на наративниот стил на авторката Л. Пандева, да даде до знаење дека станува збор за писателка, која заслужува поголемо внимание во идните согледби на книжевната критика и, секако, да им понуди и еден „запознавачки“ импулс на македонските верни читатели, желни за добра литература.

Сижејната линија на романот Возовите на Луцерн е претставена во три компактни целини поделени според местото на „престојување“ на нараторката. Тоа се швајцарските градови Ешалан, Ивердон и Лозана. Станува збор, всушност, за процес на патување на една „свежо“ дипломирана македонска девојка, која се решава да отпатува во Швајцарија првенствено и, условно кажано, поради две популарни причини: печалба и усовршување на францускиот јазик. Од нив подоцна произлегува и третата причина, онаа на искуството, која дозволува и искристализирани споредби, размисли и сознанија за она што се вика идентитет сфатено во најшироката смисла на тој термин. За превозно средство на својот пат, таа неслучајно го одбира возот и веднаш на почетокот го нуди и својот аргумент за таквиот избор: „Јас имам посебен однос кон возовите. Однос со пиетет. Можеби затоа што сум родена во воз… јас со леснотија се префрлував од воз во воз и итав во еден правец кон корените, во друг со корените в раце“ (стр. 5). Најпрвин, решена да ја посети својата братучетка Рита во Швајцарија, таа уште напоменува и дека „било многу тешко да ги разграничам моите и нејзините возови“ (стр. 8), бидејќи и таа има посебен афинитет кон нив, најпосле, затоа што Рита „сега под радост ги подразбира возовите. Во нив го гледала движењето, низ нив го гледала животот. Без оглед на сè, тие секогаш продолжуваат, со задоцнување или навреме, во обратна насока или не, тие се движат. Со еден вагон помалку, тие се движат. Сè додека го имаат своето срце опредметено во грдата локомотива, тие се движат. Како животот“ (стр. 11). Всушност, посматрано и на едно поопшто рамниште, патувањето со воз имплицитно подразбира и доживување и создавање на богати, долги приказни, кои подоцна и долго се раскажуваат и им се прераскажуваат на блиските. Меѓутоа, задоволството е уште поголемо кога и самата наративна структура наликува на воз, кога и самите издвоени целини во неа заличуваат на разбаботени локомотиви, а и раскажувањето односно водењето на приказната нè потсетуваат нас читателите на некое свое незаборавно искуство од патувањето со воз.

Затоа, сметаме дека би било правилно да се каже дека на долгото патување до Луцерн со возовите на Пандева сме повикани, т.е. овозможена ни е можноста да се запознаеме и ние со подолгата галерија од ликови, кои му даваат посебен шарм на целото раскажување, т.е. патување. Впрочем, за време на престојот на нараторката во „Тројцата Швајцарци“, низ нејзиниот живот ќе продефилираат, како на филмска бленда, и старите и новите познанства какви што се: Весна од Мокрино, Жан Пјер, Цеца од Добрејци, Мелани, господинот Вилар, Ана, Надин, Доминик, Мики, Жан Клод, Мануела, господинот Шуман, Веца итн. Во овој случај, сепак, сведоци сме дека нараторката, која го ткае раскажувачкото ткиво на преживеаниот свет во романот во јас-форма, го поминува патувањето и престојот во Швајцарија, во пред ред, во придружба со женските ликови, па следствено на тоа и нејзините раскажувачки возови стануваат уште попривлечни, бидејќи се претежно – женски. Таквото признание го наоѓаме експлицитно и во самиот текст, кога нараторката подвлекува: „Од оваа временска дистанца, сфаќам дека моите три Швајцарии ги обележаа жени. Јас којшто сиот мој живот го поминав со другари, јас којашто со гордост можам да кажам дека имам повеќе пријатели од пријателки, сега морам да признам дека Швајцариите мои не ќе ги преживеев без жени. Весна ми ги отвори вратите на оваа земја. Надин, Ана и Доминик правеа сè зад тие врати да се чувствувам како дома, а Веца ми помогна да ја донесам одлуката да се вратам дома. Да затворам една врата, да отворам друга“ (стр. 135). На некои од женските ликови, пред сè на оние со средногодишна возраст, им е припишана и способноста за прагматична ориентација во врските и љубезност и отвореност кон конзумирачкиот живот: тие ги „конзумираат“ дури и нештата и приказните на мажите. Преку ваквото клучно признание, впрочем, можат понатаму да се отвораат и да се разглобуваат и другите мотивски опсесии на романот.

