Бели робје, жолти класје, паднати лисје

Паднатите лисје шушкаа под нозете.

Збирномножинската наставка -је често создава проблеми во однос на конгруенцијата во реченицата. Имено, поради формата, која потсетува на именките во среден род еднина, определбите што одат со овие именки многу често ги среќаваме во еднина: бело робје, жолто класје, паднато лисје.

grapes

Причините за оваа појава ги набројува Лилјана Минова-Ѓуркова во Синтаксата на македонскиот стандарден јазик:

  • во повеќето наши говори отсуствуваат збирномножинските форми на -је;
  • во нашата народна поезија се регистрирани повеќе примери на еднинско согласување со овие форми;
  • туѓо влијание – во српскиот и во хрватскиот јазик соодветните форми на -је се третираат како збирни именки, односно како одделни лексеми;
  • и во нашиот јазик дошло до лексикализација на некои форми на -је, при што се добиле одделни именки (цвеќе) со свои множински форми (цвеќиња);
  • формите на -је немаат некоја голема поткрепа меѓу другите множински форми во нашиот јазик: множинските форми во македонскиот јазик најчесто завршуваат на -и и на -а, додека пак на -е обично завршуваат еднинските форми на именките од среден род (оттаму и наведеното согласување).

Сепак, сите овие причини не го оправдуваат и не го прифаќаат еднинското согласување со формите на -је. Напротив, фактот дека е македонскиот единствениот словенски јазик што во својата граматика разликува збирна множина е доволна причина да се внимава на конгруенцијата во ваквите случаи. Оттука, овие збирномножински форми треба да добијат определби во множина: бели робје, жолти класје, паднати лисје.

Ова не се однесува само на согласувањето во однос на определбите, туку и на согласувањето со личноглаголските форми што одат со нив. Така, наместо: паднатото лисје шушкаше под нозете, правилно е: паднатите лисје шушкаа под нозете.

Иако порано за вакви збирномножински форми се сметале и лозје и грозје, денес тие се третираат како еднински форми и во Правописниот речник на македонскиот литературен јазик се поместени и нивните соодветни множински форми – лозја и грозја.

 

Ги очекуваме вашите јазични препораки на: mak.katce@gmail.com.

Литература:

Конески, К. 1999: Правописен речник на македонскиот литературен јазик. Скопје: „Просветно дело“.
Минова-Ѓуркова Л. 2000: Синтакса на македонскиот стандарден јазик. Скопје: „Магор“.

Напишано од
More from РЕПЕР
Под блоковите – бои, виножито од бои!
Оваа инсталација во моментов е изложена во Центарот за скулптури Нашер (Nasher)...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *