Именување на инсектот

Покриени со песочна прав, Песитите патуваа по пустината. Си ја крепеа снагата со посебно изработените чутурки за вода, но и таа беше при крај. Но знаеја – може да ја допијат и последната капка оти зад песочните ридови, по час-два одење, ќе пристигнат до ливадата со растенија привикнати на пустински живот и со мало езерце, дарител на пијалак и на храна. Не говореа меѓусебно за да не си ги трошат силите. Покриени со бели наметки, чекореа трпеливо зашто го знаеја својот пат. Одвреме-навреме некои од нив ќе разменеа збор, но ова не можеше да се каже и за еден висок возрасен човек, кој газеше исправено низ песокта, која и нему, како и на другите, му го забавуваше одот.

in11

По час-два, токму како што очекуваа, пред нив се исправија два-три кактуси, а веднаш зад нив се простираше глетка што ја параше едноличноста на пустинската песок. И повторно – тие бавно чекореа, не забрзаа за да ги нафрлат усните врз проѕирната вода што ветуваше да ги избави од маките на жештината. Токму кога езерцето му беше пред носот, на високиот тивок човек му се одврза белата наметка од главата. Би се очекувало едно толку жедно суштество да се нафрли наврапито на водата без во тој миг да се грижи за наметката или за кој било дел од облеката, но човекот сосема спокојно си застана неколку моменти да ја стокми пак на местото и дури потоа се наведна кон езерцето. Пред да се напие, тој, исто како и неколкуте десетици други околу него, ги брцнарацете во водата, а потоа почна да ги трие дланките една од друга за да ги исчисти од правта наталожена на нив последните неколку дена додека патуваа од своето живеалиште до оваа оаза. Правта и песокта веќе им се беа закоравиле на прстите и на дланките од внатрешната и од надворешната страна, па овој ритуал на миење траеше цели неколку минути, а жедните Песити не одаваа никаков знак, никакво треперење на рацете или нетрпение во погледот дека не ќе издржат ако не се напијат од водата пред нив. Жедните ги триеја дланките една од друга во потполн молк.

Тојчас нешто го почеша високиот човек по главата, па ја крена раката за да ја смири иритацијата и допре некакво суштество. Суштеството брзо скокна за да избега од него и застана на еден камен сосема близу. Тој го погледна ова суштество со кафеавозелено тело и со глава на која очите околу црните точки беа несразмерно поголеми од кој било друг орган на главата. Две пипала му извираа под главата, но тоа беше единственото нешто по што потсетуваше на другите инсекти што вообичаено живееја во овој предел. По друго ништо не наликуваше на многу малиот број видови овдешни инсекти. Предните нозе, поголеми и подебели од задните два чифта, беа кренати кон главата и се триеја една од друга минута-две-три, па и повеќе. Човекот го гледаше инсектот, ги гледаше и мажите и жените околу него со сосема идентични движења со исто времетраење. А потоа инсектот одлета, можеби во потрага по жртва за да го задоволи гладот, како што овие луѓе ја задоволуваа жедта.

Неколку дена подоцна, Песитите се наоѓаа во своите живеалишта: меѓусебно поврзани тунели со дебели камени ѕидови, чии подови се наоѓаа под нивото на земјата, а чии тавани извираа надвор, но бидејќи околината беше преполна со камења, испакнатите тавани не привлекуваа внимание, стопени со пределот околу себе. Внатре, еден висок човек црташе на ѕидот инсект со преден чифт нозе подебели и подолги одошто задните. Горе, веднаш над нацртаното суштество, човекот врежа знаци што му придодадоа на неговиот јазик нов збор: „Дланкомијачка“.

* * *

Земјата се затресе поради звуците од топотот на зебрите. Се подготвуваше моштен мегдан. Длабоко во зелениот густеж, покрај неодамна роденото зебренце, стоеше девојче, галејќи го и зборувајќи му нешто. Кога го слушна познатиот глас на поглаварот, се стрча кон живеалиштето во кое живееше со браќата, сестрите, нивните мајки и со својата мајка. Таму, поглаварот со скудна реченица и со гневно движење му издаде наредба на еден помлад маж да ги викне сите воини од селото.

„Тато, тато, што се случува?“, дотрча девојчето.

„Акабун, веднаш да те снемало оттука!“, со длабок, отсечен и громогласен глас викна поглаварот. Но неговиот глас не останал само негова привилегија, ами прешол и во наследство, па ќерка му речиси го надвика.

„Тато, тато, види што направив!“, извика држејќи в раце голем нож. „За тебе е! Ќе има борба, нели?!“

„Акабун! Ќе има борба. Сите се подготвуваме за неа, затоа тргни се! Бегај! А ножот чувај го за воинот кому ќе му родиш деца“.

„Но, за тебе е, за да не изгубиш!“

„Акабун! Казнета си да останеш во камениот мрак до утре наутро! Никогаш не сум изгубил и нема да изгубам! А сега, марш!“

Сега навистина, исплашено од страшните извици и поглед на татка си, сфаќајќи дека секој натамошен поговор би довел до пострашна казна, девојчето се стрча кон баба си. Но, не издржа, па бегајќи викаше: „Ќе им го дадам на мајките, тие никогаш немаат со што да се бранат кога го напаѓаат нашето село други воини, кога ти и нашите татковци сте во борба кај далечните планини!“ Поглаварот се сврте кон воините што пристигнуваа кон неговиот дрвен престол од цврсто гломазно стебло опточен со светкави кристали со којзнае какво потекло. Другите седнаа наземи, наредени во круг. По кратките, само неопходни, зборови на поглаварот, сите ги наведнаа главите назад, така што погледот им беше вперен во небото, ги кренаа рацете пред себе и почнаа да ги тријат дланките една од друга. Речиси полчас го изведуваа тој ритуал. Ова беше веќе шести пат само оваа година да се подготвуваат за битка. Жените и децата гледаа без да се приближат.

На Акабун ѝ беше здодеало да го гледа овој ритуал што се повторил десетици, можеби дури и стотина пати откако е родена, па се обидуваше да се качи на едно дрво што досега не успеала да го освои. Оти немаше намера да каже кому било дека е казнета, а татко ѝ, знаеше, веднаш заборавил на неа. И додека ровји секаа од устите на воините подготвени под заповедништво да згнетат лути непријатели, а од рацете што се триеја една од друга искри им сјаеја, Акабун виде еден мал отпадник, сличен на воините во заземениот став, како стои на најниската гранка од дрвото и како го изведува истиот ритуал. Неговото зеленкавокафеаво тело горе завршуваше со глава зафрлена назад, на која стоеја огромни очи вперени во небото, а задните два чифта нозе се наместиле во позицијата потребна за да ја држат сигурна рамнотежата, за која постоеше ризик да се наруши поради предниот чифт дебели и долги нозе, налик на раце, кои се триеја една од друга толку силно што речиси искри просјајуваа од нив. „Бабо, бабо“, Акабун беше најзборлестото девојче во селото, „кое е ова животно што се подготвува за борба?“

„Тоа е Доцниот воин. Добро си забележала, Акабун, тој се подготвува за борба, но секогаш се појавува дури откако нашите воини веќе завршуваат со подготовките и тргнуваат во битка. Гледаш како ги имитира? Мора прво да ги набљудува, а дури потоа да ги следи нивните движења зашто сам не знае да го изведе воениот ритуал. Затоа го нарекуваме така, со името што му го дале нашите предци“.

* * *

Мајските мириси ги мамеа надвор монасите посветени на молитва во манастирот. Дланките споени во положба на молитва остануваа така додека усните ги изустуваа соодветните зборови. Штом заврши молитвата, длабокопочитуваниот монах Исак што го нарекуваа се најде во штедрото зеленило, со обилно небо од едната страна, протегнато до крајот на светот, и со гломазна карпеста планина од другата страна, проткаена со понекоја грмушка. Под неговите стапала се нанижени неузнати пештерски ходници, исенчани од светлината што доаѓа низ устата, низ очите и низ носот на карпата, кои навнатре течат кон потполн мрак.

Исак го сакаше овој манастир изграден на рамнина на сплоснатиот врв од пештерата. И отсекогаш го сакаше јазикот. Токму затоа и го изучуваше. Ги сакаше книгите на старогрчките поети и на јужноамериканските мајстори на прозата. Сè уште ги имаше и ги чуваше во своето второ престојувалиште. Не се посвети на јазикот, но никогаш не се откажа од него. И во манастирот, каде што се наоѓаше, имињата на стотици нешта беа стокмени според неговите идеи. Остриот камен агол на крајот од левиот ѕид го нарече „шилестина“, дрвјата на кои лисјата раззеленуваа во зимските месеци – „студородници“, приказните за луѓето што одат во потрага по нешто – „талковни сказни“. Се чинеше оти талентот му е непотрошлив.

Го прифатија кога дојде, како што ги прифатија и неговите именувања. Тоа му носеше радост, оти пред да дојде, луѓето во градот го сметаа за чуден, оти подруги желби и надежи имаа од него. Тој сакаше да објасни: „Ништо чудно нема во моите уверувања, и јас ги знам истите работи како и вас, јас одам на истите места, ги водам истите разговори, само… само не ми се блиски“. Но дури овде неговите мисли се совпаѓаа со оние на луѓето околу него и тоа влеваше спокој.

Но, откако пред неколку месеци се врати од краткиот престој во градот, Исак беше тажен, свиснат. Не кажуваше што му е, што се случило. Но новопојавените или новозабележаните инсекти, лисја, гранки и делови од манастирот веќе не носеа нови имиња оти се беше откажал од својата навика да именува. Маки некакви тегнеше и око не склопуваше со ноќи во својата одаја. Никому не се довери. Некој се посомнева оти вербата му е разнишана. Друг мислеше оти има некој болен меѓу своите. Но отец Давид знаеше оти некој го има разгневено и можеби монахот што го сака јазикот возвратил со гнев, па е разочаран што му се предал на искушението. Затоа го следеше во прошетката и го престаса.

„Никој не ќе ти ја исчемни добрината, Исак. Јас не сум загрижен за тебе“, гласот Давидов му вдахна милост.

„Не сум заслужил таква доверба. Ме избави еднаш од тешки мисли, гледам и вторпат се обидуваш. Но чувај си ги силите за посмерните, за позаслужните“, одговори тивко Исак.

„Половина од овие убавини околу нас ги именуваше со пресветли имиња, најзаслужен и најсмерен меѓу смерните. Зошто со месеци си тивок и повеќе не разговараш со природата?“

Исак се натажи. Тојчас виде отец Давид пред себе еден зелен инсект со огромни очи, како ги кренал двете дебели и долги предни нозе небаре раце и како ги трие една од друга, потпирајќи се на четирите потенки задни нозе. Го насочи прстот кон него. „Овој инсект не сум го видел досега“, рече. И монахот потврди оти првпат гледа вакво суштество. „Како би го нарекол?“, се насмевна постариот. Исак, загледан во инсектот, не одговори. Отецот ја потпре раката врз рамото на помладиот, потоа се сврте и тргна кон манастирот. Тукушто направи неколку чекори кога го слушна зад себе гласот Исаков: „Богомолка“. Давид застана и го почека малку порасположениот монах. „Ми се допаѓа тоа име“, рече со насмевка додека и двајцата чекореа кон манастирот со грбовите свртени кон богомолката, која тојчас зграпчи пеперутка и жива ја прождра.

 

Препознатливиот автопортрет

 

Анастасиј Конев беше тој што се појави во мојот сон да ме принуди за една минута да измислам приказна, кратка и интересна, оти за време на вечерата секој од нас десетмина ќе морал нешто да раскаже. „Не прави ми притисок“, го молев во сонот, зашто ги исцрпев сите мисли од умот, а сказна никако да извирее. Ме однесе во стар замок. Анастасиј Конев беше тој што ме разбуди од сонот во кој и самиот учествуваше, а гласот преку телефонската слушалка безмилосно вршеше притисок: „Се селам во Замокот денес, ајде да видиш каде е, да помогнеш“. Пак замок, сигурно уште спијам.

DaliSleep37

Кога се расонив, сфатив што ми зборувал – па, уште пред неколку недели ја најавуваше преселбата, денес изгледа е денот кога таа најпосле ќе почне. Анастасиј ќе живее во зграда што се нарекува Замок бидејќи таму до пред две или три десетлетија живеело некое многу богато семејство. Она што денес, со помош на извесни корекции, беше зграда со десет станови тогаш било куќа што му припаѓала на едно семејство. Сфатив дека мојот пријател веќе ги пренесува работите, па побрзав за да стигнам барем малку да помогнам.

Не дека навистина очекував дворска одаја, но не очекував да наидам ниту на другата крајност. Ме затекна запуштена просторија со ствари што очигледно припаѓале некому друг, во други времиња, не дека можеше да се идентификува кои. „Пренатрупано за Вас, мадам?“ ме праша со препознатливата иронија, „Препразно за мене“. Иако звучеше незадолжително и задоволно, божем ништо не му пречи, веќе почна да ги отстранува туѓите предмети. „Нема да ти помогнам да го расчистиш тоа што не ти пречи“, му се насмеав. Додека ги разгледував другите катчиња на старински распоредената просторија, Анастасиј брзо буткаше сè во голема кеса за ѓубре.

Одеднаш застана, нешто виде, сфатив. Кога се доближив,го видов и јас, очигледно не толку импресионирана колку него, истото што го гледаше тој – слика: на бело платно неколку дебели црни чкртки, меѓусебно неповрзани. „Јас сум таа што слика“, го потсетив, иако себеси не се сметав за некој голем мајстор со свежи идеи, ами само за талентиран сликар – со одмерени прецизни движења,кои ги одразуваа нештата што ги гледав околу себе: реалист, значи. „Ништо модерно нема во твојата уметничка крв“, ќе ме пецнеше понекогаш Анастасиј. „Јас сум таа што слика“, уште еднаш ја повторив истата реченица, додавајќи: „и кажувам дека се ова чкртки“. Анастасиј, како и секогаш, одби да ги прифати моите зборови. Според него, очигледно било дека било насликано езеро. Или град. Или некое животно. Колку ли се тие три нешта слични?! Но јас избегнував да го обесхрабрувам, без оглед на искушенијата.

Во следните неколку дена увидов дека сликата му оставила неверојатен впечаток. Значи нешто – често ќе кажеше – нешто конкретно, не апстрактно, не идеја, не мисла. Нешто конкретно, место, суштество. Го измачуваше, го тиштеше. Сакаше да им ја покажува на сите што ги знаеше, видов: откако ќе ја погледнеа, не беа толку заинтересирани да слушаат за неа уште долги саати, а Анастасиј упорно продолжуваше. Дури и јас почнував да го избегнувам тие денови – освен тоа, и самата требаше да се селам. Најдов стан во кулата 24 во Центар, стан број 11. Газдата требаше да се отсели уште минатиот месец, но одложи за овој.

„Другата недела се селам, ќе ми треба помош“, му велам на Анастасиј, а тој: „О, јас нема да можам. Ќе одам да ги барам богатите што живееле кај мене, во Замокот“. „Јас тебе ти помагав“, се бунам, „барај ги подоцна, за две недели“. Но сè ми е залудно, Анастасиј заминува.

Собирам, местам, исфрлам – во собата под кирија, среќна што уште утре ќе имам свој дом. Договарам со некои пријатели, тие ќе ми помогнат. Некој ѕвони на вратата. Отворам. А пред мене млад човек, но со толку необична облека што не може да не се забележи необичноста. Некоја друга мода е – мене ми е непозната, ниту од минатиот, ниту од еден од претходните векови што би можела да ги препознаам. Од друга земја можеби? Од друга култура? Не можам да бидам сигурна.

Ме поздравува, јас враќам. Се извинува што е толку директен, но: „Сте живијале ли во кула 24, стан број 11?“ прашува на македонски јазик, иако со малку необичен изговор и со извртување на зборовите. Стојам исплашена од туѓинецот. Еден миг може многу да значи, ќе ја затворам ли доволно брзо вратата пред овој натрапник? Не мрдам. Можеби е некој роднина на претходниот газда на мојот сегашен стан во кој утре се селам? Зошто тогаш би ме прашувал дали во минатото сум живеела наместо дали воиднина ќе живеам таму? Можеби е чисто граматичка грешка, од недоволно познавање на јазикот? Да не е пријател на Анастасиј кого овој го пратил да се пошегува со мене? Изустувам непријателски: „Зошто?“

Човекот повторно се извинува, очите му се кротки. Најпосле се решавам за отсечност. „Таму ќе живеам“. Го нагласувам „ќе“. „Ви треба нешто?“

„Ќе живеите?“ одекнува неговиот глас, овој пат многу позбунет од мојот. „Но морале да сте живејале порано тамо“, инсистира. Штом го кажува тоа, ја погледнувам повнимателно неговата облека. Мода од иднината?

„Простете. Еданствена кристална љубопитност,“ се правда. Па објаснува: „Најдов еден автопортрет, што навидум не лича на портрет, мои пријетели се несогласуваат со мене, но само што ве видов на прагот, веднаж знаев дека вие сте на сликата, ве препознав. Сама го вие цртавте или некој сликар нацрта вас?“

Тогаш реков и до денес сè уште не знам зошто – можеби поради погледот на овој човек во кој се наѕираше добрина или охрабрување или милост или прошка или залог за идни постапки: „Ах, за тоа ли прашувате? Да, тоа сама го нацртав, автопортрет“, реков иако немав претстава за што зборува.

„Не сте можале подобро да се доловите со нито една друга техника“, мекиот, топол глас останува незаборавен. Ја затворам вратата и седнувам пред белите платна, ги има многу во мојот дом. Белината се топи, се стеснува, распукнува, се повлекува пред црните шарки, чкртки. Земам од другите бои, ги мешам за да добијам светлозелена нијанса, но дури четката стигнала до белото платно, боите така се измешале што пак црн рез му прават на белилото, ја распалуваат едноличноста, ја исчезнуваат, ја разубавуваат. Цап-цап, црни црти, дебели и исполнети со збиени линии, небаре линии од графи што отцртуваат фреквенција на звук. Реалист сум: моите слики се како фотографии, толку верно ги изразуваат предметите, луѓето, животните, што и да решам да насликам. Деталите ми се особен извор на наслада, не дишам слободно, со цел здив и смирено ако не го отсликам секој раб со сите зрнца прав на него, секоја кутија бисквити со соодветната дебелина на линиите од баркодот, секое влакно паднато од човечка коса врз тревата во градскиот парк. Зошто тогаш посегнувам по кафеавата боја за да ја доловам својата коса, а на платното паѓа црна чкртка? По сината за да си ги изразам очите, а врз белината се размачкува црна чкртка?

Анастасиј, каде си, да ти ја раскажам необичната средба што доведе до неразбирливата слика? Му се јавувам, не само еднаш, но не го наоѓам.

Камионот веќе е долу. Пакувам. Смирена сум, ги погледнувам автопортретите од вчерашниот ден. Еден сочувувам, го пакувам за да го однесам во новиот стан број 11, кула 24, другите ги фрлам. Беше напорно, заморно, но за неколку дена сè средив. Од сите места каде што можев да го ставам,мојот автопортрет, некако сосема ненамерно, заврши на највидливиот ѕид, некако најистакнат од сите предмети. Ако е веќе автопортрет, би било глупаво, премногу егоцентрично, да биде на највидливото место, си велам и го спуштам наземи.

Слушам тропање на вратата. Тоа е Анастасиј! „Ја најдов, еј, дали ти се верува?!“, се првите зборови што ги изговара без да праша како сум, без да искоментира за станот, без да каже дали лесно го нашол мојот нов стан. Со поглед велам – „Ајде веќе еднаш, кажувај“.

Го нашол богатото семејство, се запознал со ќерката, која била многу млада кога живееле во Замокот. Во тој период таа многу сликала, а сега му покажала на Анастасиј дел од своите слики. „Исти како твоите, пу, ни трошка фантазија, сè штур реализам. Како во ренесансата што сликале, само што на овие имаше мотиви од денешниот живот – најверодостојниот приказ на реалноста што можеш да го замислиш“. Не велам ништо, чекам да докаже, иако не се согласувам целосно со неговата произволна забелешка за ренесансата, но тоа би значело менување на темата. Продолжува: „Само онаа слика што ја најдов кај мене во станот беше добра. Како што ми објасни, сакала автопортрет да наслика, но некако сè, против нејзината волја,ѝ излегувало она што јас го нарекувам модерна слика“. Јас се скаменувам. Возможно ли е настаните толку, толку да се преклопиле, небаре се копии еден на друг?! „Инаку“, продолжува Анастасиј, „многу убава жена, иако некако старински облечена. Само што ми отвори врата, веднаш препознав дека е таа од сликата, од автопортретот. Е, гледаш, а ти ми се смееше“. Раскажува живо и шета наоколу. Во изразот гледам дека сфаќа оти сум презбунета. Сака да ме праша што ми е, но тојчас го забележува мојот автопортрет. „И ти си се насликала со истиот метод?“ Се обидувам да го тестирам: „Како знаеш дека сум јас, можеби само ја имитирав другата слика на убавата богата жена“ и го гледам со прашален поглед. „Не, ова си дефинитивно ти, подобро не би била изразена ни со најреалистичната слика. Овде си покрај Вардар, близу лизгалиштето“. Во недоумица сум, необуздани мисли ме замелушуваат – оти… вистина е: се замислив себеси, додека сликав, како стојам крај Вардар, во близина на лизгалиштето.

Анастасиј Конев беше тој кому му кажав за двојникот од иднината различен од него. Му ги изнесов сите детали за она што ми се случи дента пред да се преселам. Анастасиј се чуди, се смее, импресиониран е, не му се верува, но не бара објаснувања, објаснувањата не го интересираат.

Leave a Reply

Your email address will not be published.