Стварноста на(до)полнета со литература и обратно

(преку расказот Далечна од Хулио Кортасар)

Колку литературата ја имитира реалноста, или колку се оддалечува од неа? Дали таа мимеса и таа дистанција се спротивни како и нивната суштина, или, пак, литературата има намера да ја приближи реалноста (миметирајќи ја), парадоксално, истовремено дистанцирајќи се од неа, отежнувајќи ја, или очудувајќи ја?[1] И најпосле, со кои приближувачки средства се користи таа, за да го постигне тоа оддалечување?

julio-cortazar

Валидноста на силниот парадокс приближување преку оддалечување, кој не само што навидум не му прилега на едно епистемолошко истражување туку е и, се чини, спротивен на рационалното, како и некои други феномени, ќе се обидам да ја покажам (доколку е возможно да се покаже блискоста на една спротивност) преку расказот Далечна од Хулио Кортасар, на чијшто протагонист, Клара, како што ќе видиме понатаму, сосема му прилега учеството во еден ваков, би рекле, шизофреничен обид за расветлување на опскурните сили што ја прават литературата уметност и што предизвикуваат читателско уживање, односно расветлување на некои нивоа на кои се врши дистанцијацијата (оддалечувањето, отуѓувањето, очудувањето, отежнувањето) на текстот (неговата трансформација од референцијален во естетски).

 

Далечната: приближена и дистанцирана

Расказот Далечна започнува со дневникот на Клара, која се обидува да заспие играјќи си со зборови, правејќи палиндроми, анаграми. Во дневникот таа зборува за својата мајка, за своето момче, споменува ликови како Доријан Греј, уметници како Салвадор Дали, раскажува ситуации прикажувајќи дека не ужива во сето она што ѝ се случува, како и нејзиното отсуство во сето она што го прави. Нејзиното душевно отсуство се должи на постојаното апстрактно отсутно присуство (или присутно отсуство) на една жена (далечната), која ја гледа/ ja замислува/ ja сонува/ ja чувствува на еден мост во Будимпешта, чувствува како ја тепаат, како ѝ студи, го чувствува снегот во нејзините скинати чевли. Тој привид, таа далечна жена, е тотална спротивност на Клара. Таа е елипсата во анаграмот што Клара го создава од своето име Клара Аицети – Е кралицата и… Клара е богата – далечната е просјак; Клара е во топлиот Буенос Аирес – далечната ѕемне во Будимпешта, над мостот под кој тече студениот Дунав.

d3„Затоа што мене, далечната, не ја сакаа“ вели Клара. Со оваа игра со првото и третото лице, како и со други слични игри, Кортасар го оверодостојува единството на оваа дуалност, на овие два различни лика или на двете страни од напукнатиот лик на Клара.

Во последниот запис од својот дневник, таа одлучува да го затвори истиот, бидејќи „жената или се мажи или пишува дневник – двете работи заедно не одат“ и заедно со своето момче, сега сопруг, заминува на меден месец во Будимпешта. Заминувањето за Будимпешта на меден месец е и, всушност, нејзиниот мотив за брак со Луис Марија.

Последниот дел од расказот, пишуван во трето лице, надвор од дневникот на Клара, го раскажува нејзиниот престој во Будимпешта и нејзината средба со далечната, два месеци пред нејзиниот развод со Луис Марија:

„… Сред опустошениот мост распарталената жена со права црна коса чекаше, со нешто цврсто и ревносно во нејзиното лукаво лице, во превојот од нејзините малку склопени дланки, кои веќе се ширеа…“

Клара ја гледа, започнува да ги имитира нејзините гестови како на „генерална проба“, ја препознава, ја прегрнува:

„… а жената од мостот се притисна во нејзините гради и двете се прегрнаа, здрвени и молчаливи, на мостот, со раздробената река што удираше по столбовите…

…Ја стегаше преслабата жена, чувствувајќи ја цела, потполна во нејзината прегратка, со радост која се возвишуваше како химна, како гулабите кога ги пуштаат, како распеаната река. Ги затвори очите во целосното сраснување, избегнувајќи ги надворешните впечатоци, самрачната светлина; одненадеж толку уморна, но сигурна во својата победа, без да ја слави како толку нејзина и толку чекана.

Ѝ се пристори дека една од двете слатко плачеше. Мора да е таа бидејќи ги почувствува влажни образите и болка во самата јаболчница како од удар. И вратот, и одеднаш рамената, натежнати од небројни замори. Отворајќи ги очите (можеби веќе врескаше) виде дека се раздвоиле. Сега навистина вресна. Од студ, зашто снегот ѝ влегуваше низ распарталените чевли, зашто по патот под нозе по плоштадот си заминнуваше Клара Аицети, преубава во своето сиво палто, косата малку распуштена низ ветрот, без да го сврти лицето и си заминуваше.“

Овој неочекуван крај на Клара, дозволува повеќе толкувања на вистината на оваа приказна. Сепак, во моментов ќе се задржиме на онаа што најмногу ни одговара во контекст на она што на почетокот рековме дека ќе се обидеме да го покажеме.

Она што Кортасар го направил со фузијата на еден „реален“ и еден „замислен“ лик, иако навидум фантастичен спој, можеме со извесна доза сигурност да кажеме дека е приближување на далечината. Независно дали далечната ќе ја толкуваме како спротивност на Клара, како нејзина желба (бидејќи не ужива и не е присутна во сето она што ѝ се случува во нејзиниот богат дом: во свирењето пијано, во танцувањето итн.), како фантастична замена на животите или како целосно полудување на еден шизофреничен лик, сепак дистанцијата помеѓу овие два лика (или две половини лик) завршува во нивна фузија и повторно оддалечување како сосема изменети, заменети, полудени, пронајдени…

Истово дистанцирање и приближување се случува и на ниво на текст. Да речеме дека авторот прочитал во весник или чул од некој пријател за некоја девојка што откако се омажила, веројатно под притисок од нејзиното пребогато семејство, со оглед на тоа што постојано ги потиснувала сите свои желби и потреби, отишла на меден месец со нејзиниот сопруг и таму нејзината ментална растроеност конечно ја стигнала и… (?)

Понатаму (во нашата хипотетичка приказна за настанувањето на овој расказ), авторот ја отежнал или ја очудил оваа приказна со дневникот на Клара, која го опишувала своето полудување, не знаејќи што всушност ѝ се случува. Ја однел на еден од многуте мостови во Будимпешта (патем речено, важно е да се спомене и дека мостот е симболот за приближување, но и за оддалечување) и ја поврзал со нејзината судбина, која ја отелотворил во една нејзина спротивност, во една жена просјак, која ќе ѝ одземе сè старо (како што тој условно му направил на неочудениот текст). Формирајќи го како дневник, ставајќи му временски назнаки (датуми, делови од денот итн.) Кортасар ја зголемува веродостојноста, со што, ако сакаме да се послужиме со двата спротивни поими на коишто го базираме нашето толкување – приближување и оддалечување – миметирајќи ја реалноста, ја приближил. Сепак, исто како што неговите ликови од далечина преминуваат во блискост, за повторно да се оддалечат, така и реалноста од далечна на текстот (литературна стварност наспрема стварност), му се приближува (дневникот влева извесно чувство на веродостојност и уверливост, кои се неоспорни одлики на реалноста), за на крајот повторно да се оддалечи од него, очудувајќи го текстот со фантастичниот крај, препуштајќи му го заклучокот на омнисцентниот раскажувач.

Дистанцијација во Далечната

а) преку архетипови:

d2Да се надоврземе на уште едно можно толкување на оваа фантастична дуалност. Доколку далечната ја земеме како олицетворение на потсвесното на Клара, воведувајќи го во оваа размисла Јунговиот архетип на Анима-Анимус, сепак во извесна мера оддалечувајќи се од него – бидејќи, на жената ѝ одговара Анимусот – можеме да си дозволиме да го интерпретираме душевното патешествие на нашата хероина како откривање на нејзината потисната сексуалност. Оттаму би можеле да заклучиме дека далечната, нејзината двојничка, е рефлексија на нејзината потисната желба, не за маж туку за жена. Иако е можеби претерано во погоре цитираниот крај на расказот да се бара еротска конотација, сепак, би рекле дека самата мистичност во него, дава можност за едно вакво неортодоксно толкување: средбата на мостот меѓу Клара и нејзината двојничка е всушност нејзиното конечно слевање/преминување во нејзината вистина, нејзиното конечно соочување со нејзината сексуалност и покрај нејзината припадност во едно традиционално семејство, како и нејзиното конечно „пропаѓање“ во срам (па оттаму симболичната болка, студ, осаменост, оставеност итн.).

Во есејот Двојното: Архетипски облик, Мишел Вокер (1976), американски јунговски психолог и геј-активист, вели:

„… би сакал да предложам еден архетипски концепт, „двојното“, на сметка на духовната фигура со сите еротски и спиритуални значења придодадени на Анима/ус, но од истиот пол, а сепак не Сенка. Оваа фигура има митолошки примери и се чувствува во психолошките искуства. Таа се губи ако се нарече Сенка или Анима/ус.

Го гледам Двојното како сет од особини што во крајна линија ја издигнуваат нашата свесна свест на половиот идентитет како биолошки маж или жена, иако Двојното е многу повеќе (и помалку) од нашата безвредна социјална идеја за машкост или женскост, и од него сосема отсуствуваат сексистичките конотации (кои се придодадени подоцна). Оттука следува дека Двојното и Анима/ус се еднакви и се надополнуваат и формираат целина, андрогиност во природата. На пример, Анимата содржи архетипни слики на мајка, ќерка, сестра, љубовница. Машкото Двојно, тогаш ги содржи оние на татко, син, брат, љубовник. Исто како што жена може да послужи како проекција на Анимата, така може и мажот да послужи како проекција на машкото Двојно, и вице верса за жената. Двојното, исто како и Анима/ус, може да биде дел од она што Јунг го нарекува трансцендентна функција…“[2]

d55

Да се надоврземе тука на уште една можна архетипска интерпретација – поимот Огледало. Неретко во литературата и другите уметности, и секако во животот, се среќаваме со ликови и личности што се вљубуваат во својот одраз (Нарцис, диктаторите итн.) како и онакви што според својот одраз пресоздаваат цели нови животи или светови (бог го создава човекот според својот лик, родителите ги воспитуваат децата според својот пример – спротивно или еднакво на своите сфаќања и достигнувања итн.).

Во Огледалото, пак, Клара ја согледува својата друга (или во својата инаквост), во којашто наоѓаме уште еден многу интересен архетип: Просјакот. Просјакот се поврзува со зависноста од љубезноста на другите, тој живее на улица, гладува и е подложен на болести. Сепак, просјачењето не се врзува само со гладувањето за храна. Луѓето молат (се гладни) за внимание, љубов, материјални предмети, знаење, вистина. Во симболична смисла, архетипот на Просјакот претставува тест за личноста што е принудена да се самозасили, започнувајќи од основата – преживувањето.

Во таа смисла, далечната не само што може да се толкува како (само)соочувањето и (само)запознавањето на Клара со своето просјачење за љубов и внимание или, пак, за некој поинаков живот, туку можеби и дури како нејзино конечно раскрстување со стариот живот и симболична иницијација (бидејќи мостот, на кој конечно таа и далечната се среќаваат, секако асоцира на преминување, на иницијација) во некој нов, поинаков, поедноставен (но поприкладен за нејзината личност) живот.

б) преку јазикот

Во расказот Далечна важна улога игра и јазикот. Клара не само што го користи како магично средство за преминот од јаве во сон, не само што преку него (запишувајќи) ја овистинитува својата замислена/ сонувана/ почувствувана двојничка, туку и несомнено може да се каже дека преку својот јазик, преку играта со него (создавањето палиндроми, анаграми, барањето зборови со одреден збор согласки, самогласки итн.) дури и го предизвикува нејзиното појавување (во својата потсвест, во својата вистина, во својата приказна…). Имено, за оној претходно споменат анаграм, кој Клара го прави од своето име Клара Аицети – е кралицата и… вели:

d1„… Проаѓам така часови: од четири, од три и две, а потоа палиндроми. Лесните: И Мајами има јами; нели не си ти сенилен; најтешките и прекрасни: Есен однесе, есен донесе; мака сета за „те сакам“. Или прекрасните анаграми: Салвадор Дали, Авида Доларс[3]; Клара Аицети, Е кралицата и…). Толку прекрасен последниов, зашто отвора пат, зашто не завршува. Зашто кралицата и…

Не, ужасно. Ужасно зашто ѝ отвора пат на оваа што не е кралицата, а што одново навечер ја мразам. На онаа што е Клара Аицети, но не кралицата од анаграмот…“

Токму на овој начин ни се претставува во расказот за првпат далечната. Вака Кортасар ја прикажува онаа магична, светотворна функција на јазикот. Впрочем, Клара преку јазикот, односно преку својата фантазија, која сепак е манифестација на јазикот – мислиме преку јазикот – особено со оглед на тоа што таа ги запишува своите мисли во дневник, кој често се смета за уметност, за книжевен жанр, доживува трансформација, иницијација во посвесна, во друга или во сосема полудена личност. Со други зборови, преку својата фантазија, која би рекле дека во овој случај одговара на фантастика, Клара создава личност во која подоцна се претвора, со која се соединува или поради и заради која се менува или полудува…

в) преку играта (време-простор, јазик, смисла, значење)

Несомнено е дека умет(ш)носта на Кортасар во голема мера се состои токму во успешната манипулација со јазикот и сите негови функции. Сепак неговата игра не завршува само на тоа ниво. Фактот што Клара ја изнесува својата приказна преку дневник, дава дополнителна веродостојност на текстот и дополнително засилување на чувството на идентификација на читателот со ликот. Датумите над секое ново внесување во дневникот, пак, даваат чувство на реалистичен хронотоп, кој сепак се очудува со воведувањето на мистичните премини (замислени или вистинити, сонувани или почувствувани) меѓу театарот во Буенос Аирес и плоштадот во Будимпешта, како и со исказите на Клара дека не е сигурна дали она што го чувствува на далечната  ѝ се случило во минатото или ќе ѝ се случи во иднината итн.

За играта

Сите овие игри во секоја од споменатите форми и веројатно и во некои што авторката на овој текст не успеа да ги забележи, кај Кортасар се одвиваат на една од двете екстреми меѓу коишто постојано нè клацка клацкалката на која (на)седнуваме со и во расказот Далечната: Клара: стварност (случување – јаве, свесност, будност, зрелост, стабилност, остроумност, информативност) наспрема: Другата: сон (приказна – литература, лудизам, несвесност, нестабилност, незрелост, шизофреничност, естетичност), па оттаму би можеле да се осмелиме да речеме дека во крајна линија Далечна (како што и му доликува на еден книжевен текст) е расказ во кој литературата се докажува самата себеси како непобедлива и незаменлива состојка (иако делумно спротивна) на стварноста (стварност: литература = јин: јанг) без која душата вечно ќе талка во својата нецелосност, неисполнетост, недовршеност, незадоволеност… или негативна честичка што го потврдува постоењето на позитивната; одразот што го потврдува и му дава смисла на постоењето на ликот.



ФУСНОТИ:

[1] За да се смета еден текст за литературен, тој мора да биде отежнет со значење. Тој не смее да се чита на едно рамниште и да дава обични  искази. Тоа онеобичување на текстот или негово отежнување/збогатување со изненада, руските формалисти го нарекле очудување. Очудувањето на еден текст, на извесен начин е негово оддалечување од реалноста, доколку се согласиме дека на реалноста ѝ прилегаат нелитературните текстови.

[2] Mitchell Walker, The double: An archetypal configuration, 1976: http://uranianpsych.org/articles/The%20Double.pdf ; превод мој.

[3] Avida Dollars е анаграмски прекар кој Андре Бретон му го дал на Салвадор Дали, алудирајќи на францускиот израз “avide à dollars” кој може да се преведе како „алчен за долари“, што се должело на претераната комерцијализација на Далиевото дело.

Користена литература:

Јакоби, Јоланда. Психологија Карла Густава Јунга – увод у целокупно дело. Београд: Дерета, 2000.

Тресидер, Џек. Речник на симболи. Скопје: Три, 2001.

Ќулавкова, Катица. Македонски искушенија и други огледи, Скопје: МАНУ, 2012.

Ќулавкова, Катица. Поимник на книжевната теорија. Скопје: МАНУ, 2007.

Chevalier, Jean. Gheerbrant, Alain. Rečnik simbola (drugo prošireno izdanje). Zagreb: Nakladni zavod MH, 1987.

Walker, Mitchell. The Double: An Archetypal Configuration, 1976:

http://uranianpsych.org/articles/The%20Double.pdf

Leave a Reply

Your email address will not be published.