Поезијата како активистички пристап

Во 2010 година, во Калифорнија, од страна на Мајкл Ротенберг, поет, ентузијаст и хуманист, е започнато движењето „Поети за промена“. Во повеќе од сто земји во светот, во ист ден и во исто време, еднаш годишно, се случуваат поетски читања – за промени! Велиме движење, затоа што не се работи за поетски фестивал или за каков-годе друг облик на институционално функционирање, ами едноставно за – движење, со поезијата како своја единствена точка од која треба, како концентрични кругови, да се рашират поетските и креативните импулси, овде и сега, насекаде низ светот.

a21

Манифестацијата има цел да се шири и да ги мобилизира сите поети низ светот, а досега во Македонија, во изминатите две години, колку што постои движењето, учество со читање своја поезија зеле повеќе автори, и од најмладата и од релативно помладата генерација, но и од оние што се веќе афирмирани и оние што допрва треба да се афирмираат. Темите што се најчеста инспирација за авторите и за поетите што учествуваат на манифестацијата обработуваат проблеми поврзани со општествениот и со социјалниот живот, мирот, заштитата на природната околина, заштитата на планетата Земја, проблеми поврзани со глобалното затоплување, со ранливите општествени групи. Преку овој проект ќе се согледа дали е поезијата доволно моќна да иницира позитивни промени во државите, промени во начинот на размислување, во односите меѓу луѓето. Да се промени гледиштето на светот со зборови, мисли, поезија; со размислувања и разговори со самите себе; со внатрешни промени наспроти големата слика.

Поезијата, не треба да се заборави, има сосема блиска врска со верувањето во магиската моќ на зборовите. Во едно поодамнешно време таа, инкарнирана, била активен принцип што со моќта на звукот и на ритамот бил во функција на изгонување на болестите, на природните непогоди и сл. Оттука, и современите поети, без оглед од каде се и на кој јазик пишуваат, не можат да го пренебрегнат тој магиски принцип. Би се рекло, оставен во темнината на светот како во темна соба, човекот или поетот нема друг избор освен во мигот-сега и во мигот-овде да пропее. Како заштита од уроци и од зли сили! Како повторно себеоткривање во светот, правејќи целина со него. Вака конципираното движење, како едно спонтано, необврзано, масовно артикулирање на својот поетски глас преку читањa пред публика што тоа го следи, во амфитеатар, во сала или на отворен простор, ја подвлекува едната од главните особености на уметноста, па и на поезијата – Играта. Ако е Играта елементарна функција на човековиот живот, како што забележува Ханс-Георг Гадамер, тогаш спонтаното озвучување на просторот околу себе со својот глас, кој треба да ја исфрли поезијата на виделина, во акустична состојба, не е ништо друго, туку една заеднички прифатена Игра, во која не се важни толку некои претпоставени правила колку што е важна слободата, која дава можност за импровизација со гест и со мимика; за креативно преродување со глас и со тело – пред насобраната публика! Исто така, читањето на поезијата, кое треба да биде нарушување на молкот на Светот (зашто нема ништо пострашно од рамнодушноста!), им дава на манифестациите како „Поети за промена“ и обележје на празник. Зашто што друго е уметноста, посебно кога се интерпретира преку читање, ако не – празник?! И таа како празникот, во мигот на случувањето, кога сите луѓе се собрани на едно место заедно, ги поништува социјалните разлики меѓу луѓето, разликите во возраста, во образованието итн., правејќи ги сите заедничко Едно.

pesevski28

Во светот што е растргнат на различни страни, во различни правци, воден најчесто од своите интереси, ваквите собирања како манифестацијата „Поети за промена“ се повеќе од потребни. Тоа е, најпосле, ретка можност да се слушнеме меѓу себе, да се слушне оној другиот, во време кога медиумското разногласие и какафонијата, вечните несогласувања и политичките пресметки, се само привиди на вистински дијалог и комуникација, а во суштина се само сенки на нашето, вечно гладно, его. Ете, затоа – „Поети за промена“.

Струмица веќе трета година е дел од ова глобално движење, кое е во функција на подигање на свеста кај граѓаните за секојдневните проблеми, повеќе глобални отколку локални. Во изминатите две години во Струмица, на различни локации – старата детска градинка, малиот градски парк, амфитеатарот – се случи читање поезија од повеќе македонски поети. И оваа, 2013 година, повторно, сега на 28 септември, сабота, се случи читање на повеќе поети, кои се обидоа токму преку своите песни да ја актуализираат Поезијата како активистички принцип. Во овој алманах, кој излегува на тригодишнината од постоењето на „Поети за промена“, поместуваме триесетина македонски поети со нивните песни.

Leave a Reply

Your email address will not be published.