Аритмија

АДЕМА

Од небото, врз
полињата напролет
паѓа невидлива мана.
Како пајажина е
во која занесно гледаат месечарите,
мртвите момчиња од старите
австроунгарски касарни.
Ги изгубив сите дарови
што ги чуваа за тебе во
очите слични
на глуварчиња во ветрот.
Можеби премногу
можеби премалку наликуваше на мене.
Родена во ветрот од заледениот Дунав.
Го победив стравот од луѓе кога те
изгубив засекогаш.
Што е толку тажно во звукот на цимбалот
ако не гласот на заталканиот меѓу сосем
слични светови?
Мостовите во Будим секогаш ме
потсетуваа на твоите раце. Не остана
ништо на нив, а сè што имав

еднаш преку нив брзаше да ти нацрта
дијадема во снегот да втаса пред
ноќта да ти ја бакне косата

со боја на зажарено влакно во уличните ламби
што ги
осветлија бреговите на сите светови
кои никогаш повеќе нема да посакам
да ги
видам освен одвреме-навреме во очите на тие
момчиња

од старите австроунгарски касарни
на фотографиите што би сакал
понекогаш барем малку да
наликуваат на мене.

Aritmija


АМБРОЗИЈА

Навистина, што ќе им е
поезија на слободните луѓе?
Под дрвото
на кое висеше Бранко Миљковиќ
никогаш не расцути
мандрагора.
Мајскиот бумбар од твоите трепки
одамна одлета во
Померанија. Мртвото
тело на Нико се распаѓало во летниот
воздух зашто
никој не сакал да го
преземе ковчегот што со денови
проколнато скитал низ Европа како полен од
амброзија на крилото од ангелот. Додека пеела
дел од берлинската прав

уште долго по невремето
ѝ стивнувала во очите.
Никогаш, како неа, не
станавме бездомни
средовечни џанкери зашто за тоа
требаше малку повеќе време од
она што нам ни го подари
поезијата.


СЛУЧКА ВО ГРАДОТ ГОГА

Во градот Гога тоа лето
сите мажи си ги избричија главите.
Жените се зарекоа на молчење
на 10000 години
иноќе во полето ги запалија
венчаниците танцувајќи сарабанда околу
затруениот бунар.
Никој повеќе не веруваше дека
навистина беше бескрајна ноќта таму
каде што сме родени голи во
пламнатата слама.
Те видов пак во градот Гога се
уште се сеќаваше како се викам
веќе речиси нема ме бакна во
устата
нежно со јазикот на непцето
допирајќи ги реликвиите што ги
пронаоѓав во рибјата крв
размачкана во попладнињата
по вагите на запустените пазари.
Реката течеше покрај градот Гога
во реката пловеа глави
оние двете најблиску до брегот беа наши
се убив првин себеси
идури потоа тебе
рибарите преку нив ги фрлаа јадиците
во потонатото време преправајќи се
оти не гледаат дека врз нашите усни

останало уште малку од златната прав.
Сè што остана од тоа лето изедоа
сончогледите
тие несреќни суштества кои секогаш
беа со сведнати глави кога ќе ги
прашавме
кој некогаш ќе бидам јас и
кој ќе бидеш ти.

МАДРИГАЛ

Симнав од лицето
седум лажни превези.
Ќе се изненадите ако
случајно се сретнете во
некој друг живот
о вие, витези розенкројцери.
Го облеков мантилот на убиецот
во пченкарните полиња почна
да паѓа летен сребрен дожд.

Ништо повеќе не е вистинско
затоа живееме во пеколот
викаше во 2001 уличниот проповедник
на улиците во Варшава.
Утре, инаку, е големиот празник во
новата Пуританија се слави денот
кога пред сто години
од јавниот живот е прогонет
последниот што пишуваше метафори.
Ова е нивната ветена
земја иден рај за
метеопатите и поетопатите ангелот
синоќа ми шепна во сонот
ако имаш чкорчиња лесно е да
ја пронајдеш иглата во
пластот сено.

Leave a Reply

Your email address will not be published.