Плодовите и зборовите

nn1

Плодовите и зборовите

Нашите татковци беа излезени од нивјето
и од македонскиот јазик,
со оцет и молитви ја бришеа потта од челото
и со снопови под мишка
се нишаа од лето до лето.
Туѓите зборови ги врзуваа во алови крпчиња
– своите ги криеја како најголемо богатство:
нив ги сметаа подарок од божјото провидение,
Затоа секој нивни збор
беше сина птица и златен штит…
Јадеа солена лобода и беа како деца:
постојано сакаа нешто ново да им се кажува
За ОБЕДИНЕТА МАКЕДОНИЈА и веднаш потоа
се лутеа: во големи суши не се зборува,
велеа тие. Во големи суши не се зборува!
Место луѓето плодовите треба да зборуваат…

А сите знаеја: плодовите и зборовите
од еден ист корен излегоа…

Преполовен човек

Денес времето ќе биде сончево и малку ветровито
и едно стебло на патот нема да се заниша,
нема да потрепери,
зашто некој му беше налегнал со секира,
му се нафрлил и го обезличил.
Останал од таа висока става само труп,
половина број од земјата нагоре.
Денес тука ќе биде убаво за прошетка
зашто сите ќе појдеме таму каде што стеблата
се весели,
таму кај што стеблата имаат здравје да се
довикуваат со ѕвездите
и кај што имаат сила да носат една човечка
тежина
на себе.

Денес тука ќе биде убаво за прошетка.
Што бара преполовен човек крај преполовено
стебло?

Мајсторот и мостот

Кога беше готов мостот, кога се извиши,
кога се оптегна лакот меѓу бреговите,
седна мајсторот да си почине,

да му се порадува.

Помисли: ќе го урочам – убав е како птица!
Не, рече потоа, убав е – како лет на птица:
птиците исчезнуваат – летот им останува.

Поседе – и си замина.

Некогаш, мостот кога остана сам, почувствува
од земјата, по столбовите нагоре,
како се искачува гласот на мајсторот:

„Што беше било студено долу во историјата…“

„И горе на небото кога не летаат птиците…“
скрцка мостот и се затресе
од студ во зорите.

Само чемрееме

Само молчиме, само се гледаме
и само се препишуваме:
сами себеси не можеме да си помогнеме,
а камоли едниот на другиот.
Ти наваму – јас натаму. Јас натаму – ти наваму
И Исус бог тука не може ншто да стори
зашто тој само грешните ги спасува.
Запре секаде нашата крв
и сега веќе видливо се сушат
прво нашите гранки – по нив нашето стебло
не дај боже и нашиот корен.
Недостојни во чистиот оган
не знаејќи што да сториме
– само молчиме, само се гледаме,
понизно чемрееме наместо да изгориме.

Псалм 2

Изучувајќи ги медицинските науки
мене ме возбуди фактот
дека човекот во својата крв

има точно толку железо
колку што е потребно
за да се исковаат доволно клинци

за едно распетие. Си мислам:
кој ќе го открие санскритот
дури патуваме кон ѕвездите?

Си мислам: секој од нас е некој иден Исус
зашто со својата крв може да си го потпише
своето исчезнување.

Leave a Reply

Your email address will not be published.