Претставување на „Carmina Balcanica“ во Македонија

На 5 септември, во организација на „Поетики“ – Канцеларијата на потпретседателот на меѓународниот ПЕН, во просториите на Друштвото на писателите на Македонија се одржа средба на која беше претставено романското списание за култура „Carmina Balcanica“.

c1

Станува збор за списание што, иако постои само пет години, поради квалитетот на објавените текстови од автори од речиси сите балкански држави, но и поради меѓународната редакција во која членуваат поголем број академици, универзитетски професори и писатели од Австрија, Грција, Бугарија, Македонија, Србија, САД и од Романија, веќе се вбројува меѓу најреномираните списанија за култура и за уметност во овој дел од Европа. Веќе е објавен и број на „Carmina Balcanica“ што е посветен на македонската книжевност и култура и во него се објавени студии, есеи и поезија од неколку македонски автори, преку кои им се доближени вредностите на македонскиот пишан збор и на македонската култура воопшто и на мнозина поети, писатели и научници од повеќе балкански држави, но и на поети, писатели и научници што живеат и што создаваат и надвор од балканските граници.

c4Повод и причина за одржување на овој настан беше заинтересираноста на редакцијата на списанието да воспостави соработка со повеќе автори од Македонија – соработка што ќе овозможи не само поголема застапеност на текстови од македонски поети, писатели и научници, туку и поопстојно и подолгорочно претставување на македонската книжевност и култура во броевите на „Carmina Balcanica“ што ќе бидат објавени во претстојниот период. Затоа, проф. Михаела Албу, главен уредник и основач на списанието, говорејќи за желбата да се соработува со македонските автори, меѓу другото, потенцира и дека е мошне значајно во списанието да бидат објавени и студии и есеи што ќе бидат посветени на личности и на дела што се од историско значење за македонската книжевност и култура, бидејќи така информациите за нив, преку списанието, кое се објавува на англиски јазик, ќе допрат до поширок круг писатели и научници низ Европа.

Накратко, како што нагласи и Албу, таквите текстови може да претставуваат предизвик и за авторите што живеат и што создаваат надвор од македонските културни граници, бидејќи не само што може да го побудат нивниот интерес за македонската книжевност и култура туку може да резултираат и со натамошни обиди за компаративни истражувања на творештвото на македонски автори со творештвото на автори од нивните национални книжевности и култури.

На оваа средба, која беше мошне значајна бидејќи обзнани одлична можност за меѓународна афирмација на македонското книжевно и културно постоење, покрај Абу, присуствуваа и Дан Ангхелеску (директор и основач на списанието) и Камелиа Забава (член на уредничкиот одбор), а присутните ги поздрави и академик Катица Ќулавкова, член на меѓународната редакција на „Carmina Balcanica“. Меѓу другото, во своето кратко обраќање, покрај осврнувањето на значењето на списанието „Carmina Balcanica“, Ќулавкова ја нагласи и потребата од отворање балканолошки истражувачки центар во Македонија, потенцирајќи дека такви истражувачки центри веќе постојат во нашето опкружување.

Говорејќи за целите и за стратегиите на „Carmina Balcanica“, проф. Михаела Албу рече дека преку ова списание, поетите, писателите и научниците имаат можност подобро да се запознаат со уметноста, сc2о книжевноста и воопшто со културата на Другиот со кого го делат балканскиот географски простор. „Понекогаш, за жал, многу малку се познаваме меѓусебно и многу повеќе знаеме за културата на некои народи што живеат надвор од Балканот или од Европа, но преку ова списание настојуваме да се интензивираат и процесите на меѓусебното запознавање, за кое се надеваме дека ќе резултира и со поголемо меѓусебно вреднување на нашите национални култури“, посочи Албу, додавајќи: „Неслучајно името на ова списание во превод значи „балканска песна“, оти тоа го симболизира едногласието што ни е потребно за афирмација на нашите култури, и неслучајно на корицата секогаш е стара географска карта на која нема граници меѓу балканските држави, оти и денес, кога меѓу нас постојат политички граници, за уметникот, за писателот и за научникот тие се невидливи, оти нивниот збор може и треба да допре и далеку зад нив“.

„Carmina Balcanica“ излегува двапати годишно и во секој број се објавуваат студии, есеи, поезија, кратка проза и рецензии. Меѓутоа, како што беше забележано на оваа средба, објавувањето два броја годишно овозможува објавување вредни текстови, кои ги исполнуваат високите критериуми и стандарди на ова списание – текстови што ќе останат и како трајно, архивирано културно наследство. Неслучајно е и тоа што списанието се објавува на англиски јазик бидејќи, според образложението на уредниците, англискиот (како лингва франка) овозможува тие текстови да допрат до поширок аудиториум – онака како што заслужуваат. „Возраста на авторот не е важна. Она што е важно е вредноста на неговиот текст“, рече Албу одговарајќи на прашањето на еден од присутните автори.

По официјалниот дел на средбата, уредниците на ова списание остварија и кратки средби со присутните автори што беа заинтересирани и притоа беше констатирано дека постои простор за плодна соработка меѓу „Carmina Balcanica“ и „Репер“ – соработка што во иднина може да резултира и со промоција и со претставување на дел од авторите чии текстови се објавени/ќе бидат објавени во македонскиот неделник за култура.

Leave a Reply

Your email address will not be published.