Кон поетската збирка „Ноќниот ум“ од Стефан Велковски

Поетската збирка „Ноќниот ум“ од Стефан Велковски се одликува начелно со самиот облик на поедноставеност и на еднодимензионалност...

nokniot um - stefan veloskiПоетската збирка „Ноќниот ум“ од Стефан Велковски се одликува начелно со самиот облик на поедноставеност и на еднодимензионалност во отворениот модел на изразување. Типично при толкувањето на поезијата на овој млад автор, потребно е да се нагласи неговото субјективно потчинување кон стиховите, во кои како активен двигател го имаме мотивот или критериумот на пренагласената улога на автотеличноста.

Во секоја од песните може да се забележи позицијата на „стварноста“, која е ставена во преден план како обична и постојана, а лирскиот субјект како примарен во обликот на консумирање на истата таа „стварност“. Таа специфика на едноставен израз без премногу фигури и загадочни симболики трае во континуитет не само во пошироката димензија на збирката како целина туку и во минијатурите во изразот при секој стих поединечно. Поезијата на Велковски известува за некои аспекти на „обична стварност“ и вечност, за усогласеност при тематизацијата што најчесто ни пренесува интимни животни информации, кои се главна инспирација. Секоја песна има свој „предмет“ и негова едноставна поетизација. Секоја песна содржи нагласена лична потреба да се покаже и да се докаже конзистентноста кон означувањата, кои ги гледаме насекаде околу нас, кои ги живееме и кои се однесуваат според еден поинаков и поразличен концепт кога ќе ги покрие ноќта.

„Ноќниот ум“ тогаш се конципира како единствен (авто)референцијален толкувач на времето, животот, човекот, градот, болката. Тогаш е суштествен фактот дека сите описи се ставени во позицијата на еднозначност и на декларативност. Поставена е стандардизирана комуникација со емотивната состојба, која му дава „дополнителна поларизација“ на стиховниот израз. Таа постојана правопропорционална изолација на динамиката во изразот и во јазикот и релевантните форми на редукција често влијаат врз самата структура на смисловното како категорија.

Постојана одредница во самиот израз на Велковски е обичниот јазичен стандардизиран референт. Во неговата поезија постои недостиг од вонјазичен контекст и значењето има стабилен статус и е активно единствено во стихот.

Неопходно е да се подвлече сознанието дека секоја од песните не создава илузија како резултат на јазичниот израз. Велковски не се служи со „речник“ или со стиховна категоризација што би продуцирала некаква двосмисленост. Всушност, тој употребува општи и конкретни поими, речиси живи зборови, кои може да се допрат и кои се карактеристични за неговата личност, живот, емоции, минато, искуство, но и за новиот неидентификуван исказ на иднината.

Поетското значење на еден облик и форма различни од јазично-естетскиот феномен да се прави двосмисленост е комплетно изоставено. Тоа не е деливо на свои составни членови и покрај тоа што може да се прави нивна одвоена анализа.

Поезијата на младиот Велковски полека созрева во ноќта.        

 

 

Напишано од
More from РЕПЕР
Речник на имагинарните места III
Места за кои не се знае точно каде се наоѓаат, места за...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *