Совест

„Совест“ (моноемоција во кратка дијалошка форма)

22.40 часот, денес. Сега.

Скопје, септември, 2013 година.

old

Читање во една запуштена куќа на два ката, во која се собрани неколкумина автори на кратки раскази и педесетина посетители, кои седат на долги дрвени клупи.

Авторот на текстот што следува не е присутен; во негово име, неговиот текст го чита актер.

Куќата се наоѓа на брдото од градот, поставена полукосо на еден незабележлив рид. Искршените прозорци гледаат во дупката во која е сместен градот. Неколку стари светилки висат од дрвениот покрив на оваа запуштена куќа. Три споени маси на кои седат авторите, неколку шишиња пиво, уште неколку шишиња вино, пластични чаши.

Актерот го зема текстот, застанува пред толпата и почнува да чита.

 

                                                                         АКТЕРОТ:

Според ова нема да се сними филм

                                    „Совест“

                           (моноемоција во кратка дијалошка форма)

                                                                                                                

Скопје, пред три години.

8 часот.

Петок, ѕвони будилникот.

… Ги отворам очите и гледам во таванот на својата соба, кој видно ја променил бојата откако го купив овој стан. Од неодамна живеам сам и полека се навикнувам на тоа. Станувам „олку рано“, иако знам дека немам каде да одам. Веќе некое време не работам ништо, со исклучок на неколку ситни настани и текстови за два-три весника, кои ги пишувам незадолжително.

Станот ми е валкан и секој ден си ветувам дека ќе го средам, но никако да почнам.
Чорапи, фармерки, маици, чевли расфрлани насекаде низ мојата спална соба, шишиња од бурбон, од пиво, од вино, од ракија. Во некои од нив има останато по малку течност, која сигурно никој нема да ја испие. Во дневната соба, пепелници полни догорчиња, кои дополнително му даваат одвратен мирис на овој „заборавен простор“.

Гледам во остатоците на масата од синоќешното дружење со моите пријатели, кои сега треба да ги соберам: чинии, чаши, вангли со храна што забајатува …

Собирам.

…Заљубен сум во Благица Стрезовска.

За жал или за среќа, таа е девојка на мојот најдобар пријател, Горазд. Вработена е во агенцијата за која пишувам текстови и ги организирам настаните. Веќе некое време сме колеги. Вчера беа кај мене на гости, таа и Горазд. Никогаш нема да дозволам да се дознае дека сум заљубен во неа, особено нема Горазд да дознае, него многу го почитувам.

Имам неколку поезии што ги имам напишано за неа и тие се само за мене, уредно и тајно ги чувам… Во некоја друга пригода, ќе ви ги прочитам.

Во моментов јас и Благица работиме на еден нов настан, кој јас треба да го напишам и да го изрежирам, а сѐ уште ништо ни сум напишал ни сум смилил, иако веќе ми го префрлија хонорарот. Тоа малку ме прави нервозен.

Ги собирам работите од масата и ги носам во кујната. Главата ме боли од алкохолот што го испив вчера. Подоцна ќе ги измијам.

Воздивнувам и од устата ми прострујуваат рапав звук на болка и мирис на алкохолна течност.

Влегувам во тоалет да се измијам. Пред да ја пуштам славината, се погледнувам во огледало и тивко, без глас, разговарам со себе:

–    Небричен сум со денови. Заборавив да се избричам. Воопшто, заборавив да си купувам самиот себеси работи. Се запуштив. Целосно. Не се сеќавам кога последен пат ми се јавила некоја девојка на телефон да ме покани да излезам со неа. Ниту јас сум се јавил.  Се обвинувам за овие работи, а последниве неколку месеци и се здебелив од ненормалниот живот.

Се мијам. Се облекувам. Излегувам од тоалетот.

Ги собирам отпадоците во неколку кеси и се симнувам да ги фрлам. Топло е. Бргу се враќам назад. Застанувам во влезот.  Го отворам сандачето, неколку пликови со сметки и со глупави рекламни материјали и едно писмо во голем плик. Не можам да претпоставам што е…

Се качувам горе, ставам кафе.

Малку подоцна. Станот е делумно среден.

9 часот .

Пијам кафе, пушам цигара и гледам низ прозорецот во „депонијата“ што ми е зад зградата, а во која и децата си играат одвреме-навреме. Додека да ми се згрее јадењето во микробрановата печка, го отворам писмото, веќе седнат на троседот во дневната соба.

Почитуван г. Цветановски,

Ви се обраќаме со молба до крајот на следната работна седмица да ги завршите промотивните текстови што нашата агенција ги очекува од Вас за претстојниот настан на нашиот клиент, кој патем треба и да го режирате.

Времето бргу минува, а Вие сѐ уште до нашата агенција не сте доставиле никаква скица од ракопис за креативното осмислување на настанот, ниту пак решенија за изгледот на настанот, поради што сме сериозно загрижени.

 
Хонорарот, како што побаравте, беше однапред исплатен и затоа Ве замолуваме да ги испочитувате и Вие нашите потреби како што ние го испочитувавме Вашето барање за предвремено префрлување на хонорарот.

Се надеваме дека в понеделник ќе дојдете во нашите канцеларии околу 11 часот со некакви предлози за решенија за настанот.

Ви благодариме за соработката!

До скоро,
Благица

under_table

Го држам писмото во рацете. Да, тоа е истата онаа Благица за која ви зборував малку погоре. Официјално ми се обраќа. Низ главата ми пролетува мислата дека имам уште помалку од 500 денари…
Крикнувам, … да ми се фатите за к***т, нервозно реагирам и го фрлам писмото на земја. Шетам низ дневната нервозен. Така, нервозно, се напнувам да смислам тема за да почнам да пишувам за глупавиот настан. Застанувам да се смирам. Седнувам на креветот. Го кревам писмото. Реално, повеќе сум нервозен поради фактот што немам никаква идеја отколку поради логичните барања од агенцијата.

Морам да се инспирирам. Морам. Морам. Морам.

Ѕвончето од микробрановата печка ме стана од креветот и ме потсети дека треба да јадам. Не јадев, веднаш се облеков и излегов. Храната остана на масата во кујната, подоцна ќе ја изедам.

11 часот.

Се симнувам по скалите до подрумот да си го земам велосипедот, кој ми е врзан за оградата на скалите. Гумата од велосипедот некој ми ја дупнал. Викам на цел глас во влезот:

–    Па, добро бе, идиоти едни, што ви смета мојот точак тука?

Нема одговор.

Излегувам од влезот и брзо пешачам до првиот мајстор за велосипеди да ми ја промени гумата. Имам само уште 480 денари во џебот, а ќе треба 150 и за ова да дадам, пцујам во себе. Туркајќи, имам чувство дека сонцето директно ме зрачи во мозокот. Се ежам од топлината, а наоблечен сум како да е три степени под нулата. Улиците се преполни со луѓе и со автомобили што нервозно го освојуваат овој ограничен простор и секој се однесува како улицата или тротоарот татко му да ги направил… Скопје е град познат по таквото однесување, особено на оние што дошле однадвор, а глумат поголеми скопјани од мештаните-преживувачи, каков што сум и јас. Бргу заборавам на таквите.
Стигнувам кај велосипедот.  Додека чекам во редот, ми ѕвони телефонот. Погледнувам. Благица ме бара.

Јас: Ало?

Благица: Го добивте ли писмото, господине Цветановски?

 Се смееме двајцата.

Јас: Да. Го добив. Без грижи.

Благица: Не се грижам јас. Верувам во тебе. Знам дека најдобро ќе го направиш. Во 13 часот имаме состанок во врска со настанов, ќе те барам потоа да ти кажам што се случило.

Јас: Во ред. Те чекам.

Благица: Ајде, и биди добар. Внимавај на себе.

Јас: Без грижи.

Што ли сакаше да каже со ова „Внимавај на себе“? Кучка!

По секое нејзино јавување, ми треба уште половина час да се средам во душава и во мислите, а ми се јавува речиси секој ден, чисто за да ме чуе што правам. Последниве неколку месеци почнав да се сомневам дека забележала дека јас имам некакви симпатии кон неа и дека тоа ѝ одговара, но не сака ништо да проговори на темата и секој ден ми ѕвони да ми прави стресови.  А им зачестија ноќните посети на мојот стан, нејзе и на Горазд.

–    Ќе заврши ли ова некогаш? – воздивнувам.

–    Следниот! – изговори сопственикот на сервисот за велосипеди.

Јас сум на ред. Ја залепувам гумата. Плаќам. Заминувам оттаму. Возам до парк. Стигнувам во вториот дел од паркот. Седнувам крај езерото.

 

14 часот.

Погледнувам во часовникот. Благица уште не се јавила, а рече дека ќе се јави околу 13.45.

Ќе се јави, сигурен сум. Станувам гладен. Секој ден си ветувам дека ќе почнам да слабеам, а имам чувство дека секој ден се здебелувам за килограм повеќе и дека од ден на ден сум сѐ потежок, а што е пострашно, така и се чувствувам. Паркот е празен, сам сум во него. Гледам во исушеното езеро наслоено со жолти лисја. Есен е.  Маж и жена, двајцата на околу 25-годишна возраст, застануваат на дрвениот мост и жестоко започнуваат сексуално да се задоволуваат. Не забележуваат дека  јас сум во паркот, триесетина метри дијагонално од нив. Ме покрива едно дрво. Ги гледам, се загледувам во нив. Одеднаш – имам тема – вечната… ЉУБОВ.

Одлично, така ќе ја развивам приказната. Се ќе базирам на љубовта. Вадам тетратка и започнувам да пишувам.

Љубов. Што е љубовта? Препуштање? Верување? Успокојување? (Само)доверба?

…и останувам на овој наслов, поднаслов и на овие неколку фрази или што и да се…  Двајцата се скрија некаде во грмушките, веројатно ме видоа. Завршија работа и си заминаа. Јас останав да мислам… Си ја поставив темата „Љубов“, вечната и најглупавата.  Што е тоа љубов? …и не наоѓам одговор. Упорно не наоѓам одговор, а искрено не можам да мислам на агенцијата, на вработените таму, тоа се едни толку пресметливи луѓе што, кога треба да одам кај нив, денот ми е уништен во целост по тој состанок, со сите тие облечени насмевки.

Не мислам воопшто на настанот, на клиентот. Се засрамувам, сам од себе.

Си ветувам сам себеси никогаш веќе нема да земам пари предвреме, никогаш!

Ги ставам слушалките во уши и ги вклучувам, Personal Jesus од Џони Кеш засвирува и ме опушта.

Гледам во есента. Веќе сум целосно сам во парков. Помислувам: „Во последно време не читам ништо. Да бидам искрен, ме мрзи. Тоа е единствената причина.  Всушност, ме мрзи да правам што било. Еве, во овие моменти, ме мрзи и да јадам, а гладен сум“.

Станувам. Тргнувам кон центарот на градот. Купувам брза храна, застанувам пред сендвичарницата и се хранам пред неа. Најнекултурно, знам. Но не се грижам.

Си одам дома. Повторно сум без идеја, повторно без никаква завршена работа. По пат си купувам две шишиња пиво од литар и половина за кога вечерва можеби ќе почнам да пишувам, да имам дома со што да се налеам.

 

16 часот.

Легнувам да спијам. Заспивам. Сонувам. Не знам што.

17 часот.

Ѕвони телефонот. Помислувам, Благица е, ѝ завршил состанокот и ѕвони. Се јавувам. Мајка ми.

Мајка ми: Спиеш?

Јас: Да.

Мајка ми: Слушни ме убаво. Јас и татко ти за еден саат заминуваме на продолжен викенд во Хрватска. Да доаѓаш кај нас, да ги полеваш цвеќињата и да го шеташ кучето. Немој случајно да си заборавил.

Јас: Нема. Не се грижи.
Спуштам. Гледам во телефонот, Благица сѐ уште не ме барала. Чудно!

Се подготвувам и за четириесетина минути излегувам.

 

18 часот

Одам со велосипедот кон домот на моите родители. По пат, блиску до Железничка, го сретнувам Горазд. Изгледа многу вознемирен.

Јас: Горазд! Добро си?

Горазд: Одам кај моите. Се случи нешто… (погледнува на часовникот) Извини, се брзам.

Јас: Сѐ е во ред?

Горазд: Да. Сѐ е во ред. Извини, морам да одам.

Јас:  Ми изгледаш вознемирен. Можам некако да ти помогнам?

Горазд: Не, не. Одам. Ќе ти се јавам подоцна.

Замина, многу брзо. Чудно. Никогаш вака не ме одминал.

Продолжувам. Ме чека кучето да го прошетам. Забрзувам. Погледнувам во телефонот, Благица уште не ме побарала, а и средбава со Горазд малку ми е чудна. Ми станува непријатно да ја побарам. Ќе оставам таа да се јави.

Стигнувам пред зградата на моите родители.

bike 

18.30 часот.

Влегувам во домот на моите родители. Нема никој, само кучето Арон, кафеав доберман што ми се радува како да не видел човек никогаш. Го наполниле фрижидерот со јадење и со пиење. Татко ми знае дека сакам да пијам пиво и купил два пакета. На фрижидерот залепил налепница: „Пивото ти е на терасата, не го пиј ’џекот‘, треба да го носам на една прослава“.

Ги ококорувам очите. Има „џек“. Се насмевнувам. Арон е застанат пред барот во дното на дневната соба и ме гледа сакајќи да ме предупреди да не земам ништо оттаму. Стои пред колекцијата алкохолни напитоци што ги собира татко ми. Меѓу нив и „џекот“. Без размислување го земам неотвореното шише полно бурбон и му правам сефте. Наточувам и наеднаш пијам три чаши. Од ранецот ја вадам тетратката што вчера ја купив. Кинам неколку листови. Седнувам на трпезариската маса со цел да почнам да пишувам нешто.
Гледам во безброј листови на кои нема ништо напишано и кои чекаат да се пополнат, а инспирацијата никако да се всели во мојот мозок.

Станувам и шетам низ станот. Одам во тоалет. Седнувам на веце-школката надевајќи се дека така ќе ми дојде инспирација.

Снемува струја. Мрак. Кај најде сега да снема струја, помислувам. Арон почнува да лае. Излегувам од тоалетот и одам во дневната. Легнувам на креветот и му се препуштам на спокојот. Арон рипнува на креветот и легнува до мене. Се препуштам на тишината. Лежиме така час и половина, без ништо да мислам. Во тишината, ми заѕвонува во главата:

– За да почнеш да пишуваш, Војо, треба да си инспириран. Во моментов не си и не трескај глупости по листовиве, сам на себе ќе си смееш утре наутро, кога ќе прочиташ – ми рече совеста, а потоа додаде: – Најди си инспирација и тогаш почни да пишуваш, а дотогаш живеј обидувајќи се во обидите, будало една… и престани да пиеш!!! – заврши со висок тон мојата совест. Јас во таа ладна есенска вечер ја послушав совеста, се разбира како и во секоја друга ладна или топла вечер.

Стариот часовник во домот на моите родители отчука…

…21 часот.

Струјата сѐ уште не беше дошла во овој дел на Скопје. Погледнав низ прозорецот што гледаше на булеварот, на кој полека се движеа автомобилите, а по улиците беше речиси празно.

Ми стигна порака: „Да се најдеме на Железничка за половина саат, горе кај вагоните, важно е – Благица“.

Враќам: „Нема проблем, се гледаме таму“.

Благица ме вика сам да дојдам на железничка? Горазд попладнево, кога го видов, беше вознемирен?  Морници ми поминуваат низ телото – и пријатни и непријатно. Се гледаме со Арон во очи. Тој почнува да лае.

Доаѓа струјата. Набрзина, се бричам, се туширам, се облекувам, се дотерувам. Го оставам Арон сам дома и во…

prugaopsto

22 часот

…веќе сум на Железничка… Благица стои на оградата, која гледа надолу кон булеварите. Пуши цигара и има шише црвено вино покрај себе. Приоѓам, застанувам на десетина метри од неа.

Јас: Благица?

Благица: Здраво, повели, застани до мене.

Приоѓам поблизу до неа.

Јас:  Нешто се случило? Попладнево го видов Горазд и не ми изгледаше…

(пред да продолжам, таа ме прекинува)

Благица: Извини што тебе ти се обраќам, но навистина немам кому. Ако имаш работа и ако треба да заминеш, ќе разберам.

Јас: Не, не, сѐ е во ред. Не треба никаде да сум. Кажи, што те мачи?

Се поставувам како ладен за да не забележи дека имам какви било емоции кон неа. Секогаш сум се поставувал ладно кон неа. Длабоко воздивнува, го трга погледот од мене и почнува да говори.

Благица: Ме избркаа од работа денес. Неосновано. Се расправаа за тебе, зошто сме ти дале пари предвреме, а ти сѐ уште ништо не си доставил до агенцијата. Јас те бранев со изговор дека ќе донесеш материјали кај и да е, дека треба да сме стрпливи. Верувам дека ќе напишеш добар текст и добар настан. Со писмото што ти го испратив на домашната адреса сакав да ти ја навестам сериозноста на проблемот.

Јас: Не се грижи, сѐ ќе биде во ред. Еве, веќе имам неколку скици за решение, што значи дека за два до три дена ќе сум готов (ја излажав). Но зошто да те избркаат од работа? Зошто толку радикално?

Благица: Тие не се научени некој од нивните вработени да ја зазема страната на надворешните соработници. Мислеа дека јас имам нешто со тебе и поради тоа ме тргаат, за да нема сомнеж околу хонорарот, а и за проектите што следуваат.

Јас: Но што би можела да имаш ти со мене? Ние сме пријатели приватно и тие тоа го знаат.  Зошто првенствено не разговарале со тебе, пред да преземат таков чекор?

Настапува молк. Благица седнува на шината и се напива од виното. Јас гледам во неа. Целиот сум зачуден и навистина не знам за што точно станува збор. Приоѓам до неа. Седнувам покрај неа и пријателски, сожалувачки, ја прегрнувам.

Благица: Проблемот е во тоа што јас навистина те сакам.

Ми се отсекуваат нозете.  Во шок сум. Станувам и се враќам неколку чекори наназад. Благица станува и ми приоѓа.Настапува неподнослив молк. Таа ми приоѓа и почнува да ме гали по раката. Јас сум целиот во шок. Рацете ми се тресат. Се навалува на моето рамо и на уво ми шепнува…

Благица: Сакаш да одиме кај мене?

Јас целиот треперам, но полека се враќам при свест.

Јас: Не, Благица, не сакам да дојдам. Ти си му девојка на Горазд и јас немам намера да дојдам и да преспијам во твојот стан,  да слушам работи што не сакам да ги чујам. Треба да одам да работам. Извини, сега ќе заминам. И те молам, повеќе никогаш да не се видиме. Веќе никогаш. Нема Горазд да страда поради моите, а ни поради твоите хирови.

Станувам и заминувам. Срцето ми чука како споулавено. Ладна пот тече во мојата внатрешност. Помислувам да се завртам и да и признаам дека и јас неа ја сакам и дека сѐ би дал за да бидам со неа. Малку подзастанувам. „Нема да ѝ кажам“ …и продолжувам со брзо темпо. Пешачам брзо. Ги слушам чекорите на Благица како брзо надоаѓаат кон мене. Ме повлекува за раката пред скалите што водат надолу на пероните 1 и 2.

Благица: Застани. Немој вака да заминуваш. Те сакам. Повеќе од три години сум вљубена во тебе. Со душа чекав да дојде овој момент, сѐ да ти признаам. Немој да си одиш. Како ли ќе живеам јас без тебе ако престанам да те гледам, ако престанам да те слушам, да разговарам со тебе…?

Благица почнува да плаче. Солзи како реки ѝ излегуваат од очите. Ми се фрла во прегратка и силно ме прегрнува. Јас полека ја оттргнувам од себе. Ја фаќам со двете  раце за лицето.

Јас: Ние не можеме да бидеме заедно. Нема потреба да разговараме на оваа тема, воопшто. Ти имаш живот, живеј го тој живот. Не се обидувај да влезеш во мојот живот, одвратен е. Нема да ти се допадне. Нема ништо убаво во него. Ако Горазд дознае за ова, верувај дека нема да му биде убаво, нема ни мене да ми биде убаво, ќе треба да прекинеме едно старо долго другарство.

Благица: Воопшто не  ми е грижа за Горазд. Горазд е само причина да бидам поблизу до тебе, ништо повеќе не бил. И да не ми се допадне твојот живот, ќе го прифатам и ќе влезам во него. Те сакам и сакам да останам близу до тебе.

 Јас: Сакај ме, но остани подалеку од мене, така ќе ти биде убаво секогаш кога ќе ме видиш.

Ѕвони телефонот.

Благица: Горазд е. Знае дека треба да се видам со тебе во врска со настанот (ја крева слушалката). Ало? Да, да, еве сум, тука, на Железничка (додека разговара со Горазд, се обидува да ме погали, ја оттргнувам раката). Ќе си одам дома наскоро. Не ми ѕвони, остави ме. Ќе те побарам јас тебе. Чао.

Спушта. Малку сум збунет по разговоров, но оставам, доколку има нешто ново меѓу нив, таа самата да ми го каже тоа. Се гледаме во очи. Дишеме длабоко. Благица проговорува со солзи во очите.

Благица: Пред шест месеци, додека бевме на гости во твојот дом, кога ме замоли да направам кафе во кујната, додека ти и Горазд седевте во дневната и гледавте фудбал…

(јас кимнувам со главата како потврда дека знам кога е тоа, а искрено, воопшто не се сеќавам)

… отворајќи да го земам шеќерот, наидов на поезијата што си ѝ ја посветил на Благица Стрезоска. И потоа наидов на еден куп тестови што си ѝ ги посветил на Благица Стрезоска, т.е. мене. Или има некоја друга со истото име и презиме што јас не ја познавам?  Читав набрзина и само можев да забележам „Те сакам“ во секој можен текст. Додека ги прелистував набрзина, не можев да престанам да плачам. Со трчање заминав. Се скрив во паркот зад твојата зграда. Никој олку убави работи за мене никогаш не напишал. Јас сум таа или е некоја друга?

Јас: Ти си (одговорив инстиктивно).

Јас сум целиот избезумен. Таа знаела сѐ цело време.

Јас: Ти… знаеш сѐ?

Благица: Се разбира дека знам.

 

22.45 часот.

Застанува воз. Од него се симнуваат стотина луѓе, кои како врвулици нѐ одминуваат мене и Благица додека здрвени стоиме пред скалите и се гледаме во очи. Благица ги брише солзите, но очите ѝ се влажни. Луѓето нѐ одминуваат, а ние не се ни поместуваме. На лицето на Благица се обликува насмевка измешана со болка и со навлажнети очи. Без глас, само со отворање на устата, ми рече:

–    Те сакам и денес по работа му признав сѐ на Горазд!!!

И замина бргу по скалите, се измеша во толпата што се симнуваше надолу. Погледнав, но пред очите ми беше само метежот. Тргнав по неа. Брзо. Се измешав и јас во метежот за да ја стигнам. Почнав да се туркам меѓу луѓето. Галама, викотници, довикувања, смеења ме опкружуваа. Се развикав:  „Благицааа!“ Никој не возврати. Едвај се оттргнав од скалите и почнав да трчам кон излезот на железничката станица за да ја стигнам. Излегов од железничката. Ја немаше. Воздивнав со тешко срце. Ја барав триесет минути наоколу, но никако да ја најдам. Тргнав да си одам дома. Купив цигари и одлучив вечерта да преспијам во домот на моите родители.

 

23.45 часот.

Седнувам на бетонираната клупа пред влезот на зградата. Палам цигара. Целиот сум во шок од случката. Си помислувам: „Каков ден. Сега не знам дали да ми е полесно или потешко.  Таа ја знае мојата тајна, но ја знам и јас нејзината тајна. Јас сум нејзината тајна. По ова, можеби веќе никогаш нема да се видиме. Но барем ја знаеме вистината. Горазд, кога го видов попладнево избезумен, всушност бил таков поради она што таа му го кажала, а за иронијата да е поголема, тој налета директно на мене. Кутриот мој Горазд. Утре прво ќе појдам кај него“.

По не знам колку долго време, некој ми изјави љубов со сите свои сетила, патила и солзи. За да е уште поголем стресот, тоа беше од жената што не можам да престанам да ја сакам изминативе неколку години. А  јас, кога таа ми ги призна своите чувства кон мене, ја одбив. Сѐ ли е во ред со мене? Веќе не знам. Не можам ни да мислам  за тоа. Не сакам да мислам. Колку ли долго веќе некој не ми обрнал внимание?

Подобро ми е вака.

…Одеднаш, одзади го слушам гласот на Благица, која остава кеса со пива на клупата изустувајќи:

–          Може да седнам?

Не ѝ го видов лицето, само гласот ѝ го слушнав. Нозете ми се отсекоа, подголтнав и устата ми растрепери, си помислив:  „И сега?… Е, дури сега нема ништо да напишам“.

 

КРАЈ

 

23.55 часот, денес. Сега.

Аплауз од неколкуте луѓе што останале во куќата на читањето.

Актерот го остава текстот на масата, каде што се текстовите и на другите автори.

–         Нема да слушам прашања. Доколку сакате да му поставите прашања на авторот на текстов, пратете му писмо во електронски формат или по пошта. Тој сигурно нема да ви одговори. Текстов сфатете го како што сакате, посветен е на сите оние што некогаш биле на маргините на општеството на сиромашните или се почувствувале така. Пријатно.

Актерот замина од куќата.

Следниот автор почна да се подготвува за да го чита својот текст.

 

Напишано од
More from РЕПЕР
Поетско соѕвездие од калиграми
Наградениот поетски ракопис на поетесата Елена Пренџова никнува од дилемите на животот,...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *