Неколку правила во врска со релативните сврзувачки зборови

Овој пат ќе наведеме неколку правила во врска со релативните сврзувачки зборови, пред сè во однос на правописот.

Во претходниот број на „Тајмс Њу Маседониан“ стана збор за релативните заменки што и кој(што), при што разгледавме некои препораки на нормата за нивната употреба. Овој пат ќе наведеме неколку правила во врска со релативните сврзувачки зборови, пред сè во однос на правописот.

okk

1. Ако стане збор за слеаното/разделеното пишување на зборовите, треба да се нагласи дека:

  • што се пишува слеано само со релативните заменки кој и чиј (којшто, чијшто), при што треба да се има предвид дека во нашиот јазик преовладуваат случаите кога овие форми се употребуваат без компонентата што;
  • што се пишува одделно од релативните заменски придавки и прилози каков, колкав, каде, како, колку (каков што, колкав што, каде што, како што, колку што), при што треба да се внимава на тоа дека е кај нив компонентата што задолжителен елемент при релативизацијата (значи, наместо: местото каде се наоѓам, правилно е: местото каде што се наоѓам);
  • што како втора компонента воопшто не се јавува со релативниот заменски прилог кога (треба: дента кога те видов, а не: дента кога што те видов).

2. Формите кого/когошто и кому/комушто се форми за директен и за индиректен предмет на именската заменка кој1, а се употребуваат само во врска со лица.

3. Не е препорачливо да се каже/напише: сè она што, туку: сè што или сето она што.

4. Лицето на глаголската форма треба да се согласува со релативизираната именска група, па поради тоа наместо: не сум јас тој што треба да ги осудам нив, треба: не сум јас тој што треба да ги осуди нив.

5. Истото правило важи и во однос на бројот, па така, наместо: тој е еден од луѓето што ќе сфати на што мислам, треба: тој е еден од луѓето што ќе сфатат на што мислам.

Ги очекуваме вашите јазични препораки на: mak.katce@gmail.com.

Литература: Минова-Ѓуркова Л. 2000: Синтакса на македонскиот стандарден јазик. Скопје: „Магор“.

Тагови од објавата
, , ,
Напишано од
More from РЕПЕР
Покер во Вилнус
Оваа книга е ремек-дело на огорченоста и на сарказмот. Таа е осуда...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *