Приказната на Виолета Танчева-Златева

Растајнувањето и обидот да се објасни која било приказна за секој читател секогаш се голем предизвик. Тој предизвик е уште поголем ако e приказната успешен збир од поетски пораки и објаснувања што го откриваат авторовиот свет како пријатна изненада или го туркаат во една енигматична мистерија за да се разберат простиот и строг стих и леснотијата на песната. Ова се можеби најголемите опасности на „брзото“ восприемање на поезијата. Во таа брзина се заборава дека е најголемата убавина на напишаното токму во едноставноста и во искреноста, а не во пишувањето, кое за своето „растајнување“ бара „дополнителни“ знаења и размислување. Состојба што, во огромната, но нискоквалитетна, поетска продукција кај нас е многу присутна и, за жал, актуелна.

vee

Но, да ги оставиме рекламерствата и поезијата што се темели врз набилданата актуелност и врз самовљубеноста. Тие категории ниту биле ниту некогаш ќе бидат вистински вредносни судови за вистинска поезија. Оваа „мода“ секако дека е осудена на временски крај, бидејќи од големата желба да бидат големи „автори“, во тој поетски инженеринг и самите „поетско модификувани поети“ не се свесни дека неповратно се заглавуваат во книжевните теснеци. Сега треба да кажеме неколку зборови за еден исклучителен поет, кој, надвор од овој разгален и развревен круг, создава своја препознатлива вредносна и докажана поетска територија.

prikaznaВиолета Танчева-Златева е поет што знае да напише, да објасни и напишаното да го артикулира како едноставна и убедлива песна што ги содржи сите атрибути и квалитети за успешност.        Таа е поетеса што и во своите претходни објави пред македонската поетска јавност донесе голема свежина и просеа крупни зрна, прекрасни стихови, песни и книги. Секако дека еден автор од нејзиниот ранг не можеше да остане незабележан, но, за жал, како и многу други автори во современата македонска поезија, и таа свесно беше „заобиколувана“ од некои центри за моќ, кои, за наша голема несреќа, сè уште се на врвот од пирамидата. До кога ќе останат таму никој не знае, но без разлика на нивното академско вреднување, убавата и раскошна поезија си го пронаоѓа својот пат до читателите.

Успешната книга „Нашата приказна“ од Виолета Танчева-Златева е најдобриот пример за тоа. Тоа е поезија што ги апстрахира академските случувања и што има сила да го разрони времето низ прстите, да ги објасни љубовта и нејзината казна и да ги растресе сите планови за „европскиот поетски инженеринг“ за тоа како би требало да изгледа нашето поетско богатство, бидејќи доаѓањето никој не може да го предвиди. Во таа борба Виолета Танчева-Златева ќе рече: „Не дозволувај Господи/ да нè проголта/ ова невреме на осаменоста!“

Песните во оваа стамена книга се приказ на исклучително позитивните, но и на негативните мигови од животот и од човечката природа. Танчева-Златева ги опева оние водечки и пресудни елементи што го сочинуваат нашиот животен сублимат. Оваа поезија е резултат на авторовата рефлексија од жестоката современица и на честичките од кои е тоа создадено. Нејзините поетски врски со овој материјален мозаик се повеќеслојни, суштински урбани молитви, но длабоко реални и секогаш во врска со опкружувањето и со можностите. Таа е доволно опитна да ја детектира невидливата граница каде што завршува поетското господарење со светот, а каде што започнува реалната поетска „Нашата приказна“. Тука, во тој круг, Танчева-Златева создава вистински бедем од составните елементи на секое поетско искуство: од минатото, кое е вградено како неизбежен лајтмотив во нејзината поезија, посебно од детството во Бориево, од сеќавањата и нивните радости, но и од напластените таги. И, секако, од позитивните посакувања каков што би требало да биде почетокот на секое ново утро.

vee1

Виолета Танчева-Златева е поет што во македонската поезија остава впечатливи и јадри траги, бидејќи е поетеса што знае како и за што да пишува. Во нејзината поезија се присутни сите потребни импулси, сите креативни импликации неопходни за добра песна за да можеме да кажеме дека станува збор за придобивка и за вредност. Своето поетско и естетско боиште Танчева-Златева го има димензионирано како висока тензична линија на духот и на искреноста. Таа висина е предизвик за освојување. Во таа лирска офанзива нејзината приказна е исполнета со голема поетска успешност и умешност. Нејзината поетска порака освојува. Таа е поетеса на љубовта и на животот.

Leave a Reply

Your email address will not be published.