Лирско – епскиот тестамент на В. Цветановски

/„АРХЕЛАОС ИЛИ ЕВРИПИД СЕ ВРАЌА НА БАЛКАНОТ“; Автор: ЈОРДАН ПЛЕВНЕШ; Режија: ВЛАДО ЦВЕТАНОВСКИ; Сценографија: ВЛАДО ЃОРЕСКИ-РАФИК; Костимографија: ЕЛЕНА ДОНЧЕВА; Продукција: ДРАМСКИ ТЕАТАР – Скопје/

6

Судбинскиот – тој македонски пален црн знак – застана над недовршениот животопис на еден од најнадарените македонски театарски посветеници, режисерот и професор Владо Цветановски (од Плевнешовци, од Слој’штица – на Петрета М. Андреевски) – и ја стави својата смртно непоправлива, предвремена, најцрна точка. Владо Цветановски го нема веќе – но остана тестаменталното театарско повеќедецениско дело – толку македонско, а толку насочено кон универзалното.

„Архелаос…“ – тоа плевнешовско-цветановско Еврипидово враќање на Балканот останува за да ги одбележи (од првото свое појавување на древната сцена крај средбата на двете вечни македонски реки, Вардар/Аксиус и Црна/Еригон, минатата година на Фестивалот на античката драма во Стоби) вечната човекова потреба за слобода и нејзиниот неизбежен неминовен судир со тиранијата, која крајно го бележи трнливиот судбински пат на историјата. Па така, прашањето: дали историјата морало да биде таа и таква – сепак и конечно останува само реторичко.

8Авторот на идејата, на текстот, на темата – да се врати (на сцената) на Балканот трагичарот Еврипид, стар 25 века – Јордан Плевнеш, на својот постојан повеќедецениски театарски соработник-брат, Владо Цветановски, всушност му подава за инсценација стихувана лирско-епска содржина во која се наоѓаат и двајцата во едногласието на идеите дека Балканот во своето кодовно разнообразие има проверени вредности што најголемата блискост ја имаат во традицијата на делењето на заедничкиот духовен творечки простор. Така, тандемот Плевнеш-Цветановски во едно силно согласие се исправа во одбрана на човечките вредности и, со речиси документарен јазик, низ приказот на фолклорните и на другите вредности на сите балкански етнолошки субјекти, прави повеќезначенска претстава.

Според очигледната драмска линија, а може да се рече и замисла, на сценариото на Јордан Плевнеш, со Еврипидовото вонвременско (и времепловно) „кајче“ во „Архелаос…“ се случува неговата посета и оживување на митската Ифигенија, но за реализирање на драмската и творечка порака на авторот му требала мултиплицираната повеќеобразна Ифигенија. Зашто, според Плевнеш, секој народ на Балканот во минатото ја почувствувал трагедијата и злата судбина, а трпеливиот женски лик е тој што чека. Па така, националната хероина кај секој балкански ентитет е убаво решение да се прикажат сите доблесни духовно-творечки аспекти на секој одделен балкански народ.

5

Низ седумте балкански епизоди, авторот на текстот во актуелен контекст цели очигледно кон афирмирањето на општочовечките, на националните и на културните вредности на сите народи и нации на Балканот. Тоа, пак, и режисерот и актерите ги исправа пред задачата да демонстрираат повеќестраност на својата даровитост за танц, за песна и за одделни национални ритуали. Во тој сценски и ововременски означен простор, вонвременскиот Еврипид, со мудрите тиради на преумниот трагичар Еврипид (во уверливото толкување на Рубенс Муратовски), звучи, и во сценската функција, но и ликовно и драмски осмислено од режисерот Владо Цветановски, и го дава врзниот тек на претставата, покривајќи ја фрагментарноста што доаѓа со секоја епизода на секоја одделна Ифигенија: од Македонија (Билјана Беличанец), од Грција (Катерина Аневска), од Албанија (Валдета Исмаили) итн. Големиот мајстор и реализатор на драмско-поетските и сценски прекопувања по историјата на македонскиот народ, изнајдени, испишани и потпишани од драматургот Јордан Плевнеш, заедно со режисерот Владо Цветановски, со естетички прифатливи сценска рамка и стил, со припомош на своите соработници, пред сè на сценографот Владо Ѓорески и на костимографката Елена Дончева, сценски го артикулира најважното значење на една позната мисла/порака за светот на еднакви можности како простор за културно натпреварување на исто така големиот Македонец. Владо Цветановски тоа го прави во „Архелаос…“ , како што го направи и во „Подземна република“, во „ЈУ-антитеза“, во „Сијах калем“ итн., а и не само со текстови на Јордан Плевнеш.

9Секако , не треба да остане неодбележено дека, следејќи ја својата идеја-водилка, а во прилог на општочовечката, космополитичка димензија и на нејзиното апострофирање и актуализација, и авторот на текстуалната предлошка и режисерот го додаваат полилингвалниот елемент, па така и на дело покажуваат дека сме сите еден род (gen una sumus) и дека убаво звучи и збогатува различноста.

По трите одгледани инсценации на „Архелаос…“ – првата, праизведбата на единаесеттиот Фестивал на античката драма во Стоби, и особено втората, највпечатливата изведба крај водите на Охридското Езеро (во рамките на Охридско лето на 21 јули 2012 година), како и онаа во Прилеп на сцената на „Марко Цепенков“ (по смртта на режисерот) – што може да кажеме освен да се присетиме на мудрото искажување на Борхес за постојаното/бесконечно испишување наше на една иста книга (преведено: претстава)?!

За среќа, во тестаменталното богатство Владо Цветановски остави исто така многу добри претстави, со чиста, сопствена естетика и порака (и не само со текстови од Јордан Плевнеш туку и од мноштво други македонски и светски класици).

Leave a Reply

Your email address will not be published.