voz

Се чини дека основната намера на конкретниов раскажувачки текст на Л. Пандева е презентацијата на субјектот, кој прикажувајќи ги своите доживелици ги зачнува суптилно и темите за странствувањето, за домот, за книгата како информатор сам по себе и сл. Мошне специфично е тука и поентирањето во секоја од наративните целини одделно, кое понекогаш е полно и со мала хумористичност и со интимност во описите на секојдневните животни ситуации. Но, како и да е, и таму доминира интересот за конфликт на субјектот со претставениот свет, а останатите протагонисти во раскажувачкото јадро само го дополнуваат веќе запознаениот спектар на честите пројави на тоа „јас“. Напати се случува во оваа проза на Пандева и да се изгуби свесноста на субјектот кон „тие другите“ , па затоа и Швајцарците небаре привидно престануваат, за миг, да бидат посматрани како рамноправни протагонисти од страна на главниот субјект-наратор, па затоа се тие набљудувани само „надворешно“, како објекти: „Кога тргнував за оваа земја имав многу малку, да не речам воопшто информации за нејзината историја и култура. Моето познавање на оваа тема се сведуваше само на кантонизацијата, единствена дотогаш во светот. И очигледно и тоа било многу. Швајцариите уште од раѓање се имунизираат на тема политика. Не знаат ни кој им е главен град. И си живеат весело и среќно. Сè што им е потребно е нивното убедување за мир и толеранција во светот. Се сметаат за најдемократска држава во светот. И јас мислев така. Впрочем, така ме учеа. Но нели книгите се едно а реалноста друго. Всушност, првпат во мојот живот се подзамислив за валидноста на моето образование токму тука. Не верував дека во оваа земја има луѓе кои немаат пари ни за леб. Не можев да замислам дека во земјата на законите ќе наидам на максимално непочитување на човечкиот труд, дека во земјата на банките мошне успешно царува работата на црно. И ред други работи кои, за жал, непријатно ме изненадија. Ама нели дете од Балканот на којшто сè е можно, без проблем им ги прифаќав навиките. Односно, се залажував дека тоа го правам“ (стр. 140). На тој начин, фактички, се прави една егодеистичка стилизација на субјектот, кој на некои нешта гледа и со фина иронија, меѓутоа со неа не го искажува негативното стојалиште спрема околината, туку напротив, го истакнува хедонизмот на духот и оправданата универзалност на своите постапки. Така тој си го овозможува и лесното „восприемање“ на ареалот околу себе и на своите најблиски со кои стапува во контакт.

Нараторката во овој роман е свртена и кон потенцирање на фатално-егзистенцијалистичкиот размер на ситуацијата во која се наоѓа субјектот. Таа го остава својот женски субјект постојано да се бори и да ги надминува бариерите на нејзиното индивидуално битие, па затоа како на мала врата во текстот се внесуваат и темите на отуѓувањето и на домувањето, кои прозвучуваат како референтни формули на суштествувањето. Од тој контекст, имено, произлегува темата на странствувањето, којашто е прекрасно изложена низ призмата на женската нараторка, кога потенцира дека е логично и дека „мора да има нешто по што едноставно знаеш кој е странец. Многу сум патувала. И секогаш сум била странец. И сум се гордеела со тоа. Ама сум била странец турист. Се сеќавам дека како дете, изигрував странец во сопствената ми држава. Ми беше интересно. Но да се биде странец во држава што во моментот, за пократко, за подолго или засекогаш живееш во неа, не е воопшто интересно а ни за гордеење. Странец е странец, макар тоа бил најдобриот докторант во фабриката Roche или пак најмладата поетеса појавена на манифестацијата Мостови на Струшките вечери на поезијата, рамо до рамо до еден Ален Гинзберг“ (стр. 121). Токму таквото странствување на крајот станува и гаранција за непроблематизирањето на сопствената егзистенција: странствувањето ја засилува потребата од дом, бидејќи ако дотогаш еден од женските субјекти го нема разјаснето ни самиот со себе прашањето за домот (не паметеше кога оваа земја стана дом, стр. 28), тој потполно на крајот веќе нема никакви дилеми, па затоа низ воздишка воскликнува: „Кон дома тргнав од Луцерн, а не од Лозана, иако ми беше отпатно. Морав уште еднаш да ја видам железничката станица на Луцерн. Или пак за случајно да не заталкам, да тргнам од таму од каде што дојдов. Дома“ (стр. 153). Доброволното враќање дома зборува, во тој правец, и за разоткривањето на резултатот од презентацијата на причините на странствувањето на главниот женски протагонист.

Во романот Возовите на Луцерн од Лилјана Пандева, раскажувачкиот женски субјект преживува извесна „циклична“ иницијација, која ја доведува и до преиспитување на самата себе во однос кон светот. Исповедта, подеднакво како и другите пројави на нараторското „јас“, стои во средиштето на текстот што им е раскажан на читателите, бидејќи женскиот субјект на Пандева со самиот факт што не му врти грб на светот се отвора мошне широко и пред читателите. Зачувувањето, пред сè, на субјективните пријатни спомени се врши и со помош на постапката на чувствително нијансирање на приказната, каде на преден план морале да избликнат и недостатоците односно она што на женскиот субјект му недостасувало за доизградување на сликата од мозаикот, а тоа е потребата од книга која може да се разбере и симболично, како метафора за книгата што се носи на одење, на заминување и на враќање од патувањето со возовите. Во тој дух може да се протолкува раскажувачкиот мал крик: „Во сите мои три Швајцарии најмногу од сè ми недостасуваа моите книги. Навистина секогаш се враќав со куфер полн книги, на заминување подарував книги што тука сум ги купила, иако за некои не бев сигурна дали ќе успеат да стигнат до станот на даруваниот. Затоа со тек на времето почнав да купувам не тоа што јас би сакала да го прочитам туку што мислам дека некој од моето опкружување ќе сака да го чита. Веќе не беше важно моето потхранување на потребата од убава книга, туку да не се одвикнам од читањето. Толку ми беше нарушен биоритамот, што на швајцарското строго контролирано време за појадок, ручек, вечера, кафе-пиење за мене не важеше. Мојата животна навика за заспивање ми стана мака. Заспивав со запалено светло и така останував додека не ме треснеше корицата од некоја книга по нос. Потоа не сакав да станам да гасам светло. Ќе се расонев и знаев дека нема спиење од умора на умот. Таму умот навистина ми беше пуштен на пасење. Телото беше тоа што плачеше за сон, ама никако да ги координирам координаторот и координираното“ (стр. 146).

voz

Раскажувањето на доживеаните настани од Швајцарија, нараторката умее да ги претстави исклучително течно, така што постепено доаѓа и до нивна изразна динамизација. Односот кон опишаните животни околности не добива облик на опуштен коментар, ами на себе-пишување, т.е. на себе-естетизација на субјектот. Интересот за урбаниот свет, во секој случај, се поместува кај Лилјана Пандева и на едно друго ниво, а тоа ќе рече дека раскажувањето не се сосредоточува врз целосното опфаќање на регионот, туку се формира попрво како „збир“ на помалку или повеќе невообичаени приказни, кои се поврзани со него. Кај Пандева, значи, не се забележува присутноста на битисувачката или на органската поврзаност со конкретниот „регион“ (Швајцарија), а таквата невкотвеност или искоренетост на протагонистот односно на раскажувачот се карактеристични, се разбира, за литературниот и за општествено-културниот контекст на Европа, почнувајќи од деведесеттите години, а траат со извесни осцилации и модификации и сè до денес.

Исто така, подготвени сме да тврдиме дека раскажувачкиот бран во романот Возовите на Луцерн има троен осцилирачки правец: станува збор за свртување кон себе и врз себе (себе-рефлексија), за посматрање на раскажувачот и за привлекување внимание, т.е. поглед врз себе (себе-презентација) и за (при)врзување на раскажувањето кон женскиот (или поточно кон женски набљудуваниот) простор (своевиден „гиноцентризам“). Ваквата стилска постапка може да се најде и да се открие и во текстовите на некои други наши женски авторки, а таа најчесто се остварува преку претставувањето на женската приватност во текстот. Таа е или директно стилизирана во форма на „исповедувачко“ пишување или, кога станува збор за подискретно напишан текст, за искористување на јас-формата на раскажување. Пандева се определува за вторава варијанта, но за неа е притоа значајно тоа што нејзината раскажувачка оптика ја изнесува на виделина доминантноста на женскиот субјект и го определува текстот првенствено како простор наменет за женското раскажување, т.е. како продукт на женската активност. Женскиот субјект во романот Возовите на Луцерн со посредство на својата интелектуална активност и дејствување, пристојно јасно ја истакнува неопходноста од лична независност и исполнетост. Кога станува збор, пак, за забележувањето и за описот на женското искуство, Пандева со ова свое прозно дело буквално и бескомпромисно ја реализира врската меѓу женскиот идентитет и текстот. Секако, се работи и за „авторски права“ за реализиција и за предлагање на „женската“ варијанта на „Тројцата Швајцарци“, за т.н. „her-story” (како опозиција наспроти „his-story“).

Лилјана Пандева му го враќа зборот на женскиот субјект односно претпочита да говори од / во „нејзино“ име. Најдобар доказ и показ за „автентичноста“ на исповедната вредност на текстот тука би требало да биде и тесната врска меѓу родовата еднаквост на авторката и нараторката (односно: ликот-наратор). Како врвно обликување на така сфатената автентичност на текстот се јавува и автобиографскиот момент како презентација на „нејзиниот сопствен живот“. Сето тоа ни дава за право да заклучиме дека патувањето со наративните женски возови на Л. Пандева е привлечно и достојно за што поскоро и посрдечно прифаќање и од страна на пошироката читателска публика во Македонија и надвор од неа.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Дракула
Алберто Бресија - стрип избор
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *