Кон поетската збирка „Писма“ од Славица Гаџова

Освен поетска свежина, која се очекува од еден дебитантски ракопис на млад автор, носи и поетска зрелост...

Геополитика на срцето

Збирката „Писма“ на Славица Гаџова, освен поетска свежина, која се очекува од еден дебитантски ракопис на млад автор, носи и поетска зрелост, реализирана на мотивски, на идеен и на значенски план. Книгата е поделена во четири циклуси чии наслови ја откриваат и темата, односно мотивот на песните.  Својот прочит го аргументирам преку посебни заглавја/наслови за секој од циклусите.

Прв циклус – „Писма“ или „Писмата на читачот“

Во првиот циклус поетесата се одлучува за постапката интертекстуалност, толку актуелна и атрактивна, на моменти дури и извикана, но Гаџова од неа успева да создаде топли стихови во кои ја искажува својата посветеност не само на поезијата туку и на книжевноста воопшто.

1Предизвикот што пред себе си го поставува не е воопшто мал – да влезе во дијалог со „друштвото на мртвите (не само) поети“. Имено, лирскиот субјект им пишува писма на Марсел Пруст, Хулио Кортесар, Франц Кафка, Фридрих Ниче, Јукио Мишима, Мурасаки, Хуан Пабло Кастел, Блаже Конески и уште на цела плејада автори и дела. Тоа се умовите што ја задолжуваат западната и/или светската мисла, а поетесата во писмата до нив е своја, својствена и блиска со нив (најмил Фридрих, најмил Марсел, најмил Владимир).

Поетскиот субјект во „Писма“ ги разбира своите лектири и ги чита на сопствен начин, креирајќи  поетски реплики достојни на избраните автори. Читачот е поет што им пее на омилените поети.

Втората тема присутна во истиот циклус  е љубовта. Имено, заедно со предизвикот да им се испишат писма и одговори на големите мајстори, поетското „јас“ на Гаџова си поставува задача да испише писмо до место во сопственото срце – до вистинскиот најмил, до објектот на копнеж, кому му пее:

„Пропатувај многу километри до јужната полутопка на срцето

За да можеш да ми простиш

Што ти пишувам исто такво писмо

Какво што им напишав на мртвите“.

Втор циклус – „Југосеверно“ или „Писмата на номадот“

Основните мотиви во вториот циклус, „Југосеверно“, се куќата, патот и патувањето, кои, како и писмото во претходниот циклус, се персонализирани, добиваат човечки особини, па дишат заедно со оној што патува и што во куфер ги сместува надежите и спомените. 

„Торби… во која ли од нив да ја спакувам

Мапата за полесна ориентација

Со упатства за скротување на поетската перцепција“

И во барањето на страните на светот, поетот-номад прави нов компромис, се одлучува за југосевер, каде што освен мапите постои и геополитика на срцето. 

Трет циклус – „Тело“ или „Писмата на љубовникот“

Ако во првиот циклус клучни беа писмата и пишувањето, во вториот – патувањето, тука, во третиот циклус, клучен симбол е телото. Циклусот „Тело“ е најинтимистички, најкопнежлив и со доста еротски елементи. Потсетува на циклусот „Молитви на моето тело“ на Ацо Шопов, а она што е впечатливо кај Гаџова е дека преку телото, телесното и тактилното, се доаѓа до продлабочување на јазичните и на семантичките пориви на писмото. Поетот трага по нови изрази, значења и асоцијации, па затоа можеби неслучајно го опева и Фуко?!

Четврти циклус – „Празнина“ или „Писмата на сонувачот“

2По писмата, по телото и по патувањето, поетот застанува пред „празнина“, но пред себе сè уште има очи широко отворени за сè што може да донесе поетски восклик за нов ракопис. Иако во овој циклус се поставени најтешките прашања, најмачните дилеми, па дури и стравот од вакуум и од немањето одговор, свесноста за мигот што може да биде фатен само во песна е сеприсутна.

Во поднасловите користев именки од машки род: читач, номад, љубовник, сонувач, поет  – не затоа што феминативите не се можни или пак не се звучни, ниту пак затоа што на „Писмата“ на Гаџова им недостига женски сензибилитет, туку, напротив, жената во нив е моќна и не остава никого рамнодушен, па оттаму и потребата за генерално именување на оној што ги чита овие писма-стихови.

Напишано од
More from РЕПЕР
Поезијата како активистички пристап
Поезијата има сосема блиска врска со верувањето во магиската моќ на зборовите.
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *