Македонската книжевна деконструкција/реконструкција

За современата македонска книжевна сцена и за гостите на годинашната Ревија пишува книжевникот и селектор – Венко Андоновски.

За современата македонска книжевна сцена и за гостите на годинашната Ревија пишува книжевникот и селектор – Венко Андоновски.

large_Skopje__Makedonija

Еве ги, по ред, според датумот на раѓање: Владимир Мартиновски (1974), Калина Малеска(1975), Јовица Тасевски-Етернијан (1976),Снежана Младеновска-Анѓелков (1977), Звонко Танески (1980), Жарко Кујунџиски (1980), Румена Бужаровска (1981), Игор Крајчев (1981), Андреа Јанковски (1982) и Иван Антоновски (1990). Тоа е период од 16 години, од што станува сосем јасно дека не е во прашање книжевна генерација (термин што уште одамна нема никакво значење за книжевната периодизација, иако и понатаму може да се користи). Не е во прашање ниту некаква школа, ниту какво било поколение што божем се собрало околу некаков манифест или единствена естетска платформа. Станува збор, всушност, за еден нов бран во македонската книжевност, на чии припадници им е заедничко не само тоа што се различни во поетски поглед туку и тоа што се важен фактор во реконструкцијата и во деконструкцијата на претходните стилски клишеа во македонската книжевност.

Треба да се има наум дека сите припадници на овој, условно наречен бран на реконструкцијата (нема повеќе да го користам поимот деконструкција зашто реконструкцијата само почнува со деконструкција, а резултатите од таа деконструкција, барем во овој момент, се неизвесни) самите себеси се доживуваат како група што има една важна задача: да отвори нови патишта во македонската книжевност. Изгледа како сите тие да се одгледани според старото, но точно сфаќање на руските формалисти дека формата умира во рацете на епигонот, а тие не сакаат да бидат епигони. Тие се експериментатори што ги тестираат крајните граници на издржливост на веќе познатите естетски облици во македонската книжевност. Токму поради тоа (претпоставувам), неодамна ја објавија и антологијата „Ветерот носи убаво време“ (каде што се застапени вкупно 35 млади поети и прозаисти), со многу полемички поговор. Интересно е тоа што еден од составувачите на таа антологија е и најмлад во овој избор – поетот и критичар Иван Антоновски. Другиот составувач е универзитетската професорка по македонска книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, мојата колешка д-р Весна Мојсова-Чепишевска, која несебично ги препорачува и стои зад нив.

po

Овој избор не треба да се сфати само како маргинално-субверзивен или супкултурен отпор кон македонскиот книжевен ’мејнстрим‘ (иако во основа тоа и е). Треба да се има наум дека четворица од авторите застапени овде се универзитетски професори: Калина Малеска, Румена Бужаровска, Владимир Мартиновски и Звонко Танески. Дали е тоа уште еден доказ дека не само што полека се урива строгата граница помеѓу „високата“ и „популарната“ (мас-) уметност туку и сè повеќе авангардни и супкултурни идеи може да се откријат токму во македонските академски кругови? Ова прашање не е без значење за македонската книжевност, особено ако се знае дека последниот полемички судир (оној меѓу „реалистите“ и „модернистите“) се доживуваше токму како конфликт меѓу супкултурните барикади (модернистите, пред сè Димитар Солев) и академските перјаници (пред сè проф. д-р Димитар Митрев). Денес не е така: конфликтот се поместува од маргините кон самиот центар, во рамката на самата академска заедница. (Немојте да се збуните кога велам „последниот конфликт“, а ги споменувам реалистите и модернистите. Интересно е тоа што македонските модернисти не се конфронтираа со постмодернистите, кои се појавија во седумдесеттите и во осумдесеттите години на минатиот век, туку и самите во голем дел преминаа во постмодернистите!)

Веднаш по постмодернизмот, по интертекстуалноста, цитатноста, рециклирањето и секако – по иронијата, која е неизбежна последица на сите овие текстуални постапки, доаѓаат овие момци и девојки. Ако постмодернистите (Драги Михајловски, Ермис Лафазановски, Александар Прокопиев, Гоце Смилевски) беа уверени дека книжевното дело може да се напише од други дела („игра на означувачот“), овој бран македонски книжевници, иако не ги отфрла сите постмодернистички техники, повторно се врти кон – означеното. Тоа значи дека повторно ја враќаат реалноста во македонската книжевност. Во тоа особено ја гледам нивната капитална инвестиција во еволуцијата и во историјата на македонската книжевност. Тие се презаситени од „книжевностите на хартија“, од цитираните кодови, од рециклирањето цели текстуални матрици и стилски формации. Тие зборуваат главно за себе, за распаѓањето на системот на вредностите, за пропаѓањето на моралните начела по големиот идеолошки крах на социјалистичката парадигма, за својата изгубеност и отфрленост на маргините на општественото, на еротското, на афективното, на семиотичкото. Тие, во извесна смисла, се изгубена генерација што сака да го изедначи дефицитот што не го предизвикала сама. Повторувам – не им се непознати ни постмодернистичките постапки, но додека класичните постмодернисти уживаа во иронијата и во иронизацијата на реалноста, овој млад бран македонски писатели ужива во иронизација на иронизацијата на реалноста. Тоа, всушност, е инверзија на иронискиот параграф на постмодернистите и поместување на книжевниот текст од нивото на автореференцијалноста на нивото на горчливата мачна референцијалност.

kniga-stranici

Токму затоа тешко и со постојано доцнење (и покрај своите вредности и свежина) се пробиваа на македонската книжевна сцена, иако за неколку од нив е невозможно да се премолчи кога се зборува за етаблираните македонски книжевни вредности. Да речеме, Владимир Мартиновски ја доби најважната македонска поетска награда на Струшките вечери на поезијата – „Браќа Миладиновци“, Јовица Тасевски-Етернијан оваа година беше во најтесниот избор за истата награда, а доби и важно поетско признание во Индија, Жарко Кујунџиски со својот роман „Спектатор“ стана еден од најчитаните помлади македонски писатели (покрај Гоце Смилевски), додека еден расказ му е објавен во антологијата на најдобрите прозни европски достигнувања за 2013 година. До неодамна анонимната Снежана Младеновска-Анѓелков за својот првенец ја доби наградата „Роман на годината“, нешто што досега не се случило во историјата на оваа најважна награда за проза во Македонија! Звонко Танески е преведен на петнаесетина јазици и е добитник на повеќе книжевни награди во Македонија и во странство. Калина Малеска со својот роман „Бруно и боите“ исто така влезе во најтесниот избор за наградата „Роман на годината“, а како и Румена Бужаровска е преведена на странски јазици. Секако, и двете го привлекоа вниманието на читателите и на јавноста уште со своите први дела. Игор Крајчев е добитник на наградата „Прозни мајстори“, а неодамна имаше и претставување во Њујорк. Андреа Јанковски објави само една книга со раскази, која сеедно предизвика бран пофалби во Македонија. Конечно, најмладиот во овој избор, Иван Антоновски, со само 23 години, веќе има една меѓународна книжевна награда и наградата „13 Ноември“ на градот Скопје.

Сите се преведени на повеќе странски јазици, што е доказ дека лесно се пробиваат надвор од својата матична, национална книжевност. Токму тоа е причината поради која, како нивни постар колега, се одлучив токму за овој избор. Тие, едноставно, се иднината на македонската книжевност и, во овој момент, знак за нејзината голема реконструкција.

 

Авторот е писател и универзитетски професор по книжевност во Скопје.

Ревијата на малите книжевности се одржа на 17 и на 18 октомври во Загреб.

Извор на текстот:

http://booksa.hr/vijesti/sve/makedonska-knjizevna-dekonstrukcijarekonstrukcija

 

Превод од хрватски јазик: Кристина Велевска

Напишано од
More from РЕПЕР
Ехото на воздигнатото паѓање
Немања Стојковиќ – Блеки е роден 1986 година во Врање. Дел е...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *